Квиз: Проверете ги вашите знаења за половата застапеност на пазарот на труд


Скопје, 25 април, 2018 - 12:30 (META) 

Анализата на податоците од Анкетата за работната сила на Државниот завод за статистика покажува дека во Македонија постои нерамномерна полова распределба на работните места и на платите. Проверете ги вашите знаења во однос на половата застапеност на пазарот на трудот во Македонија преку овој интерактивен квиз.

Објавените визуелизации се дел од проектот D.A.T.A. – Data Analytics for Transparency and Accountability имплементиран од Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“.

Овој проект е делумно поддржан од Амбасадата на САД. Мислењата, откритијата и заклучоците или препораките изнесени овде се на имплементаторите/авторите, и не ги одразуваат оние на Владaта на САД.


„Евростат“: Жените во ЕУ се 16 проценти послабо платени од мажите


Брисел, 8 март, 2018 - 10:46 (META) 

Статистичката служба на Европската Унија, „Евростат“ објави дека жените во Европската Унија во 2016 година, во просек, биле за 16,2 отсто послабо платени од мажите, односно во просек заработиле 84 евроценти од секое евро кое го заработил маж.

Во цела ЕУ, разликите во платите се намалени малку и тоа во просек за 0,6 процентни поени, од 2011 до 2016 година.

Помеѓу земјите-членки во 2016 година, разликите во платите се движеле од само пет отсто во Романија и Италија, до над 25 проценти во Естонијa.

Во Чешка и Германија таа разлика во плати е од речиси 22 проценти.


ААВМУ промовираше спотови против сексизмот во медиумите


Скопје, 1 март, 2018 - 16:45 (META) 

Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (ААВМУ) денеска промовираше ТВ и радио спотови против сексизмот во медиумите и истражување за родот во телевизиските програми во 2017 година.

Истражувањето за застапеноста на родот во телевизиските програми се состои од две анализи – едната за родовите прашања во програмските концепти и содржини на дневно-информативните емисии на телевизиите на национално ниво, а другата на начинот на прикажување и претставување на жените и мажите во рекламите.

Наодите од истражувањето покажуваат дека темите кои можат да бидат обработувани од родов аспект не се препознаваат од новинар(к)ите и од ТВ куќите, а родовите прашања и теми имаат ниско ниво на застапеност во дневно-информативните изданија, заклучува студијата.

Мажите, носители на високи јавни функции, се јавуваат во повеќе различни прилози на ниво на дневно издание на вестите, најчесто во улога на соговорници, а продолжува и трендот на користење машки граматички род како универзален во претставувањето на професиите и функциите.

Генерално, медиумите, темите поврзани со родот ги третираат неутрално, но, се забележува делумно позитивен тренд онаму каде што бројот на уреднички е поголем, е едно од сознанијата од оваа студија.

Во однос на рекламите, забележливо е дека постои одредена изедначеност во поглед на застапеноста на мажи и жени актер(к)и, додека во поглед на нараторството забележлива е доминација на машкиот глас кај домашните и кај странските.

Во рамки на медиумската кампања „Сексизмот понижува“ се презентирани два телевизиски и еден радио спот, чија цел е подигнување на свеста кај јавноста и кај медиумските работници за важноста на родовата еднаквост и надминување на родовите стереотипи и предрасуди.


Полска ја намали старосната граница за пензионирање


Варшава, 16 ноември, 2016 - 19:04 (META) 

Полските пратеници гласаа за намалување на старосната граница за пензионирање и покрај прашањето како ќе се финансира новиот пензиски систем.

Долниот дом денеска гласаше за тоа од октомври следната година, жените да можат да се пензионираат на 60 години, а мажите кога ќе наполнат 65 години.

Според актуелниот систем, старосната граница за пензионирање требаше постепено да се зголемува и пензионирањето за двата пола да биде на 67 години.

Намалувањето на старосната граница било клучно ветување на конзервативната партија Закон и правда.


Најчести прекршители на јавниот ред и мир се невработени мажи


Тетово, 14 октомври, 2015 - 17:10 (META) 

Во деветте месеци од годинава, на подрачјето на Секторот за внатрешни работи Тетово, односно во полошкиот регион, регистрирани се вкупно 431 прекршок од областа на јавниот ред и мир, што е за 16 повеќе во споредба со ланското деветмесечје.

Повеќе од половината или 277 од прекршоците се случиле на подрачјето на градот, а најчесто место на случување и понатаму е улицата.

Од прекршоците, 276 биле извршени од поединци, а значителна, исто така, е и бројката на прекршоците во кои биле инволвирани групи од две, три и повеќе лица.

Меѓу прекршителите најбројни и годинава се мажите, од кои најголем дел се невработени.

Што се однесува до видот на прекршоците, на прво место и понатаму се наоѓаат физичките напади, потоа следуваат тепачките, караниците, наврeдите и омаловажувањата на службени лица, оддавање на пијанство и занемарената грижа за дете.

Во периодот за кој станува збор, регистрирани се 18 нарушувања во и околу училиштата, како и четири на спортски натпревари.

Од СВР Тетово информираат дека со несмалено темпо и динамика продолжуваат со планираните превентивни и други мерки и активности, чија основна цел е спречување на нарушувањата и нивно брзо и ефикасно расветлување.

Приоритет во наредните месеци, ќе бидат образовните и угостителските објекти, во кои е најголема фреквренцијата во текот на неделата или во викендите.


Двајца мажи со прострелни рани најдени мртви во автомобил кај Драчево


Скопје, 1 септември, 2015 - 11:11 (META) 

Тела на двајца мажи, со прострелни рани, синоќа околу 19 часот биле пронајдени во автомобил, марка „ровер 75“ со охридски регистарски таблички, во нива покрај патот кон село Драчево, во близина на селото Долно Количани, пренесуваат медиумите, повикувајќи се на информации од полицијата.

Според информациите, јавниот обвинител и полициските екипи, кои извршиле увид, на местото нашле пиштол. Телата на двете машки лица по наредба на јавен обвинител се предадени за обдукција.

Неофицијално, медиумите јавуваат дека бил утврден идентитетот на едно од лицата. Наводно, станува збор за 28-годишен жител на Кичево, кој вчера бил пријавен за исчезнат. Истражните органи сè уште работат на идентификација на другиот маж.

Според првичните информации, најверојатно станува збор за убиство и за самоубиство, а во врска со мотивот се шпекулира дека станува збор за кавга околу сеча на дрва.


Поповска предлага една изборна единица со ист број жени и мажи на листите


Скопје, 9 јуни, 2015 - 16:28 (META) 

Пратеничката Лилјана Поповска од ДОМ го поддржа предлогот за измена на Законот за избори со една изборна единица, поднесен од Павле Трајанов.

Како што пишува во соопштението на ДОМ, една изборна единца била нивна повеќегодишна желба.

Поповска планира да поднесе амандмани на законот и за еднаков број на жени и на мажи на отворени листи.

„Сиве овие промени ќе овозможат самостоен настап на партиите во центарот и на малцинските партии и формирање постизборни коалиции со подемократски влади, без апсолутна доминација на една од најголемите партии. Убедени сме дека промената на изборниот модел во оваа насока ќе биде трајна инвестиција во стабилноста и во граѓанскиот карактер на државата“, пишува во соопштението на ДОМ.


Се намалува границата за пензионирање


Скопје, 12 февруари, 2015 - 11:45 (META) 

Жените да може предвреме да се пензионираат на 59, а мажите на 61 година, а трошокот за надоместокот што ќе го добиваат три години додека да добијат статус на пензионери да падне на товар на работодавците. Овие законски измени се во фаза на подготовка и се чекаат дефинитивните пресметки од Фондот за пензиско осигурување за тоа колку би изнесувал надоместокот што би го плаќале работодавците, пишува весникот „Дневник“.

Според весникот, првично за ваквата идеја има согласност и од бизнис-заедницата и од синдикатот, а само се чекаат официјалните предлог-измени во законот што ќе ги понудат социјалните партнери до Министерството за труд.

Иницијативата потекнува од бизнисмените, кои извесен период бараат начин да го подмладат работниот кадар.

Со ваквите измени, кои нема да имаат финансиски импликации врз државата, ем ќе се даде можност на работодавците да го подобрат работниот процес ем ќе се згрижат работниците на кои годините и здравствената состојба не им дозволуваат до крај да ги исполнат работните задачи што се бараат од нив. Се чекаат пресметките од ПИОМ. Организацијата на работодавци веќе испратила барање до ПИОМ да пресмета триесетина „пробни надоместоци“ за работници на оваа возраст и неделава се очекуваат повратни информации за да се стави на хартија конкретниот предлог до Министерството.

– Првите предмети ги дадовме до фондот за ПИОМ, кој треба да ја пресмета висината на надоместокот што би требало да ја земаат лицата што би заминале три години порано во пензија. Идејата е за тие три години да земаат надоместок преку Агенцијата за вработување, кој ќе го плаќа работодавецот и да се водат како технолошки вишок. Сега се прават пресметките за да се види која опција е прифатлива за сите социјални партнери. Нашата идеја е лицето да добива надоместок во висина на пензијата што би ја добивало ако се пензионира три години порано, а не одреден процент од просекот на платите во последната година, како што се смета надоместокот за технолошки вишок – вели Ангел Димитров од Организацијата на работодавци.


Хипстерите се минато, „ламберсексуалците“ се во мода


Лондон, 17 ноември, 2014 - 19:28 (META) 

Хипстерите стануваат минато. Метросексуалците зеленеат од љубомора. Спорносексуалците почнуваат да прифаќаат поинаква мода. Доаѓа времето на „ламберсексуалците“.

Во коренот на новиот термин е зборот „ламбер“, кој на англиски значи дрвена градба, па така „ламберсексуалците“ во слободен превод можат да се наречат „дрвари“.

Ламберсксуалците се чиста спротивност на метросексуалците, кои врвот на славата го достигнаа минатата деценија. „Дрварите“, наместо тесни фармерки, носат широки, не се свежо бричени, туку имаат тридневна брада, носат карирани кошули наместо маици со апликации.
Сепак, тие трошат исто количество пари како и нивните претходници кои го негуваа својот стил.

Веб-страницата „Гир џанки“ веројатно најдобро го опиша овој тренд.

„Тој ги посетува кафулињата, но изгледа како да се спрема да сече борова шума. Во ранецот носи лаптоп, иако изгледа како во него да има секира“, пишува Том Пузак.

Тоа што е заедничко за ламберсксуалците и метросексуалците не е облеката, ниту негата на телото, туку намерата. И двата вида вредно работат да остават одреден впечаток, а можеби и начин на размислувањеa.

Без разлика дали корените на ламберсексуалноста е во културолошкото придвижување кон зачувување на животната средина или бунт против стилот кој го наметнуваат „професиите со работно време од девет до пет“, сепак не може да се негира дека ова „движење“ има сè поголем број приврзаници.


Спречен атентат вр кралицата Елизабета Втора


Лондон, 8 ноември, 2014 - 9:07 (META) 

Радикалните исламисти, кои вчера беа уапсени во Лондон, планирале напад врз британската кралица Елизабета Втора, објави „Сан“.

Четворицата мажи требало денеска да ја нападнат кралицата со нож, а засега Скотланд јард не ја потврди информацијата на таблоидот.

Приведените се на возраст меѓу 19 и 27 години.

Според весникот, тие планирале со нож да ја нападнат кралицата за време на денешното армиско чествување во Ројал Алберт хол, каде што, според  планот, требало да присуствува и Елизабета Втора.