Медицинските сестри немаат сигурно работно место дури ни во Итна помош


Скопје, 20 декември, 2018 - 11:45 (META) 

Освен физички напади, персоналот на службата за Итна медицинска помош во Македонија се соочува и со уцени, со проблемот на недостиг на униформи и имаат низок бенефициран стаж. Сите овие случаи, според една медицинска сестра вработена во Здравствен дом – Скопје, чиј идентитет е познат на редакцијата на „Порталб“, се резултат на незадоволство на граѓаните спрема службата од една страна, а од друга страна, недостиг на соодветно почитување и вреднување на нивната работа.

Физичкиот напад врз лекарката во Волково не е единствен случај на напад врз здравствените работници при давање услуги од службата за итна помош. Знаеме и за случајот кога беше нападнат лекар во Тетово, беа нападнати лекар и медицински сестри во Чаир, како и напад врз персоналот во скопска Кисела Вода.

-Да, случајот со тепањето на лекарката не е прв што ни се случува како вработени во оваа служба. Се случувало и пред тоа. Тоа доаѓа како последица на тоа што граѓаните не ја добиваат посакуваната услуга. Често пати доцниме, а ова ее поради расипување на возилата кои се стари – вели за „Порталб“ медицинска сестра вработена во Здравствен дом – Скопје.

Таа вели дека имаат несоодветни униформи, а пак возилата честопати немаат ниту функционални клима уреди, ниту средства за дезинфекција.

– Недостигаат услови, почнувајќи од униформа за терен, која треба да не штити. Услови во внатрешноста на возилото не се соодветни. Во текот на летото и зимата недостасуваат клима уреди, и често се случува ампулите да смрзнат, ја менуваат физичка состојба. Недостасуваат дури и средства за ракавици, маски – продолжува медицинската сестра.

Како илустрација, Хрватска, која исто така е држава на Балканот, но членка на Европската Унија, има возила и униформи какви што ги посакуваат и вработените во службите за Итна помош во Македонија.

Медицинската сестра вели нивниот стаж треба да биде ист како и на лекарите во другите служби, каде 12 месеци работата се вреднуваат како 15 месеци, бидејќи опасноста на работа и стресот што го доживуваат, влијае врз нивната здравствена состојба.

Според податоците на Министерството за труд и социјална политика, Деловникот предвидува:

– На лекар во Итна медицинска помош 12 месеци му се пресметуваат како 15 месеци:

– На медицински техничар (сестра,  техничар, главна сестра), кои и помагаат на сестрата при давање итна медицинска помош, 12 месеци работа им се вреднуваат како 14 месеци стаж.

– На возач 12 месеци на работа му се вреднуваат како 14 месеци стаж.

Иако министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска вети дека ќе се формира комисија за верификација на бенефицираниот стаж, сепак такво нешто не се случило.

„Ќе се формира Комисија за утврдување на бенефицираниот стаж, која според законот требало да се формира во 2012 година. Целта е да се заштитат правата на работниците, кои согласно постојните законски одлуки спаѓаат во опасни професии, но не можеле  да го реализираат тоа“, изјави министерката Царовска во јули 2017 година.

Медицинската сестра со која зборуваше новинарот на „Порталб“ е скептична дека новите возила за Итна помош ќе влезат во функција пред да се реализираат вработувањата за кои министерот за здравство Венко Филипче изјави ќе се реализираат кон средината на 2019 година. Вработувањата според медицинската сестра, се ветуваат веќе 5 години.

Инаку, за зајакнување на услугите на Итна помош, министерот за здравство Венко Филипче најави набавка на 12 амбулантни возила, од кои 6 од се планирани да бидат дистрибуирани во Скопје, а другите 6 во други градови, но тоа се прави врз основа на критериум што не постои.

Да потсетиме, службата за Итна помош се очекува да подлежи на физибилити анализа за наоѓање на подобар начин на функционирање. Анализата се изведува од страна на еден оператор, од три колку што се пријавиле на повикот на Министерството, но имињата не се откриваат.

Во меѓувреме, Итната медицинска помош во Македонија функционира со стари и амортизирани возила, а пак нивниот број не кореспондира со бројот на жители во некои градови. Имало случаи кога во нив сме имале и губење на човечки животи. За да се избегнат овие ситуации, Министерството за здравство вети замена на амбулантните возила врз основа на километражата.

Но, со ова не се согласуваат автомеханичарите, бидејќи тие бараат замена на возилата не само врз основните километражата, туку и врз основа на тоа колку се искористени и амортизирани овие возила генерално и  во пократки односи.


По лекарите, и медицинските сестри од Штип се селат во странство


Штип, 2 ноември, 2018 - 9:31 (META) 

Над десетина медицински сестри и техичари во Клиничката болница во Штип во моментов зеле оправдано неплатено отсуство во законскот рок до три месеци и работат некаде по здравствените институции на европските земји.

Зачестен е трендот медицински персонал со средно образование со над дваесетгодишен работен стаж да поминува по неколку месеци во странство во неколку наврати, а потоа некои од нив и сосема се иселуваат во земјите каде привремено работеле. Ова се информации што последните месеци се почесто се слушаат меѓу медицинскиот кадар, а делумна потврда стигнува и од Клиничката болница од Штип.

Директорот Ален Ѓеоргијев потврдува дека опаѓа бројката на среден медицински персонал кој се пријавува на отворените огласи за вработување.

-Најдрастично е со медицинските сестри. На последниот оглас за вработување на 27 медицински сестри се пријавија 60 кандидати, за разлика од порано каде на огласите се пријавуваа и по 150 до 200 кандидати и за помал број отворени работни места – објаснува Ѓеоргијев.

Заминувањето на вработените лекари – специјалисти е во помал број, бидејќи државната специјализација ги врзува за одреден број години што треба да ги поминат во институцијата што ги праќа на дообука.

Германија е земјата каде најчесто се сели средниот медицински персонал, но не ретко работа наоѓаат и во Велика Британија, Швајцарија,а во последно време и во земјите од регионот.

Во Штип, каде работи средно медицинско училиште засега нема изразен недостаток на среден медицински персонал, за разлика од Свети Николе и Виница, каде дел од матичните лекари останаа без медицински сестри, па сами ги пишуваат рецептите. Според информациите од професионалните здруженија, некои од нив заминале во странство, а други во јавното здравство, поради подобрите услови за работа.

Наспроти преполнетите паралелки со ученици во средните медицински училишта, болниците и другите здравствени установи полека се празнат со персонал. Здруженијата го истакнуваат податокот дека светските стандарди се 600 медицински сестри на 100.000 жители, додека  тој број кај нас е паднат на 350.


Штипската Клиничка болница плати над 346.000 евра долг кон вработените


Штип, 18 октомври, 2018 - 14:04 (META) 

Со аванс од Фондот за здравствено осигурување, Клиничката болница од Штип им го плати долгот на болничарите, медицинските сестри и докторите, кои во периодот 2015-2017 година не добивале надоместок за дежурство. Над 80% од персоналот ангажиран во дежурствата имаше извршни решенија за наплата, со што на болницата и се закануваше блокада на сметката. Покрај основниот долг од 364.000 евра, болницата платила уште дополнителни околу 80.000 евра за извршување.

Директорот Ален Ѓеоргијев вели дека парите што ги позајмиле, сега Фондот за здравствено осигурување ги сопира на неколку рати. Веќе се минусирани 8 милиони денари од парите што ФЗОМ ги префрла на болницата за редовно работење.

-Ќе го стегнеме ременот, ќе се трудиме и натаму да останаме ликвидни како што сме до сега, бидејќи сè уште не сме навлегле во должничка криза. Можеби овие месец- два ќе имаме некои доцнења во исплатата, меѓутоа, јас сум оптимист дека ќе успееме да го пребродиме овој економски удар – изјави Ѓеоргијев.

Проблемот со неплатените дежурства се провлекуваше со години, за да кулминира кога вработените тужеа на суд, по што се наталожија над 450 извршни решенија.

Директорот Ѓеоргијев вели дека ако имало волја, претходното раководство на болницата лесно можело да го реши проблемот.

-Јасно е кој не ги исплаќал парите. Во законот јасно си пишува како треба да одат исплатите. Гледате колку сето ова нè чини. Некој друг, не знам од кои причини, не плаќал. На крај, по сумирањето на бројките, може ќе побараме одговорност – рече Ѓеоргијев.

Тој се заблагодари на поголемиот дел од вработените, кои по серија преговори, сепак одлучиле да почекаат и не ги активираат извршните решенија, кои, според директорот Ѓеоргијев, сигурно ќе им ја блокирале сметката.

Дежурствата ја чинат Клиничката болница во Штип значаен дел од месечните издатоци, особено со зголемувањата кои ги добија лекарите и средниот персонал. Сепак, повисоките плати не го решаваат проблемот со недостиг на лекари с- пецијалисти, кои акутно, штипската Клиничка болница го решава со позајмици.

Во моментов во Штип секоја недела дежураат специјалисти од Клиничкиот центар од Скопје и од Општата болница од Кочани. Во Штип доаѓаат 5 неврохирурзи од Клиниката за неврохирургија од Скоје, кои освен дежурство преземаат и редовни операции, а има договор за еден детски хирург. Од Општата болница од Кочани дежураат по еден  невролог и еден анестезиолог.


Медицинските и стоматолошките сестри се преработени и добиваат минимален одмор


Скопје, 13 јули, 2018 - 12:26 (META) 

Медицинските сестри и другиот медицински персонал од тоа ниво во моментот се револтирани од односот на институциите во кои работат, оти  работат со само еден слободен ден во неделата, може да земат само минимален годишен одмор од 10 дена, а честопати се и повикувани да го прекинат и да се вратат на работа, велат од Здружение на медицинските сестри, техничари, акушерки и стоматолошки сестри (ЗМСТА – ЗА НАС).

„Медицинските сестри периодов се соочуваат со приморано користење на минимално законско ниво од 10 дена годишен одмор поради недостатокот на персонал во институциите. Работат дежурства и во смени со само еден ден слободен. Вишокот работни часови и работата во дежурства не се дефинирани дали ќе бидат исплатени по основ на дежурства, на ноќна работа или пак преку слободни денови за кои не се знае дали ќе може да ги искористат поради дефицитот. Голем дел од медицинските сестро се повикуваат да ги прекинат и веќе започнатите годишни одмори и да се вратат на работа“, велат од здружението, појаснувајќи дека  покрај малите плати и недоволно вреднуваниот труд, сега овој медицински персонал е дополнително оштетен поради случајот со годишните одмори.

Од ЗМСТАС известување за состојбата е упатено и до министерот Венко Филипче.


Гинекологија има премалку кадар и лоши услови за ризичните новороденчиња


Скопје, 10 октомври, 2017 - 13:26 (META) 

Покрив што протекува и влага сè до подрумот, валкана постелнина, недостиг од медицински кадар на сите нивоа, преголем број згрижени бебиња, зграда во која вентилацијата и системот за регулирање на температурата во просториите не функционираат или одвај функционираат уште од нејзиното пуштање во употреба, немање протечна вода, како и стари инкубатори и голема смртност од 127 новороденчиња од почетокот на 2017 година сè до крајот на септември, се горливите проблеми на Клиниката за гинекологија и акушерство при Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ во Скопје, што пред новинарите денеска ги презентираа директорката на Државниот санитарен и здравствен инспекторат, Ирина Сотирова-Бухова, и директорката на клиниката, Викторија Јовановска.

Вонредниот надзор што инспекторатот го спровел по информацијата за смртта на четири новороденчиња во една ноќ во втората половина на септември, но и по барање на директорката Јовановска, утврдил дека на одделот за интензивна и постинтензивна нега, каде што починале четирите новороденчиња, има премалку кадар, а наместо 25 бебиња, колку што е капацитетот, во моментот кога инспекторите влегле, имало дури 49 бебиња, односно по две бебиња во еден инкубатор.

– Клиниката има недостиг од медицински сестри – акушерки, инструментарки, има недостиг на кадар во цитолошката лабораторија, има недостиг на систем за добра вентилација, не функционира системот за терморегулација на просториите, почнувајќи од неонатологија, па во сите други простории – рече Бухова, презентирајќи дел од наодите на инспекторите.

Таа рече и дека била утврдена многу лоша состојба на постелнината и на креветите, немало протечна вода во натариумот, не функционирале стерилизаторите за топлење на пелените, а стерилизаторот за шишенца, според инспекторите, бил стар и дотрајан.

Директорката на клиниката, Викторија Јовановска, ги потврди овие наводи, нагласувајќи дека тоа се проблеми со кои клиниката се соочува години наназад. Јовановска, истакнувајќи дека на Клиниката за гинекологија и акушерство работи веќе 20 години, истакна дека состојбите, освен на одделението каде се згрижуваат ризичните новороденчиња, сепак не се премногу алармантни. На тоа одделение, пак, во секоја од двете смени, за ризичните бебиња се грижат по четири медицински сестри и двајца лекари.

Посочувајќи дека поради изборниот период Клиниката за гинекологија е ограничена во средувањето на состојбите, директорката на клиниката истакна дека по изборите ќе се преземат итни мерки за средување на состојбите, од кои како битна ја и истакна мерката за солидно плаќање на трудот на вработените.

– Замислете, сега сестри за дежурство добиваат по 150 денари, а секоја од нив треба да се грижи за педесетина бебиња. Тоа мора да престане – рече Јовановска.

Како што беше истакнато на денешната прес-конференција во Министерство за здравство, од 300 вработени на клиниката, 60 се сестри, а 86 лекари.

Таа посочи дека за проблемот со системот за вентилација ќе треба да се направи многу, бидејќи зградата е згрешена уште при изградбата, а за другите технички проблеми ќе се преземаат мерки во наредниот период. Јовановска истакна и дека по изборите ќе се почне со разговори за прием на нов кадар, пред сè специјалисти, па ако треба и од странство. Сепак, истакна дека екипирањето на клиниката не е брз процес, оти и ако земат еден специјалист – педијатар, треба најмалку една година да го оспособат за работа со бебиња со висок ризик. Директорката на Клиниката рече и дека итно ќе мора да вработуваат нови медицински сестри.

Таа посочи дека има и влошени односи меѓу лекарите во одделот за интензивна поради плаќањето по учинок, односно како што рече, некои биле фаворизирани од претходните раководни гарнитури.

Според Јовановска, по веста за умирањето на четири новороденчиња во една ноќ се јавиле многу заинтересирани да донираат, но и за тоа ќе треба да се почека да завршат локалните избори, за да може да пристигнуваат донациите.


На првиот упис во средните училишта запишани 11.205 ученици


Скопје, 30 јуни, 2017 - 16:59 (META) 

Во првото пријавување од јунскиот рок за упис во средно образование за учебната 2017/2018 година, кое беше спроведено во изминатите два дена, односно 28 и 29 јуни, се пријавиле 17.179, а се запишале 11.205  ученици, соопшти Министерството за образование и наука (МОН).

Од учениците кои се запишале, 8.590 се за настава на македонски наставен јазик; 2.440 ученици за настава на албански наставен јазик; 99 ученици за настава на турски наставен јазик и 76 се повторувачи.

Второто пријавување во јунскиот уписен рок ќе биде на 5 јули, а резултатите ќе бидат објавени следниот ден, 6 јули. МОН информира дека за второто пријавување слободни места има во јавните средни училишта во сите општини во Република Македонија за вкупно 24.529 ученици.

Слободни места за настава на македонски наставен јазик има  16.118, за  настава на албански наставен јазик 7.455, за настава на турски наставен јазик има 819, за српски наставен јазик слободни се 34  места и 103 слободни места за повторувачи.

Во учебната 2016/2017 година деветто одделение завршиле 20.712 ученици. Согласно измените на Законот за средно образование, средното образование од учебната 2008/2009 година е задолжително за сите ученици.


Законски измени за враќање на медицинските сестри во јавното здравство


Скопје, 8 декември, 2015 - 14:40 (META) 

Владата подготви измени на Законот за здравствена заштита со кои се овозможува медицинските сестри, техничари и радиолошки технолози со средно, вишо и со високо стручно образование ако сакаат, да можат да се вратат од приватното во јавното здравство, соопшти министерот за здравство Никола Тодоров, додавајќи дека законските измени веќе се во собраниска процедура.

Тодоров рече дека целта на законските измени е да се зголеми квалитетот на здравствените услуги во јавното здравство и додаде дека веќе се поднесени најмалку 30 барања од медицински сестри.

– Услов за враќање на медицинските сестри, техничари и технолози е да имаат најмалку три години работно искуство во јавна здравствена установа или најмалку седум години во јавна или приватна здравствена установа која врши болничка дејност – рече Тодоров, додавајќи дека по усвојувањето на законските измени, ќе биде објавен оглас за медицинскиот персонал што сака да се врати во јавното здравство.

Ова е втор проект од ваков вид. Претходно Владата направи законски измени кои овозможуваа лекарите специјалисти кои заминале во приватното, да се вратат во јавното здравство.


САД: Медицински сестри штрајкуваат за подобра заштита од ебола


Вашонгтон, 13 ноември, 2014 - 10:26 (META) 

Најмалку 100.000 медицински сестри протестираа во 15 сојузни американски држави, барајќи подобра заштита на здравствените работници што работат со заболени од ебола.

Американскиот Национален сојуз на медицински сестри бара медицинските установи да купат специјална заштитна облека и респиратори, како и да спроведат обука на лицата што се грижат за болните од ебола.

Американскиот Центар за контрола и за превенција на болести нарача посебна заштитна опрема за болниците во износ од 2,7 милиони долари, но, според сојузот на медицински сестри, тоа не е доволно.