!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Обвинувањата за руско мешање во Македонија не се неосновани


Скопје, 17 август, 2017 - 16:41 (META) 

Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова, по повод интервјуто на  министерката за одбрана Радмила Шекеринска за агенцијата „Блумберг“ (во кое таа рече дека новата Влада ги зајакнува напорите за влез на Македонија во НАТО и дека членството во воената алијанса ќе ја заштити земјата од руското мешање), изјави:

Обвинувањата на сметка на Москва за наводното мешање во внатрешните прашања на Македонија се исконструирани и неосновани.

[Извор: Мета, датум: 15.08.2017]

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Оваа изјава на портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова, ја сметаме за невистинита.

Во изминатиот период се објавувани повеќе написи кои го демантираат тврдењето на Захарова дека „обвинувањата на сметка на Москва за наводното мешање во внатрешните прашања на Македонија се исконструирани и неосновани“а овде ќе наведеме само неколку.

Во јуни 2017 година видео-порталот НОВА ТВ објави заедничко истражување со партнерите „ОССРП“ (Мрежата за известување за оганизиран криминал и корупција OCCRP) и Српската мрежа за истражување кримнал и корупција – „КРИК“ во партнерство  со британскиот весник „Гардијан“, според кое:

Руски шпиони и дипломати биле вклучени во речиси децениски долги напори за ширење пропаганда и провоцириње раздор во Македонија како дел од пошироки регионални напори за спречување на балканските држави да му се придружат на НАТО.

Зклучоците кои произлегуваат од документите (од тајните македонски служби) кои повеќе недели ги анализирал и проверувал тимот новинари од четири држави, укажуваат дека:

Со употреба на сите техники и методологии на такаранечената мека моќ, како дел од стратегијата на Руската федерација на Балканот, целта е изолација на земјата (Македонија) од влијанијата на Западот“, се вели во еден од документите. „Уште повеќе, руската надворешна политика е во тесна врска со енергетската стратегија чија што цел е контрола врз стратешките енергетски ресурси преку партнерства со балканските држави“, пишува во еден од извештаите според коишто долгорочната цел на Русија е да ја смести Македонија во состојба на „ексклузивна зависност од руските политики“.

Настрана ова, туку документите објавени во ова истражување говорат и дека во изминатиот период во земјава се основани дури 30-ина македонско-руски асоцијации, што претставува значителна бројка, а толку билатерални пријателски асоцијации во Македонија нема со ниедна друга земја.

Понатаму, во мај 2017 година „Спутник Србија“ (регионалното претставништо руската информативна агенција основана и во сопственост на Кремљ), потпирајќи се на неофицијална информација од „Вечерње новости“ објави текст со наслов: „Во Македонија од Косово  влегле 800 вооружени ветерани на ОВК “ во кој тврди дека:

Српските служби за безбедност откриле дека околу 800 вооружени ветерани на озогласената терористичка организација ОВК од Косово влегле на територија на Македонија.

Овој маневар е извршен во два наврати, а според оперативните податоци албанските екстремисти биле опремени со автоматски пушки. На македонска територија влегле во групи, а тајно пренесувале и товари оружје

Со ова, државниот „Спутник“ влезе во кампањата која ја водеа проруските весници во Србија, но и некои во Македонија, објавувајќи вести за наводни стотици екстремисти на македонските западни и северо-западни граници, а кои во најголем број ги имаше пред настаните на 27 април во Собранието на РМ и насилството врз пратениците од новото владејачко мнозинство. Како што сега веќе знаеме, никакви вооружени екстремисти ниту имаше, а уште помалку тие влегоа на македонска територија.

На 06.04.2017 година „Спутник“ објави текст Косово плус Македонија – Голема Албанија, во кој пишуваше дека:

Сегашната криза во Македонија е подметната од странство, со цел земјата  да се федерализира со отцепување на  Албанците, што претставува последен чекор кон создавање на „Голема Албанија”, е заклучено во емисијата  „Светот со Спутник”.

Ова не се единствени примери во кои „Спутник“ подгреваше предвоена еуфорија во земјава. Се објавуваа написи со кои се навестуваше војна во Македонија и се цитираа изјави кои велеа дека „постои потенцијал да дојде до инцидентот  помеѓу припадниците на спротивставените страни, но и опасност да се случат организирани напади, како што беше оној во Куманово, во мај 2015 година“ (Стои ли ЦИА позади конфликтот во Македонија 26 април), создавајќи впечаток како да е таа „пред врата“.

На 21 мај 2017 година руската информативна агенција објави текст во кој вели:

Иако во Македонија веќе не постои вистинска патриотска партија, тоа не значи дека земјата нема патриоти.

Според  „Спутник“, „стотици илјади активисти на граѓанското општество кои учествуваа на демонстрациите за задржување на нивната сакана Обединета Македонија, како и некои познати новинари, би можеле да го сочинуваат јадрото на новата про–македонска партија“. Текстот дури и спомнува имиња на потенцијални лидери на таквата партија, при што станува збор за лица кои отоврено го напаѓаат НАТО и кои во минатото имаат изнесено про-руски ставови.

Така што,  наспроти тврдењето на  портпаролката на руското Министерство за надворешни работи,  Захарова , овие примери  говорат  дека „Обвинувањата на сметка на Москва за наводното мешање во внатрешните прашања на Македонија “, сепак, не се исконструирани и неосновани.

 


Захарова: Зголемувањето на рокот за издавање американска виза е нов притисок врз Русија


Москва, 4 август, 2017 - 15:23 (META) 

Рокот за издавање американски визи на граѓаните на Русија се зголеми, но тоа нема никаква врска со намалувањето на бројот на американските дипломати, вели портпаролката на руското МНР, Марија Захарова.

Таа истакна дека таквиот тренд бил присутен и во претходните месеци и поради тоа не може да се поврзе со новото намалување на персоналот на американската амбасада, воведено по одлуката на САД да воведе нови санкции кон Русија.
– Најсмешно е што периодот за издавање американска виза се зголеми неколкупати во последните четири-пет месеци. Претходно интервјуата за виза се закажуваа за десетина дена по предавањето на документите, а сега се закажува по еден до еден и пол месец – рече Захарова во интервју за телевизијата „Русија 1“.

Захарова вели дека сите изјави дека продолжувањето на рокот за издавање американски визи е последица на намалувањето на бројот на американските дипломати мора да се гледаат како „внатреполитички игри во САД“.

– Ние совршено добро сфаќаме дека тоа е застрашување, вид на притисок врз Русија – рече Захарова.

Кон крајот на јули, руското Министерство за надворешни работи соопшти дека Вашингтон треба да го изедначи бројот на својот дипломатски и технички персонал во Москва и во генералните конзуларни претставништва со бројот на руските дипломати и технички персонал кои работат во САД.


Руското МНР иронично му забележа на Столтенберг за изјавата по средбата со Заев


Москва, 15 јуни, 2017 - 16:42 (META) 

Портпаролката на руското министерство за надворешни работи, Марија Захарова, на денешниот брифинг за новинарите иронично ја искоментира изјавата на генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, по средбата со македонскиот премиер Зоран Заев, во понеделникот оваа недела во Брисел.

Захарова се осврна на изјавата на Столтенберг, во која тој рече дека секое мешање однадвор во внатрешните политички процеси на некоја земја е неприфатливо, додавајќи дека токму грубото мешање на Западот предизвикало длабока криза во Македонија.

– Посветивме внимание на изјавата на генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, од 12 јуни, околу исходот од средбата со премиерот на Република Македонија, Зоран Заев. Челникот на НАТО истакна дека секое мешање однадвор во внатрешните политички процеси е неприфатливо. Да зборуваме отворено, досега не сме слушнале генералниот секретар на НАТО, Jенс Столтенберг, толку остро да ги критикува Вашингтон, раковдството на Европската Унија, Берлин, Тирана, самиот себе и неговата организација. Токму грубото мешање на Западот предизвика длабока и долготрајна криза во Република Македонија. Оваа криза доведе до сериозна деградација на ситуацијата во оваа земја. Ѝ даваме целосна поддршка на оценката на Столтенберг. Би било убаво западните држави да почнат да ги користат ваквите ставови во практика – вели Захарова.

Инаку, премиерот Заев, во понеделникот беше во прва официјална посета на Брисел, каде покрај генералниот секретар на НАТО, имаше средби и со високата претставничка за надворешна политика и за безбедност на ЕУ, Федерика Могерини, еврокомесарот за проширување, Јоханес Хан, и со претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск.


Русија негира дека бомбардирала школо во Идлиб


Москва, 27 октомври, 2016 - 16:00 (META) 

Руското министерство за надворешни работи соопшти дека руските и сириските сили не го бомбардирале училиштето во покраината Идлиб, во кое загинаа 28 лица, од кои 22 се деца.

– Руската Федерација нема никаква врска со оваа страшна трагедија, ниту со овој напад – рече портпаролката Марија Захарова.

Таа истакна дека тврдењата на активистите за човекови права и на западните дипломати дека руски и сириски воздухопловни сили извеле напади на 26 октомври се „лага“.

Претходно министерството за одбрана соопшти дека во последните девет дена немало воздушни напади на Алепо.

Захарова, исто така, рече дека акциите на меѓународната коалиција предводена од САД против Исламска држава ги „дестабилизираат“ состојбите во Сирија.

УНИЦЕФ претходно соопшти дека нападите на школи, како тоа во Идлиб, се воено злосторство.


Руско МНР: Агресивно малцинство подготвува „обоена револуција“ во Македонија


Москва, 7 јули, 2016 - 20:47 (META) 

Едно агресивно малцинство платено однадвор, по добро разработена шема подготвува нова „обоена револуција“, овојпат во Македонија, изјави денеска на брифинг за новинарите портпаролката на руското министерство за надворешни работи, Марија Захарова.

Захарова оваа забелешка ја дала зборувајќи во контекст на неодамнешните протести во Белград, кои, како што вели, биле директно организирани од различни невладини организации, со финансиска поддршка однадвор.

– Генерално, можеме да тврдиме дека на Балканот длабоко е вкоренета практиката на мешање во внатрешните работи на земјите од овој регион. За истата цел, преку добро разработена шема, агресивно малцинство платено однадвор е ангажирано за подготовка на теренот за почнување на друга „обоена револуција“, овојпат во Македонија – вели Захарова.

За протестите во Белград, таа вели дека според материјалите објавени во српски медиуми, на нив било забележано присуството на американски дипломати.

– Протестите беа насочени против раководството на земјата. Да ве потсетам дека станува збор за суверена земја. Важно е да се нагласи дека директни организатори на овие активности се разни невладнини организации, финансирани однадвор. Изгледа дека странските спонзори, од некои причини не им веруваат на активистите од српските граѓански организации, па американски дипломати мора директно да го надгледуваат трошењето на доделените средства… Граѓаните на Србија покажаа кого поддржуваат на изборите што се одржаа на 24 април годинава, а на кои победи коалицијата предводена од премиерот Александар Вучиќ, која доби апсолутно мнозинство во парламентот – вели Захарова.

Терминот „обоена револуција“, главно, се врзува со случувањата во Украина од крајот на 2004 и во текот на 2005 година и т.н. „Портокалова револуција“, кога по масовните улични демонстрации од власт беше симнат прорускиот претседател Виктор Јанукович.