Шекеринска: Убедени сме дека до Самитот на НАТО ќе обезбедиме поддршка од сите членки


Скопје, 22 јуни, 2018 - 14:22 (META) 

Министерката за одбрана Радмила Шекеринска е убедена дека на Самитот на НАТО, што треба да се одржи на 11 и 12 јули во Брисел Македонија ќе ја обезбеди поддршката од сите членки на Алијансата за да ја добие поканата за членство. Според Шекеринска, земјава исполнила големи домашни задачи, што, според неа, се силни аргументи во полза на нашето членство во Алијансата.

– Доколку тоа се случи, мислам дека и во поглед на Македонија ќе се почитува процедурата која важи и за другите земји членки и оти тој период би бил од една до една и пол година, во зависност од тоа каква е процедурата во државата и во земјите членки – рече Шекеринска, одговарајќи на новинарско прашања по потпишувањето на договор за времено користење на простории во Домот на АРМ од страна на Сојузот на борците од НОБ и антифашистичката војна на Македонија.

Во врска со тоа дали референдумот што би се организирал би бил консултативен или обврзувачки, министерката за одбрана посочи дека за ова ќе се прават консултации во Собранието и со опозицијата и ќе биде донесена одлука која ќе биде добра, не за поединечни политички партии или личности, туку за Македонија.

– Референдумот ќе биде важен дел и ќе ги поканиме, не политичарите, туку граѓаните на оваа држава сите да се вклучат и да дадат поддршка на европска и евроатланска Македонија – рече Шекеринска.

Според неа, за она што го сработила Владата и за позитивните промени сведочи и вчерашната одлука на Холандија, која како што рече е најстрога членка, во однос на исполнувањето на критериумите за членство да даде поддршка за одредување датум за почеток на преговорите.


Хан: Несоодветно е претседател да одбие разговор со премиер, треба одговорност


Брисел, 14 јуни, 2018 - 9:32 (META) 

Несоодветно е за претседател на држава, да одбие да разговара со премиер, со министер за надворешни, за да добие информации од прва рака, вели еврокомесарот за проширување и добрососедска политика Јоханес Хан, во интервју за МИА.

„Мислам дека премиерот и министерот за надворешни целосно ги почитуваа уставните насоки и можам само да го повикам итно претседателот да преземе одговорност. Ова не е прашање на прифаќање, но во демократија може да очекуваме да се слушаат луѓето меѓусебно и да дискутираат и не треба да се заборави дека шеф на држава е на некој начин модел за многу луѓе во една земја. Претседателот како директно избран има специјална позиција и одговорност и треба да е свесен за ова, инаку и наштетува на функцијата“, вели Хан.

Тој и порачува на опозицијата дека треба внимателно да го простудира договорот.

„Треба да дискутира со Владата, зборуваме за тема која е од национален интерес, има непосреден ефект врз иднината на земјата и нејзината евроатлантска перспектива. Тоа не беше мала пречка, тоа беше планина и сега таа е отстранета. Се разбира, не сакам да го проценувам исходот на овој договор, но таква е природата на преговорите и на компромис, секој треба да отстапи, но генерално се чини дека исходот е доста поволен за вашата земја. Но уште еднаш, ова треба да биде проценето од сите, мое скромно барање е дека секој треба да е свесен за историската димензија и долгорочниот импакт врз развојот на оваа земја и условите на живот и можностите за нејзините граѓани“, додава Хан.

Во однос на одлуката на Советот за старт на преговорите во јуни, Хан очекува дека „ако се ова сега е потпишано и договорено, дека ќе има импакт во заклучоците на Советот.

Очекува, по препораката за преговори, да почнат подготовките за старт на преговори.

„Ништо не можам да гарантирам стопроцентно. Секогаш сум многу внимателен кога треба да се вети нешто, но имам многу, многу добро чувство, а обично можам да им верувам на моите чувства“, додаде тој.


Тачи: ДПА влегува во Владата со министер без ресор


Тетово, 15 мај, 2018 - 14:01 (META) 

Пред почетокот на Централното собрание на ДПА денеска во Тетово, претседателот на партијата Мендух Тачи, рече дека имаа конкретна и коректна понуда од премиерот Зоран Заев за ДПА како дел од владината коалиција, јави МИА.

Станува збор за позицијата министер без ресор задолжен за економија и странски инвестиции и заменик министер за транспорт и врски, додека за другите позиции формирани се работни групи за да се договорат и овие кадровски решенија.

– Мислам дека нема да му биде тешко на Централното собрание да одлучи, поаѓајќи од конструктивното однесување на ДПА за време на политичката криза и конструктивниот пристап на новата Влада за реформи и особено за интеграциските процеси за кои имаме точни информации дека ќе имаат позитивен напредок и затоа се надевам дека Централното собрание ќе донесе позитивна одлука – рече Тачи.


Фазлиу и претставници на 11 општини во Брисел на состанок на Комитетот на регионите


Брисел, 4 мај, 2018 - 10:53 (META) 

Министерот за локална самоуправа Сухејл Фазлиу, градоначалникот на Штип, Благој Бочварски и претставници на уште 10 општини од Македонија се во Брисел на состанок на Заедничкиот консултативен комитет меѓу Република Македонија и Комитетот на регионите на ЕУ.

Фазлиу на 14-тиот состанок на Заедничкиот консултативен комитет вчера, се заблагодари на Европската Комисија (ЕК) за силната поддршка во спроведувањето на реформите за интеграција на Македонија во ЕУ, како и за препораката до Советот на ЕУ да донесе одлука за почнување пристапни преговори со Република Македонија.

-Децентрализацијата на власта е приоритет на Владата на Република Македонија. Во Извештајот на ЕК е нотиран напредок поврзан со испораката на јавни локални услуги што се финансираат со блок дотации, вклучувајќи го зголемувањето на буџетските трансфери за општините за оваа година за 6,4%, како и зголемените средства за поттикнување на рамномерен регионален развој – рече тој.

Фазлиу истакна дека основниот плански документ на македонската влада за натамошен развој на локалната самоуправа, Програмата за оддржлив локален развој и децентрализација се ревидира, а паралелно се финализираат и активностите за изработка на нов Акциски план за периодот 2018-2020, преку меѓуресорска консултација и во соработка со ЗЕЛС.

На состанокот говореше и градоначалникот на општина Штип Благој Бочварски, кој е копретседавач на комитетот.

Тој истакна дека сега е вистинскиот момент да продолжат започнатите реформи и на централно и на локално ниво.

-Соочени сме со значајни предизвици како што е децентрализацијата и соодветното финансирање на општините, искористувањето на европските фондови и развивањето на локалната демократија – рече Бочварски.

Денеска членовите на Заедничкиот консултативен комитет ќе учествуваат на тематската пленарна седница „Денот на проширување”, на која е најавено обраќање на еврокомесарот за проширување Јоханес Хан, како и на претседателот на Европскиот комитет на региони, Карл-Хејнз Ламберц.


Почина поранешниот вицепремиер Абдилаќим Адеми


Скопје, 16 февруари, 2018 - 9:37 (META) 

По тешко боледување, синоќа почина Абдилаќим Адеми, член на ДУИ и поранешен висок државен функционер.

Од 2008 година Адеми беше вицепремиер задолжен за спроведување на Рамковниот договор, од 2011 до 2014 година беше министер за животна средина и просторно планирање, а од 2014 до 2016 година ја извршуваше функцијата министер за образование и наука.

Од 2002 до 2006 беше пратеник во Собранието на Република Македонија. Беше член на ДУИ од основањето на Централниот одбор и претседател на огранокот на ДУИ за општина Јегуновце.

Роден е на 20 декември 1969 година во тетовското село Шемшево. Дипломирал на Политехничкиот факултет во Тирана, а во Германија на Техничкиот универзитет стекнал обука во Институтот за градежни и стаклени материјали.

Адеми беше оженет и татко на еден син.

Ќе биде погребан денеска на пладне на гробиштата во неговото родно село Шемшово.


Бектеши и Петкова во Бугарија разговараат за енергетско и за инфраструктурно поврзување


Софија, 24 октомври, 2017 - 14:34 (META) 

Министерот за економија, Крешник Бектеши, е во официјална посета на Бугарија, на покана на бугарската министерка за енергетика, Теменужка Петкова.

На средбата, двајцата министри ја истакнале добрата соработка помеѓу двете земји во областа на енергетиката, безбедноста на снабдувањето со енергија, диверзификацијата на енергетските извори, како и важноста на новите интерни врски и регионалната соработка.

„На состанокот беше особено истакнато преземањето на претседателство со Советот на Европската Унија од страна на Бугарија од 1 јануари 2018 година, со фокус на Западен Балкан, при што бугарската страна изрази подготвеност да ја поддржи Македонија во инфраструктурните инвестиции во областа на енергијата и нејзиниот пат кон интеграција во структурите на ЕУ“, информираат од Министерство за економија.

Според бугарската министерката за енергетика, за Балканскиот Регион голем проблем е недоволната инфраструктура, а Бугарија активно работи на надминување на овој недостаток.

За време на престојот на министерот Бектеши во Софија, се одржа и првиот состанок на работната група помеѓу македонските и бугарските делегации во рамките на меморандумот за соработка во областа на природниот гас, потпишан на 1 август во Скопје.

Тогаш се разговараше и за можностите за изградба на нова интерна врска меѓу Македонија и Бугарија на полето за природен гас, вклучувајќи ги и техничките, финансиските и регулаторните аспекти на нејзиното градење.


Заев би го вратил Таравари на министерската функција ако не стане градоначалник


Скопје, 15 септември, 2017 - 20:51 (META) 

Премиерот Зоран Заев е подготвен да го врати Арбен Таравари за министер за здравство ако тој изгуби во градоначалничката трка, без оглед што самиот си поднесе оставка. Гостувајќи во емисијата „Топ-тема“, Заев рече дека не е проблем Таравари да се врати ако загуби на изборите, оти демократијата подразбира право за битка за гласовите на граѓаните.

Тој нагласи дека, пред сè, локалните избори се битка на личности.

– Во овој човек гледам квалитетен министер. Оставете ги луѓето слободно да ги донесуваат одлуките. Мојата демократска поставеност како шеф на оваа влада има граници. Да не преминеме во диктаторство. Не би сакал да се откажам од квалитетен човек ако изгуби – порача Заев.

 


Таравари: Ако гостиварци не ми веруваат, се враќам на лекарската професија


Скопје, 10 септември, 2017 - 10:59 (META) 

Министерот за здравство во заминување, Арбен Таравари, во неделното интервју на „Радио Слободна Европа“ зборува за проблемите во ресорот што ги затекна и со кои се справуваше, како и за својата кандидатура за градоначалник на Гостивар.

– Сега е моментот да видам колку тежам и вредам во мојот град. Ако тие ми веруваат и ми дадат гласови, ќе знам дека вредам во политиката. Ако не ми дадат гласови и мислат дека не треба да продолжам во политиката, јас си имам златен занает – вели министерот за здравство во заминување.

Арбен Таравари, кој важи за истакнат стручњак во својата професија, верува дека во Министерството за здравство ќе има континуитет по него.

– Точно е дека нема да стигнам да ги видам првите резултати од тримесечното работење на директорите, меѓутоа јас мислам дека во Министерството ќе има континуитет и за тоа гарантирам, и во здравствените политики и во идеите што јас ги почнав во првите 100 дена, така што, кој било да е мој наследник, јас се надевам дека тој ќе продолжи по истиот пат, ќе се трасираат и ќе се очекуваат истите резултати што јас ги почнав во првите 100 дена, така што граѓаните нема да почувствуваат дека има некаква промена, само личноста ќе биде друга – вели Таравари.

Запрашан за смртните случаи во текот на неговото министерување, вклучително и за мртвороденчињата, Таравари вели дека комисијата формирана уште пред неговиот мандат, а потоа преоформена во нов состав, треба да даде решенија, односно препораки.

– Пред јас да дојдам за министер, имаше комисија која требаше да ги разгледува овие случаи и да направи одреден акциски план, меѓутоа, за жал, таа комисија не се имаше сретнато речиси две години. Сега направивме нова комисија која ќе се занимава само со смртта на доенчиња. Комисијата ќе даде одреден акциски план, кој Министерството ќе треба да го спроведе, сè со цел до 2021 година да имаме како предизвик да ја намалиме смртта на доенчињата до 20 отсто. Не само Министерството, туку и повеќе невладини организации во Македонија ни стојат на располагање за ова, бидејќи еден од индикаторите кој кажува колку е добра и стабилна здравствената политика во една држава е смртноста на доенчињата. Комисијата веќе е назначена, тие што поскоро треба да дадат одредени чекори и мерки што треба да ги преземеме ние како администрација за да ја достигнеме таа цел, да ја намалиме смртта на доенчињата за 20 отсто за четири години – вели министерот за здравство во неделното интервју за „Радио Слободна Европа“.


Николовски во Кавадарци вети дополнителни субвенции за лозарите


Кавадарци, 9 септември, 2017 - 19:59 (META) 

Mинистерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски, денеска соопшти дека на првата наредна седница Владата ќе донесе одлука за дополнителни директни плаќања за произведено и предадено грозје во домашните винарски визби.

Тој беше во Кавадарци на традиционалната манифестација во чест на грозјето и виното „Тиквешки гроздобер“.

– Висината на субвенцијата ќе биде определена на самата седница на Влада. Со оваа мерка ќе бидат опфатени сите земјоделски стопанства што до 15 септември пријавуваат површини за лозје и кои произведеното и предадено грозје ќе го дадат во домашните винарски визби – рече Николовски.

Како што рече, според податоците од Државниот инспекторат за земјоделство, заклучно со 5 септември откупени се околу 16 милиони килограми грозје, од кои најголемиот дел се од сортите вранец и смедеревка.

– Би сакал да им порачам на лозарите дека грозјето од годинешната реколта ќе биде целосно откупено од винарските визби, а исплатата за откупеното грозје ќе се реализира според законските одредби и прописи. Државниот инспекторат за земјоделство ги зајакнува контролите на откупните пунктови на грозје за да нема манипулации со откупните цени – рече министерот за земјоделство.

Порача дека уште во првите 100 дена на новата влада се зголемени субвенциите за одржување на лозови насади за 10 отсто по хектар, како и дека за одржување на површини со лозови насади по Програмата за 2016 година се исплатени 8,7 милиони евра, а за вкупно 13 винарски визби за откупено грозје се исплатени субвенции од 700.000 евра.


Сугарески се пофали со 188 милиони евра грантови обезбедени за 100 дена


Скопје, 9 септември, 2017 - 17:10 (META) 

За само 100 дена успеавме да обезбедиме 188,4 милиони евра грантови – неповратни средства за подобрување на патната, железничката и на комуналната инфраструктура, рече министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески, денеска во своето обраќање до јавноста по повод 100 дена на функцијата.

Тој рече дека би можел со часови да зборува за ситуацијата што го затекнала него и неговиот тим по стапувањето на функцијата, но нема намера да зборува за тоа.

– Но, денеска нема да зборувам за лажните ветувања на претходната влада, ниту пак ќе се жалам. Едноставно, тоа не сум јас и тоа не е мојот стил на работа. Заедно со мојот тим ги детектиравме аномалиите и се фативме во костец со проблемите. Се посветивме на наоѓање решенија, притоа не обрнувајќи внимание на критиките на тие што имаа 10 години на располагање да покажат што знаат и умеат. Не е наше да се занимаваме со тие што ја изгубија довербата на граѓаните и ги изневерија очекувањата, наше е да сработиме и да исполниме тоа што сме го ветиле – рече Сугарески.

Тој порача дека Република Македонија станала дел од Транспортната заедница, составена од земјите од Западен Балкан и ЕУ, како и со воведување нови авионски линии. Рече и дека е работено за успешно заокружување на проектот за легализација на дивоградби преку воведување на принципот на праведност и на достапност до сите граѓани еднакво.

Сугарески се пофали со 131 милион евра неповратни средства од ЕУ за доизградба на пругата кон Бугарија, односно 70 милиони евра на самитот во Трст за делницата од Бељаковце до Крива Паланка и преку Оперативната програма за транспорт 2014-2020 од Европската Унија, уште речиси 61 милион евра за последниот дел, односно делницата од Крива Паланка до Деве Баир.

– Со меморандумот што го потпишавме со Министерството за транспорт и комуникации на Бугарија се обврзавме и двете земји најдоцна до 2027 година да имаме изградено комплетно нова пруга со што ќе го засилиме економскиот развој на регионот – рече Сугарески.

Тој ја спомена и изградбата на пругата од Битола до Кременица, како и повеќе патишта, односно, како што рече, отстранети се проблемите и ќе продолжат изградбите на експресните патишта и автопатиштата, како и патишта од понизок ранг.