!На 1 февруари 2017 година, заврши промотивниот период на слободно користење на содржините на „Мета“. Во периодот што претстои го воведуваме новиот систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително

Нема да преговараме за плaќање на ѕидот со САД, соопшти шефот на мексиканската дипломатија


Вашингтон, 27 јануари, 2017 - 11:30 (META) 

Министерот за надворешни работи на Мексико,  Луис Видегарај, рече дека неговата земја е подготвена да разговара со САД за да се одржат добрососедските односи, но за плаќање на ѕидот на американско-мексиканската граница „нема преговори“.

– Постојат работи за кои не се преговара, работи за кои не може да има и нема да има преговори. Фактот што е речено дека Мексико треба да плати за ѕидот е нешто што едноставно не подлежи на преговори – рече Луис Видегарај на прес-конференција во амбасадата на Мексико во Вашингтон.

Во врска со изјавата на американскиот претседател Доналд Трамп дека сака да наметне нов данок од 20 отсто за стока увезена од Мексико, за да ја финансира изградбата на ѕидот, Луис Видегарај рече дека таквиот данок ќе ги направи мексиканските производи поскапи за американските потрошувачи.

Трамп изјави дека сака да наметне нов данок од 20 отсто за стока увезена од Мексико за да го финансира ѕидот на јужната граница на САД, соопшти вчера портпаролот на Белата куќа, Шон Спајсер.

Засега не се наведува како би функционирал данокот, но Спајсер рече дека спаѓа во пакетот даночни реформи за кои размислува Конгресот на САД.


„Ел Чапо“ екстрадиран во САД


Вашингтон, 20 јануари, 2017 - 12:14 (META) 

Мексиканскиот нарко-дилер Хоакин „Ел Чапо“ Гузман вчера е испорачан во САД по обвинение за трговија со наркотици, убиства, киднапирања и за други кривични дела, а денеска треба да се појави пред судот во Њујорк.

Мексиканското министерство за надворешни работи соопшти дека Гузман е предаден на американските власти, а двајца високи претставници на САД ја потврдија информацијата.

Американската управа за борба против наркотици го презела Гузман во Сиједад Хуарес, во мексиканската држава Чивава, во близина на градот Ел Пасо, а потоа со авион е пренесен во Њујорк, каде пристигнал околу 17.30 часот по локално време.

Водачот на картелот Соналоа е уапсен пред една година, откако вторпат побегна од затвор со максимално обезбедување, низ тунел ископан од неговата ќелија.

САД се обидуваа да го изведат Гузман пред американскиот суд откако првпат е обвинет кон почетокот на 90-тите години на минатата година. На Гузман му се заканува доживотна затворска кана по обвиненијата поднесени во повеќе американски градови, вклучувајќи ги Њујорк, Сан Диего, Чикаго и Мајами.


Вооружен напад во ноќен клуб во Мексико


Плаја дел Кармен, 16 јануари, 2017 - 14:21 (META) 

Неколку лица се убиени во ноќниот клуб „Блу перот“, во мексиканскиот град Плаја дел Кармен. Според првичните информации, убиени се пет лица, но оваа бројка не е официјално потврдеа.

Неколку напаѓачи отворија оган во клуб во раните утрински часови. Властите потврдија дека во клубот се случило пукање, но оти точниот број на жртви не е познат.

На социјалните мрежи е објавено дека најмалку пет лица се убиени, а неколку се ранети.

Засега уште не се знае кој го извел нападот.

Плаја дел Кармен е популарно туристичко место кое се наоѓа на 70 километри од Канкун, а таму деновиве се одржува музичкиот фестивал „Би-пи-ем“.

Бројни полициски и екипи на итната помош се на местото на пукањето.


Трамп: За 90 дена ќе имаме извештај за „руското хакирање“


Њујорк, 11 јануари, 2017 - 20:00 (META) 

Новоизбраниот американски претседател, Доналд Трамп, денеска во Њујорк ја одржа првата прес-конференција.

Првото прашање на кое одговори беше за скандалот околу наводното хакирање, а Трамп изјави дека „зад тоа стои Русија, но учествувале и други поединци и земји“.

Трамп истакна дека разузнавачките агенции се многу важни и затоа ќе бидат вработени нови лица. Посочи дека за 90 дена ќе има извештај за хакирањето за да се запре таквиот нов феномен.

На прашањето за неговиот однос со Русија, Трамп наведе дека „доколку на Путин му се допаѓа Трамп, тогаш тоа е предност“ и дека со него како претседател, Русија многу повеќе ќе ги почитува Соединетите Американски Држави.

Трамп на прес-конференцијата повтори дека зголемените даноци за бизнисите надвор од границата ќе останат и ќе бидат спроведени, но и дека ѕидот со Мексико дефинитивно ќе биде подигнат.

– Го почитувам Мексико, претставниците и народот. Не ги обвинувам нив што ги искористија САД, но ѕидот мораме да го подигнеме. Се спроведува план за собирање пари за реализација, но штом ќе го средиме тоа, ќе подигнеме ѕид кон таа земја – изјави меѓу другото Трамп.

Трамп исто така најави дека неговиот приватен бизнис ќе им го препушти на своите синови и дека тој целосно ќе се повлече.

Инаугурацијата на Трамп ќе се одржи на 20 јануари.


Пронајдена масовна гробница во Мексико


Веракруз, 18 август, 2016 - 10:32 (META) 

Роднини на исчезнати лица во Мексико пронашле масовна гробница со најмалку 60 тела, соопштија денеска активисти.

Телата се откриени во близина на градот Колинас де Санта Фе во источната држава Веракруз, соопшти портпаролката на активистичката група „Колтово солесито“.

Таа додаде дека во ексхумацијата помагаат експерти од федералната полиција.

Активистите се сомневаат дека станува збор за жртви на трговија со дрога.

– Војната на нарко-картелите предизвикува страшно насилство во Веракруз – рече Лусија де лос Анхелес.

Неколку ривалски нарко-банди веќе си години се борат за превласт во Веракруз
.


Мексико одобри Ел Чапо да биде екстрадиран во САД


Мексико сити, 21 мај, 2016 - 16:43 (META) 

Мексиканската влада ја одобрила екстрадицијата на нарко-дилерот Хоакин Гузман Лореа, попознат како Ел Чапо на властите во САД, каде тој се бара за повеќе кривични дела, меѓу кои и за шверц и убиство.

Адвокатите на Гузман, пренесува „Би-би-си“, најавиле дека ќе поднесат жалба на ваквата одлука, поради што се очекува екстрадицијата да се одолговлекува со месеци.

Озлогласениот нарко-дилер беше фатен во јануари, оваа година, откако шест месеци претходно тој, преку специјално направен тунел, побегна од затвор со максимално обезбедување во Мексико.

Гузман во САД се соочува со обвиненија од седум федерални обвинители. Тој е обвинет за перење на пари, како и за поседување на дрога и оружје.


Сè поголем бројот на загинатите во експлозијата во Мексико


Мексико Сити, 25 април, 2016 - 10:14 (META) 

Најмалку 32 лица загинаа во експлозијата на нафтената постројка „Пемекс“ во мексиканската држава, Веракруз, соопшти денеска компанија, додавајќи дека ова е новиот биланс.

Бројката се зголеми откако вчера се пронајдени тела на уште четири лица.

Повеќе од 100 вработени во постројката се повредени во силната експлозија, која се случи минатата среда.

Пожарот бил предизвикан од течење на нафта, но истрагата за околностите за несреќата е во тек.

Експлозијата се почувствувала на далечина од 10 километри и предизвика паника меѓу населението.
Стотини лица од тоа подрачје се евакуирани поради густиот чад и загадениот воздух.


Дваесет и четири загинати во Мексико


Мексико, 22 април, 2016 - 14:01 (META) 

Најновите податоци за жртвите во експлозијата во нафтениот комплекс во мексиканската држава Веракруз, кој се случи во средата, говорат за 24 мртви и за осум исчезнати лица, откако спасувачите успеале да продрат во внатрешноста на постројката, објави синоќа мексиканската компанија „Пемекс“.

По експлозијата во средата, „потврдени се 24 смртни случаи“, изјави Хозе Антонио Гонзалес Анаја, директор на „Пемекс“ и косопственик на компанијата, истакнувајќи дека бројот на исчезнатите се намалил од 18 на осум лица.

Пожарот најверојатно бил предизвикан од протекување на нафта. Стотина лица од тоа подрачје се евакуирани поради густиот чад и загадениот воздух.

Експлозијата се почувствувала на далечина од 10 километри.


Експлозија на нафтена постројка во Мексико – тројца загинати и 136 повредени


Мексико Сити, 21 април, 2016 - 10:43 (META) 

Три лица загинаа, а 136 се повредени во огромна експлозија во нафтена постројка на југоистокот на Мексико, соопштија претставници на државната енергетска компанија „Пемекс“, додавајќи дека поради инцидентот е наредена евакуација.

Огромен отровен сив облак од чад можел да се види како се надвива над постројката, позната како„Пајаритос“, во градот Коатсакоалкос во државата Веракруз. Поради експлозијата, која можела да се почувствува на оддалеченост од 10 километри, се евакуирани школите и деловните објекти.

Засега не е позната причината за експлозијата во постројката.

Мексиканскиот претседател Енрике Пена Нието на „Твитер“ објави дека владата ќе им помогне на повредените работници во квартовите во тоа подрачје.

Пожарите во нафтените постројки во Мексико се релативно честа појава.


Папата Франциск смета дека Доналд Трамп не размислува христијански


Мексико сити, 18 февруари, 2016 - 19:40 (META) 

Папата Франциск ги стави под знак прашалник христијанските убедувања на кандидатот за претседател на Соединетите Американски Држави (САД) од редовите на Републиканската партија, Доналд Трамп, кој повикува на подигнување ѕид долж границата со Мексико, пренесува „Би-Би-Си“.

„Личност која размислува само за градење ѕидови, каде и да било, а не за градење мостови, не е христијанин“, изјавил папата пред крајот на својата посета на Мексико.

Коментарот на папата Франциск се однесува на изјавите на Трамп на неговите јавни настапи, во кои како претседателски кандидат најавува и дава отворена поддршка на поставувањето ѕид на границата со Мексико, како и депортирање на речиси 11 милиони имигранти без документи.

Американскиот бизнисмен, пак, во обраќање на собир во сојузната држава Јужна Каролина, како одговор на коментарите на папата рекол дека „е срамно за еден верски лидер да ја преиспитува верата на друг човек“.

„Ниту еден лидер, особено верски, нема право да ја преиспитува религијата или верата на друг човек. Папата искажа негативни работи за мене бидејќи Мексиканците го убедиле дека Трамп не е добар човек“, пренесува „Би-Би-Си“ дел од изјавата на Трамп.