!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Владата за две недели ќе објави 21 документ за поголема отвореност


Скопје, 31 октомври, 2017 - 16:17 (META) 

Владата на денешната седница го усвоила предлогот на Министерството за информатичко општество и администрација на веб-страниците на министерствата и на другите органи на државната управа да бидат објавени листа на акти и на материјали што министерствата согласно закон се обврзани да ги објават и навремено да ги ажурираат.

Станува збор за список од 21 документ, што во наредните 15 дена треба да бидат објавени на веб-страниците, информираше министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски.

– Анализите спроведени во 2016 година, покажуваат дека во поглед на отвореноста на извршната власт, Македонија е на последно место во регионот со исполнување на само 36 отсто од индикаторите во истражувањата. Имајќи ја во предвид целта на Владата за транспарентност и за отчетност во своето работење, се наметна потребата да се преземат конкретни мерки и активности за подобрување на оваа затекната состојба – рече Манчевски.

Помеѓу документите се буџетите, ревизорски извештаи, планови за јавни набавки, правилници за систематизација, списоци на лица вработени во институцијата со позиција, службен е-маил и службен телефон, консолидирани текстови од закони и подзаконски акти во надлежност на секое министерство, листа на информации од јавен карактер, биографии и најави на месечни настани или интернет-календар.


Работна група на Владата ќе го реформира системот за следење на комуникациите


Скопје, 27 септември, 2017 - 14:42 (META) 

Владата ќе формира меѓуресорска работна група која ќе треба да подготви решение за реформа на системот на следење на комуникациите, врз основа на препораките од експертската група на Рајнхард Прибе, кое ќе обезбеди заштита на правата на граѓаните и заштита од злоупотреби на прислушувањето.

Потребата за формирање на работната група била усвоена на вчерашната седница на Владата, а на предлог на Министерството за внатрешни работи.

„На предлог на Министерството за внатрешни работи, Владата на Република Македонија ја разгледа и ја усвои информацијата за потребата од формирање на меѓуресорска работна група за подготвување и за следење на имплементацијата на планот за реализација на препораките на групата високи експерти за системски прашања од владеење на правото во врска со следењето на комуникациите“, велат од Владата.

Според портпаролот на Владата, Миле Бошњаковски, крајната цел е јавно и транспаретно да се избере модел кој ќе биде најсоодветен да ги заштити сите граѓани и да не се дозволи да се повтори злоупотребата на системот за следење на комуникациите.

– Измените на Законот за следење на комуникациите е дел од сеопфатна реформа на законскиот и институционалниот систем за следење на комункациите, предвидена и во планот „3-6-9“ – рече Бошњаковски, на денешната прес-конференција.

Владата донела одлука оваа работна група да биде составена од претставници од овластените органи за следење на комуникациите, односно одделни министерства, Јавното обвинителство, судските органи надлежни за донесување на наредба за следење на комуникациите, претставник од Дирекцијата за заштита на личните податоци и од собраниската Комисија за надзор над спроведувањето на посебната истражна мерка следење на комуникациите, како и од други управи во надлежност на Владата.

Предвидено е во работата да биде вклучена и научната и стручната јавност од областа на кривичната постапка, Народниот правобранител, како и претставници на граѓански организации од оваа и од областа на човековите права.


Владата ги повика институциите да гарантираат слободни и фер избори


Скопје, 16 септември, 2017 - 14:14 (META) 

Во пресрет на локалните избори, Владата на својата 26. седница донела декларација за заложби за слободни и фер избори и усвоила упатства за постапување на министерствата и на инситуциите за време на изборен процес.

„Со упатствата се утврдуваат и насоките за начинот на постапување на министерствата, другите органи на државна управа и управни организации во врска со користењето на движните и недвижните предмети во државна сопственост за време на изборниот процес“, стои во соопштението од Владата.

Владата ги повикува сите органи на државната управа да ги преземат сите неопходни законски мерки, како и политички и институционални чекори за да го гарантираат неприкосновеното избирачко право на секој граѓанин.

„Со донесената декларација, Владата ги повика и вработените во органите на државната управа да пријавуваат евентуални случаи на притисок до надлежните органи, а доколку се утврдат злоупотреби ќе се преземат соодветни мерки“, се додава во соопштението.


Почнува двосменското работење во институциите и во градинките


Скопје, 1 септември, 2017 - 10:27 (META) 

Од денеска повеќе државни институции почнуваат со двосменско работење, во согласност со одлуката што ја донесе Владата. Управата за јавни приходи, Царинската управа, градинките, Управата за водење матични книги, службите за издавање лични карти и пасоши во МВР и одделенијата за одбрана во градовите и во општините во рамките на Министерството за одбрана се првите кои почнуваат со работа во две смени.

Работното време во овие институции ќе биде од 7 до 14.30 часот и од 14 до 21.30 часот, а ќе се работи и првата сабота во месецот, но само во една смена, од 8 до 16 часот.

Втора смена се воведува и во градинките, кои ќе загрижуваат деца до 21.30 часот.

Од денеска почнува и примената на одлуката за флексибилно работно време во Владата, министерствата и во органите на државната управа.

Како што соопшти Министерството за информатичко општество и администрација, секој вработен во Владата и во министертствата може да пристигне на работа помеѓу 7.30 и 8.30 часот и да замине од работа во периодот меѓу 15.30 и 16.30 часот.

За спроведување на мерката, секоја институција треба да обезбеди систем за евиденција на работното време, за контрола при влез и излез на вработените.

Од денеска на сила стапуваат и промените во Агенцијата за катастар на недвижности, каде покрај намалување на цените на услугите за 50 отсто, се укинува и плаќањето за повторно поднесување пријава во Агенцијата.

Од понеделник со ново работно време почнуваат и судовите и обвинителствата, кое ќе трае од 7.30 до 15.30 часот, наместо како досега – од 8.30 до 16.30 часот.


План за намалување на институционалната затвореност во Македонија и во регионот


Скопје, 11 август, 2017 - 13:30 (META) 

„Сеопфатен план за добро владеење за државните институции во Република Македонија“ е најновото издание изработено врз основа на истражувањето за степенот на отвореност на институциите во шест земји од регионот во рамки на проектот АКТИОН СЕЕ – Одговорност, технологија и мрежа на институционална отвореност во Југоисточна Европа, кој го спроведува Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“.

За да се измери степенот на институционалната отвореност, партнерите од АКТИОН СЕЕ, ги оценуваа институциите врз основа на: пристап до информации на официјалните веб-страници на институциите, квалитет на правната рамка за одделни прашања, други извори на информирање на јавноста, како и прашалници доделени на институциите.

Резултатите од истражувањето спроведено од октомври до крајот на декември 2016 година покажуваат дека просечната отвореност на извршната власт, вклучувајќи ги Владата, министерствата и другите извршни органи, во Македонија изнесува 36 отсто, a во регионот – 47 отсто. Македонското Собрание, пак, исполнува 59 проценти од индикаторите на отвореност, што е исто под просекот од 63 отсто отвореност на парламентите во регионот.

Судовите кај нас исполнуваат 52 проценти од индикаторите на отвореност, додека Судскиот совет е незначително подобар и исполнува 58 отсто од индикаторите на отвореност. Општините исполнуваат само 34 проценти од индексот на отвореност.

Врз основа на следењето на податоците и на наодите, се создаде сет на практични предлози за подобрување на степенот на отвореност на државните институции во Македонија, но и во Србија, Црна Гора, Албанија, Косово и во Босна и Херцеговина.


Владата ќе го дефинира своето и работното време на министерствата


Скопје, 4 јули, 2017 - 12:10 (META) 

Владата на Република Македонија денеска со почеток во 12 часот ќе ја одржи својата 12. седница, на која, меѓу другото, ќе разговара за утврдување распоред на работното време во Владата, министерствата и во другите органи на државната управа.

На седницата ќе се расправа и за состојбите и за напредокот во процесот на европската интеграција, за користењето и имплементација на фондовите од ЕУ, како и за статусот на реализација на приоритетите на РМ за влез во НАТО и за статусот на реализација на Рамковниот договор.

Ќе се разгледува и потребата за изменување на Националната стратегија и Акцискиот план за борба против тероризам, а на дневниот ред се и кадровски прашања.


Свилановиќ: Борбата против екстремизмот да се вгради во образованието


Загреб, 25 мај, 2017 - 16:11 (META) 

„Спречувањето на екстремизмот треба да биде вграден во наставните планови и програми на општиот образовен систем, но и надвор од наставните активности“, изјави денеска генералниот секретар на Регионалниот совет за соработка (РСС), Горан Свилановиќ.

– Младите се примарна цел на пропагандата на насилните екстремисти и за да станат поотпорни треба да се направат посебни координирани програми – појасни Свилановиќ, зборувајќи на собир во Загреб на кој присуствуваат претставници на министерствата за образование, наставници и експерти од земјите од Западен Балкан, меѓу кои и од Македонија.

На состанокот, како што соопшти РСС, се разговарало и за начинот како во наставата да се интегрира образованието за толеранција во општеството. Станува збор за наставни планови во основно и средно образование, но и надвор од наставни активности.

РСС, кој е меѓувладино оперативно тело на земјите од Процесот за соработка во ЈИЕ – (SEECP), веќе има воспоставено функционален систем, односно Група на национални контакт-точки за спречување и сузбивање на насилниот екстремизам и регрутирање на терористи.

Денешниот собир е само проширување на координираните активности околу ова прашање меѓу земјите од Западен Балкан.


Заев и Села разговарале за ресорските решенија во новата влада


Тетово, 22 мај, 2017 - 17:24 (META) 

Разговорите течат со сите политички партии и верувам дека ќе почнеме да разговараме и за ресорите и имињата на министрите, изјави денеска лидерот на СДСМ, Зоран Заев пред почетокот на средбата со лидерот на Алијансата на Албанците Зијадин Села.

– Јас се надевам дека ќе ги заокружиме важните принципи за она што е интерес за граѓаните на Република Македонија и за нашата заедничка земја. Драго ми е што во тој дел работите се движат во позитивен правец. Задоволен сум како течат работите, мене ми е драго што господинот Села е поздрав, за да можеме да влеземе во разговори со Алијансата за Албанците – изјави Заев.

По средбата ниту еден од лидерите не даде изјава за медиуми, а од СДСМ преку соопштение информираат дека теми на разговор биле принципите на соработка на новата реформска влада.

„Разговарано е и за првичните позиции околу ресорските решенија во Владата. Продолжуваат интензивни преговори со партиите од парламентарното мнозинство околу составот на новата Влада на Република Македонија“, кратко информираат од партијата.


Заев и Ахмети се договориле поинтензивно да се договараат


Скопје, 19 мај, 2017 - 16:29 (META) 

Лидерот на СДСМ и мандатар, Зоран Заев, и претседателот на ДУИ, Али Ахмети, денеска не разговарале за кадровските решенија за ресорните министерства и оваа тема е оставена за наредните средби, стои во кусото соопштение од СДСМ по средбата на двајцата лидери.

Теми на денешната средба, која е прва во рамките на преговорите помеѓу СДСМ и ДУИ за составување нова влада, биле принципите на соработка, реформската влада и НАТО-интеграциите.

„Во наредниот период ќе се интензивираат динамиката и разговорите помеѓу двете партии, вклучително и со партиите што дадоа поддршка за состав на новата влада на Република Македонија, по што ќе се премине на конкретните решенија за ресорните министерства“, стои во соопштението од СДСМ за средбата.


Извршната власт во Македонија со најнизок степен на отвореност во регионот


Скопје, 30 март, 2017 - 12:39 (META) 

Извршната власт во Македонија е на последно место во регионот според степенот на отвореност, покажува истражувањето направено во рамки на проектот „Актион СЕЕ“ имплементиран од Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“.

Според Тамара Ресавска, проектен координатор во „Метаморфозис“, анализата е направена врз основа на веб-страниците на институциите, законската регулатива, подзаконските акти и прашалници испратени до институциите.

– Македонија стои најниско во регионот според отвореноста на извршната власт, односно има 36 отсто отвореност според индикаторите, што е поразително. Треба да се работи повеќе на имплементација на преземените обврски. Законот за пристап до информации од јавен карактер е одличен и се наоѓа на високо место, но имплементацијата е слаба. Институциите ги игнорираат и не одговараат на барањата од новинарите за информации од јавен карактер – вели истражувачот Данче Даниловска.

Според истражувањето, македонската влада е на последното место во регионот и исполнува 52 отсто од индикаторите и притоа воопшто не е транспарентна со владините седници, не се објавува дневниот ред, нема записници од седниците ниту, пак, документи.

Отвореноста на министерствата, исто така, е најмала во регионот и исполнува само 32 отсто од индикаторите. Најслабо рангирано министерство, според отвореноста, е Министерството за одбрана, а највисоко котира Министерството за труд и за социјална политика.

– Во делот за јавни набавки, министерствата објавуваат само 13 отсто од годишните планови за јавни набавки. Уште попоразителна е состојбата со другите извршни органи, кои имаат 25 отсто отвореност, а нивната интеракција со граѓаните е најниска во регионот, односно изнесува 11 отсто – вели истражувачот Нада Наумовска.

Истражувањето за извршната власт е спроведено регионално во шест земји од Западен Балкан, во периодот од октомври до декември 2016 година, за да се види колку институциите се придржуваат до стандардите на отвореност. Во Македонија се анализирани 112 институции, а денеска беа презентирани податоците за владата, 15 министерства и за 39 извршни органи. Вакви истражувања ќе се повторат во 2017 и во 2018 година, по што ќе произлезат препораки за институциите како да ја подобрат отвореноста.