ОН: Материјалната штета од војната во Сирија е 345 милијарди евра


Бејрут, 9 август, 2018 - 10:40 (META) 

Војната во Сирија, која трае повеќе од седум години, предизвикала материјална штета на околу 345 милијарди евра, соопшија Обединетите нации (ОН).

Проценката беше објавена во Бејрут по состанокот на кој учествуваа 50 сириски и меѓународни стручњаци на ОН.

Од таму велат дека за време на војната се уништени различни објекти во вредност од повеќе од 334 милијарди евра. Целиот извештај ќе биде објавен во септември.

Во војната во Сирија од 2011 година настрадале повеќе од 350.000 луѓе, а неколку милиони Сиријци ги напуштиле домовите.


МЗШВ: Невремето предизвика штета на 5.000 хектари земјоделска површина во Овчеполието


Свети Николе, 14 јуни, 2018 - 15:19 (META) 

Претставници од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство заедно со локалните власти, излегоа на терен, во увид на штетите врз земјоделските посеви, по вчерашното невреме во овчеполскиот регион.

Според првичините проценки во регионите на општините Лозово и Свети Николе,  од невремето е предизвикана штета на површина од околу 5.000 хектари.

„Претставниците од МЗШВ реализираа средби со градоначалниците на овие општини. Бидејќи освен штети врз земјоделските посеви, невремето предизвика и материјални штети, локалните власти денеска организираа итни состаноци на Советите и денеска формираат Комисии за проценка на штетите, кои ќе извршат проценка на предизвиканите штети од невремето проследено со силен дожд, град и ветер. Засега е утврдено дека има штета на земјоделските површини како лозови насади, површини со житни култури и зеленчук, но и материјална штета на објекти и приватни имоти. Селото Црниште од вчера е без струја и вода“, се вели во соопштението на МЗШВ.


Поројните дождови причинија материјална штета во Полошкиот регион


Тетово, 4 февруари, 2018 - 12:04 (META) 

Поројните дождови во Полошкиот регион поплавиле подруми од куќи и згради и предизвикале уривање на потпорен ѕид врз покрив од куќа, информираше портпаролот на СВР Тетово, Марјан Јосифовски.

„Околу 20 часот на улицата Прохор Пчински, како последица на дождот се лизнал и урнал потпорен ограден ѕид со висина од пет до шест метри и должина од 10 метри врз покривот од куќата на И.И.(71). Од уривањето била нанесена поголема материјална штета, а немало повредени бидејќи луѓето од куќата претходно биле евакуирани и сместени кај нивни роднини. Увид на местото ќе биде извршен во текот на денот“, рече Јосифовски.

Сообраќајот на неколку патни правци бил прекинат или отежнат, поради излевање на реките.

Во 2 часот по полноќ било пријавено дека се излеала реката Лакашница над селото Србиново при што поплавени биле земјоделско обработливо земјиште како и една штала, од која сопственикот од Србиново претходно го извадил добитокот на сигурно. Утрово водата се повлекла, по што стоката била вратена назад.

Околу 16 часот вчера, било пријавено дека одрон од два до три кубни метри нанос, го блокирал патот Велебрдо – Требиште. Со интервенција со механизација, одронот од камења и земја бил отстранет и околу 20 часот сообраќајот бил нормализиран.

Од Центарот за управување со кризи информираа дека во Кичево, на улица Прилепска се излеала реката Темница, и биле поплавени околу 50 куќи. Во текот на ноќта биле евакуирани една жена и дете.

Во Охрид се има излеала Коселаска река во село Опеница при што, се поплавиле куќи и земјоделско земјиште.


Запален кафе-бар во центарот на Прилеп


Прилеп, 31 декември, 2017 - 11:12 (META) 

Утрово околу 3.30 часот лице со иницијали Н.Т. подметнало пожар во кафе-барот „Галери Хаус Паб“ во центарот на Прилеп, соопшти полицијата.

Во пожарот нема повредени лица, а внатрешноста на објектот е целосно изгорена. Материјалната штета се проценува на повеќе од 200.000 евра.

Како што информираат од полицијата, Н.Т. околу 3.30 часот дошол во кафе-барот носејќи со себе канта со непозната течност. Откако го избркал чуварот, ја истурил течност, ја запалил и заминал во непознат правец.

Прилепската територијална противпожарна единица веднаш интервенирала со две возила и четворица пожарникари кои за неполн час успеале да го локализираат и да го изгаснат пожарот, кој се заканувал да се прошири на соседните објекти.


Тајфунот Доксури го погоди Виетнам, осум загинати


Ханој, 16 септември, 2017 - 19:28 (META) 

Разорниот тајфун Доксури го погоди средишниот дел на Виетнам, каде осум лица загинале, а четири се повредени, пренесува ХРТ.

На брегот на Виетнам ветерот дувал со брзина од 135 километри на час. Повеќе од еден милион луѓе останале без струја, а оштетени биле илјадници куќи. Властите предупредиле на опасност од поплави и лизгање на земјиштето.

Тајфунот Доксури е трето тропско невреме кое оваа година го зафаќа Виетнам. Минатата година тајфуните во оваа источноазиска држава усмртија 263 лица и предизвикаа материјални штети од речиси 1,75 милијарди долари, пет пати поголеми од оние во 2015 година.


Експлозија и пожар во стан во Охрид, еден повреден, седум автомобили оштетени


Охрид, 9 август, 2017 - 11:55 (META) 

Едно лице било потешко повредено во експлозија што вчера во 22.24 часот се случила во стан на улицата Сатеска во Охрид, соопшти денеска полицијата.

Како што информираат од СВР Охрид, од експлозијата, која најверојатно била предизвикана од плинска боца, дошло до пожар, кој бргу ја зафатил покуќнината и почнал да се шири низ собите. Сопственикот на станот со тешки повреди бил префрлен на Хируршкото одделение во Општата болница во Охрид.

Од пожарот и експлозијата, покрај штетите на мебелот и на прозорците на станот, оштетени биле и седум возила, паркирани во близина на зградата.


ВМРО-ДПМНЕ: Владата на СДСМ мора да поднесе одговорност за пожарите


Скопје, 7 август, 2017 - 9:33 (META) 

Поради игнорирањето и ненавременото локализирање на пожарите, СДС дозволи тие со денови да голтаат цели планини со шума и да станат вистинска опасност за огромен број граѓани, се вели во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.

Во него се додава дека додека граѓаните молеле и чекале државата да им помогне за пожарите да не стигнат до нивните домови, владата на СДС не мрднала со прст и зад затворени врати, далеку од очите на јавноста, носела закони штетни за Република Македонија и за нејзините граѓани.

„Владата на СДС мора да поднесе одговорност за пожарите зашто поради нивната неажурност и игнорантски однос за ненавремено локализирање на пожарот, дозволи да изгорат пет куќи, се нанесе огромна материјална штета во Поречието и во другиот дел на Македонија каде секој ден пожарите земаат поголем замав“, се додава во соопштението.


Осигурителна компанија ќе ја покрие штетата од дивеењето во Собранието


Скопје, 9 мај, 2017 - 14:35 (META) 

Сообранието на Република Македонија, објектот и опремата се осигурани и осигурителна компанија ќе ги покрие трошоците од направената штета за време на насилствата од 27 април, соопштија денеска од одделението за односи со јавноста на Собранието.

Оттаму информираат дека стручната служба на Собранието направила увид во материјалната штета и дека во тек е постапката за нејзина проценка.

„По настаните од 27 април 2017 година, стручната служба на Собранието на Република Македонија направи увид на материјалната штета. Моментално се врши документирање, фотографирање и опис на истата. По завршување на целосната постапка за утврдување и за проценка на направената штета, ќе ве известиме за истата“, стои во соопштението.


Кучиња скитници и необезбеден коловоз, причина за сообраќајќи на автопатот Гостивар-Тетово-Скопје


Тетово, 20 февруари, 2017 - 12:52 (META) 

Кучиња скитници изминативе два дена предизвикаа две сообраќајки на автопатот Гостивар – Тетово – Скопје. Утринава околу 6 часот, кај Карпалак, поради необезбедениот автопат, патничко возило со гостиварски таблички, што го управувала 34-годишна гостиварка, удрило во куче скитник, кое се движело по коловозот. Од ударот, во возилото немало повредени лица, а причинета е материјална штета која се проценува на 30.000 денари.

На истиот автопат, во непосредна близина на Добарскиот надвозник, куче скитник предизвикало сообраќајна несреќа и вчера околу 1 часот. Во кучето удрил автомобил што го управувал 27-годишник од Кичево. Во несреќата нема повредени лица, а причинетата материјална штета била проценета на 5.000 денари.

Минатата година на подрачјето на Секторот за внатрешни работи Тетово регистрирани се вкупно 118 сообраќајни несреќи, поради необезбедени услови на патот. Најголемиот број се регистрирани на автопатот Гостивар – Тетово – Скопје. Поголемиот број биле предизвикани од животни, пред сè од кучиња скитници, кои поради отсуството на заштитни огради, од околните ниви и планини слободно преминуваат на автопатот.


Најмалку 15 загинати во земјотрес на југот на Филипини


Манила, 11 февруари, 2017 - 10:56 (META) 

Најмалку 15 лица загинале, а околу 100 биле повредени во земјотрес со јачина од 6,5 степени според Рихтеровата сакала што денеска го погодил јужниот дел на Филипини, јавуваат светските агенции.

Земјотресот, според агенциите, ја погодил провинцијата Суриаго дел Норте, на островот Минданао.

„И понатаму ја проценуваме ситуацијата, потребите на населението и причинетата материјална штета“, изјавил претставник на филипинските власти.