!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Нема информации за настрадани македонски државјани во земјотресот во Мексико, соопшти МНР


Скопје, 20 септември, 2017 - 17:49 (META) 

Македонската амбасада во Соединетите Американски Држави до овој момент нема сознанија за македонски државајни погодени од земјотресот во Мексико, соопшти попладнево Министерството за надворешни работи.

„Македонската амбасада во САД е во контакт со мексиканските институции за какви било нови информации. Македонски граѓани кои евентуално се погодени од земјотресот во Мексико, можат да ја контактираат македонската амбасада во САД на следниве телефонски броеви: 00 1 202 390 7418 и 00 1 202 667 0501“, стои во соопштението на МНР.

Во катастрофалниот земјотрес, со магнитуда од 7,1 степен според Рихтеровата скала, кој вчера го погоди централниот дел на Мексико, според последните податоци, загинале 216 лица во главниот град Мексико Сити и во државите Пуебла, Мексико и Морелос.


Евакуирани македонските државјани од Сент Мартин


Скопје, 11 септември, 2017 - 9:10 (META) 

Македонското министерство за надворешни работи соопшти дека македонската државјанка од францускиот дел на островот Сент Мартин е евакуирана, исто како и семејството од Штип, кое е во холандскиот дел на истиот остров.

„Амбасадата во Вашингтон е во континуирана комуникација со надлежните служби во САД. Досега нема информации за повредени или загинати македонски државјани. Апелираме на будност и на следење на препораките, имајќи предвид дека опасноста од ураганот сè уште не е надмината“, сооопшти македонското МНР.

Телефонските броеви за контакт со македонската амбасада во Вашингтон на кои може да се обратат македонските граѓани во секое време се: 202-390-7418 и 202-667-0501.


МНР: Нема македонски државјани погодени од ураганот „Харви“ во Тексас


Скопје, 28 август, 2017 - 17:09 (META) 

Согласно комуникацијата остварена со надлежните служби, македонската амбасада во САД до овој момент нема сознанија за македонски државјани зафатени од катастрофалните поплави во Хјустон и околината, причинети од ураганот „Харви”, соопшти денеска Министерството за надворешни работи.

Од таму додаваат дека македонската амбасада во САД е во контакт со официјалните служби, одговорни за справување со природната катастрофа, за какви било нови информации.

Македонски граѓани кои евентуално се зафатени од ураганот „Харви” можат да ја контактираат македонската амбасада во САД на телефоните 00 1 202 390 7418 и 00 1 202 667 0501.


МНР: Нема информации за настрадани македонски државјани во нападот во Барселона


Скопје, 17 август, 2017 - 21:41 (META) 

Министерството за надворешни работи соопшти дека засега нема информации за настрадани македонски државјани во терористичкиот напад во Барселона.

Од МНР велат дека поради сериозноста на ситуацијата, во моментов е отежната комуникацијата со релеватните институции, но, додаваат, дека македонската амбасада во Шпанија прави напори да добива редовни и прецизни информации за настанот и за евентуално настрадани македонски граѓани.

За информации граѓаните можат да се јават на телефонскиот број на претставникот на македонската амбасада во Шпанија – 00 34 620 126 308 и на бројот на шпанските институции за информации за засегнати роднини и пријатели – 00 34 932 142 124.

Инаку, според последните информации најмалку 13 лица загинале, а 50 се повредени во терористичкиот напад во Барселона, кога комби влета во пешаци на улицата Ла Рамбла во центарот на градот.


МНР: Нема настрадани македонски државјани во земјотресот во Грција и во Турција


Скопје, 21 јули, 2017 - 12:55 (META) 

Министерството за надворешни работи засега нема сознанија за повредени македонски државјани во силниот земјотрес што ноќеска ги погоди Грција и Турција. Како што информираат од МНР, досега ниту еден македонски државјанин не се обратил за информација или помош во македонските дипломатско-конзуларни преставништва во Грција и во Турција.

Оттаму информираат дека се во постојана комуникација со Амбасадата на Република Македонија во Анкара и со Канцеларијата за врски во Атина.

„Македонските дипломатско-конзуларни претставништва во Атина и во Анкара активно ја следат состојбата и се во координација со турските и со грчките институции. За сите информации поврзани со безбедноста на македонските граѓани кои во моментов се наоѓаат во Турција и во Грција, активни се следниве телефонски линии: Амбасада на Република Македонија во Анкара – фиксни телефони: + 903 12 439 92 04, + 903 12 439 92 08, мобилни телефони: +905303395884, +905385466691; Канцеларија за врски на Република Македонија во Атина – фиксен телефон: +30 210 67 49 585, мобилен телефон: +30 694 501 39 50“, стои во соопштението од МНР.

Според информациите што ги објави Агенцијата за управување со кризи на Турција (АФАД), ноќеска, по полноќ во заливот Гокова (провинција Мугла), каде што се наоѓа туристичкиот град Бодрум, местото го зафатила серија од повеќе од 45 земјотреси, од кои најсилниот бил со јачина од 6,3 степени според Рихтеровата скала. Епицентарот на земјотресот бил во непосредна близина на Бодрум и на грчкиот остров Кос. Според досегашните сознанија, има две жртви на грчкиот остров Кос и повеќе повредени, а предзвикана е сериозна материјална штета.


МНР: Македонските државјани во Ситонија се безбедни


Солун, 18 јули, 2017 - 15:25 (META) 

На дежурната телефонска линија во канцеларијата во Солун, досега се јавиле вкупно десет лица, а во Министерството за надворешни работи се јавилe три лица, главно родители кои барале известување за состојбата на нивните деца и роднини кои се на летување во Грција, по поплавите што го зафатија вториот крак Ситонија.

„Канцеларија во Солун доби барање за информација (по е-меил) за состојбата на македонски државјани во кампот Каламици, по што вечерта на 17 јули како и денеска, беше контактирана управата на кампот и беше потврдено дека ниту еден човечки живот не е загрозен. Во моментов, во кампот има електрично напојување, се прават напори да се добие и топла вода, додека патот е прооден. Паралелно, колегите од канцеларијата во Солун стапија во контакт со наши државјани во кампот и ги инфомираа за состојбата“, информираат од МНР.

Од Министерството додаваат дека грачките власти немаат евидентирано македонски државјани кои се повредени, исчезнати или се во опасност поради поплавите.

На вториот крак грчките власти прават напори да се санираат штетите и да се испумпа водата во Торони и во Порто Куфо, како места кои беа најсилно погодени од невремето.


МНР: Граѓаните добро да се информираат пред да патуваат во Катар


Скопје, 7 јуни, 2017 - 18:29 (META) 

Министерството за надворешни работи ги советува македонските граѓани, кои патуваат во Катар, добро да се информираат за можните промени и за начинот на нивното патување, поради дипломатската криза што настана помеѓу неколку арапски земји од регионот на Персискиот Залив и Катар.

„Иако забраните и рестрикциите во патувањата не се однесуваат на граѓани на други земји кои патуваат во Катар, Министерството за надворешни работи ги советува сите граѓани на Република Македонија, пред патување во Катар, да го контактираат авиопревозникот, да се информираат за можните промени во термините и начинот на нивното патување, a во случај на потреба, да се обратат до Амбасадата на Република Македонија во Доха или директно во Министерството за надворешни работи на Република Македонија“, стои во соопштението на МНР.

Од министерството потсетуваат дека прекинот на дипломатските односи на Саудиска Арабија, Обединетите Арапски Емирати, Египет, Бахреин и уште неколку земји со Катар, на 4 јуни, резултираше со прекин на поголем број патни, поморски и воздушни правци помеѓу овие земји и Катар, како и со рестрикции за патување и за престој на граѓаните на Катар во овие земји.

Од МНР додаваат дека ќе го следат развојот на настаните во овој регион и навремено ќе ги известуваат македонските државјани за сите промени.


МНР: Нема загинати или повредени македонски државјани во нападот во Лондон


Скопје, 4 јуни, 2017 - 14:49 (META) 

Во терористичкиот напад што синоќа се случи во Лондон, според досегашните информации, меѓу жртвите и повредените нема македонски државјани, соопшти македонското Министерство за надворешни работи.

„Министерството за надворешни работи на Република Македонија силно го осудува синоќешниот терористички напад во Лондон, во кој, според досегашните информации, животот го загубија 7 лица, а 48 се повредени. Министерството за надворешни работи е во постојана комуникација со Амбасадата на Република Македонија во Лондон. МНР ја известува јавноста дека Амбасадата стапи во контакт со Метрополитен полицијата и потврдува дека засега меѓу жртвите и повредените не се евидентирани македонски државјани“, стои во соопштението на МНР.

Оттаму информираат дека за прашања поврзани со безбедноста на македонските граѓани кои во моментот се наоѓаат во Лондон, заинтересираните може да се обратат во македонската амбасада во Лондон и во Министерството за надворешни работи.


Македонски државјани го организирале шверцот на 8 тони марихуана, запленета во Италија


Венеција, 13 февруари, 2017 - 11:24 (META) 

Италијанската полиција запленила рекордно количество од 8 тони марихуана, која била натоварена во камион што го управувал македoнски државајнин, пишува весникот „Венеција тудеј“.

Според весникот, дрогата била транспортирана со ферибот од Албанија до италијанското пристаниште во Анкона. Италијанските служби, пишува весникот, ја детектирале дрогата на пристаништето, но го пуштиле камионот да помине, а информацијата за транспортот ја чувале во тајност за да дојдат до останатите вмешани во нарко-мрежата.

Викендов италијанската полиција потвди дека во Венеција се запленети 8 тони марихуана. Од полицијата навеле дека нема да соопштуваат повеќе детали поради истрагата која била во тек, но потврдиле дека криминалната организација била раководена од македонски државјани.


Вкупно 11 граѓани од дијаспората до денеска се пријавиле за гласање на изборите


Скопје, 22 октомври, 2016 - 15:33 (META) 

До денеска, заклучно до 14 часот, вкупно 11 македонски државјани што живеат во странство се пријавиле за гласање на изборите на 11 декември во дипломатско-конзуларните преставништва на земјава, преку апликацијата поставена на интернет-страницата на Државната изборна комисија (ДИК), соопштија денеска од Комисијата.

Од пријавите, како што информираат од ДИК, 10 биле прифатени, а една пријава е во фаза на обработка.

„Државната изборна комисија Ве известува дека во тек е пријавувањето за гласање за предвремените избори за пратеници во Собранието на Република Македонија, во дипломатско-конзуларните претставништва на Република Македонија во странство, односно конзуларните канцеларии. Заклучно со 22 октомври 2016 година, до 14 часот, можноста за пријавување преку електронската апликација ставена во интернет-страницата на Државната изборна комисија, ја искористиле вкупно 11 граѓани на Република Македонија, од кои 10 пријави се прифатени, додека една пријава е во фаза на обработка“, се вели во соопштението на ДИК.

Пријавувањето на дијаспората за гласање почна на 19 октомври, еден ден откако претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски, ја потпиша одлуката за распишување на предвремените парламентарни избори, и ќе трае до 11 ноември.