!На 1 февруари 2017 година, заврши промотивниот период на слободно користење на содржините на „Мета“. Во периодот што претстои го воведуваме новиот систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително

СДСМ: Охрид окован во мраз, а ВМРО-ДПМНЕ преповторува ветувања стари четири години


Охрид, 12 јануари, 2017 - 10:07 (META) 

Во услови кога сите магистрални и регионални патишта кон Охрид останаа непроодни и неисчистени од снегот, а власта секоја година, на три фирми им дава 1,5 милион евра народни пари, пратениците од ВМРО-ДПМНЕ од Охрид, без никаков срам, уште еднаш, лажејќи ги охриѓани, ги повторуваат ветувањата од 2013 и 2014 за нови проекти.

Со ваква реакција, се огласија од СДСМ, по повод вчерашната прес-конференција на ВМРО-ДПМНЕ на која партијата вети ново пристаниште и експресен пат Охрид – Пештани.

„Власта во заминување ја ветува изградбата на пристаниште по четврти пат. Ветувањето е исто, само локацијата се менува. И експресниот пат Охрид – Пештани се ветува три години, но неговата изградба никако не почнува. Никогаш нема да бидат реализирани затоа што имаат негативно влијание врз животната средина. Со таквите проекти сериозно се загрозува нашето природно наследство, Студенчишкото Блато и Галичица. Затоа меѓународните финансиски институции одбиваат да ги финансираат ваквите штетни проекти на корумпираната власт, а Охрид годинава ќе се најде на листата на загрозени подрачја што се под заштита на УНЕСКО“, возвратија со сопштение од општинската организација на СДСМ.

Оттаму побараа пратениците од ВМРО-ДПМНЕ од Охрид да ѝ објаснат на јавноста зошто цели четири години не е реализирана ниту една од ветените инвестиции и зошто Општата болница во Охрид е со блокирана сметка и во финансиска дупка која надминува 2,5 милиони евра.


ВМРО-ДПМНЕ вети изградба на пристаниште во Охрид, кое ќе чини 2 милиони евра


Охрид, 11 јануари, 2017 - 13:09 (META) 

Во Охрид ќе се изгради долгоочекуваното пристаниште со кое ќе се задоволат потребите за пловните објекти во Охридското Езеро, истакна денеска на прес-конференција пред Студенчишкиот канал претседателот на ОК на ВМРО-ДПМНЕ, Љубен Арнаудов.

– Меѓу главните проекти, кои се од витално значење за градот Охрид, е и долгоочекуваното пристаниште, проект кој ќе се реализира од 2018 до 2020 година, а ќе чини вкупно 2 милиони евра. Овој проект ќе се реализира за да се задоволат потребите за пловните објекти во Охридското Езеро. Изградбата на пристаништето ќе биде на локација пред Центарот за обука на вода кај каналот Биљанини извори. Ќе се гради со најсовремена инфраструктура која ќе овозможи сместување на минимум 300 помали бродови, десет бродови и простор за маневрирање. Пристаништето ќе има продавница за наутичка опрема, паркиралиште за возила, бензинска пумпа, ресторан, административен дел и магацински простор – рече Арнаудов.

Арнаудов ја истакна и изградбата на експресниот пат Охрид – Пештани кој, како што рече, ќе им го олесни движењето на граѓаните што живеат во галичкиот предел.


Груевски: Туризмот во Македонија е на врвот на нашите приоритети


Охрид, 9 јануари, 2016 - 18:04 (META) 

Охрид и воопшто туризмот во Македонија се на врвот на приоритетите на Владата и таа доста инвестира во оваа област затоа што тоа се средства што се враќаат и од кои живеат многу граѓани.

Ова денеска во Охрид го нагласи премиерот Никола Груевски, кој потврди дека ќе се гради и пристаниште за што веќе е објавен конкурс за идејно решение за две локации. Едното е на постојното пристаниште, а другото кај каналот, во близина на тренажниот езерски центар на Армијата на Република Македонија.

– Има луѓе што сметаат дека треба на едното место, а други кај другото, па затоа јавниот повик е да се изработи идејно решение за двете места. Потоа ќе се одлучи на кое и ќе се продолжи со правење проект и со изведба. Очекуваме работите да одат во добра насока и дека по завршувањето на идејниот и на основниот проект ќе се оди на градба. Финансиската конструкција е обезбедена – рече Груевски.

Во областа на туризмот, освен во Охрид, повеќе проекти, како што рече Груевски, ќе се реализираат низ целата земја.

– До крајот на овој месец, во Преспа ќе излезе тендер за градба на патеки на плажите во вкупна должина од 5,2 километри кај Преспанско Езеро. Се чека само вклучувањето на електричната енергија на плажата Сливница за нејзино целосно завршување – рече Груевски при денешната посета на Охрид.

Тој во Охрид ги посети специјалната болница за ортопедија и за трауматологија „Св. Ерезмо“, комплексот од црквата „Света Богородица Перивлепта“, а во општата болница во официјална употреба го пушти новиот апарт за мамографија.


СДСМ: Зад изградбата на малото пристаниште се крие бизнис-интерес


Охрид, 19 октомври, 2015 - 16:05 (META) 

Зад одлуката за изградба на таканаречената „мала марина“, се крие бизнис-интересот на лица блиски до власта, обвинија на денешната прес-конференција членовите на Советот на Општина Охрид од СДСМ.

– Не станува збор за вистинско пристаниште туку за угостителски објект, кафеана на среде езеро, на најатрактивното место во Охрид, со уредување на паркиралиште за дваесетина пловни објекти. Планот на ВМРО-ДПМНЕ е преку јавно-приватно партнерство, овој објект да го добијат луѓе блиски на власта. ВМРО-ДПМНЕ воопшто не се грижи за граѓаните. Знаејќи дека граѓаните се противат на ова раскрчмување на јавниот имот, локалната власт не ги праша што мислат за изградбата на т.н. „мала марина“ – истакна координаторот на советничката група на СДСМ, Јован Стојаноски.

Стојаноски додаде дека одлуката, мнозинството во Советот ја донело и со усвојувањето на планот за градење во населбата Лагадин.

– Овој план, пред сè, отвора терен за изградба на претходно најавената медитеранска плажа, во езерото, против која категорично се сите жители од оваа населба, за што граѓаните доставија и петиција до локалната самоуправа – додаде Стојаноски на денешната прес-конференција во општинската организација на СДСМ во Охрид.


СДСМ: Зад таканаречената „марина“ се крие приватен ресторан на лица блиски од власта


Охрид, 28 септември, 2015 - 14:36 (META) 

Зад таканаречената „марина“ или „мало пристаниште“ на најатрактивниот дел од Охридското Езеро, се крие приватен ресторан на лица блиски од власта, обвини денеска од прес-конференција општинското раководство на СДСМ од Охрид.

– Додека ВМРО-ДПМНЕ купува скапи партиски седишта, државниот имот што им припаѓа на сите граѓани, буквално го распродава на свои блиски поддржувачи кои потоа стануваат финансиери на партијата. Дрскоста на власта на ВМРО-ДПМНЕ оди дотаму што на најубавиот дел од Охридско Езеро, лажно им ветува на граѓаните дека ќе биде изградено пристаниште за околу 20 пловни објекти, или таканаречена „марина“ („мало пристаниште“ ), зад што всушност се крие приватен ресторан на лица блиски од власта – рече координаторот на советничката група на СДСМ, професор Јован Стојаноски.

Од СДСМ сметаат дека со ваков проект ќе биде нарушен еколошкиот систем на Охридско Езеро. Дополнително, граѓаните на Охрид нема да добијат соодветен економски ефект ниту да имаат побогат општински буџет. Очигледно од ова корист ќе имаат само поединци блиски до власта во заминување која не се грижи за Охрид туку само за својот бизнис-интерес.

– Затоа ли нема мислење од експертите за заштита на еколошката компонента од изградбата на ваков објект? Затоа ли мислењето на граѓаните е исклучено целосно? Јавноста и граѓаните мора да бидат вклучени во една поширока јавна расправа за тоа како треба да изгледа пристаништето. Владата на РМ потроши повеќе од 600 милиони евра народни пари за проектот „Скопје 2014“. Зарем граѓаните на Охрид не заслужија од државниот буџет да биде изградено на вистински начин соодветно пристаниште – прашуваат од СДСМ.


Локалната власт не се откажува од идејата за пристаниште во Студенчишко блато


Охрид, 24 ноември, 2014 - 10:53 (META) 

Локалната власт во Охрид, и покрај отпорот на поголемиот дел од пошироката јавноста и жестоките критики на стручњаците, не се откажува од идејата за изградба на пристаниште во Студенчишкото блато. Паралелно со замисленото пристаниште, треба да се гради и нова современа плажа, на потегот меѓу Студенчишкиот мост и комплексот „Инекс – Горица“. Сè уште нема детали дали е тоа истиот простор каде сега се наоѓаат трите плажи и кафулиња, дадени под концесија од Министерството за транспорт.
Во функција на плановите за новото пристаниште, неодамна, во посета на Охрид, беа претставници на две големи компании од Република Хрватска, специјализирани за изградба на пристаништа, досега докажани на подигнувањето на неколку вакви објекти на Јадранско Море.
Градоначалникот на Охрид, Никола Бакрачески, и во таа пригода ја истакна потребата од градско пристаниште, потврдувајќи ја цврстата заложба на локалната самоуправа за реализација на ваквиот проект.
– Она што е еден од приоритетите за збогатување на туристичката понуда во Охрид и она што е потреба и на граѓаните и на гостите кои престојуваат во Охрид, а поседуваат пловни објекти, е реализација на проектот за изградба на едно градско пристаниште, рече градоначалникот Никола Бакрачески.

Во Охрид, никој не ја спори потребата, спорна е локацијата. Меѓутоа на Хрватите им беше покажана токму онаа на потегот од каналот „Студенчишта“ до поранешниот хотел „Парк“.

Критички тонови, во однос на оваа иницијатива, по ова или друго прашање што задира во екосистемот на Охридското Езеро, доаѓаат и од некои претставници на самата локална власт. Дејан Паноски, советник во градскиот совет, вели дека значајна германска помош е повлечена поради наше неадекватно однесување.

– Тоа е проектот за ревитализација на остатокот од Студенчишкото блато. Имавме квалитетна идеја, базирана на изработена студија, добиени средства од ГИЗ да го уредиме остатокот од блатото, повторно да го поврземе со езерото и да го вратиме екосистемот во функција и од сето тоа да направиме нова научна и туристичка дестинација. За некого тој простор може да изгледа безвреден, но од еколошки аспект и од аспект на заштита на езерскиот систем е исклучително важен. Институционално требаше само да се одреди површина од четири-пет хектари која ќе биде ставена под заштита и во која ќе се извршеше ревитализацијата. Но, тоа не беше направено навремено и донаторот ги повлече средствата, ги прелоцира. Потребна е многу поголема интеракција помеѓу науката, менаџирањето и политиката во контекст на правилни и навремени одлуки – напоменува Паноски.