Меморијален ракометен турнир во чест на Тоше Проески во Прилеп


Прилеп, 17 октомври, 2015 - 12:44 (META) 

По повод осумгодишнината од загинувањето на македонската и балканска музичка ѕвезда, Тоше Проески, во Прилеп ќе се одржи меморијален ракометен турнир меѓу екипите на ракометните ветерани на Македонија и од Нова Градишка, Хрватска.

По тој повод, во посета на Македонија и во Прилеп пристигна делегација предводена од заменик-градоначалникот на Нова Градишка, Лилјана Лукачевиќ. Таа се сретна со градоначалникот на Прилеп, Марјан Ристески, и нагласи дека цела Нова Градишка го негува споменот на Тоше, а еден од облиците е меморијалниот ракометен турнир.

– Нè зближи трагичниот настан, загинувањето на Тоше Проески кај Нова Градишка. Доаѓаме првпат по осум години за да покажеме дека го почитуваме она што Тоше го работеше, не само како пејач, туку и како исклучителна личност, како мисионер на верата, љубовта и на надежта. Со години Нова Градишка е домаќин на ракометните ветерани и на маратонците. Така беше и годинава со маратонците. Ја прифативме поканата на ракометните ветерани да дојдеме во Македонија – изјави Лукачевиќ.

Градоначалникот Ристески истакна дека загинувањето на Тоше Проески го погоди целиот Балкан, а посетата на делегацијата од Нова Градишка е потврда дека заедно го чуваме споменот за него и за тоа што тој создаваше и работеше.

Според Среќко Георгиевски од Здружението на ракометните ветерани, турнирот ќе се одржи утре од 11.30 часот, во салата на прилепското средно училиште „Ристе Ристески Ричко“.

Делегацијата од Нова Градишка го посети вечното почивалиште на Тоше Проески на Гумење во Крушево.


Неколку населени места во Прилеп ќе добијат канализација


Прилеп, 3 септември, 2015 - 16:06 (META) 

Првпат Мало и Големо Коњари и Канатларци, населени места во прилепско, ќе добијат канализациски систем. Градоначалникот Ристески ги посети овие населени места каде во тек се активностите околу доизградбата на канализациските мрежи.

Во Мало Коњари комплетно е изградена примарната канализациска мрежа. Градоначалникот Марјан Ристески истакна дека со дополнителни 120.000 евра, средства од ИПА-програмата, ќе се работи на секундарната мрежа, а ќе се направи и пречистителна и препумпна станица.

Исто така, во фаза на изградба е канализациска мрежа и пречистителната станица во населеното места Големо Коњари, за чија изведба обезбедени се 260.000 евра од Министерството за транспорт и врски. Планирано е во ова населено место оваа година да биде асфалтирана и една од најфрекфентните улици, улицата Албанија, да се изгради плоштад и да се отвори нова градинка, истакна во својата изјава градоначалникот Ристески.

Во тек се и градежните активности на канализациската мрежа во населеното место Канатларци.

Градоначалникот Ристески истакна дека Општина Прилеп посветено работи на изработка на проекти за изградба на канализација со кои би аплицирала за добивање средства од расположливите фондови и за другите населени места.


„Пивофест“ – тема на состанок на Советот за превенција во Прилеп


Прилеп, 3 јули, 2015 - 15:23 (META) 

Локалниот Совет за превенција, во просториите на Општина Прилеп, одржа состанок на кој беа разгледани сите прашања во поглед на безбедноста, организацијата и на одвивањето на фестивалот на пивото „Пивофест 2015“.

Градоначалникот на Прилеп, Марјан Ристески, истакна дека ова претставува традиционална средба на сите институции, кои на директен или индиректен начин се засегнати со организацијата и со безбедноста на фестивалот на пивото. Секоја година се посветува големо внимание на обезбедувањето на јавниот ред и мир, безбедноста на посетителите, непреченото одвивање на сообраќајот во градот за време на четирите фестивалски денови, како и на квалитетот на храната и на пијалаците, одржување на чистотата на градот, а особено на локацијата на која се одвива самиот настан, снабдување на просторот со потребните инсталации и со вода.

Портпаролката на СВР Битола, Сања Стаматова, истакна дека активности се преземаат пред, за време и по завршувањето на фестивалот, за негово непречено одвивање. Во однос на полесно одвивање на сообраќајот додека трае фестивалот, градоначалникот Ристески апелира прилепчани да се воздржат од користење на своите превозни средства.


Градоначалникот на Прилеп со џипот удрил мотоциклист


Прилеп, 2 јули, 2015 - 13:12 (META) 

Синоќа, околу 22 часот, во центарот на Прилеп, се случи сообраќајна несреќа во која градоначалникот на Прилеп, Марјан Ристески, со својот џип, марка „киа спорт“, удрил во мотор што го управувало повозрасно лице.

Според очевидци на сообраќајката, вртејќи полукружно на булеварот, Ристески со своето возило удрил во веспата, а веднаш потоа го качил возачот на моторот во својот џип и го одвел во градската болница „Борка Талески“. На на местото на настанот, пак, не се појавила полиција, ниту јавен обвинител да извршат увид и да ја утврдат причината за несреќата.

Од СВР Битола, од каде побаравме информација за сообраќајката, не потврдија дека се случил ваков или сличен настан.

Вработени во градската болница го потврдија случајот, а во текот на денешниот ден се очекуваат повеќе информации за причините за несреќата, како и за повредите на возачот на моторот.

Б.Б.


Ристески: СДСМ го остави Прилеп уништен и во долгови


Припел, 4 април, 2015 - 16:23 (META) 

Градоначалникот на Прилеп, Марјан Ристески, по „бомбата“ на СДСМ, одржа прес-конференција на која кажа дека во времето на СДСМ, 35.000 работници останале на улица, имало уништени земјоделци и тутунари, пропаднале многу фирми и биле избркани странски инвеститори.

– Прилеп беше град на страв и на терор, на рекет по фирми, бомби, ама вистински, за бизнисмени и за значајни личности, уцени и закани од локални мафијаши, поддржани од локланите моќници на СДСМ, на тероризирана чаршија. Прилеп – град на стравот и на криминалот. Највалкан и најнеуреден град, без никаква инфраструктура со уништени симболи на градот – рече Ристески.

Тој додаде дека од СДСМ намерно ги уништувале јавните претпријатија и Општината ја оставиле со долг од седум милиони евра.

– Во наредниов период, ќе слушате сè и сешто, лаги, конструкции, шпекулации, манипулации, со една единствена цел: некој без труд, без пот, без програма и проекти, со кодошење и со шпионирање на својот народ и на својата држава, по секоја цена да се добере до власт – рече Ристески.

Ристески ги наброја резултатите од соработката со Владата: обезбедени 88 милиони евра за експресниот пат Прилеп – Градско, почна изградбата на инфраструктурата во ТИРЗ и другите индустриски зони за новите инвестиции, почна обновата на салата на домот на културата, ќе почне обновата на манастирот Трескавец, комплетно нов лик на Здравствениот дом и на Центарот за јавно здравје, ќе почне реконструкција на Градската болница, намалени цените на лековите, прилепските земјоделци годинава, како и секоја година, ќе добијат 25 милиони евра субвенции од Владата, многу бенефиции за пензионерите и повиски пензии, повиски плати за администрацијата и загарантирана минимална плата, многу проактивни мерки за самовработување за нови работни места, во јуни готови 76 нови социјални станови и милион евра за реконструкција на градскиот стадион.