Карневалот во Вевчани со маски за загадувањето и за трошоците на пратениците


Вевчани, 13 јануари, 2018 - 18:10 (META) 

Во Вевчани со карневалската поворка која тргна во 14 часот денеска почна традиционалниот карневал кој датира 1.400 години наназад. Одбележувањето ќе заврши утре со спалувањето на маските и честитки за Стара нова година.

Општествено политичките случувања кај нас и во светот и годинава беа инспирација за василичарите да имаат креативни и критички маски во дефилето. Колоритните маски продефилираа низ Горна и Долна маала, а покрај традиционалните Глупав Август, ѓаволите, музикантите, зетот и невестата, забележани беа „Скопје 2025“ за загаденоста во главниот град, но имаше и карневалска група што ги исмејуваше народните избраници и нивните паушали за патни трошоци, за двојазичноста, случувањата во Собранието, правата на ЛГБТ заедницата…

Вевчанскиот карневал привлече голем број туристи од земјава, но имаше посетители од Србија, Бугарија, Турција. Покрај бројните туристи кои допатуваа во Вевчани беа присутни политичари и дипломати од странските амбасади.

На свеченото прогласување на карневалот за беше и министерот за култура Роберт Алаѓозовски, кој рече дека е првпат на вевчанскиот карневал, и приватно и професионално.

– Вевчани и карневалот се носители на отпорот и на традицијата, на демократската борба и на критичноста, на слободоумноста и на креативноста. Тие резонираат и со новите владини политики. . Креативни се отворени и го шират принципот за кој се залагаме демократизација на културата и општеството, освојување на нови хоризонти на критичната култура – рече Алаѓозовски.


Вечерва е Стара нова година, во Вевчани почнува карневалот


Вевчани, 13 јануари, 2018 - 10:20 (META) 

Според Јулијанскиот календар, по кој се водат МПЦ-ОА, СПЦ и РПЦ, вечерва се дочекува Новата година, кај народот позната како Стара нова година. Првиот ден на новата година е познат како Василица, кога многумина празнуваат домашна слава, а оние кои го носат името на Свети Василиј го слават и својот именден. Некои семејства, слично како и за време на бадниковата вечера, кршат погача со паричка. Се верува дека на оној што ќе му падне, му претстои среќна и исполнета година.

По повод православната нова година и празникот Обрезание Господово и Свети Василиј Велики, утре во храмовите на Македонската православна црква ќе биде служена света Василиева литургија.

Преминот од старата во новата година според Јулијанскиот календар е и времето кога во Вевчани се одржува познатиот карневал, кој има традиција стара 14 векови. Карневалот почнува денеска во 13 часот, кога ќе се одржи дефилето на маските, а вечерва, Чалгија саунд систем, Џамбо Агушев оркестар и Блага Петреска ќе ги забавуваат василичарите и гостите на Вевчани.

Кулминацијата на настанот е утре сретсело со василичарско оро на околу илјада маски. Карневалот ќе заврши попладнето со традиционалното палење на маските.

 


Општина Карпош ќе ги запре градежните активности и ќе субвенционира маски


Скопје, 15 декември, 2017 - 15:16 (META) 

Градоначалникот на Општина Карпош, Стефан Богоев најави дека ќе се запрат сите градежните активности кои произлегуваат од работењето на општината и се однесуваат на тековно одржување на улиците, тротоарите и слични градежни зафати кои ги реализира oпштината, поради загадениот воздух.

– Во контекст на ова, бараме сите приватни инвеститори и изведувачи да го следат примерот на Општина Карпош и да запрат со градежни активности во моментите кога загадувањето е на највисоко ниво – додаде Богоев.

Тој најави дека ќе продолжат и редовните контроли, инспекции на градилиштата, со цел, да се спречи узурпирање на јавните површини и предизвикување на дополнителна нечистотија и загадување.

Богоев најави дека општината ќе започне процедура за итна набавка на прочистувачи на воздух за сите градинки и училишта на територијата на општината. Истовреме, ги повика сите инвеститори и општествено одговорни компании да донираат прочистувачи на воздух и заштитни маски за граѓаните или, пак, да донираат финансиски средства на наменската сметка на општината.

Градоначалникот на Општина Карпош исто така најави дека следната недела ќе биде свикана вонредна седница на Советот на општина Карпош на која тој ќе предложи донесување одлука за субвенционирање на заштитни маски за целни групи на граѓани. Тој ги повика граѓаните да пријавуваат загадувачи на отворената телефонска линија.

Општина Карпош е една од најзагадените скопски општини, каде што, вредноста на ПМ-10 честичките е неколку пати над максимално дозволената граница.


Маските за загаден воздух распродадени, во Скопје се прават листи на чекање


Скопје, 15 декември, 2017 - 14:59 (META) 

„Нема моментално, од понеделник може да добиеме“, „многу бргу се продаваат“, „да ве запишам на листата на чекање“, „очекуваме од среда – четврток да добиеме“.

Такви одговори добивме во неколку аптеки во центарот на Скопје и во една продавница за здрава храна попладнево, прашувајќи дали има маски за загаден воздух и колку пари чинат.

Кога ќе добијат пратка, аптеките многу бргу ги продаваат маските. Состојбите се менуваат од час на час, бидејќи се прават дотури. Маски најдовме во „Виола“ во ТЦ „Буњаковец“, по цена од 350 денари. Во аптеките на „Еурофарм“ немаше маски за продажба, а ни беше кажано дека имало различни видови, по цени кои почнуваат од 120 денари па до неколку стотини денари.

Во двете дежурни аптеки на „Зегин“ во центарот на Скопје се продавале само најскапите маски, со долготрајна ефикасност, ама сега ги нема, оти бргу се распродале. Ни рекоа да поминеме „од понеделник, можеби ќе добијат“.

Во продавницата за здрава храна „Матија“ на Костурски херои продаваат маска од поцврст материјал, за долготрајна употреба – 599 денари маска и еден филтер ефикасен до еден месец, а потоа мора да купите нов, кој чини 199 денари. Заинтересираните за да купат треба да се запишат на листа на чекање за следната пратка, која се очекува кон средината на следната седмица.


На Струмичкиот карневал годинава имаше повеќе од 1.000 учесници


Струмица, 26 февруари, 2017 - 15:35 (META) 

Меѓународниот карневал што традиционално се одржува во Струмица, заврши и на него учествуваа околу 1.100 учесници од Албанија, Русија, Бугарија, Црна Гора, Србија и од Аруба.

Според Александар Цицимов од Организациониот одбор на Струмичкиот карневал, годинава не биле присутни некои од традиционалните гости од странство, поради совпаѓање на православниот и на католичкиот Велигден и одржувањето на традиционалните карневали во другите земји.

Сепак, како што вели, имале ист број учесници, како и атрактивни групи од Москва, Русија и од Аруба.

Карневалот го проследија и претставници на дипломатскиот кор во државата, а со своите сограѓани беше и поранешниот градоначалник на општина Струмица, Зоран Заев.

Поради овој настан, Струмица е на листата на најдобрите 20 „карневалски“ градови во светот.


„Мерцедес“ од 600.000 евра, една од главните маски на Вевчанскиот карневал


Струга, 13 јануари, 2017 - 18:10 (META) 

Главна атракција на Вевчанскиот карневал денеска беше дефилето на маските.

Поворките со повеќе од илјада василичари од вевчанските маала се споија на плоштадот пред зградата на Општина Вевчани.

Политиката и годинава беше во центарот на вниманието. Маските кои продефилираа, меѓу кои „мерцедес“ од 600.000 евра, „Шарената револуција“, нова влада, кражба во вевчанската пошта, споредба на македонските политичари со светските диктатори и слично, до солзи ја засмејуваа публиката.

Вевчанскиот карневал завршува утре, со традиционалното палење на маските.


Денеска на Вевчанскиот карневал, главната атракција – дефиле на маските


Вевчани, 13 јануари, 2017 - 9:58 (META) 

На Вевчанскиот карневал денеска главната атракција е дефилето на маските, или суратите, како што се нарекуваат на локалниот дијалект.

Од повеќе маала ќе тргнат поворките со повеќе од илјада василичари, кои ќе се спојат на плоштадот пред зградата на Општина Вевчани.

Никој однапред не открива со какви маски, односно пораки, ќе излезат вевчанци годинава. Тоа се смета за најстрога тајна во милениумската традиција, иако со сигурност се знае дека политиката, повторно, ќе биде во центарот на вниманието.

Во културниот дел, од 21 часот, ќе пеат Анета Наковска и вевчанецот Ефто Пупиновски, со чиј настап ќе биде пречекана Православна нова година.

Синоќа, во Вевчани настапија женскиот бенд од Нови Сад „Фрајле“, дуото „ДНК“ и групата „Нокаут“.

Вевчанскиот карневал завршува утре, со традиционалното палење на маските.


Денеска почнува „Вевчанскиот карневал“


Струга, 10 јануари, 2017 - 11:07 (META) 

Годинешниот „Вевчански карневал“ почнува денеска со културни настани предвидени за оваа манифестација.

Програмата денеска е во знакот на одбележувањето на верскиот празник Свети Василиј Велики, заштитник на вевчанските василичари и на Вевчани, додека формалниот почеток на карневалот е в четврток.

Денеска, со почеток во 17 часот, во Клубот на пензионери во Вевчани ќе се одржи трибина на тема „Перспективите на руралниот туризам во Република Македонија со осврт на општина Вевчани“. Утре ќе биде извршена промоција на романот „Пред шарени врати“ од Косте Шутиноски.

Изложбата на слики од академскиот сликар Ниче Василев ќе биде отворена на 12 јануари (четврток) во 12 часот, во Клубот на пензионери.

Забавниот дел ќе почне на 12 јануари во 21 часот, со настап на домашните групи „ДНК“ и „Нокаут“, а пред полноќ ќе се претстави групата „Фрајле“ од Србија.

На 13 јануари, во 21 часот, присутните ќе ги забавува фолк-пејачката Анета Наковска, додека православната Нова година ќе биде пречекана со настапот на вевчанецот Ефто Пупиноски.

Традиционалното дефиле на маските ќе се одржи на 13 јануари, по 14 часот.

Карневалот завршува на 14 јануари, со традиционалното палење на маските.


Маските против загадениот воздух – најбаран новогодишен подарок


Скопје, 27 декември, 2016 - 13:00 (META) 

Загадениот воздух ја зголеми побарувачката на заштитни маски низ аптеките и продавниците кои се специјализирани за нивна продажба. Нивната цена се движи од 200 до 899 денари, а најмногу се бараат тие со јаглен кои го прочистуваат воздхот и ги задржуваат ПМ10-честичките.

– Маските се со јаглен и чинат 899 денари, но во моментов немаме величини М и С, туку само Л. Има голем интерес за нив и затоа бргу се трошат. Досега неколкупати набавуваме, но ги потрошивме. Чекаме следна пратка – велат од една од аптеките на „Зегин“.

Маски со величина М и С нема во ниту една од аптеките на „Зегин“ во Скопје, а големина Л може да се најде само во неколку од нив.

Дека побарувачката за маски е зголемена, ни потврдија и од аптеките на „Еурофарм“, каде што маските чинат 200 денари и се за неколкукратна употреба.

На социјалните мрежи, исто така, можат да се забележат зголемен број огласи на кои се нуди не само продажба на маски туку и прочистувачи на воздухот во просториите, но и боци со кислород.

Граѓаните, освен по аптеките и во специјализираните продавници, маските ги набавуваат и од платформата за интернет-продажба „Али експрес“, каде што чинат 10 долари и се со различни дезени и бои.

Вчера градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски, одржа состанок со градоначалниците од Скопскиот плански регион на кои беа предложени мерки за да се реши проблемот со загадувањето на воздухот во Скопје.

Граѓаните и еко-активстите утре во 17 часот, во Градски парк, вторпат ќе одржат протест против енормното загадување на воздухот, кое во одредени денови и до 20 пати ги надминува дозволените вредности.


Кралеви, принцези, пеперутки и каубојци: Денот на шегата на скопскиот плоштад


Скопје, 1 април, 2016 - 13:12 (META) 

Маскирани дечиња од повеќе градинки и училишта учествуваа на манифестацијата „Априлијада“ на плоштад Македонија организирана по повод 1 април – Денот на шегата.

На манифестацијата настапуваа фолклорни групи, децата од Златно славејче и танцови групи од основните училишта од Скопје и од околината.

Вечерната забава ќе почне во 21 часот, а на плоштад Македонија ќе настапат Пиреја –Етно бенд, Коста Костовски, Кристина Арнаудова, Сашо Гигов –Гиш, Александар Тарабунов, Лаура Крлиу, Биљана Дабеска, Групата „The noise makers“ и диџеи.