!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Конкурс за манифестацијата „Нов културен бран“


Скопје, 31 јули, 2017 - 9:59 (META) 

Министерството за култура денеска на својата веб-страница ќе ги објави условите и формуларите за пријавување на општини, здруженија на граѓани, асоцијации, неформални групи и автори од областа на културата и на уметноста за манифестацијата „Нов културен бран“.

Таа ќе се реализира од крајот на август до крајот на октомври годинава,  односно сè до исцрпување на средствата за реализација на манифестацијата.

„Цел на манифестацијата е да се обезбеди деметрополизација и децентрализација на културата, дисперзија во локалните средини и збогатување, омасовување и раздвижување на културната понуда во сите региони на Македонија. За разлика од претходниот пристап со манифестацијата „Топол културен бран“, на која право за аплицирање со проекти за културни настани имаа само општините, со овој повик, право на аплицирање со проекти и со идеи за манифестацијата ќе имаат здруженија на граѓани, асоцијации, неформални групи и автори од областа на културата и на уметноста, кои ќе треба да понудат квалитетна, естетски профилирана и вредносно издржана понуда, со која ќе внесат посвежи идеи и поиновативни пристапи во креирањето на културата, како и нови и современи форми во создавањето и во презентирањето на културниот и на уметничкиот продукт“, порачува Министерството за култура.


СЈО побара да им се одземат пасошите на двајца осомничени од случајот „Тендери“


Скопје, 21 октомври, 2016 - 11:02 (META) 

Специјалното јавно обвинителство во текот на вчерашниот ден до Основниот суд Скопје поднело предлог на две осомничени лица од случајот „Тендери“ да им се одземат пасошите и секој вторник во 10 часот да се јавуваат кај службено лице во судот, информираат од обвинителството.

Одземање на пасошите се бара затоа што постојат околности што упатуваат на тоа дека лицата може да ја напуштат земјава.

„Во текот на вчерашниот ден, до Основниот суд Скопје 1, а во врска со истрагата во предметот „Тендери“, поднесен е предлог за определување мерки за претпазливост за две осомничени лица, со кои е побарано од судот осомничените лица да се јавуваат еднаш неделно – секој  вторник во 10 часот кај определено службено лице во Основниот суд Скопје 1. Воедно, за двете осомничени лица побарано е и определување мерка на претпазливост, одземање на патна исправа, поради постоење на околности што упатуваат на опасност од бегство“, пишува во соопштението на СЈО.

Случајот „Тендери“ се однесува на склучување договор меѓу Министерството за култура и фирмата „Бетон“ од Штип за извршување градежни работи на Музејот на македонската борба за државност и самостојност, Музејот на внатрешната македонската револуционерна организација и Музејот на жртвите од комунистичкиот режим.

Градежните работи врз овој објект биле извршени без да се спроведе јавна набавка, односно сведокот, тогаш директор во „Бетон“, усно бил известен од раководно службено лице од Министерството за култура, кое членувало во Комисијата за јавни набавки, дека може да се продолжи со изведба на градежните работи и да не се чекаат 20 дена за да се спроведе јавна набавка.

Од Министерство за култура до „Бетон“, заклучно со  31 декември 2013 година, биле исплатени 54.501.336 денари, истакна вчера на прес-конференција, обвинителката на СЈО, Фатиме Фетаи.

Министерката за култура, Елизабета Канческа-Милевска, пак, вчера по прес-конференцијата на која СЈО го најави случајот, рече дека работата на сите проекти од „Скопје 2014“ е „чиста како солза“, а обвинувањата на обвинителката Фатиме Фетаи ги оквалификува како „трач муабети“ и „рекла-кажала“.