Забранет сообраќајот на некои превои и патни правци, на некои само за камиони


Скопје, 13 февруари, 2018 - 16:16 (META) 

Поради обилните снежни врнежи, прогласена е забрана за движење на тешки товарни возила на планинските превои Пресека, Буково и кон граничниот премин Ќафасан. На Буково сообраќајот е забранет и за автомобили.

Од 15 часот на патниот правец Тетово – Попова Шапка воведена е забрана за сообраќај на камиони и автобуси. Забрана за движење на камиони има и на патот Маврово – Дебар, потоа од Стража кон Колари. Поради магла, видливоста е намалена до 100 метри на превојот Стража и на 30 до 40 метри на превојот Ѓавато.

Патниот правец Крива Паланка – Куманово кај Грамаѓе, повторно е во функција, откако претходно беше блокиран. Исто така, поради отстранување одрони во близина на селото Истибања сообраќајот на патниот правец Кочани- Македонска Каменица е во прекин, а се користи алтернативен пат Кочани-Виница-Драгобрашта-Бигла-Македонска Каменица.


Двајца загинати во две сообраќајки близу Македонска Каменица


Македонска Каменица, 26 септември, 2017 - 19:11 (META) 

Маж и жена загинале во две одвоени сообраќајки близу Македонска Каменица денеска.

Според СВР Штип, на магистралниот пат на потегот од селото Истибања до Македонска Каменица, на свиокот во близина на рибникот „Саваро“, загинал 51-годишен маж од селото Облешево. Возилото „махиндра“ со кое управувал, претпладнево излетало од коловозот и тој на местото на несреќата починал од добиените повреди.

Три часа подоцна на влезот од Македонска Каменица, на патот кој води до селото Цер, дошло до судир меѓу автомобил „форд“ со регистерски таблички од Македонска Каменица и автомобил „фолксваген“ со скопски таблички. Во судирот животот го загубила 75-годишна сопатничка во „фолксвагенот“, а нејзиниот 55-годишен син, кој управувал со автомобилот, е повреден.

Според СВР Штип, за неполни девет месеци на патиштата во Источна Македонија загинале 20 лица.


Анѓушев: Владата подготвува мерки за подобрување на статусот на рударите


Македонска Каменица, 9 септември, 2017 - 18:05 (META) 

Во Владата во тек е подготовка на активности околу подобрување на состојбата на работниците во рударството, порача вицепремиерот за економски прашања, Кочо Анѓушев, при денешната посета на рудникот Саса во Македонска Каменица, при што се сретна со неговиот генерален директор, Нели Стивенсон.

– Разговаравме за задоволување на европските стандарди и норми во практикување на рударство во Саса и во другите рудници. Раководството ни ги презентираше развојните проекти и какви чекори ќе преземат за заштита на животната околината. Разговаравме и како да се подобрат работните услови на работниците. Во Владата во тек е подготовка на активности околу подобрување на состојбата на работниците во рударството. Ги информиравме за активностите, тие се подготвени да соработуваме и заеднички да работиме на подобрување и унапредување на условите на работниците – истакна вицепремиерот Анѓушев, посочувајќи дека рудниците се значаен извор на приход во Република Македонија.


Излетале од патот и паднале во провалија длабока 4 метри


Македонска Каменица, 27 ноември, 2016 - 13:45 (META) 

Вчеравечер околу 21 часот на локалниот пат Македонска Каменица – с.Моштица, се случила сообраќајна незгода во која Б.Ц. (22) од Македонска Каменица, кој управувал автомобил марка „рено меган“, изгубил контрола над возилото, излетал од патот и паднал во провалија длабока околу четири метри.

Од МВР информираат дека во незгодата сопатничката од возилото, С.Ѓ. (28) од Македонска Каменица, добила тешки телесни повреди, фрактури на лева клучна коска и на плешка, нагмечување на граден кош и глава. Таа била пренесена и задржана на лекување во штипската болница.

Увид на местото на настанот извршила увидна екипа од полициската станица Делчево. Се работи на целосно расчистување на случајот.


Апели на социјалните мрежи: Парите за Цеца, Северина и Чолиќ да се дадат на поплавените


Штип, 16 август, 2016 - 18:34 (META) 

Парите за Цеца, Северина и Здравко Чолиќ, кои треба да дојдат во Берово, Македонски Каменица и Штип, да се пренаменат за граѓаните од поплавените подрачја. Тоа ќе ја потврди општествената одговорност на општините, кои се организатори на манифестации, каде ќе настапат овие регионални ѕвезди. Ова се дел од ставовите и иницијативите, кои интензивно се вртат по социјалните мрежи.

Општината Штип денеска на прес-конференција најави дека главна ѕвезда на „Штипската пастрмалијада“ ќе биде Здравко Чолиќ. Медиумите веќе објавија дека Здравко во Штип ќе пее за 80.000 евра, меѓутоа од општината не потврдија. Тоа било информација за спонзорот, „Скопска пивара“, која ја носи ѕвездата во Штип. Во замена, овој спонзор добива ексклузивен простор со три големи штанда, веднаш до бината. Општината, сепак соопшти дека ќе издвои 1,2 милиони денари од својот буџет за целата манифестација на која ќе настапат уште петнаесетина други имиња.

На 27-ми август во Берово ќе пее хрватската ѕвезда Северина. Традиционално, ѕвездата на градскиот празник Света Богородица ја носи сопственикот на „Зегин“, Благој Механџиски, кој потекнува од овој крај. Никој не ја соопштува сумата за Северина.

Ден подоцна, во Македонска Каменица, на Денот на рударите, доаѓа турбофолк пејачката Светлана Ражнатовиќ – Цеца. Токму за Цеца се најголемите реакции, со барање „ако пејачката има совест, да го откаже настапот и да бара од општината парите да ги пренамени за поплавените“, се реакциите од социјалните мрежи.

Градоначалникот Дарко Митевски вели дека ова се пишувања од под клима и бара тие автори да излезат на терен во Стајковци и да помогнат, наместо да седат на Фејсбук.

– Општината веќе донираше 40.000 литри на вода, секојдневно се по 20 работници на терен и целата општинска механизација е ангажирана во поплавените подрачја. Ова се единствените три дена во годината, кога граѓаните на Македонска Каменица се домаќини на овој тип на забава и не сакаме тоа да им го скратиме поради повици од социјалните мрежи – рече Митевски.

Парите за главната ѕвезда ги обезбедува рудникот „Саса“. Во трите дена, колку ќе трае одбележувањето на Денот на рударите, Македонска Каменица очекува околу 40.000 гости.


Цеца за Голема Богородица ќе пее во Македонска Каменица


Штип, 23 јули, 2016 - 13:15 (META) 

Како настан на летото во Македонска Каменица за 28 август најавен е концерт на српската пејачка Цеца Ражњатовиќ. Таа ќе пее на Денот на рударите на Голема Богородица, што е и празник на градот. Покровители се Општината Македонска Каменица и рудникот „Саса“.

Никој не соопштува за колкав износ ќе пее Цеца. Во Штип на манифестацијата „Штипска пастрмалијада“, Цеца настапи за 34.000 евра, пари обезбедени од спонзор.

Цеца е втората голема српска турбо-фолк ѕвезда што летово ќе настапува во Источна Македонија. На почетокот на јуни на одбележувањето на јубилеј на малата Општина Карбинци, концерт одржа Аца Лукас. Општината не соопшти колку плати за настапот на Лукас, но неофицијално се спомнува износ од 30.000 евра.