Владите од региoнот ќе работат на дигитална трансформација за квалитетен живот


Скопје, 18 април, 2018 - 15:03 (META) 

Во рамките на  Дигиталниот самит за Западен Балкан имаше и работен ручек на премиерот Зоран Заев, еврокомесарите Јоханес Хан и Марија Габриел, претседавачот на министерскиот совет на Босна и Херцеговина, Денис Звиздиќ премиерот на Косово, Рамуш Харадинај, заменик-претседателката во Владата на Албанија, Сенида Меси, државниот секретар во министерството за економија и енергетика во Владата на Германија, Томас Берејс, претставници на Европската инвестициона банка и претставници на Советот за регионална соработка на земјите од Западен Балкан.

На работниот ручек централна тема била важноста од интеграцијата на земјите од Западен Балкан во единствениот дигитален пазар на Европската унија.

На средбата се разговарало и за иницијативата за институционализација на Платформата за бизнис пријателска средина (Business Friendly Environment, BFE) како мултилатерална организација која што ќе биде поддржана од владите во регионот.

Претходно, на прес-конференцијата на министерот за информатичко општество и технологија и администрација, Дамјан Манчевски, еврокомесарката Марија Габриел и генералниот секретар на Советот за регионална соработка, Горан Свилановиќ беше истакнато дека Дигиталниот самит е потврда дека сите држави работат во иста насока.

„Дигиталната трансформација е неопходна за зголемување на квалитетот на животот на граѓаните. Ова е шанса да Западен Балкан да биде дел од ЕУ, независно од политичката агенда. Овој настан е ретка можност за да се дефинираат заедничките цели“, рече Свилановиќ.

Тој додаде дека придобивките од дигитализацијата се во сите аспекти на живеењето, вклучително и намалувањето на корупцијата.


Поевтиниот роаминг и дигиталното поврзување во фокусот на Дигиталниот самит


Скопје, 18 април, 2018 - 11:43 (META) 

Очекувам намалување на цените на роамингот помеѓу земјите од Западен Балкан и ЕУ, заедно да настапиме за подобар пристап до широкопојасен интернет, да има меѓусебно признавање на дигиталните печати како и земјите од Западен Балкан дигитално побрзо да влезат во ЕУ отколку политички.

Ова го истакна министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски, на отворањето на Дигиталниот самит на земјите од Западен Балкан кој денеска и утре се одржува во Скопје.

На Самитот присуствуваат еврокомесарката за дигитална економија и општество Марија Габриел, косовскиот премиер Рамуш Харадинај, претседавачот со советот на министри на Босна и Херцеговина, Дениз Звиздиќ, заменик премиерката на Албанија, Сенида Меси, министри за економија, за информатичко општество на земјите од Западен Балкан, многу политичари и амбасадори.

Еврокомесарката Марија Габриел рече дека намалувањето на цените на роамингот е сложена тема и во ЕУ тоа бил процес кој траел 10 години.

– Ја поздравувам волјата на мобилните оператори од регионот кој учествуваат во конструктивните дијалози за намалување на цените на роамингот кој во земјите од Западен Балкан и ЕУ се многу високи. Прашањето за роамингот е неопходно и корисно за бизнисот и граѓаните – рече Габриел која најави дека за намалувањето на цените на роамингот ќе биде соопштено на самитот во Софија.

Таа додаде дека процесот на дигитална трансформација е скап, но дека за тоа се предвидени фондови од ЕУ кои ќе ја унапредат дигиталната инфраструктура на земјите од Западен Балкан.

Габриел вели дека во фокусот на овој Дигитален самит се граѓаните за тие да ги почувствуваат бенефитите од дигитализацијата. Таа најави дека ќе биде изработена дигиталната агенда за Западен Балкан која ќе биде презентирана на самитот во мај во Софија.

Во однос на дигитализацијата во ЕУ, Габриел најави дека до 2025 година, сите институции, влади, училишта во ЕУ ќе имаат можност за конекција која ќе се мери во гигабајти. Она што исто така ќе се работи во овие земји е образованието, односно образовниот процес да се прилагоди на времето и на дигитализацијата и да се зголеми дигиталната писменост.

Премиерот Зоран Заев учествувајќи на првиот панел, рече дека државата е подготвена да партиципира во намалување на загубите на мобилните оператори доколку ги намалат цените на роамингот.

– Треба да определиме буџетски пари, ако сакаме да побараме поддршка од европските фондови. Преку интернет сакаме да им овозможиме на граѓаните да не го трошат времето на шалтерите за да добијат услуги од администрацијата. Нема да измислиме топла вода туку ќе имплементираме тоа што се спроведува во западниот свет – додаде Заев.

Во рамки на Дигиталниот самит, ќе се дискутира за дигиталното образување на земјите од Западен Балкан, подобрување на инфраструктурата како и зголемување на сајбер безбедноста во овој регион.


Европската Унија почна борба против лажните вести


Брисел, 15 јануари, 2018 - 18:08 (META) 

Во Европската Унија се формираше работна група која треба да придонесе во идентификување на лажните вести и која ќе предложи начини за решавање на тој проблем. Тие се загрижени дека, лажните информации би можеле да влијаат на изборот на членки на Унијата.

Тимот од 39 луѓе, кои денеска го имаа првиот состанок, треба да утврди колкав е проблемот со лажните вести и на кој начин, државите треба да се борат.

Европската комесарка за дигитална политика, Марија Габриел изјави дека „лажните вести се шират со загрижувачка брзина“ и додаде дека „ја загрозуваат репутацијата на медиумите и напредокот на демократијата.“

Состанокот беше одржан, бидејќи претседателот на Франција, Емануел Макрон најави закон за сузбивање на лажните вести на интернет, за време на предизборните периоди.

Тим од стручњаци, новинари и професори ќе дадат препораки до Европската комисија до крајот на април.


Бугарката Марија Габриел ќе биде еврокомесар за дигитална економија


Брисел, 16 мај, 2017 - 13:29 (META) 

Марија Габриел, која беше номинирана од Бугарија за нов еврокомесар, ќе го води ресорот дигитална економија и дигитално општество, соопшти претседателот на Европската комисија, Жан-Клод Јункер, по средбата со бугарската кандидатка за нов член на „владата“ на ЕУ.

Бугарија нема свој претставник во ЕК од почетокот на годинава, откако Кристалина Георгиева поднесе оставка на функциите заменик-претседател и еврокомесар за буџет во ЕК за да ја преземе функцијата извршен директор на Светска банка.

Јункер ја потврди компетентноста на Марија Габриел за позицијата и кажа дека за одлуката за ресорот го информирал и бугарскиот премиер Бојко Борисов.

Како комесар за дигитална економија и дигитално општество, Габриел ќе го поддржува исполнувањето на стратегијата за единствен дигитален пазар, која беше прифатена од Европската комисија пред точно две години. Задолженијата на новата еврокомесарка се и поставување на темелите за дигиталната иднина на Европа, кои вклучуваат телекомуникациски мрежи од континентални размери, прекугранични дигитални услуги и бран на нови иновативни европски фирми.


Европратеничката Марија Габриел номинирана од Бугарија за еврокомесар


Софија, 10 мај, 2017 - 14:01 (META) 

Марија Габриел, пратеничка на Европската народна партија (ЕПП), е номинирана за еврокомесар од Бугарија, соопшти шефицата на бугарската дипломатија, Екатерина Захариева, по седницата на владата на Бугарија. Габриел, која е пратеничка во Европскиот парламент од 2007 година, сега треба да биде одобрена од нејзините досегашни колеги.

Најверојатно ресорот на 37-годишната Габриел во Европската комисија (ЕК), ќе биде дигитализацијата.

Бугарија нема свој претставник во ЕК од почетокот на годинава, откако Кристалина Георгиева поднесе оставка на функциите заменик-претседател и еврокомесар за буџет во ЕК за да ја преземе функцијата извршен директор на Светска банка.

Бугарскиот премиер Бојко Борисов го информирал Жан-Клод Јункер, претседателот на Европската комисија, за кандидатурата на Марија Габриел и очекува наскоро обајцата да разговараат за кандидатурата, како и да стигне и одобрение од Јункер, како што предвидува Договорот за ЕУ.