Грција ќе бара од ООН дополнителен анекс на Преспанскиот договор за македонскиот јазик


Атина, 6 декември, 2018 - 12:00 (META) 

По големата бура што во Грција ја предизвикаа изјавите во Собранието на премиерот Зоран Заев за учењето на македонскиот јазик во Грција, за неговата употреба, за „Егејска Македонија“, според грчките медиуми, Атина ќе ја префрли битката на меѓународно тло.

Како што пишува атинска „Ифимерида“  сега кога веќе владата во Атина станала свесна дека терминот „македонски јазик“ останува во употреба кај северниот сосед, се обидува да најде начин како да одговори и да ги „минимизира штетите“, наводно со дополнителен протокол кој би се усвоил во ООН.

Како што објаснува весникот „Естиа“, грчкиот премиер Алексис Ципрас ќе побара ООН да одобри дополнителен протокол кој ќе го допрецизира Преспанскиот договор во смисла дека ќе дава многу ограничен простор за наведувањата на јазикот и нацијата.

Според весникот, протоколот ќе биде амандман на Договорот од Преспа, односно ќе стане негов интегрален дел.

Според пишувањата на грчките весници, за подготовката на овој амандман бил ангажиран Евангелос Калпадакис, советник на грчкиот премиер.

Грчкиот претседател Прокопис Павлопулос веќе побара од Генералниот секретар на НАТО да се спротивстави на интерпретациите на Преспанскиот договор во Македонија за да се оневозможи признавање „македонски народ“ и да се потенцира дека јазикот во грчката северна сосетка е словенски.

Според медиумите, Грција ги информирала и САД дека Преспанскиот договор нема да биде ратификуван во грчкиот парламент без такви гаранции.


СДСМ апелира ВМРО-ДПМНЕ да го поддржи договорот за добрососедство


Скопје, 27 јули, 2017 - 15:23 (META) 

Договорот за пријателство, добрососедство и за соработка помеѓу Република Македонија и Република Бугарија е во согласност со националните интереси на Република Македонија и одговара на интересите на граѓаните и на Македонија и на Бугарија, порача СДСМ денеска, во реакција на прес-конференцијата на Никола Попоски од ВМРО-ДПМНЕ.

Владејачката партија порачува дека со договорот се нагласува дека постојат два посебни народа, со што се затвора едно важно прашање.

„Со договорот се реафирмира позицијата дека се работи за две посебни држави, два посебни народи и два посебни јазика, се затвора прашањето што непотребно одвлекува внимание и енергија, се забрзува процесот на интеграција во ЕУ и во НАТО,  а Македонија станува пример за соработка во Југоисточна Европа. Успехот за постигнатиот договор е заеднички на сите граѓани, партии и за сите досегашни влади, бидејки новата влада го финализира процесот што е почнат во 2009 година, од кога се одржани 10 заеднички состаноци на комисии меѓу Република Македонија и Република Бугарија“, се вели во реакцијата од СДСМ.


ВМРО-ДПМНЕ изразува сочувство за убиените во обидот за државен удар во Турција


Скопје, 16 јули, 2017 - 11:14 (META) 

ВМРО-ДПМНЕ изразува најдлабоко сочуство за сите што ги загубија животите при обидот за државен удар во Република Турција, посочуваат од партијата во соопштение.

„Сликите и снимките од минатогодишниот 15 јули засекогаш ќе останат врежани во сеќавањата не само на турскиот народ, туку и на сите кои имаат посебна почит и симпатии кон Турција. Република Турција и турскиот народ биле и остануваат докажан пријател на Република Македонија. Меѓусебните односи секогаш биле проткаени со заемна почит и пријателство и очекуваме врските со Република Турција да се продлабочуваат и во иднина. Демократските избори се единствениот начин на кој една власт може да ја добие честа да ја управува државата“, се вели во соопштението.


СДСМ: Има само „дефакторизација“ на криминалната власт на ВМРО-ДПМНЕ


Скопје, 22 февруари, 2017 - 21:05 (META) 

Граѓаните на Македонија го избраа концептот на заедништво, наспроти концептот на поделби и тие веќе ги одбранија интересите на Македонија, се вели во реакцијата на СДСМ на изјавата на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, дека „СДСМ и ДУИ сакаат да направат „дефакторизација“ на македонскиот народ“.

Во соопштението се вели дека „сите граѓани знаат дека Никола Груевски ги употребува своите последни сили за да им наштети ним и на државата, во очајните обиди да се спаси себеси.“

– Се виде дека сè што тој тврдеше е лага. Нема федерализации, нема кантонизации, нема редефинирања. Има само „дефакторизација“ на криминалната власт на ВМРО-ДПМНЕ, којашто одбројува часови до својот политички крај. Затоа власта во заминување е немирна, а граѓаните се спокојни – се додава во реакцијата на СДСМ.


МНР: Павлопулос да нè посети и да се запознае со постоењето на македонскиот народ


Скопје, 13 јануари, 2017 - 18:26 (META) 

„Секоја земја и нејзиниот народ имаат неприкосновено право на самоопределување и суверено да одлучуваат за своето именување и идентитет. Провокација и неприфаќање на реалноста е кога одредени политичари не можат да се соочат со тој факт. Истото е во спротивност на општоприфатените меѓународни принципи и на вредностите на европската интеграција“, се вели во реакцијата на МНР на изјавата на грчкиот претседател Прокопис Павлопулос.

Од МНР велат дека Република Македонија се залага за почитување на демократските начела и слободи за сите земји во нашиот регион во рамки на постојните граници и се спротивставува и го осудува секој облик на иредентизам.

– Република Македонија останува цврсто определена и посветена на градење на добрососедски односи и соработка и го очекува истото од своите соседи. Би ценеле претседателот Прокопис да ја посети Македонија и непосредно да се запознае со постоењето на македонскиот народ, неговиот јазик, култура и идентитет, кои не претставуваат никаква опасност ниту закана за никого во регионот. Сè додека има тешкотија да се разбере дека живееме во 21 век и дека споделуваме универзално прифатени вредности и човекови права, кои подеднакво се однесуваат на секој човек, постои ризик да се остане заробен во минатото – велат од МНР.


Книги од македонски автори промовирани во Корча


Охрид, 3 октомври, 2016 - 12:04 (META) 

Македонскиот културен центар „Сонце“ од Корча организираше промовирање на две книги од македонски автори.

Ицо Најдовски, кој живее во Австралија, историчар и новинар, ја промовираше својата книга „Македонско -австралиски народен сојуз 1946-1958“.

Книгата го опишува формирањето на една македонска културно-патриотска организација во Австралија, од македонски емигранти кој доаѓале од Пустец, Костур, Лерин, Битола, Прилеп и од други места.

-Целта на овој сојуз беше заштита на културата и на традицијата, но и нивна презантација кај другитете заедници – истакна авторот Најдовски, кој води радиопрограма на македонски јазик во Австралија.

Втората книга од авторот Спасе Мазенковски е со наслов „Кратка историја на македонскиот народ“.

– Книгата во кратки црти ја содржи историјата на македонскиот народ врз основа на факти и на историски студии – нагласи Мазенковски.