„Meet and Code 2018“ во рамките на Европската недела на програмирање


Скопје, 17 октомври, 2018 - 10:39 (META) 

Учениците во Македонија ќе имаат можност да се стекнат со знаења од областа на технологијата во рамките на Европската недела на програмирање, која се одржува од 6 до 21 октомври, преку настани поддржани од Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“, во рамките на иницијативата „Meet and Code 2018 “. Од Фондацијата, како спроведувачи на проектот, нагласуваат дека целта на проектот е учениците да се запознаат со светот на технологијата и можностите што ги нуди оваа област.

Во рамките на овој проект, во скопското средно училиште, „Јосип Броз Тито“ се одржа работилницата „Интуитивнo кодирање со Aпп инвентор“, каде освен претставници на „Метаморфозис“ присуствуваше и министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски.

Валон Абдиу од „Метаморфозис“ нагласи дека целта на проектот е учениците да се здобијат со знаења за светот на технологијата и можностите што ги нуди за создавање на иновативни работи. Тој објасни дека преку иницијативата „Meet and Code 2018“ од Македонија се презентирани повеќе од 130 настани, поддржани се 24 настани со грантови од 300 евра по настан.

– Сето ова е направено со цел младите да се подготват за светот на технологијата, бидејќи тоа е важен дел од нашиот живот – влијае на тоа како работиме, учиме, комуницираме, купуваме и така натаму. Затоа, преку овие настани, сакаме да новите генерации бидат свесни за различните аспекти на технологијата, да ги зголемиме нивните програмски вештини и способности за да бидат што по подготвени за иднината – изјави Абдиу.

Министерот за информатичко општество, Дамјан Манчевски, цени дека овој проект ќе го разбуди интересот на младите за областа на технологијата и придобивките кои ИКТ секторот може да ги донесе во нивниот живот во иднина.

– Покрај редовната настава, ние се обидуваме да ги мотивираме учениците да програмираат и да најдат начини да создадат нешто на иновативен начин. Како министер кој раководи со овој сектор, мислам дека областа на ИКТ во Македонија освен што носи повисоки плати и сигурни работни места, на младите им дава можност за само-вработување – изјави Манчевски за „Порталб.мк“

Проектот „Meet and Code 2018“ има за цел да покаже како светот може да се создаде преку програмирање и колку забавно може да биде програмирањето. Иницијативата особено ги поддржува малите, локални, непрофитни организации во сите земји. Имено, ги зајакнува локалните иницијативи кои овозможуваат дигитално програмирање и образование за сите – што е декларираната цел на Неделата за програмирање на ЕУ.

Настаните од „Meet and Code 2018“ се различни, од курсеви за почетници до вештачка интелигенција. Младите можат да учествуваат во курсеви на кои се објаснуваат основните функции на компјутерите или како да користат „ворд“ (Word). Но, тие можат да се пријават и за работилници за програмирање, роботика или дизајн.

Сите настани oд 2018 година може да се најдат тука: https://www.meet-and-code.org

Проектот „Meet and Code 2018″ во Македонија се спроведува од страна на Фондацијата „Метаморфозис“ во партнерство со ИТ-порталот „Stifter-Helfen“ и партнерите на мрежата „TechSoup Europe“. „Meet and Code 2018“ се овозможува од компанијата САП.