!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Избеган затвореник и баран криминалец од Србија, биле убиените од менувачницата


Скопје, 4 декември, 2017 - 15:08 (META) 

Основното јавно обвинителство Скопје соопшти дека во соработка со МВР е идентификуван и вториот разбојник што беше убиен во средата минатата недела, при обид да ограби менувачница во скопската населба Кисела Вода.

Тој е  граѓанин на Србија, по кого поради претходно сторени кривични дела била распишана потерница.

Според првичните сознанија на јавното обвинителство, македонскиот државјанин, кој вршејќи разбојништво настрада во менувачницата, бил осуденик кој од користење слободен викенд во март годинава не се вратил в затвор. Тој летово бил сторител на петнаесетина разбојништва во банки, менувачници и во обложувалници. Разбојништвата претежно ги вршел сам, но последниот пат се здружил со познатиот разбојник од Република Србија.

Во однос на постапката против сопственикот на менувачницата, кој по физичката пресметка со разбојниците пукал во нив и ги убил, обвинителството уште нема донесено дефинитивна одлука.


OJO идентификувало еден од убиените напаѓачи во менувачницата во Кисела Вода


Скопје, 27 ноември, 2017 - 22:47 (META) 

Основното јавно обвинителство Скопје извршило увид во менувачницата во Кисела Вода каде попладнево при обид за разбојништво две лица беа убиени. Од ОЈО информираат дека познат е идентитетот на едно од починатите лица.

Надлежен јавен обвинител издал наредба за обдукција на починатите и за вештачење на прибраниот доказен материјал.

„Обезбедени се траги од местото на настанот, како и видеонадзорот од менувачницата. Идентитетот на едно од починатите лица е утврден. Во моментов се преземат дејства за идентификација на второто починато лице“, велат од ОЈО.

Двојното убиство се случи попладнево кога две вооружени лица се обиделе да ограбат менувачница на улицата Борис Трајковски во скопската населба Кисела Вода. Сопственикот на менувачницата по физичка пресметка со напаѓачите, пукал во нив и ги убил. Од ОЈО информираат дека му е укажана медицинска помош, поради добиени телесни повреди.


МВР: Сопственикот на менувачницата ги убил двајцата напаѓачи


Скопје, 27 ноември, 2017 - 19:08 (META) 

Две засега непознати лица се убиени при обид да ограбат менувачница на улицата Борис Трајковски во Кисела Вода, соопшти МВР.

Од МВР велат дека во 16.35 часот во Единицата за известување и команда добиена е пријава дека на улицата Борис Трајковски во Скопје, во менувачница, имало пукање од огнено оружје.

Според првичните сознанија, двете лица, на чија идентификација се работи, влегле во менувачницата во која се наоѓал сопственикот Г.А. (58) од Скопје.

Во обид да извршат разбојништво и вооружени со огнено оружје, настанала, прво, физичка пресметка со сопственикот на менувачницата, по што Г.А. посегнал по пиштол и ги застрелал напаѓачите кои починале на самото место.

На местото на настанот увид врши дежурен јавен обвинител.


Двајца застрелани при обид да ограбат менувачница во Кисела Вода


Скопје, 27 ноември, 2017 - 17:52 (META) 

Две лица се убиени при вооружена пресметка во менувачница во скопската населба Кисела Вода.

Неофицијално, двете лица се убиени при обид да ограбат менувачница, која е лоцирана на булеварот Борис Трајковски, кај Чешма во Кисела Вода.

Според првичните информации, лицето во менувачницата најверојатно извадило оружје и ги убило разбојниците.

Пред менувачницата во моментов има големо полициско обезбедување и три амбулантни возила.


Кривична пријава за скопјанец кој се обидел да ограби две менувачници


Скопје, 11 ноември, 2017 - 13:27 (META) 

Секторот за внатрешни работи Скопје до надлежното Основно јавно обвинителство поднесе кривична пријава против Б.Н. (45) од Скопје, поради сомнение дека се обидел да ограби две менувачници, во Карпош и во Центар.

Како што соопшти МВР, Б.Н. првото од двете дела го извршил на 2-ри овој месец, околу 13,35 часот, на ул. Московска, на подрачјето на општина Карпош, во менувачницата „Сиба Комерц“. Откако влегол во менувачница, на вработената и се претставил дека е службено лице од Управата за јавни приходи, и наредил веднаш да ја отвори вратата која води кон канцеларијата на вработените. Вработената ја одбила наредбата и побарала од Б.Н. да се легитимира, по што тој изреволтиран излегол надвор. Но, по кратко време повторно се вратил во менувачницата, носејќи со себе камен со кој започнал да го крши заштитното стакло од пултот, со цел да влезе во канцеларијата и да ги одземе паричните средства кои претпоставил дека се наоѓаат таму. Од силните удари, заштитното стакло пукнало, по што вработената го вклучила безбедносниот аларм, а Б.Н. се откажал во својата намера, излегол од менувачницата и се упатил во непознат правец.

Второто кривично дело го извршил по четири дена, на 7-ми овој месец, околу 13,30 часот, на бул.„Партизански Одреди“, на подрачјето на општина Центар, во менувачница „Линда“. Овој пат влегол во менувачницата, пристапил кон работниот пулт, по што извадил пиштол и го вперил кон вработениот кој се наоѓал зад заштитното стакло на пултот и му наредил да му ги даде парите. Вработениот одбил да ја послуша наредбата, по што пријавениот го репетирал пиштолот и со цевката тропнал на заштитното стакло. Во тој момент вработениот пред менувачницата забележал полициски службеници од единицата Алфа, почнал да вика и да бара помош, по што Б.Н. го ставил пиштолот во внатрешноста од својата јакна и со забрзан чекор излегол од менувачницата, со цел да побегне. Полициските службеници му наредиле да застане, му извршиле претрес при што кај него пронашле еден пластичен пиштол.
Б.Н. е приведен во полициска станица, каде што е извршен разговор во кој детално ги појаснил кривичните дела.

Истиот ден, извршено е и препознавање од страна на оштетените, кои потврдиле дека приведениот е лицето кое се обидело да ги ограби менувачниците.


Две лица ранети во Сарај


Скопје, 18 септември, 2017 - 14:56 (META) 

МВР соопшти дека во два инцидента во селото Сарај вчера биле ранети две лица.

Еден од ранетите е сопственик на менувачница, а добил куршуми во двете нозе при грабеж на менувачницата во трговскиот центар „Сарај“. Еден од разбојниците носел автоматска пушка, а другиот пиштол кога влегле во менувачницата во 20.20 часот вчера.

Сопственикот на менувачницата поради повредите е однесен во Ургентен центар.

Во вториот случај, станува збор за музичар кој свирел на свадба. Тој побарал лекарска помош во Градската општа болница „8 Септември“ поради рана во десната потколеница. Кажал дека бил погоден од заталкано зрно.

Полицијата вели дека работи на целосно расчистување на двата случаја.


Излажал дека е полицаец за да смени фалсификувана банкнота од 100 долари


Штип, 17 февруари, 2016 - 14:31 (META) 

Секторот за внатрешни работи Штип поднел кривична пријава против 40-годишниот А.П., жител на градот, осомничен за фалсификување пари и за лажно претставување.

Како што информираат од полицијата, осомничениот кон крајот на октомври минатата година, во менувачница во Штип пуштил во оптек фалсификувана банкнота од 100 американски долари.

Кога вработениот во менувачницата се посомневал во автентичноста на банкнотата, осомничениот се претставил како полицаец и покажал легитимација, а вработениот му поверувал и му ја сменил банкнота за износ од 5.520 денари.


Разбојник се обидел да ограби менувачница во Велес


Велес, 8 септември, 2015 - 11:46 (META) 

Избеган затвореник синоќа, околу 19 часот, со маска на главата влегол во менувачница во Велес за да ја ограби, но вработениот му се нафрлил и почнале да се борат.

Вработениот успеал да го истурка разбојникот низ влезната врата, каде што продолжиле да се борат. Се слушнале и истрели од автоматската пушка, а куршумите завршиле во ѕид и во паркиран автомобил.

Според првичните информации од терен, разбојникот се обидел и да бега. Граѓани кои биле случајно пред менувачницата, веднаш почнале да го бркаат разбојникот и по кратко време го фатиле и го совладале.

Во близина имало и полициски службеници, кои не биле на должност, кои, исто така, помогнале при фаќање на сторителот.
Моментално разбојникот е приведен во полициска станица, каде е почната постапка на расветлување на настанот.

Неофицијалните информации што стигнаа до медиумите укажуваат дека станува збор за познат разбојник, кој во моментов издржува затворска казна за исто кривично дело сторено пред една деценија во Скопје. Тој успеал да избега од затворот во Штип и бил баран од полицијата.


Украден сеф од менувачница на улица Македонија


Скопје, 2 јануари, 2015 - 13:36 (META) 

Вчеравечер, околу 22 часот, непознат сторител провалил во менувачница на улица Македонија во Скопје и украл сеф во кој, според пријавата, имало 12.000 евра, информираат од полицијата.

Како што информираат оттаму, станува збор за менувачницата „НН“, сопственост на скопјанецот Д.Н. (43).

Полицијата нема осомничено лице за тешката кражба.

Полицијата презема мерки и за откривање на сторителот на кражба во магацин на фирмата „АТА Металотехна“, која се наоѓа на булеварот Македонско-косовска бригада.

Крадецот, со помош на соодветен алат, преку покривот влегол во магацинот и украл делови за инсталација за водовод и за водомери, чија вредност била проценета на околу 13.400 евра.

Според записникот што бил доставен во полициската станица Бит пазар, кражбата се случила меѓу 24 и 25 декември минатата година.