Заев и Јазбец разговарале за интензивирање на соработката меѓу Македонија и Словенија


Скопје, 23 февруари, 2018 - 11:47 (META) 

Премиерот Зоран Заев денеска имал средба со амбасадорот на Словенија во земјава, Милан Јазбец, на која, како што соопштија од владината прес-служба, амбасадорот ја пренел оценката дека се чуствуваат позитивни промени во Македонија и му честитал на Заев за ефектите од „засилената дипломатска активност што ги отвора перспективите на државата кон ЕУ и НАТО“.

На средбата било констатирано дека се создадени услови за интензивирање на искреното пријателство меѓу двете држави, и биле договорени повеќе конкретни чекори за грантови и инвестиции во проекти за питка вода и за отпадни води за општините и жителите во внатрешноста на Македонија.

„Словенечкиот амбасадор Јазбец во таа насока пренесе интерес на словенечката Влада, како и на фирми од Словенија за учество во вакви инвестиции, што се разгледува да се реализираат и со вклучување на Владата на Македонија, на општините и на приватни домашни ресурси, согласно потребите“, стои во соопштението за средбата.

Заев и Јазбец разговарале и за политичката клима во двете држави и за претстојната официјална посета на словенечкиот премиер Миро Церар на Република Македонија.


Поддршка за Димитров од Хрватска и од Словенија


Скопје, 2 јуни, 2017 - 10:31 (META) 

Првата средба со дипломати, новиот министер за надворешни работи, Никола Димитров, ја имаше вчера, на разговорот со амбасадорите на Хрватска и на Словенија, Данијела Баришиќ и д-р Милан Јазбец, соопшти МНР.

На средбата во МНР, во својство на коорганизатори, амбасадорите Јазбец и Баришиќ му врачиле на министерот Димитров покана за учество на министерскиот состанок што ќе се одржи утре на маргините на состанокот на лидерите од Процесот Брдо-Бриони, во Брдо, Словенија.

Амбасадорите му го честитале стапувањето на функцијата на Димитров и му посакале успеси, притоа нагласувајќи дека ќе ја има нивната конструктивна поддршка во остварувањето на евроатлантските и европските цели, како врвни надворешно-политички приоритети на Република Македонија.


Наместо нови избори – нова влада, порачаа Пломп, Стефансон и Јазбец


Скопје, 25 април, 2017 - 16:45 (META) 

Амбасадорите на Шведска, на Холандија и на Словенија, Матс Стефансон, Ваутер Пломп и Милан Јазбец, денеска порачаа дека Брисел не гледа потреба за одржување на нови предвремени парламентарни избори, особено зашто последните биле оценети како фер и слободни, а новите избори би значеле само продлабочување на политичката криза во Македонија.

– Изборите што се одржаа во декември беа слободни и фер, како што потврдија многубројните меѓународни набљудувачи. Затоа би имало многу малку корист од нови избори толку бргу по изборите во декември. Сметам дека само ќе ја продолжат кризата, која веќе долго трае – рече холандскиот амбасадор Пломп.

Според шведскиот амбасадор, новите избори може да доведат до дестабилизирање на Македонија, поради што решението треба да се најде во Уставот.

– Нови избори во ваква ситуација би се одржале во клима на екстремна конфронтација, што не е добро за стабилноста. Решението треба да се бара во Уставот. Мислам дека е прерано и за „Пржино 3“ и не сум чул дека за тоа се разговара. За лидерски средби, немам инсајдерски информации, но во ситуација на таква конфронтирачка политичка клима во Македонија, дијалог меѓу опозицијата и владата не е лоша идеја, но тие треба да решат – рече амбасадорот Стефансон.

Словенечкиот амбасадор Милан Јазбец порача дека наместо да се бараат нови избори, политичките лидери треба да се фокусираат на спроведување на резултатите од изборите и на избор на нова влада.

– Фокусирајте се на суштината, обидете се да формирате влада, според односите во парламентот, не гледам потреба за нови избори – рече амбасадорот Јазбец.

Амбасадорите, сепак, не ја потврдија информацијата на германскиот неделник „Шпигел“, дека Европската Унија планира да воведе санкции за Македонија, односно да стави забрана за патување и за блокада на сметките на одредени македонски политичари, како и да ги скрати претпристапните ИПА-фондови. Според неделникот, германската канцеларка Ангела Меркел, наводно, за време на конференцијата на ЕПП во Малта, го предупредила лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, дека ќе следат санкции доколку не престане блокадата на демократските процеси.

За донесување ваква одлука, потребен е консензус од сите 27 земји членки на ЕУ.


СДСМ денеска ќе поднесе иницијатива за свикување на Собранието


Скопје, 17 март, 2017 - 9:43 (META) 

Социјалдемократскиот сојуз на Македонија денеска во 10.30 часот ќе поднесе во Собранието на Република Македонија иницијатива за продолжување на конститутивната седница на Собранието, на која, според најавите, треба да биде избран претседател на законодавниот дом, соопштија од СДСМ.

Веднаш по поднесувањето на иницијативата, во прес-центарот на Собранието, изјава за медиумите ќе даде пратеникот и генерален секретар на СДСМ, Оливер Спасовски.

Како што вчера соопштија од ДУИ, лидерот на партијата, Али Ахмети, на вчерашната средба го информирал амбасадорот на Словенија во земјава, Милан Јазбец, за иницијативата за парламентарна координација за избор на претседател на Собранието.

– ДУИ има разговарано со главните парламентарни партии за иницирање парламентарна координација за да продолжи и да заврши конститутивната седница на Собранието. Новоизбраниот претседател на Собранието по завршувањето на таа седница треба да го информира претседателот на државата за новото парламентарно мнозинство и да побара доделување на мандатот за формирање влада – рекол Ахмети на средбата со Јазбец.


Ахмети го информирал Јазбец за седницата за избор на претседател на Собранието


Скопје, 16 март, 2017 - 19:03 (META) 

Лидерот на ДУИ, Али Ахмети, на денешната средба го информирал амбасадорот на Словенија во земјава, Милан Јазбец, за разговорите на ДУИ со „главните парламентарни партии за иницирање на парламентарна координација“, за избор на претседател на Собранието.

На средбата, како што стои во соопштението од ДУИ, Ахмети и Јазбец разговарале за политичките случувања во Македонија и за начинот за излез од политичката и институционална криза.

– Ахмети го запозна словенечкиот амбасадор дека ДУИ има разговарано со главните парламентарни партии за иницирање парламентарна координација за да продолжи и да заврши конститутивната седница на Собранието. Новоизбраниот претседател на Собранието по завршувањето на таа седница треба да го информира претседателот на државата за новото парламентарно мнозинство и да побара доделување на мандатот за формирање влада – стои во соопштението на ДУИ за средбата.

На неа, Ахмети, исто така, повторил дека политичката и институционалната криза не треба да се претвори во етничка криза и ги повикал сите страни на воздржаност.


Заев на средба зо Јазбец: Oчекувам да биде избран новиот претседател на Собранието


Скопје, 15 март, 2017 - 14:01 (META) 

Претседателот на СДСМ, Зоран Заев, денеска се сретнал со амбасадорот на Словенија во Македонија, Милан Јазбец, при што разговарале за процесот за формирање нова влада во Македонија.

Заев го информирал амбасадорот Јазбец за обидите од страна на Иванов и на Груевски за продлабочување на политичката криза во Македонија, како и за посветеноста на СДСМ за скорешна институцонална разврска на кризата.

– Ја објавивме програмата на новата реформска влада за унитарна, суверена Република Македонија, којашто ќе биде посветена на економијата, социјалната кохезија, владеењето на правото, што е интерес на сите граѓани. Планираме да ја тргнеме секоја пречка за изговор од Ѓорге Иванов околу доделувањето на мандатот. Во таа насока, очекувам во следниот период во Собранието да биде избран новиот претседател на парламентот, кој ќе испрати допис до Иванов дека е формирано парламентарното мнозинство и дека почнува да тече уставниот рок од 10 дена за доделување на мандатот за формирање на новата влада – изјавил Заев.

Заев и Јазбец констатирале дека е неопходно да продолжат демократските процеси во Македонија по веродостојните избори, во насока на силна посветеност на реформските процеси што обезбедуваат евро-атлантска перспектива на државата, а со тоа и квалитетен животен стандард за граѓаните и стабилност и безбедност на Република Македонија.


„ЕУ за тебе“ денеска во Тетово


Тетово, 6 март, 2017 - 9:36 (META) 

Евроамбасадорот Самуел Жбогар и словенечкиот амбасадор Милан Јазбец во рамки на кампањата „ЕУ за тебе“ денеска ќе го посетат Тетово.

Амбасадорите ќе посетат неколку проекти финансирани од ЕУ, а ќе имаат и средби со претставници на граѓанското општество кои се занимаваат со прашања од областа на заштитата на животната средина.

Кампањата „ЕУ за тебе“ има цел да ја подигне свеста и да ја информира јавноста за помошта на ЕУ во земјата.


Заев – Јазбец: Избори на 11 декември и поддршка за СЈО


Скопје, 14 октомври, 2016 - 18:03 (META) 

Претседателот на СДСМ, Зоран Заев, денеска се сретна со новоименуваниот амбасадор на Словенија во Македонија, Милан Јазбец.

На средбата се разговарало за потребата од фер, демократски и регуларни избори на 11 декември, за што, како што истакнал Заев, политичките партии, институции, вклучително и Собранието, е неопходно целосно да ги исполнат своите обврски.

– Граѓаните на Македонија на регуларни избори мора да ја изразат својата слободна волја, а тоа е првиот чекор кон нормализирање на државата и враќањето на демократските процеси. Потребно е да се овозможи и функционирање на правната држава, поради што СДСМ ги поддржува законите побарани од Специјалното јавно обвинителство – истакнал Заев.

Претседателот на СДСМ го информирал словенечкиот амбасадор дека партија усвоила конкретни рокови за реализација на реформските приоритети нотирани во извештајот на Прибе.

– Со тоа се обврзуваме дека по изборите во декември ќе ја демократизираме државата и ќе овозможиме подобар живот на граѓаните на Македонија – додал Заев.

Словенечкиот амбасадор ја пренел пораката дека Словенија како долгогодишна пријателска земја на Македонија ќе продолжи да ги поддржува перспективите на државата.


Кучи побара поддршка од Словенија за подобро искористување на ИПА-фондовите


Скопје, 7 октомври, 2016 - 14:07 (META) 

Министерот за економија, Дритон Кучи, се сретна со новоименуванот амбасадор на Словенија во Македонија, Милан Јазбец.

Министерот Кучи истакна дека Словенија е еден од позначајните трговски партнери, кој постојано е позициониран меѓу првите 20 земји со кои Македонија остварува најголем обем на трговска размена.

Кучи и Јазбец изразија задоволство од досегашната соработката во сферата на туризмот, бизнис-секторот, енергетиката, а министерот Кучи побара поддршка од Словенија во делот на подобро искористување на ИПА-фондовите.