!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Чавушоглу: На секој чекор на Берлин, Турција ќе направи два


Анкара, 25 септември, 2017 - 19:39 (META) 

Доколку Германија направи еден чекор, Турција ќе направи два во нормализација на билатералните односи, порача турскиот шеф на дипломатијата Мевлут Чавушоглу.

Тој го изјави ова во интервју за телевизијата „А Хабер“ откако германската канцеларка Ангела Меркел на изборите обезбеди четврти мандат.

– Германија би требало да учи на своите грешки – рече Чавушоглу, на барањето да ги искоментира односите на двете земји, кои беа заострени изминатите месеци поради несогласувања околу повеќе прашања.


Чавушоглу: Турција е против санкциите кон Русија


Анкара, 11 август, 2017 - 16:27 (META) 

Министерот за надворешни работи на Турција, Мевлут Чавушоглу, изјави дека Анкара и понатаму е против санкциите кон Русија, затоа што тие можат негативно да влијаат на турската економија.

– Во минатото, Турција претрпи штета како резултат на тие санкции. Санкциите против земјите со кои се граничиме и со кои сме партнери ѝ нанесуваат штета на нашата економија. Тоа е причина поради која не се приклучивме кон санкциите против Русија – изјави Чавушоглу.

Тој истакна дека Турција бара решение како проблемот да се реши преку дијалог, за економијата да не биде погодена.


Турција нема да ја повлече својата војска од Кипар, порача Чавушоглу


Анкара, 4 јули, 2017 - 19:08 (META) 

Турски војници ќе останат на Кипар без разлика каков и да биде договорот за повторно обединување на етнички поделениот остров, изјави денеска шефот на турската дипломатија, Мевлут Чавушоглу.

Тој истакна дека официјална Анкара нема да прифати мировен договор со кој би се барало целосно повлекување на турската армија од Кипар, нешто на што притиска Грција и меѓународно признаениот дел на Кипар, населен со Грци.

– Тие што сонуваат дека турската армија треба да замине од Кипар, би требало да се разбудат – рече Чавушоглу, додавајќи дека укинувањето на правото за воена интервенција на Кипар не е почетна точка за Турција.


Заев со Чавушоглу: Реформската влада ги отвора евроатлантските перспективи


Скопје, 18 јуни, 2017 - 19:12 (META) 

Премиерот Зоран Заев, придружуван од министерот за надворешни работи, Никола Димитров, и од пратеникот Мухамед Зекири, попладнево се сретна со Мевљут Чавушоглу, министер за надворешни работи на Република Турција, придружуван од пратениците Хусејин Бурге и Шабан Дишли, како и од амбасадорката на Турција во Македонија, Тулин Еркал Кара, соопшти Владата на Република Македонија.

Според соопштението, на средбата соговорниците изразиле заедничка определеност за продлабочување на традиционалните пријателски односи помеѓу Република Македонија и Република Турција, а Чавушоглу во име на премиерот на Турција, Бинали Јилдирим, му честитал на Заев за стапувањето на должноста и најавил целосна поддршка.

– Владата на Македонија е силно посветена на реформите важни за евроатланстките интеграции на државата, но тие истовремено ќе придонесат и за развој на економијата и на правната држава, како и за квалитетен живот на сите граѓани – рекол Заев, посочувајќи дека Владата работи на создавање поволна деловна клима, за да овозможи функционирање на домашните претпријатија, но и странски инвестиции, како начин за овозможување нови вработувања, повисоки плати и повисок животен стандард.

На средбата на Заев со турскиот министер Чавушоглу изразен е заеднички интерес за соработка како на полето на економијата, инвестициите, трговијата, така и во образованието, културата, спортот и во сите други области значајни за граѓаните на двете земји.


Чавушоглу: На Македонија ѝ се нанесува голема неправда


Скопје, 18 јуни, 2017 - 19:00 (META) 

Односите меѓу двете држави, приоритетите на Македонија, членството во ЕУ и во НАТО, како и политичката ситуација во земјава и надвор од неа, се темите за кои разговарале министерот за надворешни работи на Турција, Мевљут Чавушоглу, и министерот за надворешни работи на Македонија, Никола Димитров.

Шефот на македонската дипломатија посочи дека со турскиот колега зборувале за развивање на економските односи и трговија. Чавушоглу вели дека Македонија може да биде пример за сите земји кога во прашање се билатералните односи, а изрази и поддршка за добивање членство во НАТО.

– Ја следите состојбата во нашиот регион, каде има сериозен развој на настаните. Ние ќе бидеме ваша поддршка. Ова е 25. година од воспоставување на билатералните односи и тука направивме голем напор на балканските простори, каде мислиме дека Македонија е многу значајна за трговскиот развој. Турските инвестиции изнесуваат 1,2 милијарди долари, а во наредниот период со наша заедничка волја ќе гледаме да ги зголемиме. Турција ја поддржуваше Македонија на секое поле, а истото ќе го правиме и во наредниот период. Македонија највеќе го заслужува членството во НАТО, а прашањето за името е голема неправда за оваа земја. Ние ќе инсистираме ЕУ да не се меша во внатрешната политика – рече Чавушоглу.

Според него, турската заедница во Македонија е значајна алка за одличните билатерални односи, односно нивните законски права во Македонија е тоа што ги врзува за земјата.

За Димитров, Македонија има поддршка од Турција за сите прашања поврзани со билатералните односи.

– За нас патот напред е градење позитивна слика на Македонија. Наша цел е да градиме односи кои ќе донесат стабилизација на регионот. Решени сме да работиме на добрососедска политика. Му се заблагодарив на Чавушоглу за поддршката за наш влез во НАТО. Македонија ја цени улогата на Турција која ја има во справувањето со мигрантската криза. Турција е шестти по ред инвеститор во Македонија. Со министерот имавме и конкретни идеи, бидејќи има интерес од големи турски компании да инвестираат во нашата држава. Турција носи голем дел од товарот во глобални рамки кога во прашање е тероризмот бидејќи се соочува со безбедносни предизвици. Ние заклучивме дека соработката на ниво на полиција и разузнавачки агенции е на задоволително ниво – рече шефот на македонската дипломатија.


Шефот на турската дипломатија Чавушоглу се сретна со претседателот Иванов и со Груевски


Скопје, 18 јуни, 2017 - 15:48 (META) 

Турскиот министер за надворешни работи,  Мевљут Чавушоглу, денеска се сретна со претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, како и со претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски.

„На средбата беше разговарано за понатамошното продлабочување на билатералните односи и за зголемување на соработката меѓу Република Македонија и Република Турција. Изразувајќи благодарност за цврстата и принципелна поддршка на Република Турција во однос на нашите стратешки цели, претседателот Иванов нагласи дека Република Македонија високо ја вреднува поддршката од Турција за употребата на уставното имe на Република Македонија и за интеграцијата на земјата во НАТО“, се вели во соопштението од кабинетот на претседателот.

Иванов и Чавушоглу разговарале за состојбите во регионот, за прашањата од надворешно-политички интерес за двете земји и за потребата од поголема соработка меѓу безбедносните служби на Република Македонија и Република Турција. Македонскиот претседател ја истакнал потребата од размена на информации меѓу полициските служби и службите за разузнавање, преземање на заеднички акции, како и изнаоѓањето на ефективни средства и методи за превенција и борба против ширење на насилен екстремизам и тероризам.

Двајцата соговорници ја поздравиле економската соработка, со очекување за нејзино понатамошно интензивирање, како и плодната соработка на полето на одбраната. Претседателот Иванов се заблагодарил за логистичката поддршка за опремување, едукација и за обука на АРМ, како и за досегашната хуманитарна помош добиена од Република Турција, се дознава од соопштението од претседателскиот кабинет.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, заедно со Никола Тодоров, член на iзвршниот комитет на партијата, на средбата со турскиот министер за надворешни работи Чавушоглу разговарал за стратешките интереси на Република Македонија поврзани со евроатланските интеграции и актуелната политичка состојба, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.

„Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, истакна дека Турција е важен пријател на Република Македонија и поддржувач во аспирациите за членство во НАТО. Тој истакна дека стратешки интерес на Република Македонија е зачленување во НАТО, како и членство во Европската Унија, како и тоа дека Македонија е предолго надвор од процесите и дека е потребен чекор кој ќе значи валоризирање и потврдување на сè што досега е постигнато на тој план. Груевски го повтори ставот дека на Македонија ѝ е потребен брз прием во НАТО, и доколку за тоа има чисто и недвосмислено прашање, ВМРО-ДПМНЕ ќе го поддржи. ВМРО-ДПМНЕ ќе ги поддржи и реформите за ЕУ кои се од корист за сите и зад кои нема скриени агенди за партизација на институциите, за што веќе има тенденции од страна на владата на СДСМ“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.

Груевски се заблагодарил за поддршката од Турција и нагласено зборувал за конструктивната и активна улога на турската заедница во демократскиот развој на Република Македонија.


Турскиот министер за надворешни работи, Чавушоглу, во посета на Македонија


Скопје, 18 јуни, 2017 - 10:31 (META) 

Министерот за надворешни работи на Република Турција, Мевљут Чавушоглу, денеска ќе престојува во работна посета на Македонија. Министерството за надворешни работи соопшти дека Чавушоглу ќе се сретне со шефот на македонската дипломатија, Никола Димитров.

На средбата се очекува да бидат разменети мислења за билатералните односи и за можностите за унапредување на соработката во повеќе области, со посебен акцент на понатамошното продлабочување на економската соработка. Двајцата министри ќе разговараат и за актуелните теми во регионот и пошироко, како и за соработката на меѓународен план.

Во рамки на посетата, предвидено е министерот Чавушоглу да биде примен од претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, и од премиерот Зоран Заев.

Министрите Чавушоглу и Димитров ќе присуствуваат и на ифтар, што во чест на турскиот министер за надворешни работи ќе го организира Амбасадата на Република Турција во Скопје.


Холандија ја забрани посетата на Чавушоглу


Хаг, 11 март, 2017 - 16:10 (META) 

Холандската влада денеска ја повлече дозволата за слетување на територијата на земјата на авионот со кој турскиот министер за надворешни работи, Мевљут Чавушоглу, требаше да пристигне на митинг во Ротердам, јави телевизијата „Си-ен-ен Турк“.

Причината за ваквата одлука, како што стои во образложението од холандската влада, е стравот дека престојот на Чавушоглу во Ротердам би можел да ги загрози јавниот ред и безбедност.

Шефот на турската дипломатија претходно, откако градоначалникот на Ротердам, Ахмед Абуталеб ја забрани посетата на Чавушоглу, најави воведување на строги санкции кон Холандија, ако ја спречат неговата посетата.

По ваквата изјава, холандската влада оцени дека „овие закани го прават невозможно изнаоѓањето решение за проблемот“.

Во меѓувреме, турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган ја осуди одлуката на холандската влада изјавувајќи дека Холанѓаните се „остатоци од нацистите и фашисти“.

Еродган се закани дека Анкара соодветно ќе одговори на одлуката на Холандија.

– Ќе видам како по ова холандски авиони ќе летаат во Турција. И тоа мислам на дипломатите, а не на обичните граѓани – рече Ердоган.

 

 

 

 


Чавушоглу е непожелен во Холандија


Хаг, 10 март, 2017 - 11:05 (META) 

Холандската влада смета дека планираната посета на министерот за надворешни работи на Турција, Мевлут Чавушоглу, е „непожелна“, изјави шефот на холандска дипломатија, Берт Кундерс.

Тој наведе дека холандската влада нема да пружи никаква помош доколку Чавушоглу в сабота, сепак, дојде во Холандија за да учествува на митинг за поддршка на претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган.

Кундерс рече дека „владата е одговорна за јавниот ред и мир на граѓаните на Холандија и за никој друг“ и дека затоа „Холандија не сака да се случи тоа“.

Чавушоглу вчера изјави дека никој не може да го спречи да оди на митинг за поддршка на Ердоган во Холандија.


Турција бара ново судење за војниците што побегнаа во Грција


Анкара, 27 јануари, 2017 - 14:08 (META) 

Официјална Анкара побара ново судење на осумте војници што побегнаа во Грција по неуспешниот воен удар во Турција, соопшти шефот на турската дипломатија, Мевлут Чавушоглу.

– Бараме ново судење за осумте војници. Тоа е политичка одлука. Грците штитат пучисти – рече Чавушоглу за „ТРТ Хабер“.

Врховниот суд на Грција вчера донесе одлука да не се екстрадираат осумте војници, кои бараат политички азил.

Турските власти ги сметаат пребеганите војниците за предавници.

Војниците со хеликоптер слетаа на северот на Грција, на 16 јули минатата година, и побараа политички азил, велејќи дека стравуваат за своите животи во Турција.