!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Почна првата седница на новата Влада


Скопје, 5 јуни, 2017 - 15:03 (META) 

Почна првата седница на новата Влада предводена од премиерот Зоран Заев. Половина час пред почетокот на седницата, новинарите имаа можност да го разгледаат ентериерот на зградата на Владата, која првпат беше отворена за јавноста по нејзиното реновирање.

Отворени беа и трите главни влеза од оградата на владината зграда, за која Заев најави дека ќе се бара законско решение и мислења од архитектите и од инжинерите, како таа да биде отстранета или преправена.

Новинарите ја посетија свечената реновирана сала за прием на делегации и за билатерални средби, кабинетот на министерот без ресор Едмонд Адеми, како и кабинетот на новиот премиер, Зоран Заев.

Додека новинарите го фотографираа и го снимаа кабинетот на новиот премиер, Заев беше во просторијата.

Инаку, како што најави Заев, на дневен ред на денешната прва владина седница ќе бидат пакетот економски закони, распределувањето на ресорите и портфолијата на министрите без ресори, поставување на заменици на претседатели на Владата, избор на генерален секретар и шеф на кабинет и формирање на постојните и на адхок комисиите.


Иванов ја прими новата влада


Скопје, 1 јуни, 2017 - 12:17 (META) 

Претседателот на државата, Ѓорге Иванов, денеска, во вилата Водно, ги прими членовите на новата влада, предводена од премиерот, Зоран Заев.

Иванов на сите министри им го честиташе изборот и им посака успех во работата.

Претседателот на државата му го даде мандатот за составување Влада на лидерот на СДСМ, Зоран Заев, на 17 мај, а синоќа, околу полноќ, Собранието го изгласа новиот владин кабинет.

Инаку, на денешниот прием кај Иванов не присуствуваше министерот за здравство, Арбен Таравари, бидејќи смета дека претседателот е еден од виновниците за насилствата во Собранието на Република Македонија од 27 април.


ДПМНЕ се жали ако ја именуваат без ВМРО


Скопје, 31 мај, 2017 - 18:59 (META) 

Со процедурална забелешка во попладневната сесија, пратеникот Илија Димовски ја разби долгата расправија со реплики и со контрареплики од пратениците од коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ со СДСМ за тоа кој колку направил за земјоделството и кој колку ќе направи за земјоделците. Димовски побара да се внимава на имињата, односно, побара претседателот на Собранието да ги укорува пратениците од владејачкото мнозинство кога не го користат целото име на ВМРО-ДПМНЕ.

– Реагиравме и пред еден месец зашто името на нашата партија ВМРО-ДПМНЕ не се почитува. Нема да ги кажам сите креативни варијации на името на вашата партија. Апелирам до колегите пратеници и до пратеникот Талат Џафери, кој моментално седи на тоа столче на кое се претседава, да реагира – побара Димовски.

Џафери одговори дека што се однесува до употребата на имиња, тоа е работа на тие што говорат во Собранието, оти тој не им е во умот.

– Оставам на вас да ги користите автентичните имиња – рече Џафери.

Инаку, во последно време токму пратениците и функционерите на ВМРО-ДПМНЕ, за Социјалдемократскиот соујз на Македонија, наместо кратенката СДСМ, ја користат – „СДС“.

 


Милошоски: Владата ќе ја одликуваат селективна правда, купен соживот и економија на кредит


Скопје, 30 мај, 2017 - 16:42 (META) 

Селективна правда, купен соживот и економија на кредит се трите карактеристики што, според пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Антонијо Милошоски, ќе ја одликуваат владата што ја предлага мандатарот Зоран Заев.

Милошоски истакна оти смета дека селективната правда ќе биде една од карактеристиките на новата влада бидејќи во неа има аболирани, корумпирани и обвинети луѓе, а кандидатот за премиер е на судско рочиште за случајот „Поткуп“, додека купениот соживот ќе биде карактеристика бидејќи меѓуетничките теми во владината коалиција не се базираат на платформа за повеќе вработувања, туку на платформа која по изборите некој ја потпишал, а друг ја прифатил како уцена за доаѓање на власт.

– Имаме мандатар кој изјави дека поднел кривична пријава против Бујар Османи за криминален тендер од 28 милиони евра. Сега истиот мандатар ни го предлага Османи за министер во владата. Имаме коалиционен партнер Зијадин Села, кој изјави дека Рамиз Мерко, исто така предложен за министер, злоупотрибил илјадинци евра од буџетската каса додека бил градоначалник – рече Милошоски.

Тој истакна дека очекува слаби економски резултати бидејќи владата ветува зголемување на минималната плата иако знае дека реалната економија е таа што ги зголемува платите.


Димовски: Владата на Заев има мал и слаб економски тим


Скопје, 30 мај, 2017 - 14:51 (META) 

Пратеникот Илија Димовски, кој беше прв говрник по експозето на мандатарот за составување на новата влада, Зоран Заев, истакна дека пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ ќе биде активна и конструктивна опозиција, која нема намера да ги повторува грешките на СДСМ, кога тој беше во опозиција.

– Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ ќе доаѓаат на работа и ќе бидат активни на пленарните и на седниците на комисиите. Нема да ја повториме грешката на СДСМ, чии пратеници со месеци го бојкотираа Собранието. Ќе бидеме активни во работата, на добрите предлози ќе даваме поддршка, на лошите ќе се соочуваме со аргументи, на коректноста ќе одговориме со коректност, а остро ќе реагираме на немањето транспратеност и на кршењето на принципите – рече Димовски од собраниската говорница.

Тој рече дека во изминатиот период се нарушиле многу правила и принципи, но додаде оти се надева дека мандатарот Заев и лидерот на ДУИ, Али Ахмети, се свесни за сериозните чекори што ги презедоа досега и за одговорноста што ја преземаат отсега и дека пратениците ВМРО-ДПМНЕ ќе бидат тука да ги контролираат да не направат некоја постапка на штета на државните и на националните интереси.

Димовски повторно истакна дека се крши деловникот на Собранието и дека на пратениците треба да им бидат оставени најмалку 10 дена за да можат да ги анализираат материјалите од програмата на владата и кандидатите за министри.

Токму критиката за предложените кандидати за министри беше една од главните што ги упати Димовски кон мандатарот Зоран Заев. Тој нагласи дека со исклучок на одредени лица, најголемиот дел од кандидатите за министри се „класични партиски послушници“.

Како позитивен пример, Димовски го посочи кандидатот за министер за здравство, Арбен Таравари, за кого рече дека и тие како пратеничка група би го поддржале неговиот избор, доколку се гласа за секој кандидат посебно.

– Владата има мал и, со исклучоци, слаб економски тим. Има огромен број на кандидати за министри без ресор. И претходно имаше голем број министри без ресор, но најголем дел од нив работеа во економскиот тим на владата. Тоа е голем пропуст – рече Димовски.

Тој истакан дека во експозето на мандатарот Заев не слушнале ништо детално за Законот за употребата на јазиците, ниту за тоа како идната влада планира да го реши проблемот со Грција за името.

– Во програмата има многу памфлетни ветувања. Но, има јасни одредници за зголемување на даноци. Ова ќе биде првпат по 10 години да се зголемуваат давачките. Нема збор за зголемени пензии, за платите на војската и на полицијата и во јавниот сектор. Збор нема за поддршка на странските инвестиици, освен дека ќе помогнете на домашните компании да соработуваат со странските инвеститори – рече Димовски.


ВМРО-ДПМНЕ не кажува дали утре ќе присуствува на собраниската седница


Скопје, 29 мај, 2017 - 11:36 (META) 

ВМРО-ДПМНЕ сè уште не објавува дали нејзините пратеници ќе учествуваат на утрешната собраниска седница, на која треба да се расправа по предлогот на Зоран Заев за нова влада.

Утрешната седница е прва по изборот на Талат Џафери за претседател на Собранието.

Неговиот избор ВМРО-ДПМНЕ го нарече „нелегитимен, неуставен и неделовнички“.

Од партијата велат дека ставот околу утрешната седница ќе го соопштат наскоро, но се изненадени од краткиот рок што им е даден на пратениците да се запознаат со програмата и со составот на владата.

Од 27 април, Талат Џафери имаше средби главно со амбасадори.

Инаку Џафери, вчера, од мандатарот  Заев, го добил предлогот за состав на владата и програмата за нејзиниот мандат. До претседателот на Собранието тие биле доставени околу 15 минути пред полноќ. Џафери веднаш двата документа ги доставил до пратениците, а седницата за избор на владата ја закажа за утре, во 11 часот.

Лидерот на СДСМ и мандатар за состав на новата влада, Зоран Заев, вчера соопшти дека новиот владин кабинет ќе има 15 министри со ресори и неколку министри без ресори: Радмила Шекеринска ќе биде министер за одбрана, Оливер Спасовски – министер за внатрешни работи, Драган Тевдовски – министер за финансии, Никола Димитров – министер за надворешни работи, Рената Десковска – министер за образование и наука, Љупчо Николовски – министер за земјоделство, Мила Царовска – министер за труд и социјална политика, Роберт Алаѓозовски – министер за култура, Дамјан Манчевски – министер за информатичко општество и администрација и Горан Сугаревски – министер за транспорт и врски.

Во новата влада за министри без ресор ќе бидат предложени  Роберт Поповски, Кочо Анѓушев, Едмонд Адеми, Аднан Ќахил, Самка Ибраимовски, Зорица Апостоловска и Зоран Шапуриќ.

Алијансата за Албанците ќе биде дел од новата влада со две министерски места – за здравство и за локална самоуправа.

Иако Беса не е дел од новата влада, договориле соработка за реформите и за важните проекти.


Села: Ќе учествуваме во новата влада со министри за здравство и локална самоуправа


Тетово, 28 мај, 2017 - 22:51 (META) 

Алијансата за Албанците ќе биде дел од новата влада со две министерски места – за здравство и за локална самоуправа, соопшти доцна вечерва лидерот на Алијансата, Зијадин Села.

-Движењето за реформи на ДПА имаше централно претседателство на кое одлучивме да бидеме дел од владата, а не само да и дадеме поддршка. Како АА имаме две ресорни министерства. Нам како ДР-ДПА ни следува едно министерство и тоа ќе биде за здравство, со кое ќе раководи Арбен Таравари. Второто, за локална самоуправа ќе го добијат НДП, кои ќе треба да информираат за името – рече Села.

Села додаде дека ДР-ДПА не размислува за учество во владата само преку министрите, туку дека ќе бидат за длабоки и вистински реформи за да се врати надежта во општеството за сите граѓани.

На новинарско прашање што мисли за стабилноста на владата со само 62 пратеници без учеството на Беса, Села рече дека на 15 октомври ќе има локални избори, но не и парламентарни.


Алијанса за Албанците вечерва одлучува дали ќе учествува во новата влада


Тетово, 28 мај, 2017 - 21:56 (META) 

Во Тетово започна Централно претседателство на Алијансата за Албанците на која ќе се расправа по две точки, учеството во новата влада и изборот на министрите од редовите на Алијансата.

Од коалицијата велат дека, доколку одлучат да бидат дел од новата влада ќе предложат двајца министри.

Министерското место за здравство ќе му припадне на Арбен Таравари, а за министер за локална самоуправа има повеќе кандидати.

Неофицијално, високи партиски извори од АА велат дека можно е да се расправа и да се гласа Алијансата да не биде дел од новата влада, но дека тие ќе ја поддржат владата во носење на закони и реформи.


Заев ја објави владата, смета дека таа има капацитет за реформи и за цел мандат


Скопје, 28 мај, 2017 - 21:39 (META) 

Лидерот на СДСМ и мандатар за состав на новата влада, Зоран Заев вечерва по седницата на Централниот одбор на партијата го соопшти новиот владин кабинет во кој ќе има 15 министри со ресори и неколку министри без ресори.

Заев информираше дека Радмила Шекеринска ќе биде министер за одбрана, Оливер Спасовски – министер за внатрешни работи, Драган Тевдовски – министер за финансии, Никола Димитров – министер за надворешни работи, Рената Десковска – министер за образование и наука, Љупчо Николовски – министер за земјоделство, Мила Царовска – министер труд и социјала, Роберт Алаѓозовски – министер за култура, Дамјан Манчевски – министер за информатичко општество и администрација и Горан Сугаревски – министер за транспорт и врски.

Во новата владата министри без ресор ќе бидат Роберт Поповски, Кочо Анѓушев, Едмонд Адеми, Аднан Ќахил, Самка Ибраимовски, Зорица Апостоловска и Зоран Шапуриќ.

Заев рече дека тој како мандатар вечерва во архивите на Собранието ќе ја достави програмата за работа на новата влада и предлогот за владин кабинет.

Иако Беса не е дел од новата влада, договориле соработка за реформите и за важните проекти.

-Некои работи не беа прифатливи за нас, можеби како што поминува времето ќе се надминат – рече Заев кој ги повика и ДПА да и дадат поддршка новата влада, а ВМРО-ДПМНЕ да дадат поддршка за реформите за доброто на граѓаните.

Лидерот на СДСМ рече дека ќе се обрати до СЈО и до ОЈО за да види дали тој или некој од владиниот кабинет е осомничен во некоја истрага.

– И за секој во иднина што ќе се покаже дека е под истрага или за кој има обвинителен акт нема да биде дел од новата влада. Законот мора еднакво да важи за сите. Политичарите кои добиле чест и одговорност мора за тоа да бидат пример за тоа – истакна Заев.

Претседателот на СДСМ соопшти дека ги одборил кадрите на Алијансата за Албанците, но дека ќе остави тие да ги соопштат по состанокот на нивното раководство вечерва.

Според Заев, новата влада има капацитет за четиригодишен мандат.

– Траењето на владата зависи од чесноста, отвореноста, успешноста, транспарентноста и, пред се, зависи од тоа дали ќе го вратиме животот во Македонија за сите. Убеден сум дека новата влада по структура, капацитет и кредибилитет има огромни шанси да ги спроведе реформите и дека ќе бидат сериозен сервис на граѓаните. Од новите министри очекувам решенија, немам намера да бидам министер за се, како некои мои претходници – додаде Заев.


ДУИ ги предложи Лика, Османи, Салиу, Бекташи, Мерко и Дураку за министри во новата влада


Тетово, 27 мај, 2017 - 23:50 (META) 

Претседателството на ДУИ доцна вечерва одлучи да ги предложи Хазби Лика, Бујар Османи, Билент Салиу, Крешник Бекташи, Рамиз Мерко и Садула Дураку за министри во новата влада.

Хазби Лика ќе биде вицепремиер за политички систем и односи меѓу заедниците. Тој од 2005 до 2009 беше градоначалник на општина Тетово.

Портпаролот на ДУИ Бујар Османи ќе биде вицепремиер за евроинтеграции. Тој од 2008 до 2011 беше министер за здравство.

Садула Дураку, е предлог за нов министер за животна средина, во моментов е градоначалник на општина Липково, а во Владата на СДСМ и ДУИ беше министер за земјоделство.

Крешник Бекташи кој до сега беше економски промотор во Брисел ќе биде новиот министер за економија, Билент Салиу е предложен за министер за правда, а Рамиз Мерко за министер без ресор.

Лидерот на ДУИ, Али Ахмети, по завршувањето на партискиот состанок рече дека е задоволен со предлозите за новите министри. Тој рече дека мандатот на министрите ќе биде четири години без разлика дали тие некому ќе му се допаднат или не.

На новинарско прашање како дали очекува дека Беса ќе биде дел од новата влада, Ахмети рече дека тоа не може да го одговори затоа што тие преговараат со СДСМ и со Алијансата на Албанците.

Потпретседателката на ДУИ, Теута Арифи рече дека ова ќе бидат новите реформски министри кои ќе ги спроведуваат потребните реформи. Таа потврди дека нема да биде дел од новата влада и рече дека повторно ќе се кандидира за градоначалничка на Тетово, затоа што како што рече, сака да ги реши проблемите на тетовци.