Турската амбасадорка го нарече колеџот „Јахја Кемал“ терористичка организација


Скопје, 8 мај, 2018 - 16:28 (META) 

„Ајде да се бориме против оваа терористичка организација“, со овие зборови за Приватното гимназиско училиште„Јахја Кемал“, турската амбасадорка  во Македонија, Тулин Еркал Кара, ја промовираше Фондацијата „Мариф“ вчера во Скопје, пишува „Portalb.mk“.

Покрај тоа, таа апелираше до родителите, децата да ги запишат во Фондацијата „Мариф“, „доколку во иднина не сакаат да бидат терористи“.

„Апелирам до сите вас и до јавноста, дојдете, сите заедно, нашите деца да ги регистрираме во училиштата на Фондацијата „Мариф“. Доколку ние како родители не сакаме нашите деца во иднина да бидат терористи, треба да ги насочиме во училиштата на „Мариф“, бидејќи „Јахја Кемал“ не не претставува нас. Дојдете да се бориме против оваа терористичка оргнизација, на суштински начин, и тоа да не остане само на декларативно ниво“, рече Кара.

„Порталб.мк“ побара реакција од Турската амбасада во Македонија за оваа изјава на амбасадорката Кара, но не доби одговори на прашањето: „Дали Амбасадата е со ист став како и амбасадорката Кара и дали тоа значи дека децата кои учат во колеџот „Јахја Кемал“ се терористи?

За изјавата на Кара, Министерството за образование и наука не сакаше да коментира, но тие објавија дека „Мариф“ не е училиште и не работи според законските одредби. За „Јахја Кемал“ и сите други училишта велат дека ако работат согласно законот, ќе работат непречено.

„Сите училишта регистрирани во Македонија мора да работат во согласност со законските одредби, а во таа смисла контролата на сите приватни и јавни училишта, како и во овој случај, Приватното гимназиско училиште „Јахја Кемал“ е иста и е иста како и за другите училишта. Фондацијата „Мариф“ не беше формирана според законските одредби во областа на образованието. Министерството за образование и наука не може да ги коментира изјавите на амбасадорот “, изјавија од МОН за „Порталб.мк“.

Владата пак, одби да одговори на прашањето „дали ќе бараат докази и аргументи од турскиот амбасадор во Македонија, Тилин Еркал Кара за нејзините изјави и дали исто така се согласуваат со истата изјава – дека „Јахја Кемал“ е терористичка организација?“
 

Skandal: Ambasadorja e Turqisë Kara: Kolegji Jahja Kemal është organizatë terroristeAmbasadorja e Turqisë në Maqedoni, Tülin Erkal Kara e quan kolegjin Jahja Kemal organizatë terroriste

VIDEO: Portalb.mk

Posted by Portalb on Tuesday, May 8, 2018

 

Зеријета Јајага е мајка на двајца ученици кои го посетуваат приватното училиште „Јахја Кемал“ и е огорчена од изјавата на амбасадорката Кара.

„Се чувствувам многу огорчено од говорот на омраза, кој го користеше турската амбасадорка. Бидејќи таа не не навреди само нас како родители, туку и децата ги нарече „потенцијални терористи“ . Јас сум мајка на две деца кои се школуваат во „Јахја Кемал“ и целосно тврдам дека најмалку моите деца се потенцијални терористи. Многу ја ценам работата и ангажирањето на наставниот кадар. Моето искуство како родител вели дека благодарение на посветеноста на наставник по математика Озгур девојките постигнаа многу добри резултати на натпреварот по математика „Кенгур“. Работата во ова училиште се цени“, изјави Јајага за „Порталб.мк“.

Zerijeta

Јајага исто така беше прашана дали за време на образованието на нејзините деца, открила некој радикализам во учењето, што учениците од колеџот би ги направило терористи.

„Во никој случај не сум открила дека се промовира каков било екстремистички или радикален дух. Мојот син расте и учи во класа со ученици од различно етничко потекло и се вреднуваат сите различности“, додаде таа.


Чакаровски: Ќе се усогласиме, вакцинирањето нема да биде услов за упис во училиштата


Скопје, 23 април, 2018 - 14:59 (META) 

Министерството за здравство нема да бара вакцинирањето да биде услов за упис во училиштата. Во постојан контакт сме со Министерството за образование, ќе ги усогласиме ставовите. Не е точно дека работиме на тоа дека децата нема да се запишуваат во градинка или во училиште ако не бидат вакцинирани. Ќе работиме на тоа на родителите кои се скептични да им укажеме дека кај нив не треба да постои страв дека вакцините се небезбедни.

Ова го изјави денеска заменик-министерот за здравство Гоце Чакаровски, пред почетокот на одбележувањето 65 години од основањето на Институтот за белодробни заболувања кај децата, во Козле.

Иако нагласи дека индивидуално право е на секој родител да одлучи дали ќе го вакцинира своето дете, напомена и дека како Министерство за здравство мора да водат сметка за колективната безбедност, бидејќи, како што посочи, едно невакцинирано дете, а инфицирано може да биде причина за инфективно заболување кај многу дечиња.

– Ќе ги убедиме родителите дека ќе увеземе најквалитетни вакцини. Наша работа е да ги увериме дека вакцинирањето на детето е позитивна работа – рече заменик-министерот за здравство.

Министерот за здравство Венко Филипче во саботата рече дека вакцинацијата ќе биде задолжителна за упис во училиште и во градинка. По бранот бурни реакции на социјалните мрежи, излезе со нов став, објаснувајќи дека може да биде оставено да решаваат родители, но со тоа се загрозува колективниот имунитет.

Според Законот за заштита на населението од заразни заболувања, имунизацијата е задолжителна, а според членот 67 од законот, родителот што нема да дозволи неговото дете да се вакцинира, ќе биде казнет со парична казна од 300 до 650 евра.

Според член 46, став 2 од Законот за основно образование, пак, образованието исто така е задолжително, односно секое дете има право на образование, но наведува и дека кога детето се запишува во училиште треба се да приложи потврда дека е вакцинирано.


МОН: ВМРО-ДПМНЕ предизвикува вештачки кризи во образованието


Скопје, 9 октомври, 2017 - 15:45 (META) 

ВМРО-ДПМНЕ манипулира со бројки на учебници кои недостигаат, а дали за тој број на учебници им се оштетени нивните бизнис-интереси, само тие си знаат, велат од Министерството за образование и наука (МОН) на изјавата од ВМРО-ДПМНЕ во врска со недостигот од учебници во основните училишта.

„Потсетуваме дека во согласност со законските норми, учебниците се чуваат и се користат неколку години, пренесувајќи се од генерација на генерација. Зошто во некои училишта учебниците кои се користеле минатата година не им се поделени на учениците оваа година? Очигледно е дека одредени директори по нарачка на ВМРО-ДПМНЕ сакаат да предизвикаат вештачка криза. Во прилог на ова е и фактот што Македонија се соочува со тренд на намалување, а не на зголемување на бројот на ученици, па невозможно е минатогодишните количества на учебници да не можат да ги задоволат потребите на оваа генерација ученици. Исто така, во согласност со законот, доколку одредени учебници се оштетени, тие се заменуваат со нови, па објавен е и ценовник за надоместок поради оштетување на учебниците“, пишува во реакцијата од МОН.

Оттаму информираат дека одредени училишта пријавиле недостиг од учебници поради оштетување, но ниедно од нив нема уплатено надомест за оштетените учебници.

„При споредба на бројот на побарувани нови учебници со бројот на ученици, воочени се нелогичности кои отворија сомневања за мотивите за тие побарувања. Затоа беа направени дополнителни анализи на побарувањата, при што се покажа дека дел од нив се нереални и ги потврдија сомневањата“, се додава во соопштението.
Од МОН апелираат до ВМРО-ДПМНЕ да се откаже од предизвикување вештачки кризи во образованието.


Новата учебна година ќе почне на 4 септември


Скопје, 30 август, 2017 - 12:18 (META) 

Новата учебна 2017/2018 година за јавните основни и средни училишта ќе почне в понеделник, 4 септември, информираше Министерството за образование и наука.

Календарите за организација на учебната 2017/2018 година во јавните основни и средни училишта ќе бидат објавени во „Службен весник на Република Македонија“, известуваат од МОН.


Десковска најави блокада за Кембриџ-програмата во средното образование


Скопје, 5 јуни, 2017 - 17:24 (META) 

Министерката за образование и наука, Рената Треневска-Десковска, денеска најави дека е почнат обид да се спречи воведувањето на Кембриџ-програмата во средното образование и вели дека е можно да се намали бројот на предметите во основното образование.

Десковска рече дека се бараат правни механизми пред почетокот на новата учебна година да се стопира уште една, според неа, штетна мерка во образованието.

Министерката најави и преиспитување на наставните програми и намалување на бројот на предметите во основното, како и нов закон за високо образование. Реформскиот процес во образованието, вели таа, почнал со укинувањето на екстерното тестирање во четвртокот.


#Одговорност е учебници без грешки, говор на омраза и без навреди


Скопје, 1 ноември, 2016 - 9:58 (META) 

Многу нелогичности, како и стручни, јазични и дидактички грешки честопати се забележуваат во учебниците за основните и за средните училишта, па дури и во тие што се користат на факултетите.

Изминативе години имаше повеќе скандалозни случаи со литература за основци, средношколци, па и за студенти, во која има смешни дефиниции, погрешни равенки, збунувачки материјали и содржини кои се сосема несоодветни за возраста на децата.

Да ги споменеме, на пример, учебниците по историја, кои „поучуваат“ дека Шекспир потекнува од Шпанија, Самоил бил прогласен за цар, а Византија уште во 12 век војувала со Османлиите,  дека „татковина“ е „состојба на поседување на земја, територија, духовни вредности и содржини кои ја сочинуваат културата на еден народ“, дека Грција излегува на Јадранско Море, дека  пубертетот  „доаѓа со торта што ја направила мама“ , а потоа следува и „пипање на мозолчињата“!

Има многу други „проблесоци“ од кои се шокираше јавноста, а напати работите одеа и дотаму што во некои учебници се  пласираа и хомофобни содржини. Состојбите, за жал, се такви што учебникарството  сè уште  не е излезено  од  „пубертет“ и од фазата на „пипање мозолчиња“!

Учебниците на албански се приказна за себе! Низ годините се провлекуваа еден куп јазични грешки, па дури и погрешно напишано име на предметот географија на корицата на учебникот, а албанската јавност реагираше, меѓу другото, и на тоа што Јован Кукузел од Драч е претставен како македонски црковен композитор, како и за тоа што во учебникот по општество на албански јазик знамето на Косово беше претставено како грчко. Сето тоа во време кога во два мандати министер за образование е Албанец.

Учебниците се одговорност на државата, односно на соодветните институции – Министерство за образование, Бирото за развој на образованието, кои  ги избираат и авторите и рецензентите. Примерите што ги пососчивме се само дел од мноштвото грешки и промашувања за кои реагираше јавноста и кои јасно укажуваат дека надлежните, изгледа, не сфатиле дека имаат обврска  да понудат квалитетни учебници и да бидат одговорни како ги трошат народните пари.


Талески не се откажува: Техничкото училиште ќе го распише тендерот за школскиот превоз


Битола, 19 септември, 2016 - 11:06 (META) 

Притворениот градоначалник Владимир Талески не се откажува од тоа тендерот за бесплатниот школски превоз во Битола, наместо од Општината, да биде организиран од средното техничко училиште „Ѓорѓи Наумов“ од Битола.

Тендерот најверојатно ќе го распише училиштето, а парите на превозниците повторно ќе им ги исплаќа Општината, од дотациите на Министерството за образование.

Денеска попладне училишниот одбор на техничкото училиште дефинитивно ќе одлучи дали ќе го прифати предлогот на Општината и ќе го отвори тендерот за бесплатниот школски превоз за 13 училишта во градот. Членови од училишниот одбор велат дека исто како и пред еден месец, нема расположение за прифаќање на овој предлог бидејќи Општината е таа што треба да прави јавни набавки за училиштата.

Директорот на средното техничко училиште, Драган Стојановиќ, за „Мета“ денеска изјави дека училиштето само ќе го распише тендерот, додека исплатата на парите ќе оди преку Општината.

– Исто како и досега, Општината ќе им плаќа на превозниците – рече Стојановиќ.

„Мета“ дојде до договорот што треба да го потпишат основните и средните училишта во Битола за организирање на бесплатниот школски превоз за учебната 2016-2017 година.

Во договорот се наведено дека врз основа на записникот од состанокот на директорите од основните и од средните училишта, формирана е комисија за јавна набавка и дека носителот на групната набавка, техничкото училиште, се обврзува технички, односно електронски да ја спроведе постапката на групната набавка, со помош на стручната служба за јавни набавки на Општина Битола.

Ако некое од училиштата се премисли и не го потпише договорот, тој ќе се смета за раскинат, за што ќе бидат известени градоначалникот Талески и Министерството за образование.

Градоначалникот Талески три месеци е во куќен притвор поради истрагата на Специјалното јавно обвинителство за сомнежи за криминал од 360.000 евра со тендерите за превозот на ученици.


Наставниците сами решаваат дали ќе ги оправдаат отсуствата поради земјотресите


Скопје, 14 септември, 2016 - 12:13 (META) 

Според информациите на „Мета“ од терен, и денеска во некои од одделенијата во училиштата во повеќе скопски општини на настава не се присутни сите ученици.

Дали отсуството на учениците поради земјотресите ќе биде оправдано или неоправдано, ќе зависи од индивидуалната одлука на секој класен наставник, бидејќи Министерството за образование нема официјален став во однос на отсуствата на учениците поради земјотресот.

И покрај тоа што неколкупати се обидовме да добиеме одговор од Министерство за образование за тоа како ќе се третира отсуството на учениците, оттаму не ни одговорија.

Според извори на „Мета“ од едно од основните училишта во општината Карпош, на учениците кои се отсутни ќе им биде побарано оправдание со кое ќе треба да го оправдат своето отсуство, бидејќи нема прогласено вонредна состојба. Но, повторно, како што велат, сè ќе зависи од класниот раководител.

Директорот на училиштето „11 Октомври“, Васко Лазаревски, пак, вели дека отсуствата на учениците поради земјотресите ќе бидат оправдани.

– Изостаноците ќе бидат оправдани бидејќи станува збор за природна појава што не може да се предвиди. Не може на ученикот да му се заведе неоправдано отсуство ако тој се чувствува дека неговата безбедност е загрозена – ни изјави Лазаревски.

Официјалниот став на Министерството за образование е дека училиштата нема да бидат затворени, а понатамошните постапки им зависат од насоките и од инструкции од Управувачкиот комитет за справување со кризи, како централно тело за справување со кризи.


Паниката ги проретчи училиштата, МОН чека инструкции од кризниот комитет


Скопје, 13 септември, 2016 - 11:11 (META) 

Официјален став од Министерство за образование за затворање на училиштата нема, но и покрај тоа, голем дел од родителите самоиницијативно одлучуваат да не ги носат децата на училиште и во градинка.

Според информациите на „Мета“ од терен, во некои од одделенијата во училиштата во повеќе скопски општини на настава се присутни половина или една третина од децата.

Од Министерството за образование велат дека тие не можат да донесат одлука за затворање на училиштата, ниту да влијаат врз индивидуалната одлука на родителите, туку чекаат инструкции од Управувачкиот комитет за справување со кризи, како централно тело за справување со кризи.

Управувачкиот комитет за справување со кризи вчера попладне одржа нов состанок во врска со серијата земјотреси, а по негова препорака Институтот за земјотресно инженерство и сезмологија Скопје (ИЗИИС) ги посети училиштата и градинките во Скопско.

Во некои училишта, дел од просториите се забранети за користење.

Некои од општините веќе презеле одредени мерки, па така градоначалникот на општината Ѓорче Петров, Сокол Митровски, свикал состанок со директорите на деветолетките. Тие го известиле дека презеле соодветни мерки предвидени за вонредни ситуации.

– Во училиштата беа поставени знаци (насоки) за движење при евакуација на децата и на персоналот. Испратени се пишани известувања во секоја училница за однесување на децата и на наставниците за време на земјотрес и одржани се две показни вежби на кои учество зедоа сите ученици и наставници од училиштата. Освен во ООУ „Димитар Поп-Георгиев Беровски“, каде што има одредени оштетувања на вториот кат од училиштето изградено во 50-тите години од миниот век и каде што наскоро ќе се преземат мерки за санирање на штетите, во другите училишта нема никакви оштетувања што можат да го загрозат непреченото одржување на редовната настава. Истата ситуација е и со објектите на градинките – информираат од Општина Ѓорче Петров.