Викендов посебен сообраќаен режим во Скопје поради три настани


Скопје, 5 октомври, 2018 - 15:07 (META) 

Поради улична трка, автомобилистички натпревар и марш во рамки на кампања, во двата дена на викендот во Скопје ќе бидат затворени неколку важни улици и ќе има посебен сообраќаен режим, соопшти МВР.

За меѓународниот натпревар во автомобилизам „Скопје 2018“ во организација на АКК Примо АВЈ – Скопје и утре и задутре во периодот од 7 до 17 часот ќе биде затворен дел од булеварот Гоце Делчев, како и блиските сообраќајници. Трката ќе се одржува на потегот од крстосницата кај Мавровка сè до железничкиот надвозник кај поранешен Скопски саем, но и на улицата Беласица  пред него сè до кружниот тек кај хотелот Континентал. Посебен режим ќе има на блиските сообраќајници.

Исто така, поради уличната трка на 10 километри  „Скопје трча 10К 2018“ во организација на Сојузот на спортови на Скопје, задутре од 7.30 до 11 часот ќе биде затворен булеварот Илинден на потегот од крстосницата со булеварот Климент Охридски до крстосницата со улицата Никола Парапунов. И во овој случај, посебно ќе биде регулиран режимот на сообраќај на сообраќајниците во непосредна близина на трасата.

Во организација на здружението „Борка – За секој нов ден“ задутре во времето од 10 до 15 ќе се одржи марш во рамки на кампањата за борба против рак на дојка, насловена „Напред розово 2018 – чекори против ракот на дојка“. Поради тоа, ќе има посебен сообраќаен режим на делот на булеварот Илинден кај Зоолошката градина и стариот дел на Градски парк сè до крстосницата кај Фонтана, појаснуваат од МВР.


Коалиција за европска Македонија: Масовноста на граѓаните на маршот испрати порака „ЗА“


Скопје, 17 септември, 2018 - 9:48 (META) 

Преку масовноста на граѓаните слободно, одлучно и достоинствено испратија силна и јасна порака „Македнија на 30 септември обединето гласа ЗА“, се вели во соопштението на Коалицијата за европска Македонија по повод вчерашниот марш кој се одржа во Скопје.

Од таму велат дека граѓаните се за заедништво, интеграција, напредок како и за сигурна, стабилна иднина во ЕУ и НАТО.

Премиерот Зоран Заев вчера на маршот рече дека нема коцкање со нашата иднина.

„Никој не може да си дозволи да остане настрана. Затоа ве повикувам: Сите имаме јасна и конкретна, граѓанска и родителска должност. Македонија ќе оди напред само доколку и јас, и вие, и вашите најблиски, комшии, пријатели – сите заедно, да излеземе и гласаме на 30 септември“, рече Заев.

Тој ја повика опозицијата да бидат закопани политичките и индивидуалните суети, и да повикаат да се излезе и да се гласа за европска Македонија

Во исто време, опозицијата имаше протестен марш во Штип од каде што лидерот Христијан Мицкоски ги повика граѓаните да бидат претпазливи кон, како што рече, се што се кажува и во се што сакаат граѓаните да поверуваат.

„ВМРО-ДПМНЕ, почитувајќи ги своите вредности на индивидуална слобода и демократско поведение одлучи да остави на граѓаните на оваа држава да постапат на 30  септември по своја слободна волја и убедување. Тоа значи, дека ние нема да наметнуваме партиска агенда, туку ќе учествуваме во дебатата исклучиво презентирајќи факти и аргументи кои сме длабоко убедени дека се на наша страна“, рече Мицкоски.


„Марш за женските права“: Преку родовата рамноправност до силна држава


Скопје, 8 март, 2018 - 14:20 (META) 

Околу 1.000 жени, девојки и активисти се собраа денеска на вториот „Марш за правата на жените” кој се одржа по повод Меѓународниот ден на жената. Од маршот, кој почна во Жена парк, преку плоштадот Македонија, Камениот Мост и заврши на плоштадот Филип Втори беше испратена порака дека родовата еднаквост е важен фактор кон постигнување на демократско и еднакво општество.

Целта на маршот, како што посочија организаторите, била да се подигне свеста на јавноста, но и на носителите на одлуки, за нееднаквата положба во која се наоѓаат жените во нашето општество во 2018 година.

– Во 2018 година во Република Македонија имаме највисока доенечка смртност во Европа. Причините за тоа не треба да се бараат кај жените, туку во системот за здравствена заштита и здравствените услуги кои им следуваат, но секоја година се повеќе и повеќе се скратуваат, во тоа што повеќе од 175.000 жени немаат гинеколог во својата општина, и во тоа што на повеќе од 80 отсто од жените Ромки им наплаќаат ехо прегледи кои треба да им бидат бесплатни. Товарот на неплатените домашни обврски сè уште во голема мера паѓа на грбот на жените, и додека во другите европски земји овие разлики во учеството во домашната работа се намалуваат, кај нас огромните разлики остануваат константни – изјави Снешка Илиќ од невладината „Реактор“.

Министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска рече дека владата вистински се залага и активно вложува во родовата рамноправност.

– Наместо подароци и прослави денеска сметам дека секоја жена и секој маж треба длабоко да се запраша, што во минатата година направил за родовата рамноправност и што ќе направи во наредната. Само така ќе постигнеме едно еднакво општество кое што ќе биде инклузивно – рече Царовска.

Вицепремиерката и министерка за одбрана Радмила Шекеринска потенцираше пак, дека само со силни жени со права, права што ги штитат жените, ќе има силна правна држава.

– Како нова влада, покажавме дека на прашањата на женската рамноправност водиме различни политики. Денеска во на овие теми разговараме без комплексот дали правата на жените ќе значат намалување на важноста на семејството или на традиционалните вредности. Покажавме дека сметаме на жените и покажавме дека правата на жените се и наши права – рече Шекеринска.

Активистките на денешниот марш го осудија и насилството врз жените, за кое велат дека во нашето општество се толерира, поттикнува и прикрива, а ако излезе на виделина, неадекватно се осудува и казнува.

За крај, тие побараа родово сензитивни политики повикувајќи на солидарност кон сите жени, и потсетувајќи дека родовата еднаквост е важен фактор кон постигнување на демократско и еднакво општество.


Груевски побара слобода за приведените и национално помирување


Скопје, 3 декември, 2017 - 18:26 (META) 

На денешниот марш на ВМРО-ДПМНЕ, партискиот лидер Никола Груевски побара слобода за Владо Јовановски, Игор Дурловски, Борис Дамовски, Митко Чавков, бидејќи, како што рече, тие не биле терористи, туку патриоти кои си ја сакаат татковината.

Во говорот пред зградата на Владата, Груевски рече дека тие се лажно обвинети, трпат неправда и страдаат поради Македонија. За пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, за кои Собранието на пленарна седница го одобри барањето на Основен суд Скопје за одземање на имунитетот, Груевски додаде дека биле на своето работно место и никого не повредиле, ниту убиле.

– Бараме слобода за патриотите и за неправедно приведените. Потребно е национално помирување, да запре политичкиот прогон, хајките, местенките, заплашувањата и да запрат неправдите. На Македонија ѝ требаат реформи за влез во НАТО и во ЕУ, а не реваншизам кој не води никаде – рече Груевски.

Според него, судството е притиснато, уценето и контролирано. Тој потсети дека ВМРО-ДПМНЕ предложи закон за амнестија за учесниците во настаните во Собранието на 27 април и почеток на период на помирување.

За време на говорот на Груевски, партиските приврзаници извикуваа „Нема оставка“. Маршот на ВМРО-ДПМНЕ почна од Министерството за правда, од каде партиските членови тргнаа кон зградата на Владата.

Тие носеа транспаренти на кои пишуваше „За правдината, за таковината“, „Слобода за Богдан“, „Долу за хунтата“, „Долу Влада, злото мора да се победи“, „Дурловски е уметник, а не терорист“.

Утре протестот ќе се одржи пред Министерство за правда, во 18 часот.


ВМРО-ДПМНЕ ги повика граѓаните на марш пред Министерство за правда


Скопје, 3 декември, 2017 - 10:36 (META) 

ВМРО-ДПМНЕ испрати повик до граѓаните да се приклучат на маршот за, како што велат од партијата, „правдината и татковината“, кој ќе се одржи денеска пред Министерство за правда, во 16.30 часот.

„ВМРО-ДПМНЕ го организира овој марш, но ова не е само партиски собир, ова е собир на кој може и на кој треба да се приклучи секој патриот, секој граѓанин, без разлика на нација, вера и на припадност, секој човек кој ги осудува реваншизмот, политичкиот прогон и неправдата. Нашиот народ е како пиреј, корни го, ништи го, тој пак ќе никне и ќе се исправи. Затоа биди пиреј“, се вели во повикот на ВМРО-ДПМНЕ.

Во него се вели дека граѓаните треба да се спротивстават на „грубиот обид за фалсификување на историјата, на тие што сакаат љубовта кон татковината да ја претстават како нешто погрешно“.

„Да покажеме солидарност, почит и симпатија кон браќата и сестрите кои се жртви на неправдата, на кои им се ускратува правдината и кои се во притвори и затвори само поради својата идеја и љубов за Македонија“, се додава во повикот.


Жестоки судири и десетици уапсени на неонацистички собир во Гетеборг


Гетеборг, 30 септември, 2017 - 19:37 (META) 

Неонацистички собир во Гетеборг, вториот по големина град во Шведска, заврши со тепачки меѓу учесниците и контрадемонстрантите со антифашистички убедувања, а полицијата уапси десетици лица.

Движењето Нордиски отпор (НМР) организираше марш по улиците на Гетеборг, при што полицијата интервенираше и дојде до пресметка кога учесниците се обиделе да излезат од најавената маршрута. Уапсени биле десетици лица, меѓу кои и водачот на движењето, но и контрадемонстранти, јавуваат шведските медиуми.
Долж маршрутата по која се движеле неколкуте стотици неонацисти биле неколкупати побројните антифашисти. Судирот со нив почнал кога учесниците во маршот почнале да ги гаѓаат со камења.

НМР, чие дејствување не е забрането во Шведска, се нарекува „национал-социјалистичко“, што е идеологијата на нацистите во Германија пред и во текот на Втората светска војна.


Илјадници демонстранти побараа затворање на Златна зора и апсење на нејзините членови


Атина, 17 септември, 2017 - 12:12 (META) 

Околу 3.000 левичарски активисти и мигранти вчера маршираа низ центарот на Атина во знак на сеќавање на рапертот и активист Павлос Фисас, кој пред четири години беше убиен од симпатизери на неонацистичката партија Златна зора.

Полицијата го спречи обидот на учесниците на маршот да стигнат до седиштето на партијата, поради што дел од демонстрантите почнаа да фрлаат молотови коктели врз полицајците, кои одговорија со солзавец. Како што јавуваат грчките медиуми, поради нередите уапсени се петмина демонстранти.

Медиумите објавија дека едно од барањата на учесниците на маршот, кој тргна од централниот плоштад во Атина – Синтагма и продолжи покрај зградата на амбасадата на САД во Грција, е и затворање на седиштето на оваа ултрадесничарска партија и апсење на нејзините членови.

Маршот беше одржан и во знак на сеќавање на Хедер Хејер, левичарската активистка која минатиот месец беше убиена во нередите во Шарлотсвил, во американската сојузна држава Вирџинија.


„Тврдокорни“ на 2 септември ќе протестираат против двојазичност и кампови за мигранти


Скопје, 24 август, 2017 - 19:42 (META) 

Иницијативата „Тврдокорни“ преку нивната „Фејсбук“ страница повика на марш кој ќе се одржи на 2 септември во сабота, со почеток во 17 часот под мотото „Марш за аболиција на патриотите – Марш за будење на Македонскиот народ“.

Според најавите, протестот ќе почне од Соборниот храм по што ќе продолжи до Владата, а ќе заврши пред Собранието.

„Ајде сите заедно да се спротивставиме на неправдите кон македонскиот народ кои континуирано се спроведуваат десетина години наназад, сите заедно да се спротивставиме на двојазичноста, да се спротивставиме на обидот во Македонија да се населат т.н мигранти, ајде да им ставиме до знаење на политичарите дека народот е тој кој одлучува за својата иднина, и дека народот нема да седи мирен додека некој се обидува да му го одземе и тоа малку што е останато и нераспродадено, да им покажеме дека и ние имаме гордост. Ги повикуваме сите искрени патриоти да присуствуваат“, се вели во најавата на инцијативата на „Фејсбук“.


Протестен марш на турската опозиција од Анкара до Истанбул


Анкара, 15 јуни, 2017 - 13:27 (META) 

Главната турска опозициска партија денеска почна марш долг 400 километри, од Анкара до затворот во Истанбул, во знак на протест поради затворањето на еден од нејзините пратеници.

Лидерот на Републиканската народна партија, Кемал Килиџдароглу, изјави дека бара правда.

– Секој треба да ја брани независноста на судството и правдата во оваа земја – рече Килиџдароглу на почетокот на собирот во турската престолнина, каде се собраа неколку илјади лица.

Килиџдароглу повика на марш бидејќи пратеникот Енис Бербероглу вчера беше осуден на 25 години затвор за оддавање државни тајни.

Бербероглу е уапсен и осуден во случај поврзан со објавување извештаи во весникот „Џумхуријет“ во 2015 година, за тоа како турската разузнавачка служба, наводно, криумчари оружје за исламските бунтовници во Сирија.


Илјадници бараа техничка влада на протестот на опозицијата во Тирана


Тирана, 13 мај, 2017 - 18:27 (META) 

Илјадници луѓе протестираа денеска со мирен марш долж главниот булевар на Тирана, движејќи се кон кабинетот на албанскиот премиер Еди Рама. Тие учествуваа во големиот, како што го нарече опозицијата, национален протест, со кој се бараше техничка влада што ќе ги организира парламентарните избори, кои се закажани за средината на јуни.

Поворката демонстранти ја придружуваа стотици полицајци.

Иако опозицијата тврдеше дека на протестот учествувале 600.000 луѓе, албанските медиуми велат дека нивната бројка е неколку илјади.

Претседателот на Демократската партија, Љуљзим Баша, кој е организатор на денешниот протест, се појави со сопругата и со двете малолетни ќерки.

Говорејќи на протестот, тој неколкупати повтори дека „не може да се одржат избори без опозицијата“ и дека ќе продолжат протестите на противниците на владата предводена од Еди Рама.

Во меѓувреме, партиите од владејачката коалиција продолжија со предизборните митинзи низ Албанија. Еди Рама беше во Валона, каде протестот на опозицијата и шаторот на демонстрантите речиси три месеци е поставен пред неговиот кабинет како „бункер на срамот“.