Годишната програма за вработување ги опфаќа младите и социјално ранливите лица


Скопје, 25 април, 2018 - 13:20 (META) 

Министерството за труд и социјална политика, Агенцијата за вработување и УНДП денеска потпишаа договор за Годишната програма за вработување 2018, за која се предвидени 8,3 милиони долари.

Премиерот Зоран Заев рече дека се таргетирани 16.259 лица, но најголем бенефит ќе имаат младите бидејќи имат можност да конкурираат за работни места со плата во износ поголем од 18.000 денари.

Постојаната амбасадорка на ОН во Македонија, Лујза Винтон рече дека недостатокот на пристојна работа е предизвик за развој на државата и дека 50 отсто од младите постојано си заминуваат. Истовреме пак, растечките приватни бизниси имаат недостиг од обучен кадар.

– Со Годишната програма е предвидено отворање 980 мали бизниси, од кои 50 на лица со попреченост, како и ангажирање лица во 45 до 50 општини кои ќе им помагаат на деца од предучилишна возраст, лица со попреченост и постари лица – рече Винтон.

Министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска додаде дека активните мерки за вработување се прилагодени на потребите на работодавачите, но и на профилот на младите и ранливите групи.

– Тоа што е различно од претходните оперативни планови и што дава подобар ефект е тоа што мерките се прилагодени на потребите на работодавачите, на потребите и квалификациите на младите и ранливите групи и има можност за поврзување на мерките, што досега не беше случај. Дадовме можност мерките да ги користат и социјални претпријатија, но и граѓанските организации, бидејќи знаеме дека голем број млади луѓе се неформално вработени во овие организации и сега имаме можност за нивна формализација. И ниту една од овие мерки не значи ослободување од придонеси за здравствено и социјално осигурување, затоа што ние сме одговорна Влада, која што се грижи за иднината на фондовите и за идните генерации – рече Царовска.

Директорката на Агенцијата за вработување Билјана Јовановска рече дека сите невработени лица имаат еднаков пристап до мерките и Програмата за вработување предвидени со Оперативниот план иако на младите им се дава предност и тие треба да бидат застапени со најмалку 30 отсто.Таа информираше дека интересот за мерките е голем, посебно за субвенциите за вработување, програмата за самовработување и обуката за побарувачки занаети.


Царовска: Нема зголемување на старосната граница за пензионирање


Скопје, 13 април, 2018 - 12:03 (META) 

Нема да има зголемување на старосната граница за пензионирање, а пензиите се стабилни и безбедни, рече денеска министерката за труд и социјална политика Мила Царовска, која на прес-конференција во Владата информираше за сработеното во изминатите 11 месеци.

– Работиме на стабилизација на системот за пензии, затоа што знаеме дека за 10 години ВМРО-ДПМНЕ за трипати го зголеми долгот на пензискиот фонд. Редовно ги усогласуваме пензиите, за разлика од ВМРО-ДПМНЕ, кое две години не предвиде средства. Но, размислуваме и за идните пензионери и наскоро ќе излеземе со планот за стабилизација на ПИОМ. И, повторувам, дека покачувањето на старосната граница нема да има, иако тоа излезе од многу места како информација – рече Царовска.

Во однос на стечајците, таа рече дека 453 стечајни работници добиле позитивни решенија според Законот за стечајци, а со донесувањето на новиот закон за минималната плата, повеќе  од 90.000 граѓани добиле повисока плата, со што се изедначени примањата за сите работници во државата во текстилната и кожарската индустрија.

Ообезбедени се средства за 138 нови вработувања во центрите за социјална работа и се вработени 486 лица на неопределено време во градинките, отворени се три нови регионални преноќувалишта за бездомни лица и е завршена реконструкцијата на 30-те центри за социјална работа кои опслужуват повеќе од 200.000 граѓани.

Покрај капиталните и проектите за детска заштита, се подготвуваат нови закони за социјална заштита и за работни односи, се работи и на нов европски закон за недискриминација.

 


Според Рангелова министерката Царовска е најслабата алка во Владата


Скопје, 11 април, 2018 - 14:41 (META) 

По паузата од еден час, пратениците на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ продолжија со расправата по интерпелацијата поднесена од ВМРО-ДПМНЕ но и со меѓусебни расправања дали оваа владејачка коалиција добро ја води државата или не.

Пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ, Даниела Рангелова, рече дека на оваа влада и на премиерот Зоран Заев треба да му се изгласа недоверба затоа што дозволил Мила Царовска да го води Министерството за труд и социјална политика.

– Министерката Мила Царовска ја препознаваме по бројните скандали, со многу малку работа, многу одржани прес-конференции, малку проекти, празни ветување и немање грижа на совест. Прва причина поради која треба да си замине е поради ужасот кој што се случи во домот за штитеници „25 мај“. Владата треба да си оди затоа што не ја смени министерката Царовска затоа што три девојчиња беа силувани а министерката не презема одговорност. Немате умеење, немате желба за работа, имате само страст за власт. Оставка веднаш. Вие не сте способни ни во градинка да одите а камоли министерство за водите – рече Рангелова.

На ова реплицираше министерката Царовска која рече дека таа во МТСП наследила уништен систем од претходната влада и дека сите центри кои биле под надлежност на ВМРО-ДПМНЕ не само што биле уништени туку и покрадени.

Рангелова ја обвини Царовска дека лаже и дека не си ја врши својата работа затоа што на секој семафор има Ромчиња што просат и ја праша дали таа на работа патува со авион.

Расправата по интерпелацијата поднесена од ВМРО-ДПМНЕ ќе трае до полноќ, а пред гласањето, во 23.20 часот се очекува свое обраќање да има и премиерот Зоран Заев.


Царовска: Минималната плата се исплаќа и не влијае негативно на бизнисот


Скопје, 27 март, 2018 - 15:10 (META) 

Министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, ја посети фабриката „Окитекс“ и се сретна со сопственикот, Миле Миленковски како и со претседателот на Синдикатот од текстилната, кожарската и чевларската индустрија, Љупчо Радовски.

Миленковски посочил дека законот за минимална плата дал резултат, но смета дека треба модернизација на оваа индустриска гранка. Оваа компанија е една од оние кои исплаќаат минимална плата без поддршка од државата.

Според синдикалниот претставник Радовски, законот се применува во целост.

На средбата, Царовска изјавила дека просечната плата во производство на облека се зголемила за 16 проценти, а во текстилната индустрија за 24 проценти, односно за 3.870 денари.

– Тоа покажува дека законот си ја заврши својата работа затоа што по статистика, 90 илјади граѓани добија покачување и земаат над 12 илјади денари плата. Со тоа добивме и покачување на просечната плата во Македонија за 5,6 отсто. Покачувањето се одвива без поголема поддршка од буџетот, односно само мал процент од фирмите аплицираат за субвенции. Ова покажува дека фирмите се во кондиција и можат да ја исплаќаат мининмалната плата, а тоа не се одразува негативно на самиот бизнис – изјави Царовска.


„Марш за женските права“: Преку родовата рамноправност до силна држава


Скопје, 8 март, 2018 - 14:20 (META) 

Околу 1.000 жени, девојки и активисти се собраа денеска на вториот „Марш за правата на жените” кој се одржа по повод Меѓународниот ден на жената. Од маршот, кој почна во Жена парк, преку плоштадот Македонија, Камениот Мост и заврши на плоштадот Филип Втори беше испратена порака дека родовата еднаквост е важен фактор кон постигнување на демократско и еднакво општество.

Целта на маршот, како што посочија организаторите, била да се подигне свеста на јавноста, но и на носителите на одлуки, за нееднаквата положба во која се наоѓаат жените во нашето општество во 2018 година.

– Во 2018 година во Република Македонија имаме највисока доенечка смртност во Европа. Причините за тоа не треба да се бараат кај жените, туку во системот за здравствена заштита и здравствените услуги кои им следуваат, но секоја година се повеќе и повеќе се скратуваат, во тоа што повеќе од 175.000 жени немаат гинеколог во својата општина, и во тоа што на повеќе од 80 отсто од жените Ромки им наплаќаат ехо прегледи кои треба да им бидат бесплатни. Товарот на неплатените домашни обврски сè уште во голема мера паѓа на грбот на жените, и додека во другите европски земји овие разлики во учеството во домашната работа се намалуваат, кај нас огромните разлики остануваат константни – изјави Снешка Илиќ од невладината „Реактор“.

Министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска рече дека владата вистински се залага и активно вложува во родовата рамноправност.

– Наместо подароци и прослави денеска сметам дека секоја жена и секој маж треба длабоко да се запраша, што во минатата година направил за родовата рамноправност и што ќе направи во наредната. Само така ќе постигнеме едно еднакво општество кое што ќе биде инклузивно – рече Царовска.

Вицепремиерката и министерка за одбрана Радмила Шекеринска потенцираше пак, дека само со силни жени со права, права што ги штитат жените, ќе има силна правна држава.

– Како нова влада, покажавме дека на прашањата на женската рамноправност водиме различни политики. Денеска во на овие теми разговараме без комплексот дали правата на жените ќе значат намалување на важноста на семејството или на традиционалните вредности. Покажавме дека сметаме на жените и покажавме дека правата на жените се и наши права – рече Шекеринска.

Активистките на денешниот марш го осудија и насилството врз жените, за кое велат дека во нашето општество се толерира, поттикнува и прикрива, а ако излезе на виделина, неадекватно се осудува и казнува.

За крај, тие побараа родово сензитивни политики повикувајќи на солидарност кон сите жени, и потсетувајќи дека родовата еднаквост е важен фактор кон постигнување на демократско и еднакво општество.


Царовска: Потребно е отворање на засолништа за жртви на насилство


Скопје, 7 март, 2018 - 16:15 (META) 

По ратификацијата на Истанбулската конвенција, во Македонија треба да се воспостават 25 засолништа за жртви на насилство, најмалку пет кризни центри за жртви на силување и најмалку три центри за жртви на сексуално насилство. Треба да се отворат и повеќе од 20 центри за кризна интервенција, психолошко советување и бесплатна правна помош.

Според министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, ова треба да придонесе за зголемување на можностите за справување со насилството врз жената.

Таа информираше дека по ратификацијата на Истанбулската конвенција се подготвува Национален оперативен план со имплементација, кој ќе биде објавен наскоро откако ќе биде усвоен од Владата.

Според неа, неопходна е едукација на вработените во центрите за социјална работа, министерствата за здравство и за внатрешни работи и на судиите и на јавните обвинители кои, како што рече, мора да го препознаат насилството и да го санкционираат согласно тежината на стореното дело. Ова, како што потенцира, се клучни промени кои следат за прифаќање на Истанбулската конвенција и интегрирање во нашето општество.

Министерот за здравство, Венко Филипче, информираше дека на Катедрата за семејна медицина на Медицинскиот факултет во Скопје минатата година биле обучени 60 здравствени работници за справување со оваа проблематика, а оти е предвидено овие обуки да продолжат и годинава во соработка со Граѓанската организација „ХЕРА“ и со Фондот за население на ОН.

– Во наредниот период здравствените работници ќе добијат и специјализирани обуки на тема „насилство врз жени“ и „клинички менаџмент на силување“. Министерството за здравство како еден од клучните чинители во оваа сфера подготвува и протокол за обезбедување сеопфатен третман и нега при сексуално насилство – рече Филипче на настанот во организација на Канцеларијата на ОН во Македонија по повод Меѓународниот ден на жените.


Царовска: ОЈО одлучува против кого ќе има обвиненија за злоупотребуваните штитенички


Скопје, 27 февруари, 2018 - 16:20 (META) 

Истрагата на Обвинителството ќе покаже кон кого и за што ќе се покренат обвиненија во случајот со злоупотребуваните штитенички од Домот „25-ти Мај“, вели министерката за труд и социјална политика Мила Царовска.

Таа потсети дека за ова, Министерството направило детален инспекциски надзор и на установата „25 Мај“ и на центрите за социјална работа.

– Против 12 лица е поднесена кривична пријава до Основното јавно обвинителство, а дополнително се поднесени 12 прекршочни и дисциплински постапки до Центарот за социјална работа – рече Царовска одговарајќи на новинарско прашање на прес-конференција во Владата.

Царовска нагласи дека Владата и Министерството се залагаат за брза трансформација и на „25 Мај“ и на „Ранка Милановиќ“ како институции кои, како што рече, биле запуштени во изминатите 10 години и од што денеска само се гледаат резултатите.

– Сметаме дека заштитата на децата е битна цел и дека со брзата трансформација на овие институции ќе се обезбеди квалитетна заштита и грижа за лицата што се сместени таму – додаде Царовска.


МТСП: Владата усвои законски измени за да се опфатат дополнителни 1.900 стечајци


Скопје, 27 февруари, 2018 - 15:12 (META) 

На денешната 56. седница, Владата ги усвои најавените измени на Законот за материјално обезбедување на невработените лица, поради приватизацијата на претпријатијата со доминантна сопственост на државата, предложени од страна на Министерството за труд и социјална политика.

Од МТСП информираат дека, со законот кој што беше донесен во септември 2017 година, досега се издадени решенија на 2.732 стечајни работници. Со овие измени ќе бидат опфатени дополнителни 1.900 лица.

„Со усвоените измени и дополнувања на законот се олеснуваат потребните услови утврдени со постојниот закон, кои се однесуваат на стекнување на правото на материјално обезбедување доколку престанокот на работниот однос настанал во моментот кога претпријатието со доминантна сопственост на државата се приватизирало, под услов единствениот матичен број на субјектот да не е променет од моментот на засновањето на работниот однос во тоа претпријатие, до неговиот престанок. Истовремено, поголема флексибилност е дадена со условот за потребната возраст која треба да ја има невработеното лице (најмалку 52 години за жени, односно 55 години за мажи), со тоа што истата сега се исполнува не од моментот на стапување во сила на постојниот закон, туку во моментот на поднесување на барањето за остварување на правото за материјално обезбедување“, информираат од МТСП.


Шилегов подари 20.000 денари на првото бебе родено во Скопје


Скопје, 1 јануари, 2018 - 14:03 (META) 

Градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов, министерот за здравство Венко Филипче и министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска денеска во Клиниката за гинекологија и акушерство – Скопје“ го посетија првото бебе кое се роди во Новата 2018 година.

Првороденото бебе во Скопје во 2018 година е Теодора, која се родила една минута по полноќ, со тежина од 3,7 килограми и должина од 49 сантиметри.  Мајката на бебето е Борјана Радевска и ова и е второ дете.

Шилегов на мајката и семејството им честитал за второто дете и подарил штедна книшка со 20.000 денари и плишано мече.

Шилегов во оваа пригода ја честита Новата 2018 година на граѓаните и им посака добро здравје, среќа и успеси.


Жените во Македонија земаат 18 проценти помали плати од мажите


Скопје, 22 декември, 2017 - 13:30 (META) 

Жените во Македонија, за иста работа и исти квалификации со мажите, се за околу 18 проценти помалку платени од нив, а со околу 25 проценти, и помалку учестуваат на пазарот на труд од мажите, истакнаа учесниците на тркалезната маса посветена на „Стратегијата за воведување родово одговорно буџетирање – 5 години потоа”.

Жените исто така поминуваат околу 2,5 часа повеќе работејќи неплатена работа од мажите.

Министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска рече дека ќе работат до крајот на манадатот да се воспостават механизми за родово одговорно буџетирање.

Советникот во Министерството за финансии, Бранимир Јовановиќ смета дека проблем е тоа што буџетските корисници немаат капацитети да изготвуваат политики сензитивни кон родовите прашања, но и што самиот буџетски процес не е соодтветен или отворен за родово буџетирање.

Тркалезната маса се одржа денеска во организација на Министерството за труд и социјална политика и Канцеларијата на жени на ОН во Скопје.