!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Малтешката полиција уапси 8 лица осомничени за убиството на новинарката Галиција


Валета, 4 декември, 2017 - 11:29 (META) 

Полицијата на Малта уапси осум лица осомничени за поврзаност со убиството на новинарката Дафне Каруане Галиција, која ја откри аферата „Панама пејперс“.

Веста за апсењето ја објави премиерот на Малта, Џозеф Мускат, речиси два месеци откако познатата новинарска настрада во експлозија на бомба подметната под нејзиниот автомобил.

Сите осум уапсени лица се Малтежани и повеќето имаат дебело криминално досие. Засега не се откриваат повеќе детали.

Полицијата има 48 часа да ги испита осомничените, а потоа да одлучи дали ќе ги притвори или ќе ги пушти на слобода.

Педесет и тригодишната Галиција беше убиена на 16 октомври. Соработуваше со повеќе малтешки медиуми, а пред сè е позната по својот блог на кој откри повеќе корупциски афери, меѓу кои и „Панама пејперс“.


Малта ги легализираше истополовите бракови


Валета, 13 јули, 2017 - 10:01 (META) 

Парламентот на Малта вчера ги легализираше истополовите бракови. Со ваквата одлука, земјата каде мнозинството жители се од римокатоличка вера се приклучи кон земјите од Западна Европа во кои на крајот на венчавката веќе нема да се користи изразот „ве прогласувам за маж и жена“, туку „ве прогласувам за сопружници“.

Само еден од 67 пратеници во парламентот на Малта гласаше против озаконувањето на истополовите бракови.

Целта на законот, кој го претстави министерката за еднаквост, Хенела Дали, е да ја „модернизира институцијата брак“ со давање права на брак на сте полнолетни лица.

Одлуката на парламентот на Малта е показател за промените во земјата, која важеше за конзервативна и во која разводот беше незаконски до 2011 година.


Естонија го презеде претседавањето со Европската Унија


Талин, 1 јули, 2017 - 11:16 (META) 

Естонија денеска го презеде шестмесечното претседателство со Европската Унија од Малта. Естонскиот премиер, Јури Ратас, и претседателот на Европската комисија, Жан Клод Јункер, вчера имаа средба на која разговараа околу програмата на естенското претседавање со ЕУ.

„Вашиот тим е подготвен и ги видовме големите напори кои ги вложивте во изминатите неколку месеци. Претседателството е во добри раце“, изјави Јункер, пренесува балканскиот сервис на „Радио Слободна Европа“.

Според претседателот на ЕК, историјата покажала дека претседавањата на помалите земји членки со ЕУ се секогаш успешни.

Јункер нагласи дека мотото на естонското претседавање со ЕУ, кое гласи „Единство преку рамнотежа“, оди со задачите и предизвиците со кои се соочува Унијата.

Ратас и Јункер разговарале на бројни теми, вклучувајќи го слободниот протек на податоци и обнова на статегијата на ЕУ за безбедност на интернет.

Ратас потсети дека Јункер уште на почетокот на мај изразил очекување дека естонското претседателство со ЕУ ќе донесе „значаен напредок“ особено околу прашањата од дигиталната технологија.

На состанокот Јункер и Ратас разговарале и за прашања околу одбранбената политика на Европската Унија.


Могерини: Тоа што го видовме во Скопје е многу тажно за сите нас


Валета, 28 април, 2017 - 11:01 (META) 

Тоа што го видовме вчера во Скопје е особено загрижувачко и многу тажно за сите нас, изјави денеска во Валета на Малта, високата претставничка за надворешна политика и за безбедност на Европската Унија, Федерика Могерини.

Синоќешните случувања во македонското собрание беа првата тема што пред новинарите ја отвори Могерини, непосредно пред почетокот на неформалниот состанок на министрите за надворешни работи на земјите членки на Европската Унија и на земјите-кандидати за членство во ЕУ – Македонија, Албанија, Црна Гора, Србија и Турција.

– Тоа што го видовме вчера во Скопје е особено загрижувачко и многу тажно за сите нас. Насилството секогаш го сметаме за неприфатливо, уште повеќе кога се случува во куќа на демократијата – во парламент. Веруваме дека сите во Скопје треба да ги следат принципите на Уставот, демократијата и да се обидат да ја извлечат земјата од оваа сериозна криза, која може да биде опасна – изјави Могерини.

На состанокот, како што соопштија денеска од Министерството за надворешни работи, на покана на Могерини, учествува и шефот на македонската дипломатија во заминување, Никола Попоски.


ВМРО-ДПМНЕ: Нервоза во СДСМ бидејќи ЕПП и понатаму ги поддржува сестринските партии


Скопје, 30 март, 2017 - 13:42 (META) 

Најновото обраќање до јавноста на СДСМ во врска со пораките од ЕПП и од германскиот Бундестаг, ВМРО-ДПМНЕ го нарече нервозна реакција поради успесите што оваа партија ги постигнала на конгресот на Европската народна партија и „ги запознала функционерите со криминалите на раководството на СДСМ“.
„Цела Европа е свесна за неодамна објавениот податок дека општина Струмица е најкорумпираната општина во Европа, а нејзин градоначалник е Зоран Заев. Заев стана синоним за криминал, корупција и за рекет во европски рамки“, се вели во реакцијата од ВМРО-ДПМНЕ.

Партијата вели дека Груевски на конгресот во Малта се сретнал со голем број функционери на ЕУ и на нејзините земји членки, при што, според ВМРО-ДПМНЕ, „беше акцентирано дека не смее да се дозволи со парите на Сорос да се ризикува стабилноста во целиот регион, како што тоа сега се случува во Македонија“.

„Ете, затоа е стравот во СДСМ и потребата да лажат и нервозно да манипулираат. Европа на овој самит на ЕПП ќе има можност да се запознае со целата антидржавна политика на СДСМ и со криминалот партиското раководство предводено од аболираниот Зоран Заев“, се вели во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ.


ЕПП: Обидите за ново исцртување на границите на Западен Балкан се неприфатливи


Валета, 29 март, 2017 - 12:31 (META) 

Најголемата и највлијателна Европска народна партија (ЕПП) на дводневниот конгрес на Малта треба да ја усвои нацрт-резолуцијата со која се дава едногласна поддршка за евроинтеграцијата на земјите од Западен Балкан и се истакнува дека иднината на овој регион е во Европската Унија.

„Евроинтеграцискиот процес беше најуспешна и најмоќна европска политика и се потврди како атрактивна алатка на европскиот модел и како таков останува важен одговор на предизвиците за консолидаризирање на глобалната улога на Европа и ја потврдува нејзината одговорност кон стабилизирање на континентот преку поголема ангажираност во Западен Балкан“, стои во нацрт-документот.

ЕПП ги повикува сите земји членки, како и институциите во ЕУ повеќе да се фокусираат на Западен Балкан и да направат конкретни чекори за примена на она што е одлучено со Сараевската декларација, која се однесува на создавање заеднички пазар во регионот.

Во документот, се наведува важноста на Западен Балкан во заштитата на надворешните граници на ЕУ и се истакнува дека од тие причини треба особено внимание да му се посвети на регионот.

ЕПП, од друга страна, ги повикува земјите од Западен Балкан да не ја изгубат мотивацијата и посветеноста на пристапните преговори со ЕУ, туку да продолжат со неопходните реформи бидејќи земјите од Западен Балкан имаат јасна европска перспектива и силна поддршка од ЕПП. Во документот се наведува дека евроинтеграциските аспирации на секоја земја ќе бидат оценувани според постигнатите резултати.

Во нацрт-декларацијата, ЕПП инсистира на воздржаност од етнички провокации во регионот и ги осудува сите провокативни и агресивни однесувања, кои претставуваат закана за стабилноста и за мирот.

„Мирот не може да се изгради или одржи преку националистичка, популистичка и радикална реторика. Потсетувањето на контроверзиите од минатото нема да му помогнат на регионот да продолжи по европскиот пат“, стои во документот и се истакнува дека мора да се зачува мултиетничкиот карактер на регионот, да се одржуваат добрососедските односи и регионалната соработка.

„Билатералните спорови меѓу земјите во регионот не треба да претставуваат блокада на евроинтеграциите. Суверенитетот и интегритетот на земјите од Западен Балкан мора да се почитуваат, а обидите да ново исцртување на националните граници во регионот се неприфатливи“, стои во документот.

ЕПП ги повикува политичките сили од регионот да ги почитуваат демократските процеси и институции, да се фокусираат на спроведување на реформите во судството, да воспостават владеење на правото и независни и транспарентен судски систем, да се борат против корупцијата, силно да ја поддржат слободата и независноста на медиумите, како и да ја подобрат социо-економската ситуација во земјите, преку намалување на невработеноста.


СДСМ: Пратениците на Груевски си газат по достоинството додека тој се крие на Малта


Скопје, 28 март, 2017 - 10:58 (META) 

Неопходно е сите политички субјекти и поединци во државата да ја сфатат својата обврска да овозможат да се реализира мнозинската волја на граѓаните, кои избраа промени, заедништво и очекуваат нова реформска влада, велат од СДСМ.

Од партијата велат дека граѓаните на Република Македонија имаат итна потреба од деблокирање на демократските процеси и нагласуваат дека лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, нема аргументи за политичката криза, со која ги загрозува егзистенцијата на граѓаните, бизнисите, мирот и стабилноста на Македонија.

„Да имаше што да им објасни Никола Груевски на граѓаните околу ова што го прави, немаше да ги остави своите пратеници со апсурдни реплики сами на себе, да одат против нивното човеково достоинство и против достоинството на Собранието. Ниту, пак, ќе ги оставеше граѓаните, кои ги возменирува со лаги, да ги минуваат деновите сами по улиците. И сето тоа додека тој се шета и крие на Малта“, стои во соопштението на СДСМ.

Оттаму нагласуваат дека има парламентарно мнозинство, видливо за целата домашна и меѓународна јавност и „програма на новата реформска влада за унитарна Македонија која носи квалитетен живот за сите граѓани и евроатлантски перспективи“.


ВМРО-ДПМНЕ (ФИРОМ): Вака сестринските партии го најавија Груевски во Малта


Сент Џулијан, 27 март, 2017 - 15:38 (META) 

На конгресот на Европската народна партија (ЕПП), кој се одржува в среда и в четврток на Малта, делегацијата на ВМРО-ДПМНЕ, предводена од партискиот претседател Никола Груевски, е најавена како партија „од ФИРОМ“. Тоа стои во списокот на партиите-учеснички објавен на веб-страницата за годишниот конгрес на ЕПП.

Во него, на листата на придружни членки на ЕПП, е наведена и ВМРО-ДПМНЕ со пет делегати.
Го прашавме портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Иво Котевски, дали се планира Груевски да реагира поради ваквото ословување од сестринските партии.

– Ние сме дел од ЕПП под референцата на која се согласи СДСМ, со образложение дека истата немало да трае повеќе од неколку месеци. Ние како ВМРО-ДПМНЕ во секоја пригода укажуваме дека нашето уставно име е Република Македонија, но грешките и пропустите од минатото тешко се поправаат – одговори Котевски.

Конгресот ќе се одржува во хотелот „Интерконтинентал“ во гратчето Сент Џулијан.


„Виз ер“ воведува три нови линии до Рим, Малта и до Ваксјо


Скопје, 28 февруари, 2017 - 14:51 (META) 

Три нови авиолинии од Скопје до Малта, Рим и до Ваксјо (Шведска) ќе воведат „Виз ер“ и „ТАВ Македонија“, информираа од компанијата. Летовите ќе почнат да се реализираат на 14 и на 16 јули годинава, кога ќе се базира и четвртиот авион на оваа компанија.

– Нашата инвестиција во базата во Скопје со дополнителниот воздухоплов, трите нови линии и зголемените фреквенции на постојните летови, значи повеќе работни места во Македонија и во „Виз ер“. Ја прославуваме успешната приказна на „Виз ер“ во Македонија со специјална продажба на авионски билети со 20 проценти попуст на цената за сите нови резервации направени денеска, 28 февруари, до која било од 27 дестинации достапни од Скопје – изјави главниот директор за корпоративни прашања на „Виз ер“, Овен Џонс.

Продажбата на билетите за овие три нови линии почнува денеска, на wizzair.com, со цени кои почнуваат од 1.799 денари.

Покрај воведувањето на новите линии, летовите од Скопје до Ајндховен, Брисел-Шарлероа, Меминген (Минхен Запад) и Копенхаген ќе бидат со зголемени фреквенции до три летови неделно.

Конекциите од Скопје до Гетеборг Ландветер, Братислава и од Охрид до Базел-Милхаус-Фрајбург ќе бидат со зголемени фреквенции до четири летови неделно. Летови од Скопје до Малме и до Милхаус сега ќе сообраќаат секој ден.

„Овие три нови рути, заедно со веќе најавената нова линија на „Виз ер“ до Будимпешта, која ќе почне од 2 април, се навистина атрактивни дестинации, барани од пазарот и ќе бидат вистински погодок во контекст на проширувањето на нашата мрежа на авиолинии од двата македонски аеродроми. Ова е резултат на нашите постојани маркетинг-студии и активности“, изјави генералниот директор на ТАВ Македонија, Алпер Ерсој.

На аеродромот „Александар Велики“ денеска беше пречекан тримилионитиот патник.


Македонија и Малта воспоставија дипломатски односи


Скопје, 25 јануари, 2017 - 17:19 (META) 

Република Македонија и Република Малта воспоставија дипломатски односи, што е резултатот од интензивната комуникација во текот на 2016 година на политичко и дипломатско ниво меѓу двете страни. Чинот е проследен со предлог за именување на нерезидентен амбасадор и упатување на македонски дипломат во Ла Валета.

Ова е од исклучителна важност поради тоа што Република Малта и Република Кипар беа единствените две држави членки на Европската Унија со кои Република Македонија досега немаше воспоставено дипломатски односи, дури и по 26 години од независноста. Воедно, се работи и за земја членка која во моментов претседава со Европската унија.