!На 1 февруари 2017 година, заврши промотивниот период на слободно користење на содржините на „Мета“. Во периодот што претстои го воведуваме новиот систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително

Марјан Лазовски, нов селектор на сениорската женска кошаркарска репрезентација


Скопје, 18 април, 2017 - 15:41 (META) 

Марјан Лазовски е назначен за нов селектор на сениорскиот национален кошаркарски тим во женска конкуренција, соопшти Македонската кошаркарска федерација.

По бројните ангажмани на клупски план како тренер, Марјан Лазовски пет години беше и дел од стручниот штаб на сениорскиот национален тим во машка конкуренција, а го предводеше како селектор во 2012 година на олимписките квалификации во Венецуела.

– Досега не сум работел во женска кошарка, но, според мене, разлика меѓу машката и женската кошарка не постои. Мислам дека имаме солиден состав, девојките се подисциплинирани, поисполнителни и поработливи. Со дисциплина и со добра игра, нема да изостанат ни резултатите, тоа е сигурно. Турнирот ќе ни служи за проверка на силите по три години пауза, а во квалификациите ќе влеземе без оптоварување за задолжителен пласман на Европското првенство – вели Лазовски.

Првиот собир сениорките ќе го одржат на 26 мај во Скопје, а како дел од подготвителниот период во пресрет на почетокот на квалификацискиот циклус, во ноември Македонската кошаркарска федерација ќе биде домаќин на турнирот „Трофеј Македонија“ во женска конкуренција, каде покрај Македонија ќе учествуваат и националните селекции на Бугарија и на Босна и Херцеговина. Турнирот ќе биде своевидна проверка на силите на сениорките пред оформувањето на конечниот состав на кошаркарките што ќе го носат националниот дрес.

По три години отсуство од кошаркарската сцена, МКФ одново го активира сениорскиот национален тим во женска конкуренција, пријавувајќи ги сениорките за квалификациите за Европското првенство закажано за 2019 година.


Сениорската женска кошаркарска репрезентација пријавена на квалификациите за Евробаскет 2019


Скопје, 31 март, 2017 - 14:20 (META) 

Сениорската кошаркарска репрезентација во женска конкуренција по три години отсуство од кошаркарската сцена во Европа, ги почнува активностите. Тоа што претседателот на Македонската кошаркарска федерација, Петар Наумоски, како и генералниот секретар, Моника Гаврилоска, го најавија минатата година на собирот со сениорките, оваа година ќе стане реалност – националниот А-тим е пријавен и ќе учествува во квалификациите за Европското првенство, кое ќе се одржи во 2019 година, соопшти Македонската кошаркарска федерација.

Ждребот за групите ќе биде одржан на 4 јули 2017 година во Минхен, по завршувањето на годинашното Европско првенство што ќе се одржи во Чешка.

Сите селекции ќе се натпреваруваат во двокружен систем (дома-гости). Првите евроквалификациски натпревари ќе се одиграат на 10 и на 14 ноември 2017 година, а вторите наредната година, на 10 и на 14 февруари, додека последните натпревари од квалификациите ќе се одиграат на 17 и на 21 ноември 2018 година.

Само 16 национални селекции ќе учествуваат на Европското првенство во 2019 година, од кои едно или две ќе бидат резервирани за домаќинот односно домаќините.

Последна активност на националниот состав во женска конкуренција се квалификациите за Евробаскет 2015, одржани во 2013 година, кога сениорската репрезентација не успеа да се избори за пласман на еден континентален собир.


Јорданчо Давитков е новиот селектор на машката кошаркарска репрезентација


Скопје, 10 март, 2017 - 16:01 (META) 

Нов селектор на машката сениорска кошаркарска репрезентација е Јорданчо Давитков, објави денеска Македонската кошаркарска федерација (МКФ) на својата веб-страница.

Ова е вторпат поранешниот славен кошаркар да биде стратег на националниот тим. Тој своевремено го наследи Марин Докузовски на клупата на националната селекција во 2001 година, а по низа неуспеси да се пласира на континенталното првенство, Давитков успеа да го направи дотогаш најголемиот успех на националниот тим откако во 2005 година обезбеди место во Дивизија А. Неуспешните квалификации за Евробаскет 2007 беа причината поради која Давитков одлучи да го отстапи селекторското столче за да повторно седне на истото, десет години подоцна.

Во изјавата објавена на веб-страницата на МКФ, Давитков изразува надеж за нови успеси.

– Бев селектор од 2001 година до 2007 година, за моја среќа или несреќа, во еден од најтешките периоди на македонската репрезентација. Тоа беше период кога поради суспензијата од страна на ФИБА се натпреварувавме во Дивизија Б. Успеавме да се вратиме во Дивизија А, што можам да кажам дека беше темел за сите понатамошни успеси. Овој период ме потсетува токму на тој период, време кога треба да се вратиме на местото што ни припаѓа, а не каде што сега се наоѓаме. Се надевам, со ангажман на сите вклучени, од селектор до стручен штаб, но и до федерацијата, дека ќе успееме да ја вратиме македонската репрезентација на местото кое ѝ прилега. Сакам да се заблагодарам на МКФ за укажаната доверба во мене за повторно да бидам селектор – вели Давитков, кој во моментот е во Дубаи.

Тој вели дека го очекува сложена задача, а кошаркарите што ќе ги избере и него ги очекува напорна работа ова лето.