Дедото на Тамара доби седум и пол години затвор


Скопје, 12 јули, 2018 - 14:03 (META) 

Љупчо Стојановски, дедото на Тамара Димовска од Велес, која почина во 2015 година чекајќи на операција на рбетот во странство, денеска во Кривичниот суд во Скопје доби седум и пол години затвор за обид за убиство на поранешниот министер за здравство Никола Тодоров.

Стојановски пукаше во него непосредно пред тој да ја предаде должност на новиот министер Арбен Таравари на 1 јуни минатата година.

Дедото на Тамара има право на жалба на првостепената пресуда пред Апелацискиот суд во Скопје.

Тој претходно од овој суд доби преиначување на првостепената пресуда за нелегално поседување оружје, и од условна казната му беше сменета во ефективна – една година затвор.


Одложено судењето за смртта на малата Тамара


Скопје, 12 јуни, 2018 - 12:30 (META) 

Поранешната директорка на Детска клиника, Аспазија Софијанова, поранешната директорка на ФЗОМ, Маја Парнарџиева – Змејкова и тројца други обвинети претпладнево не дојдоа на судењето за смртта на малата Тамара Димовска, поради што рочиштето беше одложено за 4 јули.

На денешното рочиште од повиканите 12 обвинети, во судот се појавија само седум, а во судницата не беа ни родителите на Тамара. Обвинетите се товарат за несовесно работење во службата.

Обвиненијата се поднесени на 7 мај годинава,  против членовите на првостепената лекарска комисија, односно Владимир Поповски, Александар Чапароски, Лилјана Тозија, Наталија Долненец – Банева и Никола Граматиковски, како и против членовите на второстепената комисија, Александар Стојановиќ, Шабан Мемети, Ристе Симеонов, Елена Трпковска и Аспазија Софијанова.

Како што велат од Основното јавно бвинителство, предметот е оформен по допрен глас, а подоцна е припоена и кривичната пријава поднесена од Хелсиншкиот комитет за човекови права на Република Македонија и законскиот застапник на семејството.


Поднесено обвинение за дедото на Тамара кој пукаше во Никола Тодоров


Скопје, 28 септември, 2017 - 17:24 (META) 

Обвинение за убиство во обид и за недозволено изработување, држење и тргување со оружје или распрскувачки материи е поднесено против Љупчо Стојановски, дедото на малата Тамара, кој пукаше во поранешниот министер за здравство Никола Тодоров на 1 јуни годинава, пред примопредавањето на министерската функција.

Како што соопшти Основното јавно обвинителство – Скопје, истрагата против Љ.С. е завршена, обвинението е поднесено, а за него е побарано продолжување на притворот.

Дедото на Тамара е речиси четири месеци во притвор. Неговата 9-годишна внука Тамара Димовска почина на 9 февруари 2015 година, додека чекаше да биде одобрено да и се изврши операција на ‘рбетот во странство. Нејзиниот дедо рече дека пукал во министерот бидејќи го смета за виновен за смртта на неговата внука.


СДСМ го осуди пукањето врз Никола Тодоров


Скопје, 1 јуни, 2017 - 14:22 (META) 

Социјалдемократскиот сојуз на Македонија го осуди инцидентот во кој 60-годишниот Љ.С. од селото Каласлари, Велешко, пукаше во поранешниот министер за здравство и висок функционер на ВМРO-ДПМНЕ, Никола Тодоров.

„СДСМ најостро го осудува инцидентот во кој е пукано во поранешниот министер за здравство, Никола Тодоров. Недозволиво е употреба на оружје и посегнување по нечиј живот, од која било причина, какви што се првичните информации за случајот. Повикуваме на институционално решавање на проблемите. Очекуваме надлежните органи целосно да го расветлат инцидентот“, стои во соопштението на СДСМ.

Според првични и неофицијални информации од истрагата, 60-годишниот Љ.С. е дедо на деветгодишната Тамара Димовска, која имаше искривување на ’рбетот и почина во февруари 2015 година, чекајќи од Фондот за здравствено осигурување средства за операција во странство.


Дедото на малата Тамара пукал во Никола Тодоров


Скопје, 1 јуни, 2017 - 13:47 (META) 

Шеесетгодишниот Љ.С. од селото Каласлари, Велешко пукал во поранешниот министер и член на извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Тодоров, потврдуваат од Министерството за внатрешни работи (МВР).

Оттаму информираат дека осомничениот истрелал два куршуми од пиштол кон Тодоров. Во инцидентот, според МВР, нема повредени. Напаѓачот е веднаш уапсен и однесен во полициска станица, каде во тек е истрагата за случајот.

Дел од медиумите, повикувајќи се на првични и неофицијални информации од истрагата, објавија дека 60-годишниот Љ.С. е дедо на деветгодишната Тамара Димовска, која имаше искривување на ’рбетот и почина во февруари 2015 година, чекајќи од Фондот за здравствено осигурување средства за операција во странство.

Мајката на Тамара, Жаклина Димовска, во изјава за „Нова ТВ“ потврди дека лицето што стрелало во поранешниот министер Никола Тодоров е нејзиниот татко. Таа вели дека е во шок и дека за нападот пред Министерството за здравство дознала од медиумите.

„Ништо не наговестуваше дека планирал такво нешто. Не знам од каде нашол пиштол. Револт во семејството постои, но никој не помислил на вакво нешто, не очекував дека ќе се случи ова. Убиството не е решение. Ова е шок за мене, го осудувам насилство иако ми е татко. Цел живот се борев за правда и еве што се случи“, изјавила Димовска.

Неофицијално, напаѓачот пукал во Тодоров додека тој влегувал во зградата на Министерството за здравство, каде во 12.30 часот денеска требаше да се биде извршено примопредавање на функцијата помеѓу Тодоров и новиот министер за здравство, Арбен Таравари.