Министерство за здравство преку комитет ќе се бори против смртноста на новороденчињата


Скопје, 20 април, 2018 - 8:57 (META) 

Во Министерството за здравство вчера се одржала конститутивна седница на новиот состав на Комитетот за безбедно мајчинство, информираат од институцијата. Нов претседател на комитетот е доц. д-р Ана Данева Маркова од Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство.

Една од првите задачи на овој комитет ќе биде изготвување на анализа на актуелната ситуација во оваа област и подготовка на акционен план. Ова тело, кое го советува министерот за здравство, ќе треба да даде препораки и предлог – мерките за унапредување на здравјето на мајките и децата, со посебен фокус на намалување на новороденечка смртност.

Членови на комитетот се лица со медицинска експертиза и долгогодишно искуство во областа на гинекологијата, акушерството, неонатологијата, педијатријата и сродни дисциплини, а целта е да се обезбеди сеопфатен пристап кон решавање на проблемите и координација на предложените активности и мерки.


Девет заразени со морбили во Македонија, се препорачува вакцинирање


Скопје, 15 март, 2018 - 16:18 (META) 

Комисијата за заразни болести при Министерството за здравство денеска одржа редовна работна средба, со цел, согледување на состојбата со морбили во соседството и во европскиот регион, како и состојбата со морбили во државата.

Од таму информираат дека, во Македонија оваа година досега се регистрирани девет случаи со морбили, од кои само четири се епидемиолошки поврзани.

„Службите за имунизација при Здравствените домови да ги интензивираат активностите за проверка на евиденцијата и изнаоѓање невакцинирани или непотполно вакцинирани деца, со цел нивна вакцинација. Здравствените работници да обратат посебно внимание на исипните трески кај пациентите и доколку се посомневаат за морбили, веднаш да пријават до надлежните служби“, се дел од заклучоците на Комисијата.

Се препорачува, лицата кои патуваат во земји каде има активни епидемии на мали сипаници да го проверат својот вакцинален статус и доколку не се вакцинирани, некомплетно вакцинирани или немаат доказ за прележана болест, соодветно ќе се вакцинираат.

„Препорака до родителите е навремено да ги вакцинираат своите деца, пред се поради заштита на нивното здравје, како и заштита на здравјето на најблиските и на пошироката заедница“, се додава во соопштението.


Тамара почина чекајќи милост од власта


Скопје, 10 февруари, 2018 - 19:02 (META) 

Тамара Димовска, 10-годишното девојче од Велес што почина точно пред три години и покрај ветувањата за соодветен третман од страна на тогашниот министер Никола Тодоров и раководство на Фондот за здравство, стана симбол за здравствените политики на тогашната власт. Нејзината смрт додека чекаше операција во Турција беше повод за големи протести пред Министерството за здравство.

Чекајќи операција заради деформацијата на `рбетот –  во Турција, оти во Македонија не профункционира Спиналниот центар – Тамара почина во својот дом во Велес на 9 февруари 2015 година. Во тоа време тогашната власт на ВМРО-ДПМНЕ уште трошеше милиони евра на проектите од „Скопје 2014.

Сумата од 100.000 евра не изгледа дека била некаков проблем. Доказ за тоа е на пример само за колонадата пред Македонска опера и балет (МОБ), во тоа време на владеење на коалицијата ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, се потрошени, како што наведе Призма, 1,4 милиони евра – за спас на 14 Тамари.

Два и пол месеци пред тоа, во ноември 2014, граѓаните уште организираа акции за собирање пари за нејзиното лекување во странство. Една година претходно вградената шипка во нејзиниот рбет била отстранета оти била премала за тогашната висина. Граѓаните порачуваа дека се потребни 30.000 евра за соодветен зафат во Хрватска, а 100.000 евра за операција во Турција или во САД.

Но,  Тамара не ги доби потребните документи за лекување во странство, а Фондот и Министерството за здравство ја одолговлекуваа процедурата за нејзина операција.

Како што подоцна ќе се открие, имало злоупотреби на случајот на Тамара заради промоција на Спиналниот центар, односно таа не била испратена во странство на товар на Фондот за здравствено осигурување на Македонија (ФЗОМ) со цел да биде оперирана во новиот центар и така да се создаде публицитет за тој проект.

ФЗОМ на 8 октомври 2014 година испратил допис со кој препорачува пациентите што боледуваат од сколиоза, кифоза или кифосколиоза да не бидат упатувани на лекување во странство бидејќи „се работи за заболувања при кои не постои итност за оперативно лекување“.

Дописот бил испратен до директорот на Клиниката за трауматологија, ортопедски болести, анестезија, реанимација, интензивно лекување и ургентен центар, како и до раководителите на Клиниката за трауматологија, Клиниката за ортопедски болести, Клиниката за анестезија, реанимација и интензивно лекување и на Ургентниот центар. Ова известување било упатено и до првостепената и до второстепената лекарска комисија кои одлучувале за случаите

На 1 јуни лани, десетина минути пред Тодоров да му ја предаде функцијата на новиот министер, Арбен Таравари, кон него пукаше дедото на Тамара.


Министерство за здравство демантира дека исчезнало бебе на Клиника за гинекологија


Скопје, 3 февруари, 2018 - 23:01 (META) 

Министерството за здравство категорично ги отфла информациите пласирани во јавноста дека исчезнало бебе на Клиниката за гинекологија, информираат од таму.

„Министерството ја информира јавноста дека бебето и мајката се на Клиниката за гинекологија и нивната здравствена состојба е добра. Истовремено, сакаме да информираме дека е поднесена пријава до МВР за насилно однесување против семејството на родилката“, се вели во соопштението на министерството.

Реакцијата следи откако таткото на бебето во изјава за телевизија „Сител“ рече дека бебето му го изгубиле.

Директорката на Клиниката, Викторија Јовановска во изјава за „Фокус“ објасни дека, на родителот не му било дозволено да го види бебето, бидејќи имало процедури кога смее тоа да го направи.

– Откако му беше кажано дека според процедурите на Клиниката во тој момент не може да го види бебето, тој почна да крши се околу себе и го вознемири целиот медицински персонал – изјави Јовановска.


Филипче: Исплатата на зголемениот додаток за дежурства треба да почне во април


Штип, 31 декември, 2017 - 14:51 (META) 

Министерот за здравство, Венко Филипче, заедно со државниот секретар во Министерството, Влатко Милошев денеска беа во посета на штипската болница, каде направија увид во изградбата на новиот објект на болницата.

Како што изјави Филипче, новиот објект треба да биде завршен и опремен во текот на следната година, а ќе биде пуштен во употреба во 2019 година.

Тој изјави дека исплатата на зголемениот додаток за дежурства најверојатно ќе почне во април, следната година, посочувајќи дека зголемувањето нема да се однесува само на лекарите, туку и на медицинските сестри.

– Значајно е зголемувањето, некаде околу 100 проценти. Сè уште се изработуваат точните анализи за да процениме кога тоа ќе може да се почне. Но, најверојатно дека зголемувањето на дежурствата ќе почне во априлската исплата, односно за мартовската плата – рече Филипче.

Прашан за коментар за најавите на дел од лекарите дека ќе поднесат тужби, бидејќи не биле исплаќани според колективниот договор, министерот за здравство рече дека во наредниот период ќе има промена на колективниот договор.

Филипче, кој на функцијата министер за здравство беше именуван на почетокот на оваа недела, вчера беше во посета на Општата болница во Струмица, каде изврши увид во граденжните работи на новото крило на болницата.


Филипче изврши увид во градежните работи на новото крило на струмичката болница


Струмица, 30 декември, 2017 - 19:52 (META) 

Министерот за здравство, Венко Филипче денеска ја посети Општата болница во Струмица и изврши увид во градежните работи на новото крило во оваа Јавна здравствена установа, соопштија од Министерството за здравство.

Новото болничко крило, како што се наведува во соопштението, се простира на површина од 6.500 квадратни метри, каде ќе бидат сместени најсовремен ургентен центар и уште осум болнички одделенија.

Во рамки на посетата, Филипче имал средба со раководството на струмичката болница, на која, меѓу другото станало збор и за унапредување на Интервентната кардиолошка служба.

Болницата годишно опслужува над 200 илјади пациенти од Струмица, како и од околните општини, Василево, Босилево, Ново Село. Со отворањето на новото крило се очекува да се зголеми бројот на пациенти, кои ќе добијат поквалитетни здравствени услуги, стои во соопштението.


Министерство за здравство уверува: Нема инсулинска криза


Скопје, 27 декември, 2017 - 15:54 (META) 

Нема инсулинска криза, порача Министерството за здравство попладнево, откако во некои медиуми беше пренесен апелот на дијабетичарите до премиерот Зоран Заев да преземе итни мерки да се реши проблемот со инсулинот. Според „Шеќерче – Лолипоп“ еден месец нема инсулин, што директно погодува околу 50.000 пациенти коишто мора да го примаат.

Министерството за здравство вели дека се обезбедени доволни количества преку донација од компанијата – производител.

„Министерството ги уверува болните од дијабетес, кои имаат потреба од инсулин дека може да бидат спокојни, бидејќи овој лек го има. Исто така, сакаме да потенцираме дека проблемот кој го имавме неодамна, беше причина повеќе Министерството да почне со изработка на ново законско решение, процес кој веќе е во тек, односно веќе се работи на системско решавање на овој проблем и создавање предуслови, со кои ќе спречиме во иднина да се јавуваат вакви или слични проблеми“, се вели во соопштението.


Алијансата за Албанците нема да ја напушти владината коалиција


Гостивар, 24 декември, 2017 - 17:33 (META) 

Лидерот на Алијанса за Албанците, Зијадин Села попладнево по состанокот на Централното собрание на партијата што се одржа во Гостивар, изјави дека нема да ја напуштат владината коалиција. Тој изрази верување дека со премиерот Зоран Заев повторно ќе се сретнат околу условите за нивното останување во коалицијата.

-Ние одлучивме дека ќе бидеме дел од владата за реализација на програмата која им ја ветивме на гласачите. Ветивме дека ќе ги отвориме и деблокираме процесите, ветиме дека лидерот на Собранието ќе биде Албанец, дека законот за албански јазик ќе биде одобрен и дека ќе се отворат судските предмети. Процесите започнаа и се очекува да се реализираат во иднина – рече Села.

Централното собрание на партијата денеска ги разгледала извештаите од локалните избори и било одлучено партискиот конгрес да се одржи на 20 март 2018 година и дека претседателот на организациониот совет ќе биде Арбен Таравари.

Села повторно потенцираше дека ресорот здравство и припаѓа на Алијансата иако Венко Филипче е предлогот за министер за здравство кој веќе е во парламентарна процедура.

-Ќе видиме дали тоа ќе биде така кога ќе гласаме во Собранието. Ако се одлучи дека Венко Филипче ќе биде министер, ќе бидете известени за понатамошни чекори што треба да ги преземе Алијансата – рече Села.


Таравари: Без Алијансата за Албанците немаше да има влада, жал ми е за Заев


Гостивар, 24 декември, 2017 - 11:25 (META) 

Заев вели дека Министерство за здравство е дадено на Алијансата поради мене како личност. Кога го слушнав ова првпат, ми дојде многу жал за него. Поради недостаток на реално оправдување за насилното одземање на Министерство за здравство тој прати една незрела вест, вели градоначалникот на Општина Гостивар, Арбен Таравари на својата „Фејсбук“ страница.

„На ова оправдување на Заев не верува ни едно петгодишно дете. Сигурно е дека ова министерство и е дадено на Алијансата бидејќи без оваа партија немаше да има Влада. Се сеќавате ли како дојде до ова? Беше тоа време кога во Парламентот крвареше Зијадин Села и без никаков сомнеж јас бев избран од Алијансата да го водам Министерството за здравство. Почнавте и вие да ги делите министерствата на тие кои плачат повеќе или имате некое дете во коалиција што се лути на нас и не не сака? Жал ми е за Владата“, вели Таравари во статусот.

На крај тој го прашува премиерот Заев што има заедничко со Груевски и одговара дека тоа е само Али Ахмети.

Алијансата за Албанците денеска ќе одржи состанок на Централното Собрание во просториите на ресторанот „Арена“ во Гостивар на кој треба да одлучи дали ќе остане во владината коалиција, откако Заев потврди дека Венко Филипче е кандидатот за министер за здравство кој е испратен како предлог до Собранието.


Алијансата за Албанците утре ќе одлучува дали ќе остане во владината коалиција


Скопје, 23 декември, 2017 - 16:34 (META) 

Централното Собрание на Алијансата за Албанците утре во 11 часот, во просториите на ресторанот „Арена“ во Гостивар ќе одржи состанок на кој треба да одлучи дали ќе остане во владината коалиција.

Вчера премиерот Зоран Заев во интервју за емисијата „Ноќно студио“ рече дека владата ги доставила предлозите за новите министри до Собранието и дека предлог за министер за здравство е Венко Фелипче а не Вулнет Ферати кој го предлагаше партијата на Зијадин Села.

-На никого не му следува по паритет здравството туку се оди на квалитет, изборот се прави за индивидуа, не за партија. Непријатно ми е заради Села бидејќи тој беше рамо до рамо со мене во Собрание и заради тоа толку време траеја овие преговори, но не најдовме заедничко решение. Се надевам понатаму ќе градиме соработка и не само со Алијансата, туку и со будното око на опозицијата – рече Заев.

Претходно Села, по состанокот со Заев во владата рече дека Алијансата за Албанците нема да се откаже од ресорот здравство.

– Јас му дадов предлог на премиерот да стокми уште една друга позиција, што би била заменик премиер за носење бурек, а после таа позиција ќе им ја дадам на ДУИ. Нема да правиме договори над договорите. Договорот за владата беше направен кога се формираше владата. Се додека менаџиравме со министерството за здравство, го менаџиравме со успех. Ако на некој му пречи успехот треба да излезе и да каже дека има проблем со успешни министри и политички партии кои навистина се фокусирани на реформите – рече Села.