ССМ: Нормата повеќе нема да биде основа за исплата на минималната плата


Скопје, 9 мај, 2018 - 10:57 (META) 

Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) денеска соопшти дека Уставниот суд минатиот месец ги укинал членовите од законот во делот за нормираниот учинок. Со ова, според ССМ, ќе се овозможи исплатата на минималната плата за сите работници во државата, без условување со остварување на нормата наметната од работодавачот.

ССМ поведе постапка за оценка на уставноста на одредбите од Законот за минимална плата во кој е наведено дека работодавачот е должен да му исплати на работникот најнизок месечен износ на основна плата која според законските одредби не зависи само од извршената работа во полно работно време, туку и од исполнетиот нормиран учинок, кој го утврдува работодавачот.

Најголемиот синдикат во земјава потсетува дека несогласување со одредбата што конечно е укината од Уставниот суд изразувал во текот на постапката за донесување на измените на Законот за минимална плата, а испратил и пишан допис до Министерството за труд и социјална политика и до Министерството за финансии.


ВМРО-ДПМНЕ: Криминалниот картел на врхушката го притиска бизнисот


Скопје, 2 мај, 2018 - 10:09 (META) 

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ обвинува дека власта, не само што не ги исполнила ветувањата за подобар живот за сите граѓани, туку и лажела дека ќе обезбеди просечна плата од 30.000 денари. Наспроти тоа, како што велат од партијата, „животот во Македонија дојде само за криминалниот картел составен од Заеви, Анѓушев и врхушката на власт“.

ВМРО-ДПМНЕ вели дека одраз на тоа е и „притисокот“ кон стопанствениците да исплаќаат повисоки плати.

„Криминалниот картел наместо да се посвети на создавање на подобра бизнис клима во која што компаниите ќе бидат попродуктивни и ќе може да исплаќаат поголеми плати, се посвети на полнење со пари на личните и семејните фирми. Затоа сега одлучија да го применат нивниот добро познат метод на притисок, уцени и закани кон приватните стопанственици да ги зголемат платите дури и да нема економска логика, односно да се предизвика дополнителна штета од ваквиот чекор. Новата мерка веројатно ќе помогне само да се подобрат платите во фирмите на Заеви и Анѓушев. Заев и Анѓушев треба да одговорат колку работници има во нивните фирми кои земаат нето плата до 18.000 денари, односно ги исполнуваат условите од мерката со која што 30% од покачувањето на платите, фирмите би го покриле од државата“, порача ВМРО-ДПМНЕ.


„Фајненс тинк“: Просечната нето-плата годинава ќе се движи околу 24.000 денари


Скопје, 24 април, 2018 - 12:15 (META) 

Просечната нето плата за 2018 година ќе се движи околу 24.000 денари, предвидува Институтот за економски и политички истражувања „Фајненс тинк“.

Порастот на просечната плата во јануари, според нив, не може да се толкува дека е резултат на порастот на минималната плата.

„Уште при објавувањето на јануарскиот податок за нето платата, „Фајненс тинк“ укажа дека се работи главно за сезонски ефект, кој што се јавува вообичаено поради исплаќањето годишни додатоци на плата, а не се должи на порастот на минималната плата. Доколку се набљудува долгорочен тренд на платите тогаш тој е недвосмислено растечки, што делумно се должи и на порастот на минималната плата од октомври 2017“, велат од „Фајненс тинк“.

Од таму додаваат дека значителниот пад на платата во февруари 2018, на месечно ниво од 3,6 проценти е сезонски ефект, главно поради пократок месец, и не се должи на потенцијално лоши економски фундаменти.


Царовска: Нема зголемување на старосната граница за пензионирање


Скопје, 13 април, 2018 - 12:03 (META) 

Нема да има зголемување на старосната граница за пензионирање, а пензиите се стабилни и безбедни, рече денеска министерката за труд и социјална политика Мила Царовска, која на прес-конференција во Владата информираше за сработеното во изминатите 11 месеци.

– Работиме на стабилизација на системот за пензии, затоа што знаеме дека за 10 години ВМРО-ДПМНЕ за трипати го зголеми долгот на пензискиот фонд. Редовно ги усогласуваме пензиите, за разлика од ВМРО-ДПМНЕ, кое две години не предвиде средства. Но, размислуваме и за идните пензионери и наскоро ќе излеземе со планот за стабилизација на ПИОМ. И, повторувам, дека покачувањето на старосната граница нема да има, иако тоа излезе од многу места како информација – рече Царовска.

Во однос на стечајците, таа рече дека 453 стечајни работници добиле позитивни решенија според Законот за стечајци, а со донесувањето на новиот закон за минималната плата, повеќе  од 90.000 граѓани добиле повисока плата, со што се изедначени примањата за сите работници во државата во текстилната и кожарската индустрија.

Ообезбедени се средства за 138 нови вработувања во центрите за социјална работа и се вработени 486 лица на неопределено време во градинките, отворени се три нови регионални преноќувалишта за бездомни лица и е завршена реконструкцијата на 30-те центри за социјална работа кои опслужуват повеќе од 200.000 граѓани.

Покрај капиталните и проектите за детска заштита, се подготвуваат нови закони за социјална заштита и за работни односи, се работи и на нов европски закон за недискриминација.

 


МТСП: Самохраните родители со ниски примања нема да плаќаат за градинка


Скопје, 20 март, 2018 - 12:57 (META) 

Министерството за труд и социјална политика (МТСП) информира дека од денеска сите самохрани родители кои имаат плата и месечни приходи во износ до минималната плата утврдена со закон, ќе бидат ослободени од плаќање на партиципацијата за сместување на дете во детска градинка.

Тоа е овозможено со измените на Правилникот за условите, критериумите и начинот на остварување на правото на партиципација во трошоците за згрижување, воспитание, одмор и рекреација на деца во јавните установи за деца. Измененетиот правилник стапува на сила денеска, со неговото објавување во Службен весник на Република Македонија.


Собранието со 70 гласа „за“ изгласа минимална плата од 12.000 денари


Скопје, 18 септември, 2017 - 18:09 (META) 

Собранието денеска со 70 гласа „за“ и ниту еден против и воздржан го изгласа предлог-законот за зголемување на минималната плата, со кој официјално треба да почне исплатата на минималната плата во износ од 12.000 денари.

За збор беа пријавени повеќе од триесетина пратеници, а расправата помина во меѓусебни обвинувања на владејачкото мнозинство и на опозицијата, по што опозицијата реши да го поддржи законот и да гласа за него.

За време на расправата, пратениците на ВМРО-ДПМНЕ нагласија дека предлог-законот за зголемување на минимална плата нема да го подобри стандардот на граѓаните ниту ќе ја раздвижи економијата. Според нив, предлогот на Владата е предизборна популистичка мерка од која граѓаните нема да имаат добробит на долг рок.

Владејачкото парламентарно мнозинство тврдеше дека минималната плата од 12.000 денари не е предизборна мерка, туку закон од социјален карактер кој ќе повлече и пораст на просечната плата, животниот стандард на граѓаните, а со тоа и на целокупната економија.

Зголемувањето на минималната плата ќе се однесува на сите работници, односно таа ќе треба да биде исплатена и за вработените во кожарската, текстилната и во индустријата за обувки.

За таа цел месечно од државната каса за субвенционирање на претпријатијата ќе се одвојуваат по 1,5 милиони евра.

Расправата по другите точки на дневен ред на оваа 12. седница претседателот на Собранието Талат Џафери ја закажа за утре во 11 часот.


Во Собрание денеска законите за стечајците, за радиодифузната такса и за минималната плата


Скопје, 18 септември, 2017 - 10:01 (META) 

Собранието на Република Македонија на четвртото продолжение на 12. седница, денеска во скратена постапка ќе расправа за pредлог-законот за изменување на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, поднесен од пратениците Томислав Тунтев, Ејуп Аљими и Весел Мемеди. Овој предлог-закон е за укинувањето на радиодифузната такса, што беше предизборно ветување на СДСМ.

Пред него на дневен ред се pредлог-законот за минималната плата, законот за стечајците и измените на Законот за извршување и одлуката за утврдување на бројот на потпретседатели на Собранието.


Собранието ќе расправа за минимална плата и за укинување на радиодифузната такса


Скопје, 15 септември, 2017 - 10:20 (META) 

Собранието денеска во 11 часот ќе ја продолжи 12. седница, на која како точки на дневен ред се законот за минимална плата, законот за стечајците и укинување на радиодифузната такса.

Освен тоа, на дневен ред ќе се најде и предлог за утврдување на бројот на потпретседатели на Собранието, ратификација на Спогодбата за соработка помеѓу Владата на Република Македонија и Советот на министрите на Босна и Херцеговина во процесот на пристапување во Европската Унија и предлог-закон за ратификација на Договорот од Париз.

Вчера Собранието отвори општ претрес по предлог-законот за употреба на јазиците.

Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека предлог-законот е неуставен, дека тој произлегува од т.н. тиранска платформа и дека со него се воведува двојазичност на целата територија на државата.

Од парламентарното мнозинство сметаат дека предложениот закон нема да ја уништи туку ќе ја унапреди државата и дека тој произлегува од амандманот 5 на Уставот.

Претседателот на Собранието, Талат Џафери, вчера ја прекина седницата два часа порано поради партиските обврските на пратениците за поднесување кандидатски листи.


СДСМ: Груевски е против зголемувањето на минималната плата и затоа шири лажни вести


Скопје, 11 септември, 2017 - 18:20 (META) 

Граѓаните денеска слушнаа дека Никола Груевски е против зголемување на минималната плата за работниците од 12.000 денари и затоа шири лажни вести, се вели во реакцијата на СДСМ на изјавата на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ во Волково.

„Додека Груевски договараше провизии, плацови на Водно и други матни зделки, Македонија, во изминатите 11 години, стигна до дното во регионот и во Европа, со најниска минималната плата. Владата предводена од СДСМ овозможи работниците да добијат зголемување на минималната плата на 12.000 денари. Дополнително овозможи и намалување на трошоците за живот, преку укинување на радиодифузната такса, враќање на евтината дневна тарифа на струјата, намалени катастарски трошоци до 50 отсто, со што се подобрува животниот стандард на граѓаните и повеќе пари остануваат во семејните буџети. Затоа на Никола Груевски и на ВМРО-ДПМНЕ, единствената партија што не плаќа данок во земјава, никој повеќе не им верува, ниту пак на нивните измислени лажни вести“, се вели во реакцијата.


Груевски: Со минималната плата, Владата ги залажува граѓаните на краток рок пред избори


Скопје, 11 септември, 2017 - 17:46 (META) 

СДСМ во трка за повеќе гласови донесе одлука и објави ветување со кое предвидуваат непродуктивен концепт на минимална плата, изјави претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, за време на неговата посета во Волково.

– Со овој концепт, практично ќе ги залажат граѓаните на краток период, на штета од шест месеци до година. Потоа тој концепт станува неодржлив, така што за година до две отсега ќе стане сосема јасно за каков неодржлив концепт станува збор. Имено, она што го предвидуваат е на оние фирми што имаат загуби, значи на фирмите кои имаат негативно работење, кои имаат проблеми во работењето и кои не го водат својот бизнис соодветно, во периодот од шест, односно 12 месеци делумно, Владата да им компензира одредени средства помеѓу разликата од сегашната плата и минималната плата, но не одговараат на прашањето „Што потоа?“ – рече Груевски.

Според него, компаниите ќе ја исплаќаат минималната плата, но потоа работникот ќе биде принуден да врати дел од парите, зашто поинаку таа компанија не би можела да опстане. Груевски смета дека ќе има и отпуштање на работници, како и преселување на големите мултинационални компании што дошле во Македонија.

– Ако не им се понуди некоја компензација, тие ќе си заминат, ќе одат во држава каде што комотно, по закон ќе работат и нема да бидат во ситуација да не можат да го исполнат законот. Тие не можат заради една несериозна влада и нејзината желба да ги измами граѓаните пред избори да се доведат во ситуација да направат законски престап и да губат насекаде – вели Груевски.