ВМРО-ДПМНЕ: Манчевски сака закон за партизација на медиумските регулаторни тела


Скопје, 12 јуни, 2018 - 16:13 (META) 

Дамјан Манчевски денеска изврши класичен притисок врз законодавната власт со намера да се донесе неквалитетен закон кој што ќе овозможи груба партизација на медиумските регулаторни тела, обвини ВМРО-ДПМНЕ, реагирајќи на денешната прес-конференција на министерот за информатичко општество и администрација. Манчевски обвини дека опозицијата го кочи донесувањето на Предлог законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги и со голем број амандмани се се бори да ги задржи нејзините кадри во Советот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (ААВМУ) и во Програмскиот совет на Македонската радиотелевизија (МРТ).

„Тоа што ја интересира СДСМ е набрзина носење на закон кој што ќе им овозможи владеење со медиумски креиран мрак и лишување на граѓаните од информациите за неработењето, партизацијата на администрацијата, злоупотребите на власта, штетните политики во сите сфери, осиромашувањето на граѓаните, девастирањето на државата дома и на меѓународен план“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Најголемата опозициска партија вели дека собраниските комисии работат со определена динамика која овозможува квалитетна дискусија која ќе донесе подобрен законски текст, „а во таа насока се и поднесените амандмани од ВМРО-ДПМНЕ“.

„Притоа амандманите содржат квалитетни решенија кои го подобруваат текстот на Законот и нема да дозволат власта да има целосна партиска контрола врз независните тела. Доколку ВМРО-ДПМНЕ сакаше да го блокира процесот на носење на законот немаше да поднесе само 60-тина амандмани, кои сепак, произлегуваат од јавните расправи организирани во Собранието и согласно размислувањата за подобар законски текст“, се вели во партиското соопштение.


Манчевски: Опозицијата четири месеци ги кочи медиумските закони


Скопје, 12 јуни, 2018 - 15:27 (META) 

Министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски денеска на прес-конференција во Владата побара собраниската Комисија за транспорт, врски и екологија, со која претседава ВМРО-ДПМНЕ, да работи без престан и секојдневно, додека не заврши амандманската расправа за Предлог законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги.

Тој рече дека опозицијата треба да мисли на интересот на граѓаните, наместо со голем број амандмани да се бори да ги задржи нејзините кадри во Советот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (ААВМУ) и во Програмскиот совет на Македонска радиотелевизија (МРТ)

– Не сме против дебата за амандманите, но треба да заврши во разумно време. Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ се против јавна расправа, односно јавно претставување на кандидатите за членови на Програмскиот совет на МРТ и на Советот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги – рече Манчевски.

Според Манчевски, цели четири месеци опозицијата прави бескрајни дебати чија јасна цел е одложување на донесувањето на законот. Притоа, вели министерот, ВМРО-ДПМНЕ поднесува контрадикторни амандмани.

– Се одржаа само шест седници на Комисијата на кои успеавме да поминеме само седум амандмани, а ни остануваат уште 67. Со оваа динамика законот ќе биде усвоен за 2,5 години од сега. Во измените,  се предлага задолжителната програма на МРТ од домашна продукција да се намали од сегашните 50 на 40 отсто, а во амандманите ВМРО-ДПМНЕ бара и намалување и зголемување и предлага да биде од 30 до 70 отсто во седум различни амандмани – рече министерот за информатичко општество и администрација.

Тој вели дека власта нема да се откаже од намерите да ја тргне медиумската сфера од влијанието на политичарите и да ги остави медиумите да работи слободно.

– Нема да дозволиме Македонија никогаш повеќе да биде оценета како неслободна држава каде медиумите работат под притисок, уцени и страв. Регулаторните тела и особено националниот радиодифузер и медиумите треба да се остават на медиумските работници – вели Манчевски.

„Манчевски денеска изврши класичен притисок врз законодавната власт со намера да се донесе неквалитетен закон кој што ќе овозможи груба партизација на медиумските регулаторни тела, обвини ВМРО-ДПМНЕ, реагирајќи на денешната прес-конференција на министерот за информатичко општество и администрација.

„Тоа што ја интересира СДСМ е набрзина носење на закон кој што ќе им овозможи владеење со медиумски креиран мрак и лишување на граѓаните од информациите за неработењето, партизацијата на администрацијата, злоупотребите на власта, штетните политики во сите сфери, осиромашувањето на граѓаните, девастирањето на државата дома и на меѓународен план“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

foom-logo-disklejmerТекстот е изработен во рамки на проектот „Опсерваторија на медиумските реформи“, што го спроведуваат Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“, „Агора“ Центар за промовирање на граѓански вредности и Платформата за истражувачко новинарство и анализи (ПИНА), со финансиска поддршка на Фондацијата Отворено општество – Македонија.
Содржината на текстот е единствена одговорност на авторите и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на Фондацијата Отворено општество – Македонија.


Недонесувањето на клучните законски измени го кочат реформскиот процес во медиумите


Скопје, 23 мај, 2018 - 15:08 (META) 

И покрај заложбите на Владата да гради партнерство со асоцијациите и со граѓанскиот сектор во сферата на медиумите, таа сфера сеуште не е ослободена од институционални или персонални влијанија поради бавноста со која Собранието ги носи потребните законски измени беше истакнато на презентацијата на третиот периодичен извештај во рамките на проектот „Опсерваторија на медиумските реформи“ (ОМР) денеска во Клубот на новинарите.

Притоа беше констатирано дека иако во некои од четирите столба со кои се цени слободата на изразување има значителен напредок, недонесувањето на клучните законски измени го кочат реформскиот процес.

Мониторингот го спроведуваат Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“, Центарот за промовирање на граѓански вредности „Агора“ и Платформата за истражувачко новинарство и анализи (ПИНА), со финансиска поддршка од Фондацијата Отворено општество – Македонија.

ОМР овозможува увид на јавноста во извршувањето на реформските процеси во областа на слободата на изразување, а предмет на набљудувањето се четирите столба на Итните реформски приоритети – Јавниот радиодифузен сервис (МРТ), владиното рекламирање, пристапот до информации и клеветата и навредата.

OMR32

За изминатите 11 месеци нема никакви поместувања во делот на конкретни промени на законската регулатива со која би се забрзале процесите и која би служела како основа за независност деполитизација и департизација на јавните институции. До затворањето на овој мониторинг извештај (31 март 2018 година), Владејачката коалиција преку своите претставници во Собранитето не ги донесе и усвои потребните измени на законите  од приоритетите според Прибе, кои се однесуваат на сферата „медиуми: слобода на изразување“.

Дополнително, Владата не ги изготви мерките и придружните документи и правилници за допрецизирање на евентуалното владино рекламирање на социјалните мрежи, ниту е започната процедура за ревизија на постоечката законска регулатива која се однесува на случаите „клевета“ и „навреда“.

Поконкретно, во врска со јавниот радиодифузен сервис се вели дека “започнатите промени во медиумската легислатива не добија своја завршница во Собранието. Во законодавниот дом се уште не се изгласани потребните измени на предметниот закон. Програмскиот совет на МРТ, во чиј состав има членови кои се поранешни носители на јавни функции, го реизбраа актуелниот директор на МРТ. Програмските сервиси на телевизијата се во истиот формат и покрај законската обврска за четврт ТВ канал. Не се забележани никакви реформски зафати за унапредување на работата и на квалитетот на програмската/содржинската понуда во јавниот сервис“, па оттаму оценката „Започнато, но неисполнето“.

За владино рекламирање во извештајот се констатира дека „иако се укинати владините реклами на домашните медиуми Владата не обезбеди детални објаснувања за низа специфики за обезбедување целосна транспарентност и отчетност, преку објава на правилници, процедури или протоколи“, па останува оценката „Делумно исполнето“.

Истата оценка „Делумно исполнето“ е и за третиот столб од реформите во медиумската сфера – пристап до информации, бидејќи како што е нагласено „Покрај донесените мерки од страна на Владата за отворање на јавните бази за новинарите, а некои и за пошироката јавност, останува непроменета состојбата врзана за измени и дополнувања на Законот за пристап до информации од јавен карактер.

Најлоша е состојбата во сферата на клеветата и навредата – иако е евидентирано дека во последните 24 месеци се намалени тужбите и споровите против новинари за клевета и навреда, во оваа област нема никакви промени и поместувања во периодот на следење и известување: не преземена иницијатива за ревидирање на Законот за граѓанската одговорност за клевета и навреда и Владата не започнала координација со стручната јавност во оваа насока. Оттаму и оценката „Целосно неисполето“.

Проектот ОМР ќе продолжи со следењето на реформите до 30 јуни по што ќе биде објавен и финалниот извештај.

Сите резултати од следењето се достапни на македонски и албански јазик на MediaObservatorium.mk.

 
foom-logo-disklejmerТекстот е изработен во рамки на проектот „Опсерваторија на медиумските реформи“, што го спроведуваат Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“, „Агора“ Центар за промовирање на граѓански вредности и Платформата за истражувачко новинарство и анализи (ПИНА), со финансиска поддршка на Фондацијата Отворено општество – Македонија.
Содржината на текстот е единствена одговорност на авторите и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на Фондацијата Отворено општество – Македонија.


Трет периодичен извештај за медиумските реформи утре во Клубот на новинари


Скопје, 22 мај, 2018 - 15:38 (META) 

Утре во 11 часот во Клубот на новинарите ќе биде презентиран третиот периодичен извештај во рамките на проектот „Опсерваторија на медиумските реформи“ кој го спроведуваат Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“, Центарот за промовирање на граѓански вредности „Агора“ и Платформата за истражувачко новинарство и анализи (ПИНА), со финансиска поддршка од Фондацијата Отворено општество – Македонија.

Овој периодичен извештај ги презентира резултатите од набљудувањето на исполнетоста на Итните реформски приоритети (ИРП) кои се однесуваат на слободата на изразувањето, во периодот од 1 јануари до 31 март оваа година.

Опсерваторијата на медиумските реформи резултатите ги презентира во форма на периодични извештаи, вести и истражувачки стории за што поголемо вклучување на граѓаните на Република Македонија во демократските процеси.

Предмет на набљудувањето се четирите столба на ИРП, Јавниот  радиодифузен сервис (МРТ), владиноти рекламирање, пристапот до информации и клеветата и навредата.

Сите резултати од следењето се достапни на македонски и албански јазик на веб-локацијата MediaObservatorium.mk.

Во вториот извештај за периодот до 31 декември минатата година беше констатирано дека реформите во медиумската сфера течат, но со различно темпо и квалитет во различните сектори и беа утврдени следните клучни наоди: реформи во јавниот радиодифузен сервис – започнато, но неисполнето, владините реклами – делумно исполнето, пристапот до информации од јавен карактер – делумно исполнето, и клевета и навреда – целосно неисполнето.


ВМРО-ДПМНЕ бара невладините да не издаваат препораки за членовите на Советите на ААВМУ и МРТ


Скопје, 17 мај, 2018 - 17:17 (META) 

Во собраниската Комисија за транспорт, врски и екологија денеска се одржа четвртото продолжение на амандманската расправа за Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, во второ читање. Се дискутираше за 5-от амандман на ВМРО-ДПМНЕ, со кој се бара да се избрише ставот од предложениот закон со кој се предвидува кандидатите за членови во Советот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (ААВМУ) и на Македонска радио телевизија (МРТ) да достават писмо за поддршка од две невладини организации.

Според Благоја Деспотовски од ВМРО-ДПМНЕ, нема независни граѓански организации, бидејќи се или со едната или со другата политичка опција.

Со ова темпо на долги дискусии  опозицијата го блокира носењето на законот со цел да ги задржат партиските членови во советите, порача министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски, кој беше на седницата како претставник на предлагачот на законот, односно на Владата.

Во четирите досегашни продолженија на седницата на собраниската комисија се дискутираше за пет амандмани, а остануваат уште 70.

За помалку од еден месец, на четирите  амандмански продолженија на седниците на Комисијата за транспорт и врски, пратениците поминаа едвај 5  амандмани од над седумдесетина кои ги поднесе ВМРО-ДПМНЕ.

 
foom-logo-disklejmerТекстот е изработен во рамки на проектот „Опсерваторија на медиумските реформи“, што го спроведуваат Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“, „Агора“ Центар за промовирање на граѓански вредности и Платформата за истражувачко новинарство и анализи (ПИНА), со финансиска поддршка на Фондацијата Отворено општество – Македонија.
Содржината на текстот е единствена одговорност на авторите и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на Фондацијата Отворено општество – Македонија.


Манчевски: Владата сака независна МРТ и професионални регулаторни тела


Скопје, 11 мај, 2018 - 15:24 (META) 

Владата се залага за создавање медиумски простор за непристрасно и објективно информирање на граѓаните. Наша цел е МРТ да биде целосно непристрасен и независен медиум, а регулаторните тела да бидат транспарентни, професионални и компетентни. Особено е важно во регулаторните тела и националниот радиодифузер да не членуваат високи партиски функционери, поранешни пратеници, кандидати за градоначалници и роднини на партиски функционери, како што е тоа сега. Регулаторните тела и МРТ треба да се остават на медиумските работници. Медиумите треба да се остават на медиумските работници, порача денеска министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски.

Тој се обрати на завршниот панел на Петтата конференција за медиуми на Југоисточна Европа, што изминатите два дена се одржуваше во Струга, во организација на Канцеларијата на претставникот за слобода на медиумите на ОБСЕ, Арлем Дезир со поддршка на теренските операции на ОБСЕ во Југоисточна Европа.

Манчевски се осврна на измените на Законот за АВМУ, за кој рече дека дава шанса политичарите да ги тргнат рацете од медиумите и ја повика опозицијата да овозможи чистење на сферата од партиските влијанија.

– Во моментот Законот е во Собраниска процедура. Јас се уште искрено сакам да верувам дека колегите од опозицијата ќе ја увидат потребата од што поскоро носење на овој закон. Но, за жал тоа по се изгледа не е така. Токму вчера бевме сведоци на амандманска расправа во Комисијата за транспорт и врски во Собранието, каде пратениците од опозицијата беа против јавно претставување на кандидатите за членови на Советот на АВМУ и Програмскиот совет на МРТВ. Да се биде против транспарентност и јавност во изборот на независни регулаторни тела, е да се биде против демократските вредности и слободата на медиуми. Тоа нема да го дозволиме. Никогаш повеќе нема да дозволиме политичарите да се пазарат зад затворени врати, а граѓаните да дознаваат за одлуките, откако тие веќе ќе бидат донесени. Се надевам дека и опозицијата ќе го сфати тоа – информираше министерот Манчевски.

Во својот завршен говор министерот Манчевски, даде осврт на дигитализацијата и слободата на говор, како и на глобалниот проблем со „лажните вести“. Како што рече тој, не смее повеќе да се дозволи меѓународната заедница да ги исправа работите, туку треба медиумската дејност да се остави на професионалците.

– Медиумите и медиумските работници се тие кои треба да бидат мотор на промените. Не смееме да се доведеме во состојба каде поради нарушените медиумски слободи, политичарите, партиите или меѓународната заедница да интервенира, како што беше тоа случај изминатите 2-3 години. Доброто владеење и слободата на медиумите се меѓусебно зависни. Само кога новинарите ќе добијат простор да работат слободно, да набљудуваат, да поставуваат прашања и да известуваат, без страв од притисоци и закани, само тогаш сите граѓани можат да бидат сигурни дека носителите на одлуки ќе се придржуваат до највисоките стандарди – заклучи министерот за информатичко општество и администрација.
 
foom-logo-disklejmerТекстот е изработен во рамки на проектот „Опсерваторија на медиумските реформи“, што го спроведуваат Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“, „Агора“ Центар за промовирање на граѓански вредности и Платформата за истражувачко новинарство и анализи (ПИНА), со финансиска поддршка на Фондацијата Отворено општество – Македонија.
Содржината на текстот е единствена одговорност на авторите и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на Фондацијата Отворено општество – Македонија.


ВМРО-ДПМНЕ не сака јавна расправа за кандидатите за ААВМУ и Советот на МРТ


Скопје, 10 мај, 2018 - 14:03 (META) 

Со јавна расправа за кандидатите за Советот на Агенцијата за аудио и аудиовизелни медиумски содржини (ААВМУ), како и на Програмскиот совет на МРТ ќе се направи непотребно оцрнување и линч и ќе се наруши нивниот углед, беше аргументот на пратениците од ВМРО-ДПМНЕ на денешнотото второ продолжение на 17-та седница на собраниската Комисија за транспорт, врски и екологија, на која се дискутираше за 3. и 4. амандман за Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, во второ читање.

На почетокот на седница Ане Лашкоска од ВМРО-ДПМНЕ, која ја водеше седницата како заменик-претседател на комисијата, предложи двата амандмани, поднесени од две групи пратеници на ВМРО-ДПМНЕ, бидејќи се идентични, да се разгледуваат како еден. Интересно е што како предлагач и на двата амандмана отпосле се приклучил Никола Мицевски од ВМРО-ДПМНЕ.

Откако беше прифатено двата амандмана да се гледаат како еден, почна расправата со неколку обраќања, реплики и контрареплики, што во ја зовре атмосферата. Тогаш избувна расправија колку реплики и контрареплики се дозволени, а во еден момент дофрлаше и министерот Манчевски, по што Лашкоска остро го опомена да не дофрла и да не се заканува на пратеници во Собранието.

Аргументите на пратениците на ВМРО-ДПМНЕ беа дека не треба да има јавна расправа за кандидатите за членови на Советот на ААВМУ, бидејќи така многу кандидати кои се способни ќе бидат оцрнувани.

– Ако сакате јавност, тогаш зошто не организиравте јавни расправи и за сите тие советници на премиерот или за раководни органи на институции или директори на јавни претпријатија, што се избрани во Собрание и Влада, туку си ги вдомивте без расправа. Досега ги вдомивте луѓето што требаше да ги вдомите, па сега глумите транспарентност – рече Невенка Стаменковска од ВМРО-ДПМНЕ, која тврдеше дека ниту една земја во регионот нема такви законски решенија и дека станува збор за „лошо препишан закон“.

Министерот Дамјан Манчевски, како претставник на Владата, предлагач на законските измени рече дека амандманот нема да се прифати, бидејќи тоа ќе значи бришење на јавната расправа, што се предлага како законска измена.

– Ова е спротивно на интересите на граѓаните. Треба кандидатите да излезат и да се претстават. време е да прекине практиката граѓаните да дознаваат отпосле кој е избран – рече Манчевски.

Пратеникот Диме Велковски од СДСМ во еден момент ја прекина дебатата на пратеничката Лилјана Поповска од ДОМ со Благоја Деспотовски од ВМРО-ДПМНЕ за тоа дали амандманите се добри или лоши и за тоа каква е состојбата на медиумите, велејќи дека претседавачот на комисијата треба да ги прекинува сите дискусии во кои не се зборува за дневниот ред, оти ако така се продолжи, седницата ќе трае многу долго, бидејќи има уште 70 амандмани.

Според Зоран Илиоски од ВМРО-ДПМНЕ, не е во ред со измени на закон да се менуваат регулаторни тела кои биле избрани согласно закон и коишто сè уште имаат мандат.

-Така се создава преседан, и утре-задутре некоја нова власт ќе си донесе закон и ќе го смени тоа регулаторно тело, односно неговиот мандат. Второ, со таква пракса сите идни членови на тоа регулаторно тело ќе имаат в глава дека не треба да се вложат, оти утре-задутре ќе бидат сменети – рече Илиоски пред камери, откако седницата беше прекината и беше прогласена пауза.

foom-logo-disklejmerТекстот е изработен во рамки на проектот „Опсерваторија на медиумските реформи“, што го спроведуваат Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“, „Агора“ Центар за промовирање на граѓански вредности и Платформата за истражувачко новинарство и анализи (ПИНА), со финансиска поддршка на Фондацијата Отворено општество – Македонија.
Содржината на текстот е единствена одговорност на авторите и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на Фондацијата Отворено општество – Македонија.


ТВ „24“ и ТВ „21“ не добија национална дозвола, радиото „Слободна Македонија“ згаснува,


Скопје, 4 мај, 2018 - 17:22 (META) 

На денешната седница на Советот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (ААВМУ) едногласно беше донесена одлуката да почне постапката за одземање на дозволата на радиото „Слободна Македонија“. Како што напомена претседателот на Советот, Лазо Петрушевски, останува можноста во законскиот рок од 15 дена откако радиодифузерот ќе ја добие одлуката, да преземе мерки за да ги исполни условите.

Но, како што рече Зоран Трајчевски, директор на ААВМУ, уште од 8 февруари годинава, кога се упатени првите предупредувања дека не се исполнува програмскиот концепт за кој е издадена дозволата за емитување, односно најмалку 40 отсто говорна програма, не е преземено речиси ништо, а од тогаш „ролетните во редакцијата се постојано спуштени“.

Истовремено, членовите на Советот едногласно донесоа одлука да не се издаде дозвола за национален дигитален терестријален мултиплекс, односно емитување преку етер на целата територија за телевизиите „24“ и „21“. Како причина за тоа се наведе препораката од студијата што според законската обврска ААВМУ ја нарачала од „Маркет Вижн“, односно, како што рече Трајчевски, заклучоците се дека во услови на намалување на маркетиншкиот колач како и стагнананта економска ситуација, не треба да се објави конкурс за доделување дозволи за национално емитување, односно да не се доделат дозволи на телевизиите.

Исто така едногласно, членовите на Советот на ААВМУ донесоа одлука да се додели дозвола за емитување програма преку кабел во регионот на општините Дебар, Центар Жупа и Маврово – Ростуше на Виктор Серафимов од Скопје. Според барањето, ќе станува збор за телевизија со претежно забавен општ формат, што ќе емитува преку јавна електронска комуникациска мрежа што не користи ограничен ресурс.

foom-logo-disklejmerТекстот е изработен во рамки на проектот „Опсерваторија на медиумските реформи“, што го спроведуваат Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“, „Агора“ Центар за промовирање на граѓански вредности и Платформата за истражувачко новинарство и анализи (ПИНА), со финансиска поддршка на Фондацијата Отворено општество – Македонија.
Содржината на текстот е единствена одговорност на авторите и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на Фондацијата Отворено општество – Македонија.


Поповски: По 10 години, конечно повеќе критички текстови од пофалби во медиумите


Скопје, 3 мај, 2018 - 13:36 (META) 

По 10 години има повеќе критички текстови отколку пофалби во медиумскиот простор, порача денеска министерот без ресор задолжен за комуникации, отчетност и транспарентност, Роберт Поповски, на редовната владина прес-конференција.

– Го одбележуваме овој ден на медиумите, во демократска, слободна и европски ориентирана Република Македонија. За прв пат, после 10 години, ќе има можеби повеќе критички текстови од пофалби, укажувања, сугерирања за медиумските слободи и права, како што секојдневно има изминативе 10-тина месеци, за секое прашање од важност и интерес за граѓаните. Денеска има гласност, наспроти молк – рече Поповски.

Тој констатираше дека „професионалните и независни медиуми се гласот на граѓаните во секоја демократска држава“.

– Оваа отворена и демократска Влада го слуша гласот на своите граѓани за да се подобрува во раководењето на државата и никогаш да не скршне од зацртаните приоритети. Затоа на врвот на политичката агенда на Владата е концептот на отворена влада, којшто подразбира демократизација на медиумскиот амбиент, односно поддршка на слободно и професионално новинарство, активна транспарентност и пристапност – рече Поповски.

Тој ја повика опозицијата да даде поддршка за Законот за аудио и аудиовизуелни медумски услуги со што би се отпочнале реформите во медиумската индустрија во Македонија. Истовремено, ги обвини пратениците од опозицијата кои претседаваат со Комисијата за транспорт и врски, дека на двапати без образложение ја одложиле седницата на која треба да се дискутира за Законот за АВМУ.

Министерот за комуникации, отчетност и транспарентност ги повика сопствениците на медиумите да ја подобрат положбата на новинарите, зголемувајќи ги платите и сигурноста на работните места.

– Сакам да ве уверам дека заедно со вас, од новинарската заедница, согласни сме, треба да се промени и економската ситуација на новинарите во Македонија и да се осигураат вашите
работни места и повисоки плати. Апелирамe кон сопствениците на медиумите да ги следат политиките на пораст на платите – рече Поповски.


„Репортери без граници“ со ново видео повикува на борба против лажните вести


Париз, 3 мај, 2018 - 11:09 (META) 

Одбележувајќи го 3 Мај, Светскиот ден на слободата на медиумите, меѓународната организација „Репортери без граници“ почна нова кампања со видео за борба против лажните вести, под етикетата #FightFakeNews.

Во видеото се споредува штетата што на луѓето ја нанесуваат фалсификуваните фармацевтски и индустриски производи со политичките штети што произлегуваат од лажните вести и информации.

„За разлика од ваквите фалсификати, чиешто влијание врз здравјето и средината е видливо и мерливо, „лажните вести“ ги подриваат темелите на демократијата на уште перфиден начин“, порача организацијата.