„Диво Насеље“: Пресудата се преведува, жалбите се процесуирани, предметот оди во Апелација


Скопје, 8 мај, 2018 - 14:58 (META) 

На 2 ноември минатата година, две години и пет месеци по настаните 9 и 10 мај 2015 година во кумановската населба, и година и осум месеци по почетокот на судењето на 8 февруари 2016 година, Основен суд Скопје 1 ги изрече првостепените пресуди против обвинетите.

Осуммина обвинети за тероризам и терористичка организација за настаните во кумановско Диво Насеље од 9 и 10 мај 2015 година добија доживотни казни затвор, 13 обвинети добија по 40 години затвор, шестмина по 20 години, еден обвинет 18 години, двајца по 14 години, двајца по 13 години затвор и двајца по 12 години затвор.

Адвокатите веднаш најавија жалби, а случајот се уште не е стасан во Апелациски суд Скопје, за второстепено одлучување.

Како што објаснија од Основен суд Скопје 1, жалбите се процесуирани, а во моментот пресудата се преведува на албански јазик, и набргу предметот ќе биде доставен до Апелација.

– Од страна на одбраната во предметот, до судот доставени се повеќе жалби изјавени против првостепената пресуда. Во моментов се врши превод на пресудата на албански јазик, кој е во финална фаза, по што пресудата ќе биде доставена до обвинетите и откако ќе се комплетира доставата, предметот веднаш ќе биде доставен до Апелациониот суд на надлежно постапување – одговорија од Кривичниот суд на прашање од „Мета“ до каде е постапката со испраќање на предметот во повисокиот суд.

По пресудата и владејачката ДУИ, но и нејзиниот лидер Али Ахмети, го повторија ставот дека ќе бараат меѓународна истрага, а и премиерот Зоран Заев нагласи дека мора да има меѓународен експерт за случајот за кој СДСМ тврдеше дека е фингиран од тогашната власт на ВМРО-ДПМНЕ.

За расчистување на случајот формирана е собраниска Анкетна комисија, која освен конститутивната седница, не напреднала многу.

Поради пресудата се протестираше во Македонија, Косово, а имаше и мал протест во Албанија.

Косовската влада на 29 семејства на загинатите и осудените за настаните во Диво Насеље им исплати по 10.000 евра.


Заев: Во нормална држава мора да се знае вистината за „Монструм“, „Диво насеље“, Младенов


Скопје, 29 декември, 2017 - 12:23 (META) 

Ако сакаме да бидеме нормална и сериозна земја, а не некаква творба тогаш мора да се знае целата вистина за „Монструм“, „Диво насеље“, за сообраќајката на Никола Младенов и за други случаи кои што се случувале во минатото, изјави премиерот Зоран Заев во синоќешното интервју во емисијата „Патот кон“ на „Алсат-М“.

Заев рече дека мора да има меѓународен експерт кој независно ќе ја соопшти вистината за случувањата во кумановско Диво насеље од 9 и 10 мај 2015 година и дека меѓународната истрага за овој случај е дел од програмата на Владата.

– Притоа мора да имаме предвид дека судските процеси течат, ние не смееме да ја нарушиме назвисноста на судството. Меѓународната истрага може да биде разнолика, може да поканиме еден правник, експерт од меѓународната заедница, од Европската Унија кој што ќе го следи целиот процес – рече Заев.

Тој вели дека „сите видовме што се случува“ во Диво насеље, но, оти има многу неодговорени прашања.

– Кој тоа им овозможил на овие луѓе да влезат во урбаното јадро во вториот по големина град во земјава и да бидат неколку дена таму. Како украденото оружје ( од караулата Гошинце) некој овозможил или не да биде преселено долу во градот. Дали постоеле пари, дали тие луѓе се излажани дека ќе дојдат ќе направат некоја драма и ќе заминат. Дали кога дошла полицијата ги направила сите постапки за апсење без притоа да има потреба од убиства? Како се убиени полицајците таму. Дали акцијата била огранизирана од органите како што треба? И тоа како многу прашања треба да бидат одговорени. За да не излезе Заев пристрасен, да не излезе дури и Али Ахмети пристрасен или било кој од претходната власта пристрасен мора да има меѓународен експерт кој што независно ќе ја соопшти вистината, судските процеси се судски процеси кои што треба да си течат – изјави Заев.

Инаку, за настаните во Диво насеље на почетокот на ноември, годинава осум лица беа осудени на доживотни затворски казни, 26 добија затворски казни од 12 до 40 години, а четири лица беа ослободени од обвиненијата.

Во врска со случајот „Монструм“, премиерот вели дека ги следел одлуките на Јавното обивнителство и на Врховниот суд и оти јавниот обвинител постапил чесно што му предложил на Врховниот суд да се врати постапката на повторно судење и да се разгледа заедно со новите докази кои ги има СЈО.

Тој најави дека деновиве или по Нова година ќе се види со родителите на убиените момчиња и додава дека овие луѓе, како и јавноста имаат право да ја знаат вистината.

– Врховниот суд тоа го прифатил и така одлучил. Еве тоа е тоа што јас го знам. Можеби во таа нова постапка ќе бидат осудени исти луѓе, можеби и не. Јас тоа не го знам, но луѓето ќе знаат зошто се тие или зошто не се тие. Овие луѓе кои првично беа осудени на доживотни казни затвор, тврдат дека не се виновни и треба да се утврди тоа. Доказите кои до сега постоеа и оние кои ги има во СЈО треба да се соберат и да се утврди дали е тоа така или не заедно со експертите, истражителите, јавните обвинители и судот, тоа е нивна постапка. Но, сега барем постои фер шанса за правда бидејќи сите докази ги има таму. Можеби тие докази кои ги има во СЈО ќе ги потврдат оние кои веќе ги има или пак, ќе доведе до вистинските извршители. Важно е и родителите и семејствата на убиените да ја знаат вистината. И тие ќе бидат мирни ако знаат дека до крај се се истражило и вистинските убијци ќе одговараат. И кај нив постојат прашалници. Јас ќе се видам со родителите на убиените деца веднаш по Нова година или деновиве, мојот Кабинет веќе закажа средба. Сите трагаат кон правдата и таа мора да биде обезбедена до крај – рече Заев.

Врховниот суд кој крајот на ноември годинава ги укина пресудите на Кривичниот и на Апелацискиот суд со кои шест лица беа осудени на доживотни затворски казни за петкратното убиство кај Смиљковско езеро од 12 април 2012 година и го врати случајот на повторно судење, а на обвинетите им го укина притворот и им одреди поблаги мерки на претпазливост.


Заев: Ќе бараме меѓународна истрага и за Никола Младенов


Скопје, 24 ноември, 2017 - 13:58 (META) 

Граѓаните бараат одговор дали е убиен новинарот Никола Младенов, а ние бараме меѓународна истрага затоа што општеството е премногу исполитизирано и граѓаните немаат доверба во домашните институции, рече премиерот Зоран Заев, на прашањето на пратеникот Африм Гаши од Беса, дали Владата ќе побара меѓународни истраги за одредени случаи.

Заев рече дека за случаите „Смиљковско Езеро“, „Никола Младенов“, „Диво Насеље“ и „Сопот“ суштината е да се обезбеди меѓународна истрага за граѓаните да можат да ја дознаат целата вистина.

– Меѓународна истрага бараме за да има меѓународен претставник, кој ќе гарантира дека фактите што се презентираат во јавноста се навистина такви. Ако во процесот како за „Диво Насеље“ сега направиме меѓународна истрага, тоа ќе го дерогира правосудството и може да значи нарушување на независноста на судството и на процесот на жалбената постапка. Граѓаните не коментираат за високите казни туку затоа што бараат одговори, како, на пример, зошто групата влегла Куманово, дали некој нешто им кажал, дали намерно се случи тоа во сензитивен период. Владата бара меѓународна истрага затоа што од тоа на одредени луѓе им зависи дали ќе останат во Македонија или ќе ја напуштат – додаде Заев.


Се бараат начини за меѓународна истрага за „Диво насеље“, потврди Заев


Скопје, 10 ноември, 2017 - 14:45 (META) 

Владата и претставници на меѓународната заедница бараат начин за спроведување на меѓународна истрага за неразјаснетите околности поврзани со настаните во кумановско Диво Насеље од 9 и 10 мај 2015 година, потврди премиерот Зоран Заев на денешната прес-конференција.

– Чекор кој што досега е направен е информирање на претставници на меѓунардната заедница околу чекорите и варијантите како тоа би се извело. Знаете дека и во владината програма е запишано дека треба да се расветлат сите работи кои што се неразјаснети. Сакаме да нема дилеми и дебати за се она што е неразјаснето, а е од интерес на граѓаните, а овој случај, и тоа како, е од интерес на граѓаните. Верувам дека ќе ги најдеме начините со меѓународната зедница како да се оформи меѓународна истрага – рече Заев.

Судскиот процес за случајот „Диво насеље“ заврши на 2 ноември, годинава, кога Кривичниот суд изрече осудителни пресуди за 34 обвинети за тероризам и терористичка организација, од кои осуммина добија доживотни, а 26 долгогодишни затворски казни – од 12 до 40 години, а четири лица беа ослободни од обвиненијата.

Адвокатите на обвинетите, но и коалициониот партнер во владата – ДУИ, веднаш побараа меѓународна истрага, која треба да ги разјасни дилемите околу организаторите и мотивите за настаните во Куманово, кои и натаму предизвикуваат контроверзи во јавноста поради наводна вмешаност и на официјални претставници на највисоките државни институции во комуникација со учесниците во настанот.


Ахмети: Меѓународна истрага и анкетна комисија во Собрание за случајот „Диво Насеље“


Скопје, 6 ноември, 2017 - 19:14 (META) 

Претседателот на Демократската унија за интеграција, Али Ахмети, на средба со францускиот амбасадор во земјава, Кристијан Тимоние, му кажал дека очекува за случајот „Диво Насеље“ да биде вклучена меѓународна истрага, да биде формирана анкетна комисија во Собранието и да има целосно расветлување на вистината.

Како што се наведува во соопштението на ДУИ, соговорниците разговарале за локалните избори, политичката ситуација, реформските процеси во Македонија, како и за евроатлантската интеграција на земјата.

„Во однос на реформите, Ахмети рече дека ДУИ останува посветена да ги води реформите во Собранието и во Владата, како услов за продолжување на реформскиот процес со истиот интензитет по завршувањето на изборите. Ахмети говореше и за интензивирање на напорите за надминување на споровите со соседите и за отворање на нашиот пат кон Брисел. Периодот пред нас припаѓа на спроведувањето на политиките кои се поддржани од граѓаните“, се вели во партиското соопштение.


ДУИ бара меѓународни експерти и сеопфатна истрага за „Диво Насеље“


Скопје, 2 ноември, 2017 - 16:29 (META) 

ДУИ со соопштение информираше дека останува на ставот за „вклучување на меѓународни експерти во сеопфатната истрага за обелоденување на сите нејаснотии за случајот Куманово“, откако денеска во Основниот суд Скопје 1 беа изречени пресудите за обвинетите триесетина лица во случајот „Диво Насеље“.

„Судскиот процес и доказите на протагонистите изнесоа на површина дилеми околу организаторите и мотивите на овој тежок случај. Затоа граѓаните треба да ја дознаат целата вистина. Дел од доказите и материјалите со кои граѓаните имаа можност да бидат запознаени преку медиумите, алудираат на наводна вмешаност и на официјални претставници на највисоките државни институции во комуникација со протагонистите на настанот“, велат од ДУИ.

Од партијата го повикаа МВР да вклучи меѓународни експерти во истрагата за случајот и да воспостави комуникација и соработка и со властите на Косово и на Албанија за размена на информации заради целосно расветлување на случајот.


Спасовски: Владата ќе побара меѓународна истрага за „Диво Насеље“


Скопје, 20 септември, 2017 - 16:40 (META) 

Владата ќе бара дополнителна – меѓународна истрага за настаните во Диво Насеље од 9 и 10 мај 2015 година, за да се дознае вистината за овој настан, изјави денеска министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски во касарната „Ѓорче Петров“, каде беше извршено примопредавање на донација од Словачка за граничната полиција.

– Во однос на кумановските настани ќе кажам две работи, прва работа е дека тој случај добива некаква судска разврска, меѓутоа ние како Влада презедовме обврска дека ќе направиме дополнителна и тоа меѓународна истрага, се со цел на еден соодветен начин јавноста да ја дознае вистината за овој настан и за она што се случувало во делот на кумановските настани и согласно на таа истрага да имаме една постапка во која што ќе веруваат мнозинството граѓани на Република Македонија – изјави Спасовски.

Инаку, судскиот процес за случајот „Диво Насеље“ е во завршна фаза и наскоро се очекува пресуда за 37-те обвинети за тероризам и терористичка организација.

Во настаните во Куманово загинаа осум припадници на безбедносните сили, а околу 40 беа повредени. Целиот случај го следат многу контроверзи кои сè уште не се разјаснети.