!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

ВМРО-ДПМНЕ: Убијците на Мартин Јанушев имаат заштита од највисокиот врв на власта


Скопје, 17 ноември, 2017 - 19:52 (META) 

„Никој 15 дена не знае ни каде се наоѓа, ни кој му помогнал да избега на убиецот на Мартин Јанушев. Така е затоа што очигледно криминалците инволвирани во оваа егзекуција имаат заштита од највисокиот врв на власта. Така е затоа што криминалците беа ослободувани и обработуваа за СДСМ и сега институциите се блокирани и не смеат да ги гонат“, вели ВМРО-ДПМНЕ во реакција на денешната изјава на министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, дека е познат идентитетот на убиецот.

„На Оливер Спасовски му беа потребни две недели да излезе со некакво име за наводниот сторител на ладнокрвното убиство и да ја убедува јавноста дека токму за него имал „несоборливи докази“. Оливер Спасовски нема несоборливи докази, туку си ја има само мувата на капата затоа што убиецот и сите негови помагачи се шетаат слободно и ја поминаа границата благодарение на помошта што им беше дадена, а целата јавност во рок од половина час знаеше кој е сторител“, се вели во соопштението.


МВР има несоборливи докази дека Ф.С. е убиецот на Мартин Јанушев, изјави Спасовски


Скопје, 17 ноември, 2017 - 12:52 (META) 

Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, денеска соопшти дека МВР има „несоборливи докази“ дека лицето Ф.С. го извршил убиството на поранешниот фудбалер Мартин Јанушев, пред две недели во населбата Аеродром.

Спасовски рече дека против Ф.С. е поднесена кривична пријава и дека на сила стапуваат и други мерки, како што е распишување на меѓународна потерница за пронаоѓање и за апсење на лицето и целосно расчистување на случајот.

Министерот за внатрешни работи додаде дека имаат индиции за местото каде се наоѓа осомничениот.

Дваесет и осумгодипшниот Јанушев беше убиен на 3 ноември годинава, со неколку истрели од огнено оружје, пред влезот од неговата зграда на улицата Владимир Комаров, во близина на кафулето „Ред кафе“, во населбата Аеродром.


Спасовски: Едно лице го убило Јанушев, а мотивот се меѓусебни недоразбирања


Скопје, 8 ноември, 2017 - 15:04 (META) 

Едно лице го извршило убиството на Мартин Јанушев, а во истрагата на Министерството за внатрешни работи досега биле сослушани 35 лица во врска со случајот, беше соопштено на денешниот брифинг во МВР.

Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, рече дека истрагата е сè уште во тек и дека има напредок. Тој додаде дека во рамките на истрагата се прегледуваат снимките од видео-надзорот од околните објекти и на град Скопје.

Според информациите на МВР, единствен мотив за убиството е меѓусебно недоразбирање меѓу Јанушев и убиецот, а Спасовски отфрли каква било политичка поврзаност. Тој рече дека се направени анализи со агенцијата за обезбедување „Омерта“ за да се види дали има некаква поврзаност со настанот.

Инаку, според МВР, од јули годинава досега, во Македонија се случиле вкупно 12 убиства, од кои две сè уште не се расчистени – убиството на Дилавер Бојку во Струга и последното, на Јанушев, кој беше убиен пред кафулето „Ред“ во Аеродром.


ВМРО-ДПМНЕ: Цели три дена не е фатен убиецот на фудбалерот, исчезна и Спасовски


Скопје, 5 ноември, 2017 - 18:32 (META) 

„Убиецот на младиот фудбалер Мартин Јанушев за овие три дена можеше да избега и да стигне каде сака! Убиецот на младиот фудбалер Мартин Јанушев за овие три дена можеше да се засолни каде било, да бара алиби и да се обиде да ја префрли вината на некое трето лице“, порача Александар Нацев на партиска прес-конференција во седиштето на ВМРО-ДПМНЕ.

Тој праша зошто МВР молчи и не соопштува ништо за истрагата.

– Прашањето што се поставува во моментов гласи, кој му ја дава оваа предност на убиецот и зошто тој добива ваков третман? Зошто нема потерница? Каде се снимките од безбедносните камери? Зошто се крие со каков автомобил се движеле? Министерството за внатрешни работи го нема. Исчезна и Оливер Спасовски, кој љубеше да држи прес-конференции за мачки што гребеле автомобил. Граѓаните се загрижени за сопствената безбедност заради неефикасноста на полицијата командувана од кадри на СДС. Сè поголеми се и сомнежите дека намерно се одолгжува со истрагата – рече Нацев.

На прес-конференцијата одговори СДСМ. Владејачката партија порача дека наместо да шири нови лажни вести, ВМРО-ДПМНЕ треба да ги остави надлежните институции да ги расчистат сите инциденти.

„Сокривањата, заштитата и заташкувањата убиства, инциденти и криминал што беа одлика на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ, завршија со ослободувањето и со професионализацијата на државните институции. Надлежните институции постапуваат во согласност со законите и ги расчистуваат сите инциденти без разлика на тоа кои се извршителите“, стои во соопштението на СДСМ.