!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

ВМРО-ДПМНЕ: Владата сака да ја покрие својата неспособност со апсурдни прес-конференции


Скопје, 16 септември, 2017 - 21:43 (META) 

Владата и СДСМ не можат да ја покријат својата неспособност со апсурдни прес-конференции на кои изнесуваат невистинити бројки и податоци, реагираат од ВМРО-ДПМНЕ на денешната прес-конференција на портпаролот на Владата, Миле Бошњаковски.

– Ставиле сè на куп, и за промоција на туризмот, и за плати на вработени, и за инфраструктура, и за сè, само за да ги напумпаат бројките и така да ја манипулираат јавноста. Доколу беа убедени Заев, Анѓушев и Тевдовски дека имаат  каков било резултат, сами ќе излегуваа да ги држат ваквите апсурдни прес-конференции – изјави Христијан Делев од ВМРО-ДПМНЕ.

Тој додаде дека Владата нема капацитет да работи во интерес на граѓаните, да привлекува инвеститори и да отвора нови работни места.

– Доколку имаше капацитет Заев да привлекува странски инвестиции, тоа ќе го направеше во Струмица и во индустриската зона Сачево, која со години зјае како празна ливада. Сега целта на црната економска тројка е цела Македонија да ја претвори во Сачево, која секој инвеститор ќе ја избегнува, а работниците ќе работат за ниски плати во нивните фирми – рече Делев.


Владата на Груевски потрошила 130 милиони евра за реклами, промотори и за „роуд шоуа“


Скопје, 16 септември, 2017 - 13:48 (META) 

Претходната влада потрошила повеќе од 31 милион евра од буџетот на државата за рекламирање на бизнис-потенцијалите на земјава во странски медиуми, соопшти денеска на прес-конференција портпаролот на Владата, Миле Бошњаковски.

На прес-конференцијата, Бошњаковски ги објави податоците за сумите од буџетот што претходната влада ги потрошила за привлекување странски инвестиции во земјава.

Како што истакна портпаролот на Владата, станува збор за потрошени повеќе од 130 милиони евра.

Покрај трошоците за реклами во странски медиуми, претходната влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ и од тогашниот премиер Никола Груевски, за привлекување странски инвестиции во домашните медиуми платила 12,5 милиони евра, за т.н. „роуд шоуа“ биле потрошени 5,6 милиони евра, а економските промотори ги чинеле граѓаните и државата 12,5 милиони евра.

„Како дополнителни приходи, станарини, закуп и друго на министрите без ресор кои биле задолжени за странски инвестиции, им биле исплатени 2,8 милиони евра надвор од месечната бруто-плата“, велат од Владата.

Пред два дена, на прес-конференција Владата објави дека биле потрошени 225 милиони евра за влез на 25 странски компании, кои оствариле 20.000 вработувања.


Македонија ги преплатила странските инвестиции со 225 милиони евра


Скопје, 13 септември, 2017 - 10:55 (META) 

Странските директни инвестиции од 2007 до мај 2017 година Македонија ја чинеле 225 милиони евра, објави денеска портпаролот на Владата, Миле Бошњаковски.

Тој соопшти дека странските инвеститори вработиле 20.000 работници, но најголем дел од нив биле преземени од македонските компании. Едно работно место државата ја чинело во просек 11.000 евра.

– Не постојат документи на кој начин се воделе преговорите со странските инвеститори. Секоја државна помош била доделена без одредени критериуми. По склучувањето на договорите, Владата ги класифицирала и тие станувале недостапни како информации за јавноста – рече Бошњаковски.

Државата изминатите 10 години исплатила 26 милиони евра во кеш од буџетот на државата. Од нив 14 милиони евра биле потрошени за отварање нови работни места, а пет милиони евра биле исплатени за обуки за вработени, при што таа сума се движела од 100 до 3.000 евра по работник. За градежни работи биле исплатени 10 милиони евра.

– Даночното и царинското ослободување за странските компании државата ја чинело 69 милиони евра. Овие пари можеле, но не влегле во буџетот на државата. Само еден процент од набавките што ги вршеле странските компании биле направени од македонски компании – додаде Бошњаковски.

Тој нагласи дека сите договори со странски компании што сè уште имаат важност, државата во целост ќе ги испочитува и ниту еден од нив нема да биде раскинат. Најави дека дополнително ќе бидат објавени трошоците за привлекување странски инвеститори на кои им припаѓаат најголем дел од средствата од вкупната сума од 225 милиони евра.


Денот на независноста ќе се одбележува под мотото „Македонија слободна, слободно живее“


Скопје, 3 септември, 2017 - 14:59 (META) 

Денот на независноста, 8 Септември, годинава ќе се одвива под мотото „Македонија слободна, слободно живее“, а централното одбележување ќе се одржи пред и во Владата на Република Македонија на 7 септември, во попладневните и во вечерните часови, соопшти денеска на прес-конференција портпаролот на Владата, Миле Бошњаковски.

– Ги повикуваме сите граѓани на Република Македонија да бидат гости на Владата на Република Македонија. Владата ќе биде отворена за сите – рече Бошњаковски.

Активностите по повод на Денот на независноста ќе се одвиваат на 6, 7 и на 8 септември, а премиерот Зоран Заев обраќање ќе има на централното одбележување.

На 7 септември, министрите Горан Сугарески, Роберт Алаѓозовски и заменик-министерот Дејан Павлески ќе ја посетат реставрираната спомен-куќа на Блаже Конески во село Небрегово.

На 8 Септември, на Денот на независноста, делегација предводена од премиерот Заев на гробиштата во Бутел ќе положи цвеќе на вечните почивалишта на Киро Глигоров и на Борис Трајковски.

Одговарајќи на новинарско прашање за изминувањето на стоте дена од формирањето на владата, кои се совпаѓаат со претстојниот празник, портпаролот Бошњаковски рече дека во следниот период Владата ќе ги соопшти резултатите од досегашната работа.


Владата ги разреши членовите на сите управни и надзорни одбори на јавните претпријатија


Скопје, 11 јули, 2017 - 19:35 (META) 

Владата на денешната седница одлучила да се разрешат членовите на сите управни и надзорни одбори на јавните претпријатија, јавните здравствени установи, јавните установи за социјална работа, агенции и други правни лица, поради тоа што кај дел од нив е регистрирано неодговорно однесување и потпишување договори, кои му нанесуваат штета на буџетот на државата. Исто така, одлучено е да се отповикаат членови на комисии и членовите на секој надзорен одбор и одбори на директори од акционерските друштва во државна сопственост, а за регулаторните тела да се достави предлог за разрешување на управните одбори до Собранието на Република Македонија. Владата засега нема одлучено кој ќе седне во управните и во надзорните одбори.

mile boshnjakovskiВладата го именува поранешниот новинар Миле Бошњаковски за нов портпарол, соопшти денеска владината прес-служба.

„Беше заклучено дека огромното искуство и професионалниот капацитет што Бошњаковски ги поседува во областа на комуникациите, е цврста гаранција за понатамошното транспарентно, навремено и отчетно информирање на граѓаните за активностите на Владата на Република Македонија“, стои во соопштението.

Бошњаковски како новонар работеше во телевизите „Канал 5“ и во „МТВ“, а од 2005 до 2010 година беше директор за корпоративни комуникации во „Т-мобајл“. Од 2010 година работи како специјалист за комуникации и застапување во Фондот на ОН за население (УНФПА).

Претседателот на Владата и министрите одлучиле министерката за одбрана Радмила Шекеринска да биде назначена за претседател на Организациониот одбор за прославата на државниот празник 2 Август – Ден на Републиката.

Исто така на седницата била разгледана и усвоена информацијата за статусот на спроведување на проектот Национален портал за електронски услуги за граѓаните. Зо овој проект, задолжените министерства и државни институции ќе треба да ги издвојат 50 најважни сервиси кои граѓаните треба да ги добиваат по електронски пат. Министрите и премиерот ја усвоиле и информацијата за тендерската постапка за доделување договори за јавно-приватно партнерство за финансирање, одржување и развивање на дистрибутивен систем на природен гас во регионите 1, 2 и 3, како и информацијата за мулти-индикаторското, кластерско истражување со кое се оценува состојбата на социјалниот статус на жените и на децата.