Милијардата евра за Западен Балкан се средства на ИПА и нема нови пари


Скопје, 9 февруари, 2018 - 14:56 (META) 

При презентацијата на Стратегијата за Западен Балкан на Европската комисија во ЕУ парламентот во Стразбур, беше најавено дека за оваа година се предвидени 1,07 милијарди евра како претпристапна помош, како надоврзување на речиси девет милијарди евра дадени во периодот 2007-2017 година.

Според Малинка Ристевска Јорданова од Институтот за европска политика (ЕПИ), во новата стратегија нема ништо ново во однос на средствата за регионот за овој финансиски период (2014-2020).

– Можни се само реалокации во постојните вкупни средства за Западен Балкан, што е во рамките на веќе важечкото. Македонија би можела да ги надмине досега определените 664 милиони евра доколку ги троши ефикасно, а потоа како „наградa“ да се прелеe нешто од преостанатите средства од ИПА II. Стратегијата најавува дека ќе бидат потребни повеќе средства за регионот во следната финансиска перспектива 2021-2027.  Во таа смисла, од финансиски аспект, оваа Стратегија е само загревање. Преговорите за новата финансиска перспектива во ЕУ почнуваат оваа година. За појаснување, споменатата една милијарда се годишни средства на ИПА за регионот за оваа година“, вели Ристевска Јорданова за „Мета“.

Таа додава дека, нормално е во секој финансиски период трошењето постепено да се зголемува, но ова е во рамките на предвидената алокација за ИПА за седумте години во тек и нема нови средства.