Два метра висока ограда ќе добие депонијата со токсичен линдан во Пеленица, Драчево


Скопје, 11 февруари, 2019 - 13:59 (META) 

Тендерот за оградување на депонијата со линдан во излетничкото место Пеленица во Драчево ќе биде објавен деновиве, а оградувањето ќе се направи во најбрз можен рок, велат од Министерството за животна средина и просторно планирање за „Мета“.

Ана Петровска, државната секретарка во Министерството, вели дека спецификациите за оградата се готови и дека е прашање на денови кога ќе се објави тендерот.

– Оградата ќе биде од жица, два метри висока и долга 350 метри за да го опфати целиот простор на кој се претпоставува дека има складиран линдан – вели Петровска.

Иако првично беше најавено дека депонијата ќе биде оградена до крајот на минатата година, а потоа беше пролонгирано до крајот на јануари, Петровска уверува дека тоа ќе се направи набрзо. Тендерот ќе биде првна јавна набавка на министерството за оваа година.

-Веќе и времето се подобрува, претходно имавме проблеми со снегот, не можевме точно да ја одредиме локацијата. Прашање е на денови, ова за министерството е многу висок приоритет – вели Петровска за „Мета“.

„Мета“ во декември минатата година објави дека во месноста Пеленица, постои илегална депонија на која се наоѓаат неколку илјади тони токсичен отпад линдан кој потекнува од фабриката ОХИС и таму го фрлале работници пред да се направат големата и малата депонија на територијата на фабриката.

На ова место основните училишта редовно одржуваа детски екскурзии кои Министерството за образование и наука по пишувањето на „Мета“ забрани да се одржуваат.

Линданот е органско соединение кое од Меѓународната асоцијација за истражување на канцер е класифициран во група 1 канцерогени супстанци со доволно докази дека предизвикува не-Хочкин лимфом. Долготрајната изложеност на линдан со вдишување кај луѓето се поврзува со заболувања на црниот дроб, крвта како и нарушувања на нервниот, кардиоваскуларниот, имунолошкиот и репродуктивниот систем.


Ќе се менува застарениот правилник за граничните вредности на загадувачите


Скопје, 6 февруари, 2019 - 16:56 (META) 

Ќе се менува Правилникот за граничните вредности за дозволените нивоа на емисии и видови на загадувачки супстанции во отпадните гасови и пареи кои ги емитираат стационарните извори во воздухот, кој содржи контрадикторни одредби и во голема мерка го блокира ефикасното постапување на инспекторите за животна средина кон помалите загадувачи на воздухот, најавува Министерство за животна средина.

– Формиравме работна група во која, освен од Министерството ќе има претставнци на акредитирани лаборатории, на инспекциите, на Град Скопје, како и претставници на „О2“ иницијативата“,изјави за „Мета“ Ана Петровска, државна секретарка во МЖСПП.

Претходно „Мета“ објави дека „Правилници со стандарди стари 50 години ги врзуваат рацете во борбата со загадувањето“ и дека „дури шест подзаконски акти врз основ на кои се постапува денес во Македонија, а се однесуваат на квалитетот на амбиентниот воздух се напишани во 1976 година и се сосема застарени, нефункционални, ограничувајќи ги на тој начин инспекциските служби во нивното откривање и санкционирање на загадувачи на воздухот“.

Според Петровска, измените ќе значат намалување на прагот на емисиите и ќе се однесуваат на сите ложишта помали од 1 мегават, чии емисии досега се утврдуваа врз основ на масениот чаден број, што е застарен метод за утврдување на емисии во воздухот.

Целта на овие измени, како што вели државната секретарка е да можат да бидат опфатени со инспекции што е можно повеќе ложишта и за сите надминувања на пропишаните вредности ќе важат одредбите кои сега важат за ложиштата над еден мегават.

– Ќе се утврдува присуство на ПМ честичките, на сулфур диоксид како и на други штетни материи – вели Петровска.


Оградата за депонијата со линдан во Пеленица ќе биде прва јавна набавка во 2019 на МЖСПП


Скопје, 4 јануари, 2019 - 15:53 (META) 

Оградувањето на дивата депонија со високо токсичен и канцероген линдан во Пеленица, Драчево, ќе биде првата јавна набавка на Министерството за животна средина и просторно планирање во оваа година, потврдуваат од таму за „Мета“.

Иако првично беше најавено дека депонијата ќе се огради до крајот на годината што измина, тимот на „Мета“ вчера беше на локацијата и на терен не забележа некаква активност.

Државната секретарка од МЖСПП, Ана Петровска, за „Мета“ вели дека се уште траат спецификациите за оградата и дека таа најверојатно ќе биде поставена до крајот на месецот.

– Уште се прават спецификациите за самата ограда. Кога ќе бидат готови ќе објавиме јавен повик за фирма која што ќе ја огради локацијата. Бидејќи уште не знаеме каде е точно линданот и на колкава површина се протега мораме да бидеме внимателни со спецификациите односно колкав простор ќе биде ограден. Се надевам дека до крајот на следната недела ќе бидат готови спецификациите и ќе се објави јавниот повик и дека до крајот на месецот ќе се постави оградата. Ова ќе биде прва јавна набавка на Министерството за животна средина – вели Петровска.

„Мета“ објави дека во околината на Драчево, во месноста Пеленица, постои илегална депонија на која се наоѓаат неколку илјади тони токсичен отпад линдан кој потекнува од фабриката ОХИС и таму го фрлале работници пред да се направат големата и малата депонија на територијата на фабриката каде што се проценува дека има помеѓу 40-50.000 тони контаминирана почва со линдан.

На ова место основните училишта редовно одржуваа детски екскурзии кои Министерството за образование и наука по пишувањето на „Мета“ забрани да се одржуваат.

Линданот од Меѓународната асоцијација за истражување на канцер е класифициран во група 1 канцерогени супстанци со доволно докази дека предизвикува не-Хочкин лимфом. Долготрајната изложеност на линдан со вдишување кај луѓето се поврзува со заболувања на црниот дроб, крвта како и нарушувања на нервниот, кардиоваскуларниот, имунолошкиот и репродуктивниот систем.


Министерството за образование ги забрани екскурзиите кај депонијата со линдан


Скопје, 20 декември, 2018 - 15:04 (META) 

Министерството за животна средина и просторно планирање испратило допис до Министерството за образование и наука да не се организираат екскурзии во Пеленица, Драчево, местото за кое „Мета“ пишуваше дека има сомневање дека се наоѓа необележана депонија со канцерогениот линдан кој потекнува од фабриката ОХИС.

„Во Министерството за образование и наука, стигна допис од МЖСПП по кое ќе постапиме, односно ќе им наложиме на општините како основачи на училиштата, таму да не се одржуваат екскурзии“, велат од МОН за „Мета“.

Министерството за животна средина, вети дека до крајот на годината ќе го огради просторот во Драчево за кој постојат сомневања дека се наоѓа дивата депонија со 8.000 тони токсичен линдан.

Државната секретарка во МЖСПП, Ана Петровска, во разговор за „Мета“ рече дека ќе биде испратено укажување до Министерството за образование и наука во Пеленица да не се организираат ученички екскурзии додека не се утврди опасноста.

-Алармирано е и до владата и до нас како Министерство и во овој момент ќе се преземе акција согласно член 42 од законот за отпад кој што не овластува нас како надлежен орган, пред да се докаже опасноста, бидејќи уште не е докажана, а за да ја докажеме ќе ни треба и време и ресурси, барем да го оградиме просторот за кој што се претпоставува дека е локација. Таа е во ненаселен простор, но е близу некој манастир, каде што деца одат на екскурзија. Со други зборови, ние како орган, до крајот на годината, имаме обврска да го оградиме тој простор и да поставиме одредена табла – рече Петровска.

Линданот на оваа локација потекнува од фабриката ОХИС и таму го фрлале работници пред да се направат големата и малата депонија на територијата на фабриката каде што се проценува дека има помеѓу 40-50.000 тони контаминирана почва со линдан.


Дивата депонија со канцероген линдан во Драчево ќе се огради до крајот на годината


Скопје, 18 декември, 2018 - 15:53 (META) 

Министерството за животна средина и просторно планирање, до крајот на годината ќе го огради просторот во Драчево на кој постојат сомневања дека се наоѓа дивата депонија со 8.000 тони линдан кој потекнува од фабриката ОХИС, потврди за „Мета“, државната секретарка во Министерството, Ана Петровска.

Таа вели дека откако вчера „Мета“ објави за постоењето на дивата депонија, алармирана била Владата и Министерството по што се одлучило прво да преземе акција за оградување на локацијата, а потоа и за анализирање на почвата.

– Среќа што овие информациите се вчера обелодените и на некој начин е алармирано и до владата и ние како Министерство и во овој момент ќе се преземе акција согласно член 42 од законот за отпад кој што не овластува нас како надлежен орган, пред да се докаже опасноста, бидејќи уште не е докажана, а за да ја докажеме ќе ни треба и време и ресурси, барем да го оградиме просторот за кој што се претпоставува дека е локација. Таа е во ненаселен простор, но е близу некој манастир, каде што деца одат на екскурзија. Со други зборови, ние како орган, до крајот на годината, имаме обврска да го оградиме тој простор и да поставиме одредена табла – вели Петровска.

Истовремено, потенцира Петровска, ќе биде испратено укажување до Министерството за образование и наука, дека додека не се утврди или не се потврди опасноста, таму да не се организираат ученички екскурзии.

– Анализите за испитување дали навистина има линдан во почвата се специфични и скапи. Навистина не знам од каде ќе најдеме буџет за тоа. Ние немаме буџет за вакви работи, но бидејќи ова е многу ургентно или ќе видиме со донатори или со Министерство за финансии да најдеме средства да започнеме со анализите – истакнува Петровска.

Таа во разговор за „Мета“ вели дека непотврдени информации за оваа депонија постоеле од 2015 година, но поради политичката криза запреле активностите за овој проблем.

– Од канцеларијата за ПОПс (Persistent organic pollutants – неразградливи органски загадувачи) летово испратиле допис до кабинетот и со тоа сè застанува. Ние, како Министерство, сме добиле задолжение, меѓутоа тоа задолжение не сме го преземале со оној степен на сериозност кој што бил потребен. Бидејќи до сега ништо не се преземало околу ова прашање, толку време се чекало, а и не сме биле свесни за точноста на овие информации, не сме презеле активности – додава Петровска.

„Мета“ вчера објави дека во околината на Драчево, во месноста Пеленица, постои илегална депонија на која се наоѓаат неколку илјади тони токсичен отпад линдан. Депонијата, е необележана, неоградена и не постои знак кој информира дека на тоа место се наоѓа токсичен канцероген отпад кој влијае и на животната средина, но и на човековото здравје.

Линданот на оваа локација потекнува од фабриката ОХИС и таму го фрлале работници пред да се направат големата и малата депонија на територијата на фабриката каде што се проценува дека има помеѓу 40-50.000 тони контаминирана почва со линдан.

Тој од Меѓународната асоцијација за истражување на канцер е класифициран во група 1 канцерогени супстанци со доволно докази дека предизвикува не-Хочкин лимфом.

Изложеноста на линдан може да се појави од консумирање на контаминирана храна или преку дишење на воздух загаден со линдан. Хроничната (долготрајна) изложеност на линдан со вдишување кај луѓето се поврзува со заболувања на црниот дроб, крвта како и нарушувања на нервниот, кардиоваскуларниот, имунолошкиот и репродуктивниот систем.


Бошњаковски: Од УХМР најавија ветер, затоа не беа активирани мерките за загадувањето


Скопје, 10 декември, 2018 - 16:42 (META) 

Иако загадувањето го надмина прагот на алармирање, мерките не беа активирани поради прогнозата за засилен ветер, вели портпаролот на владата Миле Бошњаковски кој на „Твитер“ сподели информации добиени од Министерството за животна средина.

Од здружението „Скопје смог аларм“, објавија дека минатата недела имало ПМ10 загадување над 200 микрограми на кубен метар на четири мерни станици во Скопје во четири различни денови, но дека мерките не биле активирани.

Бошњаковски потврдува дека на 3 и 4 декември биле надминати среднодневните концентрации на ПМ10 над 200 микрограми – односно на 03 декември била измерена концентрација од 206.88 микрограми во Карпош и 233.08 во Ректорат, а на 4 декември концентрација од 229.6 во Карпош и 283 во Ректорат.

Но, мерките не биле активирани затоа што од УХМР бил најавен засилен северен ветер.

„Прагот на алармирање на ПМ10 се смета за надминат доколку се измерени среднодневни концентрации од 200 микрограми во текот на два последователни дена и е добиена прогноза од УХМР за стабилна временска состојба. Меѓутоа на 4 и 5 декември беа добиени прогнози од УХМР во текот на 5 декември и наредните денови ќе дува засилен северен ветер што придонесе за значително намалување на концентрациите на ПМ10 уште во текот на утринските часови на 5 декември и поради тоа не беа активирани мерките“, пишува во одговорот од Министерството кој го сподели Бошњаковски.


Не се знае кога, ама ќе се набават нови мерни инструменти за ПМ10 во Гази Баба и Лисиче


Скопје, 14 ноември, 2018 - 11:51 (META) 

Двете најзагадени населби во Скопје, Лисиче и Гази Баба, ќе добијат нови инструменти за мерење на ПМ10 честички, информира за „Мета“, Министерството за животна средина и просторно планирање, но од таму не даваат временски рок кога тоа ќе се случи.

Во Лисиче канцерогените ПМ10 честички не се мерат од 5 октомври односно 41 ден, а во Гази Баба инструментот не функционира од 14 август односно три месеци. Овие две населени места години наназад се едни од најзагадените во Скопје.

„Инструментите за ПМ10 на овие две мерни места се расипани и не се во функција да мерат. Во моментот се прават напори да се обезбедат нови кои треба да се набават од надвор и во моментот не можеме да кажеме колку ќе чинат. Штом ќе бидат обезбедени во нај брз можен рок ќе бидат ставени во функција“, велат од Министерството во изјава за „Мета“.

За ова до Министерството се обратил и авторот на апликацијата „Мој воздух“, Горјан Јовановски, но, до сега нема добиено одговор.

-Без одговор остана и моето официјално барање за пристап до информации од јавен карактер до Министерството за животна средина и просторно планирање, упатено на 1 ноември, во кое барам да ми се одговори колкав буџет има Министерството за 2018 за набавка и поправка на делови и сензори од мрежата на мерните станици за загадување на воздухот – вели Јовановски.

Последното мерење на станицата во Лисиче за ПМ10 честички било на 5 октомври во 8 часот утрото кога мерната станица покажа 137 микрограми на кубен метар. Три часа претходно во 5 часот утрината покажала 629 микрограми, во 3 часот после полноќ 382 микрограми, а во 1 часот 259.

Освен што граѓаните не можат соодветно да се информираат колку е загаден воздухот што го дишат, нефункционирањето на инструментите во Лисиче и Гази Баба е проблематично затоа што според резултатите од овие мерења се воведуваат предвидените итни мерки.

За воведување на итни мерки потребно е бар две мерни станици во Скопје да покажат среднодневна концентрација на ПМ10 честички над 200 микрограми на кубен метар во последните два дена.

Ова значи дека дури и да има вакво надминување на мерните станици во Лисиче и Гази Баба, кои притоа секогаш се едни од најзагадените населби, тоа не е евидентирано и не може да се преземат мерки.

За споредба, мерната станица кај МЗТ во Гази Баба, која е дел од проектот „Скопје Пулс“ и податоците добиени од неа се неофицијални, синоќа покажа 260 микрограми на кубен метар ПМ10 честички.

Пишува: Симона Атанасова


Воздухот почна да нѐ труе, мерните станици отидоа на сервис


Скопје, 29 октомври, 2018 - 13:00 (META) 

Граѓаните со месеци не можат реално да се информираат за нивото на загадување на воздухот во дел од најзагадените подрачја во земјава. Сензорите на повеќето мерни станици кои го прикажуваат најчестиот вид на загадување не испраќаат податоци до Министерството за животна средина.

Во скопските населби Гази Баба и Лисиче мерните станици работат селективно, па така, инструментот за мерење на ПМ10 честички во Гази Баба е исклучен од 14 август оваа година односно 76 дена, а во Лисиче од 5 октомври.

Иако од Министерството за животна средина и просторно планирање, на 26 октомври преку соопштение до јавноста најавија дека инструментите за ПМ10 честички во Гази Баба и Лисиче набрзо ќе бидат вклучени во системот, тие се уште не функционираат.

„Во моментот, од 6 инструменти за РМ10 во Скопје, надвор од функција се два инструменти за РМ10: во Гази Баба и Лисиче поради технички проблеми. По отклонување на проблемот, во најбрз можен рок истите ќе бидат вклучени во системот“, велат од МЖСПП.

„Мета“ контактираше со Горјан Јовановски чија веб-страница и апликација „Мој воздух“, добива податоци од истите мерни станици на Министерството. Јовановски ни ги испрати податоците кои неговата апликација ги има за бројот на исклучени денови за секој параметар кој го мерат станиците.

Најголем број на денови, 586, е исклучена станицата која го мери нивото на сулфур диоксид во скопската населба Центар. По неа следува мерната станица во Карпош од која 451 ден нема податок за нивото на јаглерод моноксид, а канцерогените честички ПМ25 во Гази Баба не се мерат 280 дена.

Граѓаните за нивото на ПМ10 честичките во Бутел не можат да се информираат веќе 229 дена, во Велес 109 дена. Во Гази Баба мерната станица не покажува ПМ10 од 14 август оваа година односно 76 дена, во Лисиче од 5 октомври, а во Битола од 12 октомври од кога станицата не ги мери ни ПМ2,5 честичките.

Пишува: Симона Атанасова


„Го сакам Водно“ побара дисциплинска постапка против насилникот и јавна дебата


Скопје, 30 август, 2018 - 14:36 (META) 

Иницијативата „Го сакам Водно“ по вчерашниот инцидент на Водно, кога еден од луѓето што работеа на изградбата на гасоводот даде наредба на багерите да ги прегазат активистите, побара виновникот да биде отстранет и веднаш да се почне дисциплинска постапка против него. Истовремено, екологистите побараа дебата со директорот на МЕР, градоначалникот на Скопје и заменик министерот на Министерство за животна средина и просторно планирање (МЖСПП).

„Бараме ревизија на проектот, бараме постапување на институциите по доставените претставки, нивна меѓусебна соработка, а не изземање од надлежности и неделување,
бараме одговорноста за сите наведени пропусти и прекршени законски обврски, казнивост. Нулта толеранција за изигрување на законот и нерегуларно спроведување на целата постапка“ се вели во соопштението.

Екологистите обвинуваат дека на изградбата на гасоводот на Водно се работи речиси „на диво“.

„Се работи без почитување на цела листа на прописи, законски обврски – нема ознаки, нема обележан заштитен појас околу градежните работи, нема знак за предупредување дека работи тешка машинерија, нема документација на терен, работниците се без адекватна униформа и заштитна облека, нема мобилни тоалети, нема соодветен надзор, нема полнење бензин на строго определени места кои се водонепропусни, а се отстрануваат грмушки во период кога не смеат, пред 30 септември“, се вели во дописот од „Го сакам Водно“.

Активистите велат дека не се врши строго и прецизно набљудување од страна на МЖСПП.

„Сите неправилности кои ние ги предочивме, се игнорираат како да не постојат. Ниту еден
механизам кој институциите, државата, ги има на располагање,  не е покренат. Проектот наместо да претрпи сериозна ревизија, се тера на сила, на диво. Кога институциите остануваат глуви, што преостанува освен жив штит?“, велат активистите.


Почнува подготовката на измените на законот за квалитетот на воздухот


Скопје, 27 февруари, 2018 - 16:37 (META) 

Министерството за животна средина и просторно планирање од денеска почнува со подготовка на измени на Законот за квалитетот на амбиенталниот воздух.

Целта на Законот, кој како што е наведено на Единствениот национален електронски регистар на прописи (ЕНЕР), треба да биде готов до крајот на април оваа година, е да се воспостави едноставна процедура на подготовка на плановите за квалитет на воздухот и на краткорочните акциски планови, како и ефикасно спроведување на мерките за подобрување на квалитетот на воздухот.

„При анализа на состојбата со управување со квалитетот на воздухот во Република Македонија се увиде дека постоечкиот начин на подготовка на плановите за квалитет на воздух на ниво на зона/агломерација создава тешкотии, бидејќи на ниво на зона се вклучени поголем број на општини со различни проблеми и извори на загадување на воздухот. Начинот на усвојување на планските документи на ниво на Единиците на локалната самоуправа (ЕЛС) и проверка и одобрување на истите од страна на централната власт не се јасно прецизирани“, стои во информацијата за подготовка на предлог на измените.

Во информацијата се наведува и дека пропишаните краткорочни мерки на локално ниво, како и оние предложени од интерсекторската работна група и усвоени од Владата се спроведуваат со потешкотии.

Анализата утврдила дека контролата на имлементацијата на краткорочните мерки од инспекциските служби се спроведува делумно, а констатиран е и недоволен број на државни инспектори и овластени инспектори за животна средина кои вршат контрола на спроведувањето на мерките.

Инаку, состојбата со квалитетот на воздухот во Скопје и уште во неколку други градови во земјава е алармантна, поради енормното загадување, што беше причина за протести организирани од повеќе граѓански здруженија за изнаоѓање на решенија за овој проблем.