!На 1 февруари 2017 година, заврши промотивниот период на слободно користење на содржините на „Мета“. Во периодот што претстои го воведуваме новиот систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително

Скопје и Тетово се загадени поради големиот и брз урбан развој без еколошки стандарди


Тетово, 19 мај, 2017 - 16:10 (META) 

Аерозагадувањето во Скопје и во Тетово е резултат на нивниот голем и брз урбан развој, кој се одвива без да се запазат основните урбанистички и сообраќајни стандарди. Ова е ставот на дел од учесниците на Меѓународната конференција на применети науки, која се одржа на Државниот универзитет – Тетово.

Професорот Вулнет Палоши смета дека градот треба да се развива на основа на генерален урбанистички план. Но, наместо тоа, во градот се носат урбанистички планови за неколку објекти, без да се утврди дали тој план содејствува со другиот дел од градот, вели Палоши.

– Добро е што Тетово се развива, има студенти, има трговија, за сето ова се потребни градби. Тие градби се градат, но не се градат планирано, во содејство со другиот дел од градот, туку парцијално. Ние во Тетово не можеме да се потпреме на генералниот урбанистички план, затоа што е стар и затоа се носат парцијални урбанистички решенија за градби, кои кога се градат, не се внимава дали ќе му пречат некому или ќе ја запрат ружата на ветрови. Затоа потоа воздухот се загадува, во градот се намалува провевот – рече професор Палоши.

Професорот Миле Димитриевски, кој учествуваше на конференцијата, вели дека за прочистување на воздухот, ќе треба сите макотрпно да работиме и дека проблемот не се решава наеднаш.

– Ние сите работевме повеќе од една деценија да го загадиме воздухот, сега ќе треба толку да работиме да го прочистиме воздухот. Треба да работиме да го дислоцираме поголемиот дел од сообраќајот од градот, преку изградба на обиколница за град Тетово, треба да ја дислоцираме и дивата депонија, каде повеќе од една деценија се таложи ѓубрето. Како што сме работеле на уништување на зеленилото, така треба сега да работиме на негово засадување. Треба да ги намалиме возилата кои циркулираат на квадратен метар. За сето ова е потребно време и затоа овие чекори треба да ги почнеме да ги реализираме, затоа што доцниме – рече Димитриевски.

На Меѓународната конференција за применети науки беа презентирани 120 научни трудови од областа на архитектурата, геодезијата, сообраќајот и на инженерството.


Меѓународна научна конференција „Охридска школа на правото“


Охрид, 12 мај, 2017 - 11:25 (META) 

Во организација на Здружението на граѓани – Институт за правно-економски истражувања и едукација, „Јуридика Прима“, во Охрид почна третата Меѓународна научна конференција „Охридска школа на правото“.

Конференцијата на тема „Ефикасната заштита на човековите права и слободи: Реалност или идеал“ ќе трае до 14 мај.

– Охридската школа на правото се базира на старите корени на Светиклиментовиот универзитет. Идејата на годинешната трета по ред школа, е да се подобри законската регулатива во однос на човековите права. Годинава има зголемен интерес за учество, при што ќе дискутираат стручни лица од универзитети од повеќе земји од Балканот. Ако минатата година имавме 40 учесници, за оваа година е најавена бројка од 100 универзитетски професори, студенти и експерти од универзитети од Белград, Мостар, Подгорица, Софија и, секако, од Македонија. Авторите ќе ги презентираат своите трудови. Идејата е да се подобри законската регулатива во заштитата на човековите права, а тоа ќе се рефлектира и со подобрување на самото општество – вели професор Ангел Ристов, претседател на здружението „Јуридика Прима“.


Зденек Опатрил: Словенските народи исправени пред сериозен предизвик за својот опстанок


Охрид, 24 мај, 2016 - 13:20 (META) 

Во Охрид, се одржува меѓународна конференција на тема „Тајните на словенската писменост“, посветена на словенските просветители Кирил и Методиј и 1.100-годишнината од упокојувањето на Св. Климент Охридски.

Учествуваат педесетина професори, експерти и слависти од Македонија, Русија, Украина, Чешка, Полска, Словачка и Бугарија, додека собирот е во организација на Сеславјанскиот комитет.

На научниот собир се расправа за последиците од глобалните процеси врз вредностите на словенските народи.

– Метафизичкото значење на словенската писменост како придобивка за човечката цивилизација воопшто ќе биде обединувачка нишка на овој научен собир во Охрид. – вели Јордан Ѓорчев, претседател на Сесловенскиот комитет во Македонија.

Претседателот на Меѓународниот сеславјански комитет, професор Зденек Опатрил од Чешка, изнесе став дека словенските народи се исправени пред сериозен предизвик да го зачуваат својот идентитет и пред се својот јазик врз кој се темели културата и посебноста на една нација.

Според него словенските народи се поинтензивно се изложени на „оикофобија“, своевидна пропаганда на светските центри на моќ кои пласираат разни теории за преиспитување на потеклото на словенските народи, нивната посебност и особеностите.

– Охрид е свето место за сите словенски народи и оттука треба да се брани Словенството од се поизразените обиди за асимилација и негативните влијанија врз нашите заеднички вредности. Нашата традиција и култура е исправена пред опасности кои се кријат во принципите на мултикултурализмот, кој ни се сервира како нова вредност. Особено загрозен е јазикот со претераната употреба на интернационализми. Јазикот е главна особеност на секој народ. Доколку не го зачуваме ќе исчезнеме како народи – додава професор Опатрил.

Претседателот на Рускиот фонд за образование Сергеј Комков потенцираше дека актуелните случувања во Европа во крајна линија неповолно влијаат на словенските држави, особено на помалите. Оттаму, смета тој, на словенските народи денес им треба обединување повеќе од било кога.

-Тоа не подразбира обединување во некаков „котел“ кој ќе ги стопи малите нации, бидејќи и најмалиот народ треба да биде сочуван и да ги зачува своите традиции и култура. Тоа значи дека треба да се навратиме кон нашите заеднички корени, пред се духовните, а главен обединувачки корен треба да биде православието – напоменува Комков.


Меѓународна конференција за културно наследство: „Охрид – Водици 2016“


Охрид, 16 јануари, 2016 - 13:44 (META) 

Од утре до 19 јануари во Охрид ќе се одржи четвртата Меѓународна конференција за културно наследство, економски развој, туризам и за медиуми „Охрид – Водици 2016“.

Годинава учесниците на конференцијата ќе се фокусираат на темата „Тероризмот, миграција, бегалци – современи предизвици за културните идентитети, наследство, економијата, туризмот и за медиумите“.

Првпат на конференцијата ќе учествуваат претставници од Европа, Америка, Африка и од Азија.

Во рамките на конференцијата, утре во  12 часот, во галеријата на  Куќата на Робевци, ќе биде отворена фото-изложбата „Славата на бреговите на Нил: Културното наследство на Египет“.