Додека мечката рика во Беловиште, мече шармира во рибен ресторан во Чегране


Чегране, 11 јули, 2017 - 12:16 (META) 

Дали над тетовското село Беловиште рика мечка што си го бара одземеното мече или, пак, се вртка околу локалитетот Петачко Водиче привлечена од кантите и од вреќите за ѓубре кои се полнат од бројните посетители на овој извор над селото и денеска останува енигма.

Meche 2 restoran Delfin Chegrane jul17 - chitatelkaИстовремено, „Мета“ пронајде едно мече, 40-тина километри подолу, во гостиварско Чегране, кое се чува како „атракција“ во рибен ресторан во селото и се „рекламира“ на нивниот фејсбук-профил.

Во разговор со надлежните од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство за реонот околу Беловиште, дознавме дека до претпладнево нема информации за „мечешката мистерија“, но уверија дека „се работи на утвдување на деталите“. Според верзија што ја кажуваат жителите во Беловиште, пред неколку денови мечката се симнала до селото со двете мечиња, при што едното влегло во плевна на еден селанец. По ден-два мечето, наводно, било однесено од селото.

Meche 3 restoran Delfin Chegrane jul17 - chitatelkaЧитателка која ја прочитала вчерашната статија на „Мета“ за мечките над шарпланинското село, ни го посочи мечето што е главна атракција во селото Чегране.

Како што може да се види од фотографиите на фејсбук-страницата на рибниот ресторан „Делфин“, таму сосема комотно, покрај пауните и пони-коњите, си живее мало мече.

– Си дојде самото и никако не можевме да го избркаме. Што да му правиме, пријавивме кај ветеринарот Горан во Тетово, па чекаме сега тој да ни каже што понатаму. Тешко ни е да го чуваме, по четири литри млеко на ден пие. Плус му пасираме во блендер јаболки и друго овошје. Има голем апетит. Не ќе може да го држиме многу, ама пак ќе видиме со тие што се надлежни – објаснува вработен во ресторанот.


Мечка рика по мечето низ Шар Планина, цело Беловиште во страв


Беловиште, 10 јули, 2017 - 15:24 (META) 

Со денови кружи околу селото и рика, веројатно си го бара мечето. Најмногу кога ќе почне да се стемнува. Страшно е и да се слуша, а камоли да помислиш што би било кога така гневна би пресретнала човек. А можеби се и повеќе мечки, сепак сме на Шар Планина, објаснува жител на тетовското село Беловиште, кое неколку дена живее во страв.

Како што објаснува тој, според најприсутната верзија во селото, животното што ги застрашува беловиштани е мечка чие мече наводно било заробено во некоја плевна, а потоа однесено од селото, па таа го бара. Но има и друга верзија, дека не станува збор за мајка која трага по чедото, туку за мечка која привлечена од отпадоците од трите многупосетувани ресторани се приближила до селото и сега сее страв. Но, вели, и тоа мора да се прифати со резерва, оти како што раскажуваат овчарите, има поприличо мечки по Шар Планина, па можно е и да се „довикуваат“.

– Не можеш сигурно да знаеш, не сме научници, а и мечките не носат дресови. Знам само дека мечка рика околу селото и страшно е да се слуша тоа. Најмногу од луѓето зборуваат дека и е земено мечето, и си го бара. Неколкумина виделе мечка, ама нема како да утврдиш дали виделе една мечка, или повеќе различни мечки. Оти очевидците се поголем број постари луѓе, кај кои видот не е како што им бил некогаш  – вели соговорникот.

Беловиште е планинско село, во кое има многу издвоени, оддалечени куќи, и нивните станари се соочуваат со најголема опасност од животното, посебно оние што живеат сами.

– Ако е така како што најмногу се слуша, ако навистина е мечка на која и е земено мечето, ако некој го најде и го врати, мечката ќе се смири. Инаку, не верувам дека и таа и ние ќе имаме мир. Ако е пак нешто друго во прашање, опасноста останува отприлика иста – вели жителот на Беловиште, село со голем број иселеници, главно во САД, од кои голем дел сега во селото ги минуваат летните одмори, кои се исто така загрижени поради опасноста да бидат нападнати од мечка.

Како што гласи најпрекажуваната верзија, пред неколку денови мечката се симнала до селото со двете мечиња, при што едното влегло во плевна и еден селанец го затворил. По ден или два мечето било однесено од селото. Како што се шпекулира, наводно било однесено во скопската Зоолошка градина.

Но во скопската Зоолошка градина велат дека кај нив не е донесено мече. Истото го кажаа и од битолската Зоолошка градина.

Александар Стојанов од Македонското еколошко друштво, за „Мета“ објаснува дека ако навистина било така заробено, мечето е најверојатно продадено на диво на некој одгледувач.

– Ги има многу на Балканот и најверојатно е продадено на диво на некоја дива „зоолошка“ градина – вели тој.

Стојанов вели дека сега е неопходно да се преземат сите чекори за мечето да се пронајде и да се врати на неговата мајка. За случајот го алармирале и Државниот инспекторат за животна средина, за и официјално да се отпочне потрага по мечето.

Инаку, во селото сега главниот разговор на таа тема e за мечето кое пред некој ден прескокнувајќи ја оградата упаднало во двор на постара жена, која живее сама. Таа првин помислила дека е некое куче, но потоа кога му се приближила видела дека е мече, и му ја отворила портата за да излезе. Мечето не излегло, туку пак се прекачило преку оградата.

Дури и ако се покаже дека тоа што се случува во Беловиште не е гнев поради одземено мече, туку дека мечки, кои сепак на Шар Планина ги има во значителен број, се приближиле до селото во потрага по храна, опасноста за Беловиште останува. Посебно за жителите на издвоените куќи, поприлично далеку од главното јадро на селото, од кои голем број се самци.


Мечка прегазена на автопатот Скопје – Тетово


Тетово, 1 август, 2016 - 12:05 (META) 

Ноќеска, околу 23 часот, на автопатот Тетово – Скопје, во близина на надвозникот кај Групчин, згазена е мечка која се движела по коловозот. На неа прво налетало товарно патничко возило, кое го удрило животното и го соборило на коловозот. Потоа, на мечката налетал и уште еден автомобил, а од двете удирања мечката добила смртни повреди.

Во автомобилот имало две лица кои добиле лесни телесни повреди.

Мечката е подигната од коловозот и транспортирана во сообраќајната полиција во Тетово, а оттаму се очекува да биде предадена во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.

На автопатот Гостивар – Тетово – Скопје често се случуваат сообраќајни несреќи кои ги предизвикуваат животни затоа што автопатот нема заштитна ограда, па животните слободно преминуваат на коловозот.


Мечка уби три лица во Индија


Њу Делхи, 13 март, 2016 - 16:14 (META) 

Дива мечка во шума во централна Индија, пред да биде успиена, уби три лица од кои еден ветеринарен службеник испратен да го убие дивото животно.

Мечката доцна синоќа убила двајца селани, па откако случајот бил пријавен во полиција, покренато било полициско пребарување за животното.

Во потрагата бил испратен и службеник на државната ветеринарна служба кој требал да постави замка и да ја заспие мечката, но животното и него го убило, соопшти заменик шефот на полицијата, Раџеш Кукареџ.

-Мечката беше многу агресивна и го уби службеникот на лице место. Немавме друга опција освен да ја убиеме – рече Кукареџ.


Во продажба фигура на Путин како јава мечка


Москва, 2 февруари, 2015 - 15:44 (META) 

Во реонот Исмаилово во Москва, се појавила пластична играчка, односно фигура на рускиот претседател Владимир Путин како јава мечка.

Пластичниот Путин може да се купи и преку интеренет.