Сугарески: Автопатот Демир Капија – Смоквица ќе биде пуштен в година


Битола, 22 декември, 2017 - 14:59 (META) 

Министерот за транспорт и врски Горан Сугарески на форумот „Важност на Пан-европскиот коридор 10 за Република Македонија, Балканскиот полуостров и Европската Унија” кој се одржа денеска во Битола порача дека очекува следната година да биде пуштена новата автопатска делница Демир Капија – Смоквица, со што ќе се добие комплетен автопат на Коридорот 10 низ Македонија. Тој посочи и дека проблемот со неизградената пруга од Битола до Меџитлија е веќе во рацете на обвинителството, а најави и судски процес за неисполнетите обврски.

Министерот Сугарески истовремено најави дека се планира магистралниот пат од Прилеп преку Битола до граничниот премин Меџитлија да се надгради до ниво на експресен пат, што би било готово за две до три години.

– Многу значаен проект на кој во наредниот период ќе посветиме големо внимание е проширување на државниот пат Прилеп – Битола се до граничниот премин Меџитлија. Овој патен правец планираме да го изградиме на ниво на експресен пат, a во меѓувреме делот од Битола до Меџитлија ќе го реконструираме. Генерално следната година очекувам да имаме целосно функционален Коридор 10 на ниво на автопат, а за две до три години да имаме и модерни патни правци на кракот 10 Д – рече министерот во обраќањето пред учесниците на форумот.

За неизградената пруга Битола – Меџитлија, Сугарески најави судски процес, јави СДК.

– Судска постапка ќе се води во делот на одговорноста. Се што имаме поврзано со овој случај доставуваме до органите на прогонот. Тие малверзации ги открива обвинителството – рече Сугарески, не прецизирајќи кој ќе добие тужба.

Пругата требаше да ја гради бугарски конзорциум на фирми кој за подизведувачи зеде домашни компании, а на крај не им го исплати сработеното. Пругата требаше да биде готова до јули минатата година, но е незавршена. Потоа беше распишан нов тендер, на кој за изведувач е избрана австриската „Штрабаг“, која треба да ја заврши пругата следната година.


МНР реагира до Атина и Брисел за блокадата на границата на Евзони


Скопје, 16 февруари, 2017 - 16:46 (META) 

Министерството на надворешни работи (МНР) официјално реагирало до грчките власти како и до Европската комисија за блокадата на граничниот премин Евзони, потврдија од МНР за „Мета“.

Од Грција по дипломатски пат добиле објаснување дека и тие вложувале напори за решавање на проблемот и правеле се што можат, бидејќи и тие трпеле штети, а не само Македонија.

Во писмото до Европската комисија, МНР навеле дека со тековната блокада на граничниот премин која трае веќе 18 денови се крши Спогодбата за стабилизација и асоцијација со ЕУ која гарантира слободно движење на стоки и луѓе и е потпишана од Грција.

Од МНР го посочуваат пристаништето во Драч како алтернатива за дел од македонските компании, во зависност од товарот што се превезува.

Поради блокадата на грчката граница од страна на грчките земјоделци, македонските превозници ги користат граничните премини Меџитлија и Ново Село.


Сообраќајот се одвива по суви коловози освен по осојничавите места


Скопје, 15 февруари, 2017 - 18:42 (META) 

Поради штрајк на грчките земјоделци, граничниот премин Евзони и понатаму е затворен за сообраќај за сите видови на возила, а граничните премини Меџитлија и Дојран се отворени, информираат од Автомото-сојузот на Македонија.

Сообраќајот на државните патишта сe одвива по суви коловози, освен на осојничавите места.

Во клисурите и засеците можна е појава на помали одрони, особено на патните правци: Кочани – Македонска Каменица – Делчево, Виница – Берово, Гостивар – Стража, Маврово – Дебар-Струга, Демир Капија – Удово, Катланово-Велес, Крушево – Демир Хисар и Ресен-Буково.


Блокадите продолжуваат, превозниците го намалуваат бројот на камиони


Скопје, 13 февруари, 2017 - 12:36 (META) 

Граничниот премин Евзони е затворен веќе две недели, а македонските превозници најмногу трпат од блокадата на грчките земјоделци кои протестираат против владините мерки на Грција.

Камионите кои превезуваат нафта и нафтени деривати се пренасочуваат преку Ново Село, но и преку Меџитлија, граничен премин преку кој од денеска може да поминуваат камиони кои пренесуваат само нафта, но не и друг вид на акцизна стока. Камионите кои превезуваат акцизна стока не можат да поминат преку граничниот премин Дојран, бидејќи нема одобрение од грчка страна.

– Компанијата „Окта“ превезува преку Ново Село, Бугарија. Но оттаму трошоците на превозниците се зголемуваат за 20-30 проценти, така што тие веќе го редуцираат бројот на камиони. Има патарини, километражата е поголема, па оттука и цената на превозот се зголемува –  вели за „Мета“, Билјана Муратовска од Здружението на превозници „Макам-транс“.

Таа вели дека превозниците засега не најавуваат одредени протести, бидејќи користат алтернативни патишта за превоз, а поскапувањето на нафтата ќе зависи од одлуката на Регулаторна комисија за енергетика.


Сообраќајот се одвива по влажни коловози, магла на неколку патни правци


Скопје, 13 февруари, 2017 - 9:14 (META) 

Сообраќајот по државните патишта се одвива по наместа влажни коловози, информираат од Автомото-сојузот на Македонија.

На патниот правец с.Лисец – Попова Шапка, видливоста е намалена од 50 до 100 метри поради магла. Магла има и на планинскиот превој Стража.

Поради штрајк на грчките земјоделци, граничниот премин Евзони се уште е затворен за сообраќај. Граничните премини Меџитлија и Дојран се отворени.


Слаби врнежи од снег на Стража, магла на Ѓавато и на Плетвар


Скопје, 10 февруари, 2017 - 10:33 (META) 

Сообраќајот на државните патишта се одвива по на места влажни коловози, а повремени врнежи од слаб снег се бележат на планинскиот премин Стража, информира Автомото-сојузот на Македонија.

Поради појава на магла, намалена е видливоста од 10 до 20 метри на Попова Шапка и од 50 до 100 метри на планинските премини Ѓавато и Плетвар.

Поради штрајк на грчките земјоделци, граничниот премин Евзони сè уште е затворен за сообраќај. Премините Дојран и Меџитлија се отворени за сообраќај.


Сообраќајот Скопје – Велес се одвива по една лента поради сообраќајка


Скопје, 9 февруари, 2017 - 9:58 (META) 

Поради сообраќајна несреќа на патниот правец Скопје – Велес, кај Катланово, сообраќајот се одвива по една коловозна лента, информираат од Автомото-сојузот на Македонија.

Сообраќајот на државните патишта се одвива по на места влажни коловози. Намалена видливост од 50 до 100 метри, поради магла, има на патниот правец Лисец – Попова Шапка.

Поради штрајк на грчките земјоделци, граничниот премин Евзони сè уште е затворен за сообраќај. Премините Дојран и Меџитлија се отворени за сообраќај.


Блокирани граничните премини Меџитлија и Дојран


Скопје, 14 февруари, 2016 - 19:13 (META) 

Сообраќајот при влез и излез од Грција на граничните премини Меџитлија и Дојран е блокиран поради штрајк на грчките земјоделци, соопшти Автомото-сојузот на Македонија.

Преминот Меџитлија бил блокиран во 17 часот, а еден час подоцна и преминот Дојран. Според најавите, сообраќајот би требало да се нормализира по 21 часот, до кога е најавено дека ќе трае штрајкот.

На другите граничните премини нема подолги задржувања за влез и за излез од државата. Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен.

Сообраќајот на сите државни патишта се одвива без забрани и по претежно влажни коловози во западните и во југозападните делови и на места влажни коловози во другите делови на земјава.


Исклучена струјата на Агенцијата за храна и ветеринарство на Меџитлија


Битола, 11 февруари, 2016 - 14:33 (META) 

Канцеларијата на Агенцијата за храна и ветеринарство сместена на граничниот премин Меџитлија остана без електрична енергија откако ЕВН, и покрај предупредувањата, не успеала да си го наплати долгот од оваа државна институција.

Струјата била исклучена вчера околу 16 часот, во период кога граничниот премин од грчка страна бил под блокада.

Зоран Атанасов, советник од кабинетот на дополнителниот заменик-министер за земјоделство, потврдува дека објектот на Министерството за земјоделство на Меџитлија во кој е сместена и Агенцијата за храна и ветеринарсво е без струја и поради тоа е невозможно да функционира електронскиот систем за издавање електронска потврда за увоз или извоз на стоките од животинско и од неживотинско потекло.

– Ако нема струја, официјално немаме ниту контрола на работите. Тој систем е поврзан со царината. Застојот прави штета на транспортерите, особено на тие што носат стока од животниско потекло и подлежат на температурен режим – вели Атанасов.

Објектот во кој е сместена Агенцијата, на граничниот премин Меџитлија, се води под Министерството за земјоделство и, според неофицијални извори, на ЕВН за струја ѝ должи безмалку 160.000 денари.


Жичената ограда за јужната граница Македонија ја набавила од Унгарија


Будимпешта, 10 декември, 2015 - 18:37 (META) 

Жичената ограда со која се оградени и дополнително се оградуваат делови од македонско-грчката граница, поради мигрантската криза, Македонија ја набавила од Унгарија, објави хрватската државна телевизија ХРТ.

Унгарците беа првите кои подигнаа жичена ограда на својата граница за да го спречат протекот на мигранти на нивна територија, а сега, како што јавува ХРТ, бодливата жица им е еден од најголемите и најдобри извозни производи.

Покрај Македонија, жичена ограда за своите граници од Унгарија набавиле и Австрија и Словенија, а нови нарачки пристигнувале секој ден.

„Гјорги Баконди, комесар на унгарската влада за еконимија, се пофали дека деновиве испратиле нарачка која пристигнала од Македонија. Станува збор за голема пратка од дури 10.000 метри (10 километри) бодлива жица, која нивната влада наскоро треба да ја постави на границата со Грција“, пишува ХРТ.

Како што објавува телевизијата, жицата се произведува во гратчето Марианоштра, оддалечено десетина километри од Будимпешта, кое досега било познато само по најобезбедуваниот затвор во Унгарија.

Бодливата жица, всушност, е главниот производ што го изработуваат околу 700 затвореници во Марианоштра.

Македонските власти на 28 ноември подигнаа жичена ограда на македонско-грчката граница кај котата 59, во близина на Гевгелија, а денеска Армијата на Република Македонија (АРМ) почна со поставување ограда и кај граничниот премин Меџитлија во близина на Битола.