!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Јанева очекува продолжување на рокот и најави истраги за разговори на „разни јазици“


Охрид, 23 јуни, 2017 - 11:17 (META) 

Специјалната јавна обвинителка Катица Јанева очекува за кратко време да се најде решение за продолжување на рокот за поднесување обвиненија и најави дека во периодот што следи СЈО ќе продолжи со отворање истраги за други прислушувани разговори од кои произлегуваат кривични дела.

Ова Јанева го изјави од Охрид, каде учествува на првото издание на Охридската школа на природното право, на тема „Демократија и владеење на правото“, која се одржува оваа недела во научниот и уметнички центар „Уранија“ во Охрид, а е во организација на МАНУ и на Амбасадата на САД во Македонија.

– Мандатот на СЈО е пет години, односно четири години со право за продолжување за уште една година. Ние имаме мандат да работиме и ќе продолжиме да работиме на нашата мисија, односно да ги обработиме сите разговори. Што се однесува до рокот за поднесување обвиненија, тоа е дискутабилно, се разговара на таа тема и се надевам дека ќе се најде решение во најкус можен рок, а очекувајте дека и во периодот што следи исто така ќе отвораме истраги за други прислушувани разговори од кои произлегуваат кривични дела – рече Јанева.

Таа рече дека следната недела СЈО ќе донесе јавнообвинителски одлуки за повеќето од истрагите што досега ги отвори и дека за некои предмети ќе биде запрена истрагата, а за некои ќе бидат поднесени обвиненија.

– Повеќето од истрагите што се веќе спроведени од СЈО очекувам да завршат со обвиненија, за кои лица тоа е мошне важно прашање. За некои ќе има запирање на истрагата и отфрлање на обвиненијата, за некои ќе се поднесе обинителен акт. Но, во секој случај наредната седмица ќе бидат донесени јавнообвинителски одлуки – рече Јанева.

Прашана колку од прислушуваните материјали се обработени досега, специјалната обвинителка рече дека за работа остануваат повеќе од половина материјали, односно 55 отсто, а меѓу нив има многу разговори на новинари и на „разни јазици“.

– Процентулано, 12 отсто се само напишани, 45 отсто се во обработка, вклучително и тие 12 проценти, а 55 отсто се необработени. Но, тука мора да разберете дека има многу новинари, има прислушувани разговори на разни јазици. Тоа е еден дел кој сè уште не сме го почнале, а тоа ќе биде по 15 септември – изјави Јанева.

Инаку, за неколку дена, односно на 30 јуни, истекува рокот од 18 месеци во кој СЈО треба да поднесе обвиненија за случаите што ги отвори, а кои произлегуваат од прислушуваните разговори, кои СДСМ му ги предаде на СЈО на 30 декември 2015 година.

Координаторот на пратеничката група на СДСМ, Томислав Тунтев, вчера информираше дека парламентарното мнозинство следната недела ќе ги поднесе предлог-измените на Законот за заштитени сведоци и на Законот за СЈО, за продолжување на рокот за обвиненија.


Собранието денеска ќе го укинува екстерното и ќе го продолжува мандатот на општините


Скопје, 1 јуни, 2017 - 9:36 (META) 

Собранието за денеска има обемна програма за работа, бидејќи покрај изборот на собраниските комисии, ќе решава и за предлог-закони за да се продолжи мандатот на градоначалниците и на советите на општините, како и за укинување на екстерното тестирање.

Продолжувањето на мандатите на општинските татковци и совети ќе се прави со предлог-закон за изменување и за дополнување на Изборниот законик по скратена постапка. Предлогот е поднесен од Оливер Спасовски, Ејуп Аљими, Африм Гаши и од Весел Мемеди.

Екстерното тестирање ќе се укине со изменување и со дополнување на законите за основното и за средното образование, како и на законот за наставници во основните и во средните училишта. Сите три закони се поднесени од коалицијата на СДСМ.


ВМРО-ДПМНЕ: СДСМ ги блокираше општините


Скопје, 31 мај, 2017 - 10:02 (META) 

Во редовното утринско соопштение денеска, ВМРО-ДПМНЕ обвини дека СДСМ го манифестирал „својот страв и антидржавното дејствување со одбивање на предлогот да се изгласа во итна постапка датумот за одржување на локални избори и да се продолжат мандатите на градоначалниците и на советите на општините и на Град Скопје“.

Предлогот на седницата на Собранието на Република Македонија за избор на владата го поднесе Илија Димовски, но беше одбиен од мнозинството.

„СДС со ваквото свое дејствување прави срамен преседан и го загрозува нормалното функционирање на единиците на локална самоуправа. СДС ги доведува во прашање исплатите на платите на вработените во општинската администрација, функционирањето на јавните претпријатија формирани од општините, детските градинки, основните и средните училишта, противпожарните служби, но и го оневозможува издавањето на разни  дозволи и одобренија, кои ги потпишуваат градоначалниците или претседателите на совет“, се вели во соопштението.

Партијата обвинува дека директна вина за сите проблеми и штети од состојбите ќе има СДСМ, за која обвини дека го блокира нормалното функционирање на државата поради теснопартиски интереси.


Села: Нападот врз мене беше политички атентат


Тетово, 22 мај, 2017 - 14:30 (META) 

На 27 април извршен е атентат на политичките барања и политичките потреби на Албанците во Македонија, изјави денеска лидерот на Алијансата за Албанците, Зијадин Села за време на неговото прво излегување во јавност откако беше повреден при нападот во Собрание на 27 април.

-До некаде успеаја да не повредат, меѓутоа ние се вративме, се реинкарниравме уште посилни и пообединети на политичката сцена. Тие што ме нападнаа не ги ни познавам. Тоа беше политички напад и со правните работи други ќе се занимаваат – рече Села.

На новинарско прашање како се одвиваат преговорите со СДСМ за формирање на новата влада, Села рече дека се во постојан контакт и дека за нив најважно е да има „ново владеење“.

– Не се работи за нова власт туку за ново владеење во интерес на граѓаните, владеење кое ќе биде праведно без поделби по никаква етничка верска или каква било основа. Ние ќе го поддржуваме ова владеење без разлика дали ќе бидеме физички присутни во владата. Ние е најважно сега да зборуваме за тематски прашања, прашања кои се важни за граѓаните на Македонија, а не за ресори и поделба на функции – додаде Села.

Генералниот секретар на Движењето за реформи на ДПА, Арбен Таравари рече дека информациите дека тој ќе биде новиот министер за здравство се шпекулации.

Села додаде дека Алијансата нема потпишано никаква гаранција за Зоран Заев да го добие мандатот за формирање влада од претседател Иванов и рече дека унитарноста се брани во Собрание, а не улици и преку протести и дека нема потреба од никакви гаранции затоа што унитарноста се брани со двотретинско мнозинство, а дека ВМРО-ДПМНЕ има 51 пратеник.

Инаку Села во 15 часот ќе се сретне со лидерот на СДСМ, Зоран Заев.


Спасовски: Новата влада треба да биде заснована на принципи, а не на условувања


Скопје, 20 мај, 2017 - 18:42 (META) 

Завршија разговорите на работните групи на СДСМ и Беса, но без некој конкретен договор. Како што соопштија генералниот секретар на СДСМ, Оливер Спасовски во следните денови се очекува да продолжат преговорите.

– Денеска завршивме со разговор со работната група на БЕСА. Преговорите продолжуваат и во наредните денови. Начелно, разговаравме за принципите на кои треба да биде формирана идната реформска Влада. Принципите во однос на тоа кои луѓе, какви кадри се потребни за да имаме реформи, меѓутоа, тоа е на принципиелни основи и очекуваме дека во наредниот период ќе отвориме малку повеќе детали околу составот на идната влада, се со цел да постигнеме договор и со БЕСА и со другите политички субјекти кои се дел, односно треба да бидат дел од новото парламентарно мнозинство – рече Спасовски.

Тој истакна дека засега нема поделба на ресори, ниту пак се знаат кадровските решенија и додаде дека информациите ќе бидат соопштени кога ќе бидат договорени.

На новинарско прашање дали Беса поставува одредени услови и дали бара министерска позиција во новата влада, Спасовски истакна дека тоа не било тема на денешните разговори.

– Сега разговаравме за принципите, не разговаравме воопшто ниту за поделба на ресори, ниту за други детали кои треба да ги имаме утврдено при праќање на предлогот, така што како за првична средба можам да оценам дека е позитивна, но ќе треба да продолжиме уште многу да работиме Не разговараме за условување на едните и другите, разговараме за принципи. За нас како Социјалдемократски сојуз е важно да има принципи на основа на кои ќе биде формирана идната реформска Влада, а не на основа на условување меѓу партнерите, бидејќи тоа не е добар начин на комуникација – рече Спасовски.

Генералниот секретар на СДСМ одбегна да одговори дали очекуваат Беса да биде дел од новата влада. Тој рече дека тоа ќе се знае откако ќе завршат преговорите.

По средбата со Беса, како што соопшти Спасовски се очекува да имаат внатрепартиски консултации, а од утре најверојатно ќе продолжат со преговараат и со другите партии од идната владина коалиција.


Беса преку посебна комисија ќе преговара со СДСМ


Скопје, 20 мај, 2017 - 16:32 (META) 

Централното претседателство на Движењето БЕСА одржа седница на која е дискутирано за основните начела за заедничкото владеење со СДСМ, соопштија денеска од партијата.

На средбата е донесена одлука за формирање посебна комисија, која ќе ги почне преговорите со новиот мандатар, а за координатор на комисијата е избран Арбен Лабеништи, потпретседател на Движење БЕСА.

„Во духот на ветувањето за транспарентност со албанските гласачи, Централното претседателство на БЕСА го информира членството, но и јавноста, дека останува посветена на својата изборна програма, со која ја освои довербата на Албанците во Македонија на изборите од 11 декември 2016 година. За другите детали и за исходот на преговорите јавноста навремено ќе биде информирана“, соопштија од партијата.

Во меѓувреме, во штабот на СДСМ пристигнаа претставниците на комисијата на Беса, Арбен Лабеништа, Африм Гаши, Фадил Зендели, Аријанит Хоџа и Кастриот Реџепи кои ќе разговараат со работната група на СДСМ, предводена од Радмила Шекеринска и Оливер Спасовски.

Ова е првична средба, на која, како што дознаваме ќе се усогласуваат партиските ставови за програмата на новата владина коалиција.


Стејт департментот го поздрави доделувањето на мандатот за нова влада


Вашингтон, 18 мај, 2017 - 20:38 (META) 

Стејт департментот вечерва во соопштение го поздрави доделувањето на мандатот за нова влада на Македонија, порачувајќи дека се надева на соработка со владата во справувањето со многуте предизвици што стојат пред земјата.

„Соединетите Американски Држави ја поздравуваат одлуката на македонскиот претседател Ѓорге Иванов да го додели мандатот за формирање влада на Зоран Заев. Оваа одлука претставува важен чекор напред за македонската демократија и за граѓаните на Македонија. Со нетрпение очекуваме да соработуваме со новата влада во справувањето со многуте предизвици што стојат пред Македонија, вклучувајќи ја тука и потребата за демократски реформи и за целосно спроведување на Договорот од Пржино. САД остануваат пријател и партнер на Македонија и сме посветени на поддршка на нејзината европска и евроатлантска иднина“, гласи соопштението од Стејт департментот.


Алфано: Новата влада да ги спроведе клучните реформи


Рим, 18 мај, 2017 - 19:47 (META) 

Италијанскиот министер за надворешни работи и меѓународна соработка, Анџелино Алфано, денеска го поздрави доделувањето на мандатот за формирање влада на Зоран Заев и изрази надеж дека новата влада ќе ги спроведе клучните внатрешни реформи, неопходни за продолжување на евроатлантските интеграции.

Ја поздравувам одлуката на претседателот на поранешна југословенска Република Македонија, Иванов, да му го додели мандатот за формирање на новата влада на Зоран Заев. Ова е важен чекор што води кон разврска на актуелната тешка политичка криза. Се надеваме дека набргу во Скопје ќе се формира нова влада поддржана од парламентарното мнозинство и дека ќе ги спроведе клучните внатрешни реформи заради продолжување на евроатлантските интеграциски напори. Во тој поглед, поранешната југословенска Република Македонија може и понатаму да смета на поддршката од Италија, особено како актуелен претседател на Процесот за Западен Балкан – вели Алфано во изјавата што ја пренесе министерството за надворешни работи на Италија на својата веб-страница.


Груевски: Ќе реагираме жестоко доколку Заев измрда од патот на гаранциите


Скопје, 18 мај, 2017 - 16:10 (META) 

Добро е што со здружени напори, на граѓаните што секојдневно 70-80 дена протестираа, на ВМРО-ДПМНЕ и на нашата пратеничка група и на претседателот на државата успеавме да дојдеме до ситуација кога Зоран Заев беше принуден, ставен во ќош да потпише еден таков документ, како што никој досега што барал мандат од претседателот, ниту имало потреба, ниту се помислувало да има потреба да го потпише, изјави денеска лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, коментирајќи го добивањето на мандат на Зоран Заев за формирање влада.

Груевски рече дека ВМРО-ДПМНЕ ќе остане со отворени очи и „доколку Заев измрда од патот“ за кој има потпишано гаранции, тие „ќе реагираат жестоко“.

– Треба да останеме со отворени очи и доколку измрда, тргне кон друг пат, различен од тој за кој вчера даде гаранции и ветувања, ВМРО-ДПМНЕ ќе реагира жестоко во склад на демократските можности и ќе се спротивстави, а верувам дека и сите други ќе го направат тоа – изјави Груевски.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ нагласи дека партијата има план и дека имаат подготвени чекори за понатаму.

-ВМРО-ДПМНЕ и понатаму ќе остане будна. Ние имаме план, ние знаеме што правиме, имаме подготвени чекори и во правец на зачувување на унитарноста и во следење на овој проект генерално. Ќе продолжиме со енергични чекори, ќе продолжиме со динамиката на нашите планови, кои етапно ќе ги објавуваме – додаде Груевски.


СЈО исчезна од изјавите на партиите и на меѓународната заедница


Скопје, 18 мај, 2017 - 14:58 (META) 

Во еуфоријата што завладеа во земјава по формирањето на новото парламентарно мнозинство, изборот на нов спикер на Собранието и по вчерашното доделување на мандатот за формирање нова влада, од наративот на партиите од мнозинството целосно исчезна Специјалното јавно обвинителство и продолжувањето на неговиот мандат за подигнување обвиненија.

Специјалната јавна обвинителка Катица Јанева и нејзиниот тим имаат уште околу еден месец (значи до 4 јуни, односно до 30 јуни) за отворање истраги и за поднесување обвиненија за случаите што се поврзани и кои произлегуваат од „бомбите“ на СДСМ, односно од незаконското следење на комуникациите. Според актуелниот Закон, СЈО има 18 месеци „од преземањето на предметите“ за отворање или затворање на истраги и на обвиненија. Имено, СЈО предметите и материјалите од Јавното обвинителство и од СДСМ ги презеде на двапати, на 4 декември 2015 година и на 30 декември 2015 година.

Од СЈО, на почетокот на овој месец, за „Мета“ изјавија дека досега повеќепати јавно апелирале за „потребата од промена на рокот за поднесување обвиненија“ и дека очекуваат од „сите субјекти да ја увидат таа неопходност и да искажат конкретна поддршка“.

Сепак, во соопштенијата на СДСМ, но и во изјавите на лидерот на партијата, Зоран Заев, периодов воопшто не се споменува иницијативата за продолжување на мандатот на СЈО, туку доминираат најавите за целосен реизбор на судии и за реформи во судството.

Работата на СЈО и пораките за негова поддршка ја нема ниту во реакциите, честитките и во пораките од претставниците на Европската Унија и на Соединетите Американски Држави, по последните случувања во Македонија. Тие повикуваат на брзо формирање нова влада, на спроведување на реформските приоритети и на враќање на земјава на патот кон евро-атлантските интеграции –  но СЈО не го споменуваат.

Инаку, според експертите, постојат три можности за продолжување на мандатот на СЈО, но сите се помалку или повеќе тешко остварливи.

Собранието да го продолжи мандатот на СЈО: За ова потребно е двотретинско мнозиство, што значи дека треба да гласаат и пратениците од ВМРО-ДПМНЕ, партија чие раководство е категорично против продолжувањето и воопшто против работата на СЈО.

Уставниот суд да го укине членот 22 од Законо за СЈО, каде е пропишан рокот за поднесување обвиненија: Уставниот суд може да се повика на тоа што со овој рок СЈО е ставено во нерамноправна положба во однос на другите обвинителства, чии рокови за спроведување истраги и за поднесување обвиненија се регулирани со Законот за кривична постапка.

Распишување на референдум на кој граѓаните непосредно би гласале дали се за продолжување на мандатот на СЈО: Според последната анкета на Меѓународниот републикански институт (ИРИ), СЈО во март годинава имало поддршка од 53 отсто, што е за 2 отсто повеќе во споредба со ноември минатата година, но 10 отсто помалку во однос на април 2016 година, кога поддршката изнесувала 63 отсто. Сепак, опцијата за референдум за продолжување на мандатот, со оглед на краткиот период, е веќе задоцнета варијанта бидејќи според Законот за реферндумите и други облици на непосредно изјаснување на граѓаните, „од денот на објавувањето на одлуката за распишување на референдум на државно ниво во „Службен весник на Република Македонија“ до денот на одржувањето не можат да поминат помалку од 60 ниту повеќе од 90 дена“.