!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Емилија Стефанџиевска од Битола победи на државниот натпревар „Вешта жена“


Лешок, 14 мај, 2017 - 14:37 (META) 

Емилија Стефанџиевска од Битола го освои првото место на манифестацијата „Вешта жена“, вчеравечер. Манифестацијата на која се натпреваруваа жени од целата земја се одржа во ресторанот во манастирискиот комплекс во тетовското село Лешок.

Стефанџиеска на 25. издание на оваа манифестација – кулинарски натпревар, се претстави со разни домашни специјалитети, а нејзината маса беше насловена „Патот кон богатството“.

На финалната манифестација во Лешок учествуваа победничките од регионалните натпревари „Вешта жена“, што се одржуваа во 15 градови на Македонија.


Малолетници фатени како крадат во манастирскиот комплекс во Лешок


Тетово, 23 април, 2017 - 13:17 (META) 

Изминатава недела од двете цркви во рамки на манастирскиот комплекс во тетовското село Лешок, украдени се околу 60.000 денари. За тешката кражба, кој е пријавена вчера претпладне од вработен во манастирскиот комплекс, осомничени се четири лица, при што на дело биле фатени двајца малолетници.

Кражбата се случила во периодот од 16 април до вчера претпладне, при што од фиоки и од иконите во црквата „Свети Атанасиј“, биле одземени големи суми пари. Оттаму бил одземен и клуч од црквата „Света Богородица“, каде исто така биле украдени пари.

– Двајцата малолетници се приведени  во присуство на нивните родители и по извршениот разговор во полиција се пуштени. Тетовската полиција располага со сознанија дека во кражбите на парите од манастирските цркви во Лешок учествувале уште две лица од Тетовско, а член на семејството на едниот осомничен го вратил на манастирот стариот клуч од црквата „Света Богородица“ – изјави портпаролот на СВР Тетово, Марјан Јосифоски.
Другите две лица ќе бидат повикани на разговор во полицијата, заради целосно расчистување на случајот.


Осветени новите конаци на манастирот „Св. Стефан“, кај Охрид


Охрид, 4 септември, 2016 - 16:37 (META) 

Во присуство на голем број верници, жители и туристи, денеска, со богослужба беа осветени новите конаци на манастирот „Св. Стефан“, во истоимената туристичка населба во Охрид.

Со новите конаци од манастирот „Св. Стефан“, Дебарско-кичевска епархија е збогатена со уште 57 нови легла, кои се комплетно опремени со што гостите ќе може да уживаат во убавините на манастирот и во прекрасниот поглед кон Охрид и кон Охридското Езеро.

Конакот ќе биде отворен за сите што сакаат да најдат душевен мир.


Пожар во четири православни цркви за Велигден


Сиднеј, 2 мај, 2016 - 12:59 (META) 

Две православни цркви во Австралија на Велигден ги зафати пожар, само неколку часа откако во Њујорк на Менхетен изгоре српска православна црква. Денеска во текот на денот пожар зафати и манастир во Русија.

Од црквата во Њујорк по пожарот останале само ѕидовите, македонската православна црква во Сиднеј е целосно уништена, додека грчката православна црква во Мелбурн е само оштетена. Пожарот во Русија и понатаму е активен.

Македонската православна црква „Христово воскресение“ пожарот ја зафатил околу 22 часот по локално време, а во зградата немало никој. Во акцијата за гаснење на пожарот учествувале 60 пожарникари, а тројца се полесно повредени.

– Нè изненади интензитетот на огнот, зградата многу бргу се урна. Имавме среќа што има многу малку повредени – изјави Грег Малинс од пожарникарната служба.

Полицијата изврши увид, а дел од австралиските медиуми наведуваат дека се истражува и можноста за намерно подметнување на пожарот, поради фактот што во црквата имало многу пари поради велигденските донации.

Неколку часа порано пожар изби и во најстарата православна црква во Мелбурн.

Пожарникарната служба била повикана во 13.40 часот, само неколку часа откако завршила утринската велигденска литургија.

Евакуирани се околу 200 лица од околните згради, а повредени нема.

Зградата го издржала пожарот кој бил изгаснат по 30 минути, но пламенот ги оштетил ѕидовите, покривот и иконите во црквата.

Причината за пожарот во црквата стара 115 години засега не е позната.

Целосно уништена е и зградата на српската православна црква „Свети Сава“ на Менхетен во Њујорк, но жртви и повредени нема.

Повеќе од 170 пожарникари биле вклучени во гаснењето на пожарот. Причината сè уште не е позната и истрагата е во тек.

Пожарот избил во 19 часот по локално време, а локализиран е четири часа подоцна.

Огнена стихија денеска го зафати и манастирот „Валам“ во Северна Русија. Пожарот избил во хотелот „Винтер“, кој се наоѓа во стара зграда што му припаѓа на манастирот, а се наоѓа веднаш до катедралата.

Во пожарот кој зафатил 8.600 квадратни метри нема жртви, а 70 луѓе се евакуирани навреме.


Прославата на Бадник во Тетовско почна во Мала Речица


Се враќа традицијата на одбележување на Бадник во манастирскиот комплекс „Свети Ѓорѓи“ во Мала Речица. Според обичаите и црковните догми, се осветија бадниковите гранчиња, а се запали и бадниковиот оган. Беше прережан и славскиот колач.

– Ваквиот начин на празнување на Бадник е специфичен само за тетовскиот регион и првпат уште во 1912 година почнал овој празник да се чествува во манастирскиот комплекс во Мала Речица. Потоа оваа традиција почнала да се прифаќа и од другите населени места во Тетовско – изјави Миле Стефановски, претседател на црковниот одбор на храмот во Мала Речица.

За време на воениот конфликт во 2001 година, манастирскиот комплекс во Мала речица беше целосно опожарен. Пред шест години почна да се обновува. Досега е изградена црквата и неколку придружни објекти.

З.Д.


Монографија за манастирот „Св.Наум Охридски“ од академик Цветан Грозданов


Охрид, 26 ноември, 2015 - 13:22 (META) 

Во издание на МАНУ и на книгоиздателството „Матица македонска“ од Скопје, излезе од печат колор-монографијата за манастирот „Св.Наум Охридски“ од академик Цветан Грозданов.

Промоцијата на најновиот труд на Грозданов е закажана за утре, во салата на Соборниот храм на Македонската православна црква – Охридска архиепископија.

За најновото дело на познатиот научник ќе говорат поглаварот на МПЦ г. г. Стефан и претседателот на МАНУ, академик Владо Камбовски.

Поздравна реч ќе има и Елизабета Канческа-Милевска, министерка за култура.


Монаси од Бигорскиот манастир пронашле коски во близина на селото Ростуше


Дебар, 9 ноември, 2015 - 9:46 (META) 

Двајца монаси од монашакото братство на Бигорскиот манастир откриле човечки коски во близина на селото Ростуше, во месноста Кај поповите, и случајот го пријавиле в полиција. Првичните информации наведуваат дека останките се на тројца монаси, кои биле погубени на почетокот од минатиот век.

Од СВР Тетово информираат дека случајот во петокот попладне го пријавил игуменот на манастирот, по што увидна екипа била испратена на местото, каде што биле најдени коските. Од местото биле подигнати речиси сто коски и други материјали, кои подоцна се предадени на вештачење во Институтот за судска медицина во Скопје.

– По анализите ќе се знае повеќе од кое време потекнуваат и како коските се нашле на тоа место. Се проверува и дали се точни наводите дека станува збор за останки на лица кои биле погубени, во сé уште нејасни околности – изјави Марјан Јосифоски, портпарол на СВР Тетово.


Се испумпува водата од манастирот „Рожденство на Пресвета Богородица“ во Новаци


Битола, 10 февруари, 2015 - 9:43 (META) 

Водата од поплавениот манастир „Рожденство на Пресвета Богородица“ во Новаци се испумпува.

По испумпувањето на водата, ќе се прави првата процена на штетата.


Црна ги поплави иконостасот и фреските на манастирот „Пресвета Богородица“ во Новаци


Битола, 4 февруари, 2015 - 12:47 (META) 

Манастирската црква и конаците на „Пресвета Богородица“ во Новаци се метар и половина под вода. Опасноста е уште поголема ако се сруши насипот на Црна, тогаш водите сериозно ќе му наштетат на овој верски објект – предупредуваат од манастирот.

Отец Душко Груевски вели дека од синоќа иконостасот и фреските се под вода и направена е голема материјална штета.

– Во манастирот не се влегува. До гуша е сè под вода. Иконостасот е целосно поплавен, а фреските се зафатени во долниот дел. Сите предмети внатре се поплавени. Загубата е огромна, а опасноста е уште поголема бидејќи манастирот од целосно поплавување го штити само еден насип на Црна. До манстирот веќе не може да се оди, невозможно е – вели отец Груевски.
А.Б.


Албански државјанин осомничен за кражбата во манастирот „Св. Богородица Пречиста“


Кичево, 12 декември, 2014 - 12:07 (META) 

Кичевската полиција поднела кривична против албанскиот државјанин А.Д. (38), осомничен за тешката кражба во манастирот „Св. Богородица Пречиста“, што се случи вчера утрото, соопшти портпаролот на СВР Охрид, Стефан Димоски.

Според Димоски, на осомничениот му е одреден 48-часовен притвор и е спроведен во затворот во Тетово.

Притворениот се товари дека на 11 декември провалил во манастирот „Св. Богородица Пречиста“ во близина на Кичево и украл три сребрени крста, кои датираат од почетокот на 19 век, еден манастирски печат и едно резбано ковчеже со мошти од света Параскева, предмети кои се дел од македонското културно-историско наследство.

Осомничениот странски државјанин бил приведен околу 3 часот, во близина на селото Брждани, на регионалниот пат Кичево – Битола, каде се обидел да побегне со своето воизло, марка „голф“, со албански регистарски ознаки.

Во врска со украдените предмети, од СВР Охрид велат дека тие сè уште не се пронајдени.

Против притворениот албански државјанин, полициската станица во Дебар во текот на март 2010 година поднела посебен извештај дека заедно со уште едно лице, сторил кривично дело шверцување икони и други предмети од културно наследство.

В.М.