!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Тевдовски: Од 2019 година ќе почнеме со среднорочно буџетирање


Виена, 16 јануари, 2018 - 15:50 (META) 

Од 2019 година сакаме да почнеме со среднорочно буџетирање, да излеземе од рамките во кои се планира само тековната фискална година и да имаме план за следните три или четири години, најавил денеска министерот за финансии Драган Тевдовски во своето обраќање на главниот панел на конференцијата „Јуромани“, најголемата конференција од областа на финансиите во Централна и Источна Европа, која се одржува 23 година по ред во Виена.

Според министерот, на оваа реформа ќе се работи во соработка со Меѓународниот монетарен фонд.

Тевдовски исто така истакнал дека Македонија издаде еврообврзница со историски најниска камата, но и дека интересот бил огромен.

– Прво, интересот на инвеститорите беше огромен, имаше огромна побарувачка од 3,5 милијарди евра или 7 пати поголема од понудата. Ова е јасен сигнал дека меѓународните инвеститори позитивно ја оценија перспективата на македонската економија. Второ, постигнавме историски најниска камата. Ова е јасен сигнал дека во минатото економските политики не биле најуспешни и поради тоа можеби сме плаќале повисока цена за еврообврзниците. Третата работа која би ја истакнал е дека Македонија сега за првпат влезе во проактивно управување со јавниот долг, ја рефинансиравме еврообврзницата која доспева 2020 година, предвреме исплаќајќи ја третината од неа која доспеваше наредните години, по двојно пониска камата – рекол Тевдовски.


Тевдовски: Најновата еврообврзница е со досега најниска каматна стапка


Скопје, 12 јануари, 2018 - 16:31 (META) 

Парите од еврообврзницата, со која Македoнија на странскиот пазар се задолжи за половина милијарда евра, ќе бидат потрошени за покривање на буџетскиот дефицит, враќање на стари долгови, реализација на капитaлни инвестиции, зголемување на средствата за одбраната и за зголемени плати во образованието и здравството, информираше денеска министерот за финансии, Драган Тевдовски.

Според него, историски најниската каматна стапка од 2,75 проценти за еврообврзницата е показател дека на меѓународниот финансиски пазар и меѓу инвеститорите постои доверба во перспективите на македонската економија и стабилноста на земјата.

Просечната каматна стапка на претходните еврообврзници изнесуваше 5,34 проценти.

– Парите од оваа евробврзница нема да се трошат за непродуктивни работи, споменици и фасади. Дел од овие пари ќе се потрошат и за покривање на стари долгови по овие ставки. Во буџетот, кој што е изгласан од Собранието, е проектирано за кои капитални инвестиции ќе бидат потрошени парите – нагласи министерот за финансии.

Тој додаде дека, првпат во историјата каматната стапка на еврообврзницата е пониска од проектираниот пораст на економијата од 3,2 проценти. Со еврообврзницата ќе бидат вратени и претходно направени долгови, па така на 29 јануари ќе се отплати првата рата на „Пи би џи“ (PBG) кредитот земен во 2013 година во износ од 95 милиони евра.

– Исто така, ги искористивме поволните услови на меѓународните пазари и срушивме дел од огромниот ѕид на долгови со кои се соочува Македонија во 2020 година. Предвреме вративме една третина од еврообврзницата од 270 милиони евра издадена во 2015 година, која достасува во декември 2020, и чија што каматна стапка на издавање од 4,875 проценти е значително повисока од каматна стапка на новоиздадената еврообврзница од 2,75 проценти. Со ова го намаливме долгот кој достасува во 2020 година и обезбедивме значително понизок ризик на рефинансирање – додаде Тевдовски.

Тој појасни дека, имајќи предвид што со еврообврзницата враќаме речиси 200 милиони евра претходно наталожени долгови, нето-задолжувањето со оваа еврообврзница изнесува околу 300 милиони евра.

На новинарско прашање во однос на транспарентноста на целата постапка за задолжување со еврообврзницата, министерот за финансии рече дека и при претставувањето на буџетот во Собранието најавил дека дефицитот ќе се финансира од позајмување од домашниот или од странските пазари, но под услов каматните стапки да се поволни.

Одлуката за новото задолжување била објавена во Службен весник, но не е најавена на прес-конференција оти ако било соопштено дека се планира издавање на еврообврзница, тоа би можело да ја крене цената, бидејќи станува збор за ценовно чувствителна информација.

– Со тоа што излеговме на меѓународен пазар, средствата на домашните банки ги оставивме слободни и може да се употребат за финансирање во домашната економија – дополни Тевдовски.


Заев им порача на инвеститорите: 2018-та нема да биде изборна, туку година на работа


Скопје, 2 јануари, 2018 - 17:03 (META) 

Премиерот Зоран Заев рече дека 2018 ќе биде година на економски развој и инвестиции и им порача на домашните компании да инвестираат, бидејќи нема да има избори, туку ќе биде година на работа.

Првата работна средба во оваа година Заев ја оствари со министерот за финансии Драган Тевдовски, кој го информирал дека вкупната реализација на капитални инвестиции за 2017 година изнесува 83,6 проценти односно 19,8 милијарда денари што е највисок процент на реализација од 2013 година.

Премиерот додаде дека овие средства се директно дадени во стопанството, и оттука очекува отворање на нови работни места, пораст на домашниот бруто-производ за и граѓаните да ги почувствуваат економските ефекти и подобрување на проходите во семејниот буџет.

realizacija na kapitalni rashodi

– Не е време за избори, време е за работа. Во 2018 година ќе има стабилно парламентарно мнозинство и оттука една порака до инвеститорите да си прават планови за инвестиции и да преземат храбри чекори. Оваа година ќе биде кулиминацијата во звршувањето на политичката криза. Рекапитулацијата на 2017 година и почетокот на оваа година, ни дава за право да најавиме добра економска година – порача Заев.

Тој информираше дека најголем дел од капиталните средства биле за отплата на стари долгови и отпочнување на нови проекти.

– Севкупните приходи се зголемени во однос на 2016 што е сериозен индикатор за заздравување на економијата по политичката криза. Домашното стопанство и компаниите го препознаа моментот на надминување на политичката криза и економски се раздвижија – додаде Заев.

Министерот за финансии, Драган Тевдовски кажа дека 2018 година ќе биде добра за македонската економија, бидејќи се враќа довербата на инвеститорите, но има и придвижување на приватните инвестиции што претходно не било случај.

– Стабилизацијата на политичката состојба ја враќа довербата на инвеститорите и се очекува силно придвижување на приватните инвестиции, кои што изостануваа во претходниот период. Реализацијата на капиталните инвестиции во буџетот во 2017 година е на највисоко ниво, а наплатата на даноците е зголемена –  рече Тевдовски.

Тој додаде дека во 2017 година се остварил одличен резултат, ако се земе предвид дека, во првата половина на годината беше остварена многу слаба реализација на капиталните расходи.


Предлог-буџетот за 2018 година првин на јавна расправа, а потоа во Собрание


Скопје, 31 октомври, 2017 - 15:23 (META) 

Министерството за финансии го подготвило предлог-буџетот за 2018 година, а пред да го достави до Владата, првин ќе го презентира пред јавноста, на јавна расправа, која ќе се одржи в четврток, соопшти министерот за финансии Драган Тевдовски, по одбележувањето на Светскиот ден на штедењето, организирано од Здружението на банкарство во Стопанската комора на Република Македонија.

– Законска обврска на Владата е предлог-буџетот да го достави до Собранието до 15 ноември. Првпат досега ќе се организира јавна дебата, на која ќе ги претставиме контурите на предлог-буџетот за наредната година – изјави Тевдовски, одговорајќи на новинарски прашања.

Тој рече и дека предвидениот буџетски дефицит е 2,8 отсто од домашниот бруто-производ, што, како што рече, е за нијанса помалку од кусокот на годинашниот буџет.


Делев: Тевдовски ја задолжи државата за 43,9 милиони евра за да покрие буџетски дупки


Скопје, 15 август, 2017 - 16:54 (META) 

Владата на СДСМ за овој период ниту еднаш не се обиде да го намали јавниот долг како што ветуваше туку напротив, се повеќе долгот се продлабочува, обвини Христијан Делев на партиска прес-конференција во седиштето на ВМРО-ДПМНЕ.

–  Владата на СДС и Тевдовски денес се задолжија за нови неверојатни 2,7 милијарди денари односно 43,9 милиони евра.  Заедно со денешната аукција за овие три месеци министерот Тевдовски има издадено државни хартии во вкупна вредност од 145 милиони евра. Средствата се собираат директно од македонските банки, кои наместо да се користат за кредитирање на македонското стопанство,  се користат за покривање на буџетската дупка – рече Делев.

Тој рече дека владата на СДСМ го покажала вистинското лице со ребалансот на буџетот, којшто предвидува дополнително задолжување од 150 милиони евра, а згора на тоа, почнале да ги намалуваат и девизните резерви.

– Владата на Заев мора да запре со неконтролираното задолжување и да одговори на македонската јавност каде парите ќе бидат искористени – порача Делев.


Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ со транспаренти додека Тевдовски говереше за буџетот


Скопје, 1 август, 2017 - 13:05 (META) 

Министерот за финансии, Драган Тевдовски, на првата пленарна седница за ребалансот на буџетот пред пратениците во Собранието ја образложи целта на ребалансот.

Додека траеше експозето на Тевдовски, пратениците од ВМРО-ДПМНЕ кренаа транспаренти на кои главната порака беше дека „се крати од Македонија“ и беа наведени сумите што е предвидено да се скратат со ребалансот на буџетот. На транспарентите имаше и хаштаг „Пројде живот“.

Тевдовски рече дека основната цел на ребалансот на буџетот е да се зголеми животниот стандард на граѓаните и да се поддржат домашните претпријатија.

– Со ребаланост на буџетот предвидено е обезбедување на средства за реализација на владините мерки на краток рок, како што се зголемување на минималната плата на 12.000 денари, решенија за стечајците, поддршка за претпријатијата, земјоделците, укинување на радиодифузната такса – рече Тевдовски.

Тој додаде дека при правењето на ребалансот имале одредени ограничувања, како што се склучување договори за тековни или идни проекти кои ако се раскинат, државата ќе плаќа пенали. Затоа, скратиле на непродуктивни трошења, службени патувања, репрезентации и сл.

Вкупните расходи со ребалансот на буџетот се проектирани на 203.312.000 денари, приходите на 184.745.000 денари, а дефицитот 18.567.000 денари.

Во однос на задолжувањето, Тевдовски рече дека тоа ќе биде од домашниот пазар на хартии од вредност, но и ќе се следат каматите на меѓународниот пазар на капитал за да се обезбедат поволни кредити.

Тевдовски информираше дека економскиот пораст во првиот квартал од годината изнесувал нула проценти, а за целата година се предвидува 2,2 проценти пораст на домашниот бруто-производ.

Претседателката на Комисијата за финансирање и буџет, Лилјана Кузмановска, која е од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, изјави дека нејзината партија и граѓаните се увериле дека овој буџет не е реформски.

– Се кратат капиталните инвестиции кои значат економски пораст и развој, а на сметка на тоа се зголемуваат платите и се отвораат позиции за да се вдомат партиски лица – истакна Кузмановска.


ВМРО-ДПМНЕ: Граѓаните од оваа влада видоа само долгови


Скопје, 25 јули, 2017 - 10:13 (META) 

„Граѓаните од оваа влада за овој период од реформи видоа само долгови. Владата на СДС безмилосно ја турка државата во долгови. Од ден на ден долговите на Република Македонија рапидно и енормно се зголемуваат. СДС успеа за неполни два месеца граѓаните да ги задолжи за 70-тина милиони евра“, порача ВМРО-ДПМНЕ преку сопштение денеска.

Од опозициската партија велат дека Владата предводена од СДСМ предвидела и задолжување 150 милиони евра поголемо од предвиденото. Истовремено, обвини дека министерот за финансии, Драган Тевдовски, и Зоран Заев на прес-конференција искажале лаги „дека владата на ВМРО-ДПМНЕ оставила наводен скриен долг од 1 милијарда евра“, а во таа сума ги прикажале и долговите на општини и на локални јавни претпријатија. Притоа, во сумата внеле и обврски кои сè уште не се доспеани за наплата, се вели во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ.


Тевдовски е најголем ризик за македонската економија, велат од ВМРО-ДПМНЕ


Скопје, 21 јули, 2017 - 15:35 (META) 

Министерот за финансии, Драган Тевдовски, е елементарна непогода и најголем ризик за македонската економија, изјави на прес-конференција Соња Гелова-Стојанова од ВМРО-ДПМНЕ.

Таа додаде дека Тевдовски и СДСМ не кажуваат дека долгот од 180 милиони евра на централната власт се, всушност, обврски врз основа на повеќегодишни јавни набавки, податок што редовно постои и се ажурира во Министерството за финансии.

– Притоа економските оператори доброволно се пријавувале на објавените повици за тендери и ги прифаќале тендерските услови, така што повторно не може да стане збор за скриен долг. Тоа значи дека се работи за средства кои во согласност со динамиката, државата ги исплаќала и треба да продолжи да го прави тоа – изјави Гелова-Стојанова.

Таа, исто така, нагласи дека Тевдовски „срамно“ се обидел да ги припише на ВМРО-ДПМНЕ долговите што ги правел неговиот сопартиец Александар Петревски, како поранешен градоначалник на Охрид.


Завршната сметка на буџетот во сенката на дуелот Џафери – Тевдовски


Скопје, 14 јули, 2017 - 17:46 (META) 

Откако во попладневното продолжение по паузата Собранието ја забрза работата експресно изгласувајќи ги, без гласови против, претседателите и членовите, како и нивните заменици, на комисиите на Собранието и составот на делегациите на Собранието, почна расправата за завршната предлог-сметка на буџетот на Република Македонија за 2016 година.

Неа ја образложи министерот за финансии, Драган Тевдовски, кој го надмина времето од 15 минути, па беше предупредуван од претседателот на Собранието, Талат Џафери, да престане, по што уследи препирка, а Џафери, сепак, му даде уште една минута на говорникот.

По неколку реплики од пратениците на опозицијата, кои гo oспоруваа тоа што тој го рече на сметка на претходната власт, Џафери ја прекина осмата седница и прогласи пауза до 17 часот, кога, како што рече, ќе се почне со деветтата седница, на која единствена точка на дневен ред е ребалансот на буџетот.

Тевдовски рече дека економскиот пораст од 2,4 отсто во 2016 година е најслаб од земјите во опкружувањето и дека инвестициите во 2016 г. забележале пад од 4,3 проценти. Министерот за финансии рече и дека јавниот долг лани бил зголемен за 484 милиони евра во однос на 2015 година.

Џафери неколкупати го предупреди министерот дека времето од 15 минути му истече, а потоа му го исклучи и микрофонот и долго му објаснуваше на Тевдовски дека нема ништо лично против него, туку дека го прекинал поради надминување на времето.

Уследија реплики од неколку пратеници на ВМРО-ДПМНЕ, кои контрираа на заклучоците на Тевдовски за клучните настани во поглед на буџетот и на БДП, а беше речено и дека за месец и половина власта на СДСМ ги задолжила граѓаните со 32 милиони евра, па ако продолжи со ова темпо, до крајот на годината ќе дојде до 650 милиони евра дополнително задолжување.


СДСМ: Миноски побара 16,1 милиони евра, но ги задолжи граѓаните 24 милиони евра повеќе


Скопје, 24 јануари, 2017 - 15:38 (META) 

Недозволиво е министерот за финасии во заминување, Кирил Миноски, да ги задолжи граѓаните со преку 24 милиони евра повеќе од пристигнатите обврски за плаќање, без да објасни зошто, се вели во соопштението на СДСМ.

Во него се додава дека Миноски побарал 16,1 милиони евра за доспеаните обврски, но ги задолжи граѓаните со 24 милиони евра повеќе.

– За само 24 дена, министерот за финансии во заминување им натовари на граѓаните нов нето-долг од речиси 40 милиони евра. Како да е малку ова, Кирил Миноски на меѓународна конференција пред неколку дена најави дека сакал да издаде нова еврообврзница – се вели во соопштението на СДСМ.