Филмот „Исцелител“ на СЕЕ Фест во Лос Анџелес


Скопје, 27 април, 2018 - 13:41 (META) 

Филмот „Исцелител“ на младиот режисер Ѓорче Ставрески ќе се прикажува во натпреварувачка програма на СЕЕ Фест во Лос Анџелес, САД.

Фестивалот СЕЕ Фест е основан во 2002 година. Тој е посветен на филмови кои подлабоко ја раскажуваат приказната за Јужна и Источна Европа. Заедно со „Исцелител“ во натпреварувачката програма ќе се прикажат уште девет филма меѓу кои и словенскиот „Рудар“, добитник на награда во Трст, косовскиот „Бракот“, добитник на награда во Талин, азејберџанскиот „Овоштарникот со калинки“, добитник на наградата Еурасиан и други.

По Кливленд, Минеаполис и Санта Барбара, ова е четврти фестивал во САД на кој ќе учествува „Исцелител“. На фестивалот во Санта Барбара, македонската црна комедија ја освои наградата за најдобар филм.

Изминатите денови филмот ја освои наградата за најдобар дебитантски филм на „Let’s CEE“ во Виена, а беше прикажан на меѓународните филмски фестивали во Техеран и во Пекинг. По пет месеци од неговата премиера филмот освои 9 меѓународни награди и признанија и беше прикажан на вкупно 23 фестивали низ светот.