Јанеска – Саркањац: Програмскиот совет на МРТ не коментира политички изјави


Скопје, 15 февруари, 2018 - 14:32 (META) 

Претседателот на Програмскиот совет на МРТ, Смилка Јанеска – Саркањац, не сакаше да ја коментира вчерашната изјава на портпаролот на Владата на РМ, Миле Бошњаковски, кој рече дека новиот избор на старо-новиот директор на МРТ, Марјан Цветковски е „одлука на Програмскиот совет на МРТ кој сè уште функционира во стариот состав, а граѓаните добро знаат кој членува во тој стар состав, на кој начин работеше и под чии влијанија и како е направен овој избор“.

Во врска со изјавата на Бошњаковски, таа рече дека Советот не коментира политички изјави.

– Функцијата на Програмскиот совет е да ги штити интересите на јавноста во поглед на програмските содржини кои ги емитува МРТ и да се грижи за остварување на интересите, целите и надлежностите на МРТ. Програмскиот совет работи во согласност со Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, Статутот на МРТ и Деловникот за работа, и не коментира политички изјави – вели Јанеска – Саркањац.

Сличен одговор претходно ни даде и директорот Цветковски.

Владиниот портпарол вчера порача дека „веднаш по усвојувањето на новиот Закон за аудио аудиовизуелни услуги ќе се овозможи професионално непартиски нови раководни позиции и во Македонската радио телевизија и во Агенцијата за аудио и аудиовизуелни услуги (ААВМУ)“.


ЗНМ: Реизборот на Цветковски за директор не оди во прилог на реформите на МРТ


Скопјe, 14 февруари, 2018 - 14:53 (META) 

Здружението на новинари на Македонија смета дека резиборот на Марјан Цветковски за директор на Македонската радио-телевизија не оди во прилог на реформирање на јавниот сервис и неговото ослободување од политичка контрола, се вели во реакцијата на ЗНМ.

Од таму додаваат дека „изборот на Цветковски е резултат на силниот притисок што врз членовите на Програмскиот совет го правеа опозициската ВМРО-ДПМНЕ и владината ДУИ.“

„За жал, членот на ЗНМ, кој не го поддржа изборот на Цветковски, не успеа да ги убеди членовите на Советот новиот директор да биде искусен менаџер, кој не е поврзан со ниту една партија. Потсетуваме дека најмалку четворица членови на Советот кои гласаа за Цветковски, во оваа тело се избрани спротивно на законот. Членот 119, став 1 алинеја 2, од Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, вели дека лицата кои во последните пет години биле носители на јавни функции, не може да бидат избрани за членови на Програмски совет“, се вели во соопштението.

Од ЗНМ го повикувааат Собранието да констатира неспоивост на функции и да ги разреши од Програмскиот совет на МРТ, Јагнула Куновска и Косана Мазнева, поранешни пратеници на ВМРО-ДПМНЕ, Агим Љека, поранешен амбасадор и Снежана Клинчарова, поранешен портпарол на Oпштина Бутел.

„ЗНМ предупредува дека реформирте во јавниот сервис не смеат да бидат предмет на политички пазар меѓу власта и опозицијата, на штета на јавниот интерес“, се додава во соопштението.

Претходно владиниот портпарол, Миле Бошњаковски, запрашан за реакција по изборот на Цветковски, рече дека „овој избор е на важност сè додека не го усвоиме Закон за аудио аудиовизуелни услуги“.

Според него, можно е законот да дојде на владина процедура веќе до крајот на оваа недела.

 
foom-logo-disklejmerТекстот е изработен во рамки на проектот „Опсерваторија на медиумските реформи“, што го спроведуваат Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“, „Агора“ Центар за промовирање на граѓански вредности и Платформата за истражувачко новинарство и анализи (ПИНА), со финансиска поддршка на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.
Содржината на текстот е единствена одговорност на авторите и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.


Бошњаковски: Новото раководство на МРТ ќе трае до новиот закон


Скопје, 14 февруари, 2018 - 12:42 (META) 

Владата на Република Македонија нема никаква поврзаност со изборот на директорот на Македонската радио телевизија. Овој избор е одлука на Програмскиот совет на МРТ кој се уште функционира во стариот состав, а граѓаните на Република Македонија „добро знаат кој членува во тој стар состав, на кој начин работеше и под чии влијанија и како е направен овој избор“, истакна денеска на прес-конференција портпаролот на Владата на Република Македонија, Миле Бошњаковски.

– Веднаш по усвојување на новиот Закон за аудио аудиовизуелни услуги ќе се овозможи професионално непартиски нови раководни позиции и во Македонската радио телевизија и во Агенцијата за аудио и аудиовизуелни услуги (ААВМУ). Тоа значи дека овој избор е на важност сè додека не го усвоиме законот. Ќе го усвоиме наскоро, и со ова законско решение, оваа Влада ќе ја прекине оваа практика на нетранспарентност, ќе овозможи целосна професионализација и департизација на МРТ и на Агенцијата – рече владиниот портпарол.

Според Бошњаковски, можно е, новиот Закон за аудио и аудиовизуелни услуги да се најде во владина процедура до крајот на неделава.

Вчера актуелниот директор на Македонската радио телевизија (МРТ), Марјан Цветковски, во конкуренција од 12 пријави беше реизбран на чело на јавниот сервис.

Советот на 26 јануари го распиша конкурсот за избор на нов директор, бидејќи стариот мандат на Цветковски му истекува во март.

Цветковски функцијата генерален директор ја извршува од 2012 година. За негов заменик е избран е Харун Ибраими.

 

foom-logo-disklejmerТекстот е изработен во рамки на проектот „Опсерваторија на медиумските реформи“, што го спроведуваат Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“, „Агора“ Центар за промовирање на граѓански вредности и Платформата за истражувачко новинарство и анализи (ПИНА), со финансиска поддршка на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.
Содржината на текстот е единствена одговорност на авторите и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.


Марјан Цветковски реизбран за директор на МРТ од 13 пријавени кандидати


Скопје, 14 февруари, 2018 - 11:26 (META) 

Актуелниот директор на Македонската радио телевизија (МРТ), Марјан Цветковски, во конкуренција од 12 пријави вчера е реизбран на чело на јавниот сервис, потврди за „Мета“ Смилка Јанеска – Саркањац, претседател на Програмскиот совет на МРТ.

Советот на 26 јануари го распиша конкурсот за избор на нов директор, бидејќи стариот мандат на Цветковски му истекува во март.

Цветковски функцијата генерален директор ја извршува од 2012 година. За негов заменик е избран е Харун Ибраими.

Како што ни рече Јанеска – Саркањац, одлуката за избор е донесена врз основа на програмите за работа, кои согласно законот биле анонимни, со шифри, и се решавало врз основа на понуденото.

– Програмскиот совет ја донесе одлуката врз основа на понуденото во програмите. Од 13 пријави за директор и 8 за заменик-директор, по една беа дисквалификувани оти не беа анонимни. Заседававме околу 5 часа – објасни претседателката на Програмскиот совет на МРТ.

Одлуката уште не е објавена на веб-страницата на МРТ, каде, според наводите од некои здруженија што се ангажирани околу медиумите, информациите и одлуките се објавуваат задоцнето, или пак премногу се скриени, па и ним им треба некогаш долго време за да ги пронајдат.

Јанеска – Саркањац рече дека може да се очекува одлуката да биде објавена на веб-страницата на МРТ денеска или утре.

Во Програмскиот совет, нова претседателка од 5 јануари годинава е Јанеска Саркањац на местото на разрешената Снежана Клинчарова, а во него членуваат и Ведат Мемедали, заменик претседател, како и Јагнула Куновска, Косана Николиќ – Мазнева, Гајур Рамадани, Илир Рамадани, м-р Ристе Панов, Ивана Трајковска, Селпин Керим, Златко Јанковски и Клинчарова.
foom-logo-disklejmerТекстот е изработен во рамки на проектот „Опсерваторија на медиумските реформи“, што го спроведуваат Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“, „Агора“ Центар за промовирање на граѓански вредности и Платформата за истражувачко новинарство и анализи (ПИНА), со финансиска поддршка на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.
Содржината на текстот е единствена одговорност на авторите и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.


МРТ распиша конкурс за наследник на директорот Марјан Цветковски


Скопје, 26 јануари, 2018 - 14:25 (META) 

Програмскиот совет на Македонска радио телевизија (МРТ) денеска распиша конкурс за избор на нов директор и заменик директор на јавниот радиодифузен сервис, кои ќе ги заменат актуелните Марјан Цветковски и Харун Ибраими.

На Цветковски мандатот му истекува во март годинава. Функцијата генерален директор ја извршува од 2012 година.

Во една прилика на новинарско прашање за содржината на 24-та „бомба“ во која се гледа како врвот на ВМРО-ДПМНЕ решава кој ќе се вработи во МРТ, Цветковски тврдеше дека функционери од таа партија од него никогаш не побарале прилог по нарачка.

Според конкурсот, кандидатите за негов наследник и за нов заменик директор треба да имаат високо образование, да поднесат програма за работа на МРТ за три години и да имаат над пет години работно искуство во комуникологијата, новинарството, електронските комуникации, информатиката, културата, економијата или правото.

Мандатот на новиот директор и заменик-директор на МРТ ќе трае три години со можност за реизбор.


Прирачник на МИМ и на МРТВ за медиумско покривање на изборите


Скопје, 27 јануари, 2016 - 14:16 (META) 

Македонскиот институт за медиуми и Македонската радиотелевизија подготвија прирачник за новинари „Етички и професионални принципи на МРТ за медиумското покривање изборни процеси“, кој содржи 10 принципи за непристрасно и независно информирање.

Следната недела, претставници од јавниот сервис на Британија, „Би-Би-Си“, ќе ги учат новинарите од МРТ како да известуваат балансирано за време на изборите.

Британскиот амбасадор, Чарлс Гарет, вели дека овој прирачник дава насоки за професионалност, урамнотеженост и за избалансираност во известувањето, што е суштинско за спроведување слободни и фер избори.

– Изборите што претстојат оваа година, ако се спроведат правилно, ќе бидат значаен чекор за излез на оваа земја од хроничната политичка криза – рече Гарет.

Британскиот амбасадор додаде дека јавниот сервис мора да им служи на сите граѓани, не само на некои, овозможувајќи висок квалитет, баланс и непристраснот при медиумското покривање за време на изборите.

Директорот на МРТВ, Марјан Цветковски, смета дека не треба да се има илузија дека овој документ ќе ги реши сите проблеми во информативната програма, но, според него, тој е добра рамка.

– Јавниот радиодифузен сервис ја презема обврската да биде урамнотежен и непристрасен во известувањето за изборите и да не дискриминира ниту една политичка партија, коалиција или независен кандидат. На сите партии и кандидати што ќе учествуваат на изборите ќе им биде обезбеден правичен пристап. Ова е основен принцип за спроведување фер и транспарентни избори. МРТВ ќе ги покрива изборите на точен и прецизен начин, сите информации ќе бидат ставани во соодветен и релевантен контекст. Јавниот сервис ќе обезбеди целосно разграничување помеѓу државните и партиските политики – рече Цветковски.

Документот е дел од проектот „Непристрасноста и независноста на медиумите како услов за слободен и фер изборен процес“, кој се спроведува од страна на „Би-Би-Си медија акшн“ во партнерство со Македонската радио-телевизија, а со поддршка од Македонскиот институт за медиуми.

Проектот е поддржан од британската амбасада во Скопје.