Одбиено барањето за изземање на Јанева, седницата во Апелација продолжи


Скопје, 5 септември, 2018 - 11:48 (META) 

Барањето на адвокатите на поранешниот премиер и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски за изземање на специјалната јавна обвинителка Катица Јанева е одбиено како недозволено, по што не постојат пречки за продолжување на седницата за жалбата на првостепената пресуда за Груевски и Ѓоко Поповски за предметот „Тенк“.

На седницата не присуствуваат Груевски, како и неговите бранители Димитар Дангов, Сања Алексиќ, Данчо Анаков и Боро Тасевски, кои го известиле Судот дека се спречени да дојдат бидејќи се ангажирани на други предмети во Кривичниот суд. Ѓоко Поповски и неговиот адвокат Стерјо Зиков дојдоа во Алецискиот суд.

Пред судот има полициско обезбедување, а има и граѓани кои протестираат.

За случајот „Тенк“, односно за набавката на лускузниот „мерцедес“ вреден 600 илјади евра, поранешниот премиер Никола Груевски како поттикнувач за извршување на делото е осуден на две години затвор, а поранешниот помошник министер во МВР Ѓоко Поповски на шест години и шест месеци затвор.


Груевски денеска не се појави на суд, адвокатите бараат изземање на Јанева


Скопје, 5 септември, 2018 - 11:17 (META) 

Адвокатите на поранешниот премиер и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски побараа изземање на обвинителката Катица Јанева на денешното продолжение на јавната седница во Апелациониот суд, за жалбата за затворските казни за Груевски и Ѓоко Поповски во предметот „Тенк.“

По ова барање, беше дадена пауза, за Судскиот совет да реши како ќе продолжи седницата.

Груевски вчера на прес-конференција најави дека денеска нема да се појави во суд, бидејќи како што кажа „власта води политичка хајка против него и однапред се знае пресудата“.

На седницата не присуствуваат ниту неговите адвокати, кои го известиле судот дека се спречени да дојдат, бидејќи се ангажирани на другите предмети во Кривичниот суд. Ѓоко Поповски и неговите адвокати пак се присутни на седницата.

Во случајот на СЈО „Тенк“, Груевски во Кривичниот суд беше осуден на две години затвор како поттикнувач на делото за набавка на „мерцедесот“ од 600 илјади евра.


Се одложи јавната расправа во Апелација за затворската казна за Груевски


Скопје, 30 август, 2018 - 11:55 (META) 

Во Апелацискиот суд во Скопје денеска на самиот почеток беше одложена јавната седница на која се разгледува жалбата на поранешниот премиер Никола Груевски за пресудата во случајот „Тенк“ на СЈО за набавката на луксузниот „мерцедес“ вреден речиси 600.000 евра, со која тој доби двегодишна затворска казна.

Одложувањето беше поради отсуството на Груевски и неговите четворица адвокати, кои според претседателката на кривичниот совет Цветанка Перишиќ, уредно го известиле судот дека денеска ќе приствуваат на рочиштето во Кривичниот суд Скопје за предметот на СЈО „Насилство во Центар“, во кое Груевски, исто така, е обвинет.

Седницата е презакажана за утре.


Судењето на Јанкулоска за блиндираниот мерцедес продолжува утре


Скопје, 29 август, 2018 - 17:04 (META) 

Раздвоената судска постапка против поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, за предметот „Тенк“ на Специјалното јавно обвинителство за набавката на луксузниот „мерцедес“ вреден околу 580.000 евра продолжува утре со сослушување на сведоци.

Таа беше издвоена од почнатиот судски процес поради нејзината ризична бременост. Пролетва за набавката на блиндираниот автомобил поранешниот помошник министер во МВР Ѓоко Поповски доби шест години и шест месеци затвор, а поранешниот премиер Никола Груевски, како поттикнувач за извршување на делото, доби две години затвор.

Специјалниот јавен обвинител Стефчо Донев, во воведен говор на денешното рочиште, наведе дека Јанкулоска сторила злоупотреба на службената положба и овластување.

Јанкулоска, во воведен говор пред судот, рече дека иако постапката се одвива во сложени услови, како издвоена од предмет за кој веќе има донесена одлука, сепак ќе ги побијат тврдењата дека со набавката се исполнувани нечии „лични желби“ и ќе докажат дека набавката е согласно стандардите за работа на Министерството.


Груевски доби две години казна затвор за луксузниот „мерцедес“


Скопје, 23 мај, 2018 - 13:26 (META) 

Кривичниот суд го осуди на две години казна затвор поранешниот премиер и поранешен претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски во судскиот процес „Тенк“, за набавката на луксузниот блиндиран „мерцедес“ од 35 милиони и 266 илјади денари, односно 575.000 евра.

Груевски, кој не се појави во судница да ја слушне пресудата, беше обвинет за „примање награда за противзаконито влијание“.

Ова е првата пресуда против Никола Груевски во случаите што против него ги води Специјалното јавно обвинителство (СЈО).

Поранешниот помошник-министер за јавни набавки во МВР, Ѓоко Поповски, кој беше обвинет за злоупотреба на службената положба и овластување доби казна од шест години и шест месеци.

Покрај тоа, обајцата треба да ги надоместат и судските трошоци во износ од 325.584 денари.

Во овој случај обвинета за истото дело е обвинета и поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, но постапката за неа беше издвоена поради „ризична бременост“.

– Неспорно е дека е набавено возило марка „мерцедес“ и дека обвинетите знаеле дека се работи за исклучително скапо возило. Груевски побарал, а Јанкулоска извршила службено дејствие кое не смеела да го изврши и го поттикнала Поповски да го стори кривичното дело злоупотреба на службената положба. Обвинетите го фаворизирале економскиот оператор „Мак Аутостар“ – рече пред изрекување на пресудата судијката Добрила Кацарска.

Како што образложи Кацарска, од изведените докази меѓу кои се прислушувани разговори до сега не објавени, судот утврдил дека уште во февруари 2012 година, два месеци пред да биде распишан јавниот оглас, Груевски во телефонски разговор со Гордана Јанкулоска кажува дека ги видел сите три проспекти и дека него го интересира само „она на М“, а потоа на 30 март истата година, еден месец пред да биде распишан огласот, одговорниот во импортерот „Мак Аутостар“ извршил резервација на возилото, во централата во Штутгарт, а потоа во друг меил десетина дена подоцна ги информирал дека работата сигурно ќе биде средена за возилото да се испорача.

Како што рече Кацарска, од доказите се утврдило дека обвинетиот Ѓоко Поповски бил во комуникација со „Мак Аутостар“ и од нив побарал точна спецификација на „мерцедесот“ за токму таа спецификација да биде ставена во јавниот оглас, со што несомнено се гледа дека огласот бил наместен за да се набави автомобилот што го сакал Груевски.

Во образложението на пресудата беше кажано дека од другите докази се видело дека во постојана координација на Јанкулоска, Поповски и вработените во МВР што требале да го напишат огласот се правело сè за да се исклучи можноста да се јави друг конкурент, односно како што рече, слични возила нуделе и „бмв“ и „ауди“, но огласот бил напишан за специфични менувач, заден погон и сила на моторот како и за друга техничка опрема, што другите производители не можеле да ги понудат.

За набавката од март до јули интензивно комуницирале и Јанкулоска и тогашниот генерален серетар на владата Кирил Божиновски при што и тој бил прецизно информиран дека работата е средена за да се добие „мерцедесот“ што го барал Груевски.

„Бомбата“ за набавката на луксузниот блиндиран „мерцедес“ беше објавена пред малку повеќе од три години, на 13 мај 2015 година. Во јануари 2017 година почна истрагата на СЈО, а во јануари 2018 година започна и судскиот процес. Обвинителите од СЈО побараа осудителна пресуда, бидејќи набавката била лична желба и хир на експремиерот купена со буџетски пари, при што била фаворизирана една фирма.


Десетина лица на протест пред Кривичен суд ја чекаат пресудата за Груевски во „Тенк“


Скопје, 23 мај, 2018 - 12:41 (META) 

Околу триесетина лица се собрани на протест пред Кривичниот суд во Скопје исчекувајќи ја судската пресуда за поранешниот премиер и екс лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, во случајот „Тенк“ на Специјалното јавно обвинителство.

Помеѓу присутните се и поранешниот градоначалник на Скопје, Коце Трајановски и поранешниот градоначалник на општина Аеродром, Ивица Коневски.

Полицијата уште синоќа го огради судот со метална ограда и го ограничи движењето.

Во случајот „Тенк“ кој се однесува на набавката на луксузниот мерцедес, Груевски е обвинет за примање награда за противзаконито влијание. Обвинителите од СЈО побараа осудителна пресуда, бидејќи набавката била лична желба и хир на експремиерот купена со буџетски пари, при што била фаворизирана една фирма.


Завршни зборови за „Тенк“, продолжуваат судењата за „Тендери“ и „Тотал“


Скопје, 14 мај, 2018 - 10:18 (META) 

Во Основниот суд Скопје 1 денеска ќе се одржат три судски рочишта за случаите на Специјалното јавно обвинителство, од кои за еден ќе се изнесуваат завршните зборови.

Во судењето за случајот „Тенк“, во кој, за набавката на прескапиот блиндиран „мерцедес“ вреден близу 600.000 евра, на поранешниот премиер Никола Груевски и поранешниот помошник министер во МВР Ѓоко Поповски, треба да бидат изнесени завршните зборови на одбраната. Во овој случај обвинета е и поранешната министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, но постапката за неа беше издвоена поради „ризична бременост“.

Во Кривичниот суд покрај овој процес, денеска ќе има рочишта и за  случаите „Тендери“ и „Тотал“. Во првиот случај и се суди на поранешната министерка за култура Елизабета Канческа – Милевска, за тендерот за завршни работи во Музејот на македонската борба за државност и самостојност од проектот „Скопје 2014“. Во овој случај обвинети се уште двајца членови на Комисијата за јавни набавки.

Во случајот „Тотал“, му се суди на новинарот Драган Павловиќ-Латас, кој не присуствуваше на претходните три рочишта поради здравствени, односно семејни причини. Латас се товари дека давал лажни податоци во завршните сметки и даночните пријави при што преку неговите фирми затаил данок во износ од 7.466.981 денар или 121.414 евра, а лично тој затаил 3.876.471 денар или 63.032 евра.


Урко се појави во судот да сведочи во случајот „Тенк“


Скопје, 25 април, 2018 - 11:05 (META) 

Поранешниот шеф на обезбедувањето на Никола Груевски, Дејан Митровски Урко, утрово пристигна во новиот Кривичен суд во Скопје каде треба да сведочи за набавката на „мерцедесот“.

Тој требаше да се појави и на претходното рочиште. Тогаш судијката им посочи на адвокатите на Груевски да го побараат телефонски да дојде, но тие не успеаа да стапат во контакт со него. Судијката рече ако не дојде и денеска ќе го избрише од листата сведоци.

Покрај Урко на денешното рочиште се појави и Зоран Василевски кој не дојде на претходното рочиште бидејќи бил на службен пат.

Денеска треба да сведочат и вештаци и да се чита нивниот извештај. Потоа следува и изведувањето на писмените докази на одбраната.

На претходните две рочишта во судот беа сослушани вкупно 19 лица предложени од Груевски и неговите адвокати. Сите биле дел од тимот за обезбедување во времето кога тој беше премиер и сите ја потенцираа лошата состојба на стариот блиндиран мерцедес и потребата од набавката на ново возило.

Покрај Груевски, обвинет е и поранешниот помошник-министер во МВР, Ѓоко Поповски. На обвинителна клупа со нив седеше и екс министерката Гордана Јанкулоска, но поради ризична бременост постапката за неа беше раздвоена.


Дејан Митревски – Урко ќе сведочи на рочиштето за „Тенк“


Скопје, 23 април, 2018 - 10:04 (META) 

Во Основниот суд Скопје 1 заденеска е закажано ново рочиште за предметот на Специјалното јавно обвинителство (СЈО) наречен „Тенк“. Тој се однесува на набавката на луксузниот мерцедес вреден близу 600.000 евра.

Пред Судот денеска исказ треба да дадат нови сведоци, меѓу кои и шефот на обезбедувањето на поранешниот премиер Никола Груевски, Дејан Митревски – Урко.

Во „Тенк“ обвинети се поранешниот премиер Никола Груевски, поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска и поранешниот помошник министер во МВР, Ѓоко Поповски. Пред две рочишта Судот донесе одлука да ја раздвои постапката за Јанкулоска поради ризична бременост.

На минатото рочиште повеќе од пет часа исказ даваа 11 сведоци на одбраната. Тие посочија дека набавката на новиот „мерцедес“ била неопходна, бидејќи старото возило често останувало во дефект и не било безбедно за превоз на ВИП личности.


Груевски: Можеби следната истрага на СЈО ќе биде затоа што некаде сум ручал, па сум платил


Скопје, 21 март, 2018 - 17:10 (META) 

Првата отворена истрага е за попис и нема да ме изненади ако следната отворена истрага биде затоа што некаде сум ручал, па сме станале на сред ручек и сме му направиле штета на Буџетот со тоа што сме го платиле целото јадење, вели Никола Груевски, коментирајќи го отворањето на три нови случаи на Специјалното јавно обвинителство денеска, од кои во два е тој главен осомничен.

Коментирајќи го случајот „Попис“, тој рече дека не бил вклучен во постапката.

– Во спроведувањето на пописот имаше Државна комисија која си ја работеше својата работа и цврсто верувам дека тоа го правеше одговорно и професионално. Сите и во политиката и граѓаните следевме што се случува и бевме загрижени да не има некакви проблеми, но одлуките си ги носеа тие. Ние само можевме да следиме. Ова го сметам како обид на СЈО да го дефокусира вниманието на јавноста од она што се случува во земјата. Не можат СЈО да одржат толку прес-конференции и да отворат толку истраги колку што Заев може да направи глупости. Заев е многу побрз, подинамичен и почесто ги прави глупостите отколку што тие можат да одржат прес-конференции со цел да ги затскријат неговите глупости и грешки што секојдневно ги прави – рече Груевски по судското рочиште судење за случајот за блиндираниот „мерцедес“.