!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Седумнаесетгодишник извршил полови дејствија врз деца од 9 и 10 години


Скопје, 16 декември, 2017 - 16:35 (META) 

Седумнаесетгодишник во повеќе наврати извршил полови дејствија над две деца на возраст од девет и десет години во село во Скопје, соопшти денеска Министерството за внатрешни работи.

Според МВР, вчера во 16:15 часот во полициска станица во Скопје, четириесетгодишна жена од скопско село пријавила дека 17-годишник во повеќе наврати вршел полово дејствие врз нејзиниот 10-годишен син. Во врска со истиот настан, во истата полициска станица, во 21:40 часот, четириесет и осумгодишна жена од Скопје пријавила дека истиот 17-годишник, во периодот од август до пред 10 дена, во повеќе наврати вршел полови дејствија врз нејзиниот деветгодишен син.

Во полициското соопштение се наведува дека 17-годишникот бил сосед на жртвите, кои секогаш кога ќе ги видел на улица, ги повикувал во подрумските простории на нивна сосетка и таму ги вршел половите дејствија.

Полицијата презема мерки за расчистување на случајот.


Пожарот на Матка го подметнал малолетник


Скопје, 6 август, 2017 - 17:24 (META) 

Министерството за внатрешни работи денеска информираше дека за пожарот во селото Долна Матка осомничен е малолетникот Л.Ш. (17) од Скопје.

„На 3 август во Единицата за известување и команда во СВР Скопје телефонски пријавено e дека во селото Долна Матка, во близина на кајакарскиот клуб, односно шумата спроти реката Треска е зафатена од пожар кој се ширел со голема брзина. Веднаш по пријавата за настанот на местото излегоа полициски службеници од полициската станица Сарај, вработени од ЈП „Паркови и зеленило“ и од ЦУК, a известен e и јавен обвинител. По преземените оперативни мерки и активности дојдено е до сознание дека можен сторител на кривичното дело е Л.Ш. (17) од Скопје“, информираат од Министерството.

Од таму додаваат дека по комплетирање на целосната документација, против него ќе биде поднесена кривична пријава.


Продолжуваат нападите на штабови и на членови и на поддржувачи на СДСМ


Скопје, 4 март, 2017 - 15:21 (META) 

Вчера претпладне во ЕИК Скопје (Единицата за информации и команда) било пријавено дека ноќта од страна на непознати лица биле искрешни стаклата од штабот на политичката партија СДСМ, на улицата Јужноморавски бригади во населбата Ченто.

Од МВР информираат дека вчера, во 16.30 часот, во Единицата за информации и команда било пријавено дека во просториите на Правниот факултет „Јустинијан Први“ при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“, од страна на непознато лице физички бил нападнат 60-годишниот Љ.Ф. Како што пренесоа дел од медиумите, станува збор за професорот на Правниот факултет, Љубомир Фрчкоски.

Дваесетина минути подоцна, И.Т. (24) пријавила дека на оградата од нејзината куќа бил поставен голем лист хартија (хамер) испишан со недолична содржина. Станува збор за пратеничката во Собранието од СДСМ, Ивана Туфегчиќ, која во изјава за „Фокус“ го потврди инцидентот.

МВР во денешниот билтен информира дека вчера околу 17.50 часот на булеварот Партизански одреди во Скопје, на автобуска постојка две непознати лица физички нападнале 16-годишен малолетник, удирајќи го со тупаници, а се обиделе да му го одземат и мобилниот телефон.

Од полицијата велат дека работат на расчистување на случаите и на пронаоѓање на сторителите.

Насилствата на автобуските постојки, како и нападите на штабови на СДСМ и на нивни членови и поддржувачи почнаа истовремено со протестите на граѓанската иницијатива „За заедничка Македонија“. На еден од протестите беше нападната и новинарската екипа на порталот „А1он“.


Во Франција уапсен малолетник кој се подготвувал да изврши терористички напад


Париз, 14 септември, 2016 - 18:56 (META) 

Француската полиција денеска соопшти дека во Франција е уапсен малолетник на возраст од 15 години затоа што се подготвувал да изврши терористичка напад.

Уапсениот е осомничен затоа што преку интернет бил во контакт со Рашид Касим, член на Исламска држава и осомничен за неколку терористички напади кои се случиле во Франција во последните неколку месеци.

Изминатите неколку денови, француската полиција уапси неколку малолетници кои биле во контакт со Касим.

Министерот за внатрешни работи на Франција, Бернар Казнев, денеска соопшти дека имаат исклучително ниво на мобилизација, а премиерот Мануел Валс во неделата изјави дека заканата од терористички напади во Франција е максимална.


Двајца браќа од Грчец осомничени за дистрибуција на детска порнографија


Скопје, 30 август, 2016 - 14:08 (META) 

Единицата за економски и компјутерски криминал на СВР Скопје до Основното јавно обвинителство поднела кривична пријава против 19-годишиниот С.М. и неговиот 15-годишен брат, двајцата од селото Грчец, кои се товарат дека во текот на јули и на август годинава, преку социјалната мрежа „Фејсбук“ примиле, а потоа на повеќе лица им испратиле порнографски материјал со 12-годишно девојче од Скопје, соопшти денеска Министерството за внатрешни работи.

Двајцата браќа, според МВР, се осомничени за прикажување порнографски материјал на дете и за производство и дистрибуција на детска порнографија. На постариот од браќата, судија на претходна постапка му го одзел пасошот и му одредил забрана за напуштање на домот и задолжително јавување во надлежен суд.

Според МВР, осомничениот малолетник кон крајот на јуни годинава, на „Фејсбук“ почнал да контактира со 12-годишното девојче, а потоа двајцата почнале да си разменуваат и пораки.

„По одреден временски период, истиот остварил и неколку физички контакти со девојчето, при што повеќепати барал од неа да се слика и да се снима во компромитирачка положба и сликите и видеозаписите со порнографска содржина да му ги прати во порака на неговиот фејсбук-профил“, стои во соопштението на МВР.

Кон средината на август момчето ја прекинало комуникацијата со девојчето и почнало да ѝ се заканува дека снимките ќе ги испрати на нејзините пријатели, а снимените материјали му ги покажал и на својот постар брат. И тој му се заканил на девојчето дека ќе го објави целиот материјал, ако таа не се сретне со него.

Девојчето, по ова, за заканите ѝ кажало на својата мајка, која случајот веднаш го пријавила во полиција.

„Од извршените проверки, во присуство и со дозвола на пријавените, полициски службеници од единицата извршиле преглед на содржината на телефонските апарати, како и на електронската комуникација што пријавените ја воделе на социјалната мрежа „Фејсбук“, при што се откриени поголем број фотографии и видеоматеријали со порнографска содржина“, стои во соопштението на МВР.


Едни граделе, други краделе од градилиште на автопатот Кичево – Охрид


Охрид, 1 март, 2016 - 18:30 (META) 

СВР Охрид поднесе кривична пријава против шест лица, меѓу кои и еден малолетник, поради постоење основан сомнеж дека извршиле четири тешки кражби и една кражба.

Кражбата ја извршиле на градилиште на автопатот Охрид – Кичево, при што одзеле метални шипки, 500 килограми бакарна жица, 20 метри електричен кабел и бакарни плочи од електромотори, стекнувајќи противправна имотна корист од 369.000 денари.

Во периодот од септември 2015 година до февруари 2016 година, пријавените, исто така, со употреба на физичка сила извршиле тешки кражби во пет фабрики, од кои три на подрачјето на Ново Село – општина Дебарца и уште во две други кои се наоѓаат во општина Охрид.


Уапсен малолетен дилер на дрога


Скопје, 31 јануари, 2016 - 14:59 (META) 

Единицата за недозволена трговија со дрога при СВР Скопје поднесе кривична пријава против 17-годишен малолетник од Скопје, поради постоење основа за сомнеж дека во текот на јануари, неовластено набавил и подготвил за улична продажба поголемо количество марихуана.

Од судија на претходна постапка одредена му е мерка притвор во траење од 30 дена.

На 25 јануари полициски службеници го забележале малолетникот во близина на неговиот дом и при извршеното легитимирање кај него пронашле поголемо количество марихуана, спакувана во едно најлонско кесе.

Малолетникот бил приведен и со него извршен е разговор во присуство на родител, а со наредба од судија на претходна постапка извршен е претрес во неговиот дом, при што било пронајдено едно најлонско кесе во кое имало 12 помали пакувања марихуана.

По извршеното вештачење на пронајдените пакувања, утврдено било дека марихуаната е со вкупна маса од 440,34 грама.


Малолетник прободен со нож во тепачка во центарот на Гостивар


Гостивар, 25 декември, 2015 - 13:31 (META) 

Шестнаесетгодишно момче од гостиварското село Добридол било тешко повредено со нож, во тепачка меѓу две групи што се случила синоќа на улица во центарот на Гостивар, соопшти полицијата.

Малолетникот околу 19.25 часот бил донесен во Медицинскиот центар во Гостивар со убодна рана во стомакот, а поради сериозноста на повредата е пренесен во Ургентниот центар во Скопје.

Според полициските информации, тепачката се случила околу 18.45 часот на булеварот Браќа Џиновски, во центарот на Гостивар. Во неа, од една страна, учествувале Е.Џ. (21) и Т.Л. (22) од Тополница, а од друга, 17-годишно момче од Сенокосе и 16-годишникот од Добридол.

Во тепачката Т.Л. извадил нож и го прободел 16-годишникот во пределот на стомакот.

Од полицијата информираат дека Т.Л. и Е.Џ. биле пронајдени и задржани во полициската станица во Гостивар. Се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот, а против инволвираните ќе бидат поднесени соодветни пријави.


Малолетник го удрила струја додека се фотографирал на вагон


Велес, 18 декември, 2015 - 13:44 (META) 

Четинаесетгодишно момче вчера, околу пладне, настрадало од струен удар додека се обидувало да се фотографира качено на платото од вагон-цистерна на железничката станица во Велес, соопшти полицијата.

Детето веднаш било префрлено во медицинскиот центар во Велес, каде му биле констатирани тешки телесни повреди и изгореници, поради што било пренесено во Ургентниот центар во Скопје.

„Во 12.05 часот, на железничката станица во Велес, четиринаесетгодишник се качил на платото од вагон-цистерна за да се фотографира, при што дошло до струен удар од електромрежата на железничкиот сообраќај. По исклучување на електричното напојување, тој е префрлен во Медицинскиот центар во Велес, каде му се констатирани тешки телесни повреди и изгореници по телото и поради сериозноста на повредите е префрлен во Ургетниот центар во Скопје. Поради доживеан стрес, друг малолетник е задржан на лекување во Општата болница во Велес“, стои во информацијата за настанот од дневниот билтен на Министерството за внатрешни работи.


Малолетник нападнат со нож на улица во Скопје


Скопје, 5 ноември, 2015 - 14:16 (META) 

Тринаесетгодишно момче, вчеравечер, додека се враќало од продавница, било нападнато и повредено со нож од две засега непознати лица, соопшти скопската полиција.

Нападот се случил околу 19.30 часот, кога 13-годишниот Д.Ј. бил пресретнат од двете лица, од кои едното го турнало момчето со раката по рамо, а потоа извадило нож и му нанело исеченица на стомакот.

Напаѓачите веднаш потоа побегнале, а малолетникот бил пренесен во Ургентниот центар, каде му биле констатирани телесни повреди и по укажаната лекарска помош бил пуштен на домашно лекување.

Скопската полиција презема мерки за пронаоѓање на напаѓачите.