Македонскиот „Медена земја“ прогласен за најдобар документарец на „Санденс“


Сан Франциско, 4 февруари, 2019 - 9:40 (META) 

Со победа во три категории, македонскиот филм „Медена земја“ („Honeyland“), во режија на Љубо Стефанов и Тамара Котевска, триумфираше во конкуренцијата за документарци од целиот свет на американскиот филмски фестивал „Санденс“ („Sundance“).

На церемонијата што се одржа во саботата во Парк Сити, Јута, САД , „Honeyland“ ja доби големата награда на жирито за најдобар документарен филм, а на снимателите Фејми Даут и Самир Љума им беше врачена наградaта за најдобра кинематографија . Документарецот го доби и специјалното признание од жирито за влијание за промена.

Прват во историјата на реномираниот фестивал еден проект е награден со три признанија.

„Медена земја“  беше во официјална конкуренција на најпрестижниот американски фестивал за независни филмови „Санденс“ во категорија со уште 11 други документарци од целиот свет.  Ова е првпат македонски долгометражен документарен филм, со мнозинска домашна копродукција, да влезе во конкуренција и да освои награди на „Санденс“, и токму поради ова е од големо значење за македонската кинематографија.

Премиерата на „Медена земја“ се одржа  на 28 јануари 2019 година во рамки на 38. издание на „Санденс“ во Парк Сити, Јута. По премиерата документарецот доби одлични рецензии од реномираните филмски критичари и медиуми меѓу кои: Ентони Кауфман од „Скрин Интернешенел“, Шери Линден од престижниот „Холивуд Репортер“,  Гај Лоџ од „Вараети“, Крис О’Фалт од „Индивајр“, Ерик Хајнс од „Филм комент“, Соња Епштајн од „Слоан сајанс енд филм“ и други.

„Медена земја“  ја претставува за Атиџе, последната жена-одгледувач на диви пчели во Европа, која живее сама со својата мајка во централна Македонија. Главна идеја на филмот е да се прикаже припадноста на човекот кон природата и нарушување на природната рамнотежа преку судир на два различни начина на искористување на Земјините ресурси.

Продуцентот и монтажер на филмот е Атанас Георгиев, музиката ја направија членовите на групата „Фолтин“, а како музички супервизор се јавува Рана Еид од „ДБ Студиос“ (DB Studios) од Бејрут.

Документарецот, кој е во продукција на „Аполо медиа“ и „Трис филмс“, е реализиран како дел од Програмата за зачувување на природата во Македонија – проект на Швајцарската агенција за развој и соработка (SDC), координиран од „Фармахем“, а поддржан е и од Агенцијата за филм на Република Македонија.

Годинава го очекуваат презентации на значајни светски фестивали. Премиерата во Скопје ќе се одржи на почетокот на март.


Два македонски филма во конкуренција на филмскиот фестивал „Санденс“


Скопје, 30 ноември, 2018 - 11:40 (META) 

Два македонски филма, едниот документарен, а другиот детски и авантуристички, ќе се натпреваруваат во соодветните категории на следното издание на филмскиот фестивал „Санденс“, кој е дефинитивно најголемиот и најпрочуениот светски настан на независната филмска продукција.

Во категоријата „Долготраен документарен филм“ на фестивалот, кој ќе се одржи од 24 јануари до 3 февруари 2019 година во државата Јута во САД, во конкуренција со 11 други долгометражни документарци ќе се натпреварува македонскиот „Медена земја“.

Филмот е во режија на Љубомир Стефанов и Тамара Котевска, а продуцент и монтажер на филмот е Атанас Георгиев.

„Медена земја“ на минатогодишниот Сараевскиот филмски фестивал ја освои највредната парична награда на фестивалот, 30.000 евра од Турската национална телевизија (ТРТ).

Филмот ја раскажува приказната за Атиџе, која живее со мајка и во централна Македонија, во сосема примитивни услови и произведува мед од диви пчели, притоа почитувајќи го природниот баланс – земајќи само половина од медот за себе, а оставајќи им го другото на пчелите што го собрале.

Покрај „Медена земја“ и филмот „Ловци на вештерки“, која е македонска ко-продукција, ќе се натпреварува за награда на „Санденс 2019“, но во категоријата „Деца“.

Овој филм малцинска ко-продукција меѓу Србија и Македонија и е семејна приказна, која жанровски се движи помеѓу авантура, научна фантастика и семеен филм.

Режисер на филмот е Рашко Миљковиќ, а продуцент на филмот е „Акција Продукција“ од Србија во копродукција со „Дрим Фектори“ Македонија. Во него игра македонската актерка Јелена Јованова-Периќ, костимографи се Ирена Анастасовска и Милена Миленковиќ. Звукот го снимаше Игор Поповски, директор на фотографија е Микша Анѓелиќ а монтажер е Ѓорге Марковиќ.