!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Во соработка помеѓу МАСИТ и УСАИД, се обучуваат кадри за ИКТ-секторот


Скопје, 19 мај, 2017 - 12:26 (META) 

Вкупно 40 кандидати денеска почнуваат со обуката во рамки на проектот на Стопанската комора за информатички и комуникациски технологии – МАСИТ за „Преквалификација на кадри“, во соработка со УСАИД.

Од МАСИТ информираат дека по спроведеното истражување меѓу компаниите – членки на комората, констатиран е дефицит на кадри во ИКТ-секторот, од профилите за програмирање.

„Како резултат на ова почна проектот за „Преквалификација на кадри“, каде целта е млади луѓе до 35 години, без претходно ИТ-предзнаење да се преквалификуваат и да почнат кариера во ИКТ-светот. Во согласност со потребите на компаниите, се организираат обуки и за други програмери“, информираат од МАСИТ.

Обуката која денеска ја почнуваат 40-те кандидати, планирано е да трае до септември, а потоа ќе следи пракса во некоја од ИТ-компаниите членки на МАСИТ.

Крајната цел на проектот, по посета на програмата, е лицата да се вработат во ИКТ-компании на јуниорски програмерски позиции или други позиции поврзани со ИКТ-сферата. Програмата за преквалификација ќе трае околу пет месеци.


УСАИД почнува со инфо-сесии за компаниите, ќе се детектираат нивните проблеми


Скопје, 20 март, 2017 - 14:05 (META) 

Сивата економија и брзото менување на регулативите се најголеми проблеми за малите, средните и за микропретпријатија во Македонија, беше истакнато на прес-конференцијата во Стопанска комора.

За компаниите е особено тешко да се прилагодат на законите за работни односи и за безбедност и заштита при работа, како и на правата и обврските од законите за даночна и за царинска политика, животна средина и за урбанизам.

– За што подобро информирање на компаниите, но и за детектирање на нивните проблеми, почнуваме со т.н. инфо-сесии, вкупно 18, во десет градови низ Македонија. Почетокот е задутре, 22 март, со првиот информативен настан во Велес. Клучни сектори што ќе бидат опфатени со анализите се земјоделството, текстилот, градежништвото, ИКТ и туризмот – изјави Јадранка Аризанковска, виш советник во комората.

Инфо-сесиите, кои ќе се одржуваат до 7 јуни, се дел од проектот на УСАИД што го спроведува „Епицентар интернационал“ – Скопје во партнерство со Стопанската комора на Македонија, Комората за информатичка и телекомуникациска технологија МАСИТ и Стопанската комора на Северозападна Македонија.

Целна група се сите иновативни, мали, средни и микропретпријатија, но не е исклучена можноста и за присуство на претставници од големите компании.