Дигитализацијата и новите технологии во фокусот на третиот ден од „Македонија 2025“


Скопје, 9 ноември, 2018 - 13:33 (META) 

Денеска на последниот ден и затворање на самитот „Македонија 2025“, врвни експерти зборуваа на теми поврзани со дигитална трансформација, примена на новите технологии во медицината, претприемништво, одговорно лидерство и други.

Кристијан Руп, портпарол на платформата „дигитална Австрија“ и координатор на иницијативата „СМЕ диџитал“ (SME DIGITAL) во Стопанската федерална комора на Австрија, истакна дека дигитализацијата мора да биде засебен стратегиски план во зависност од државата, гранката на индустријата, вештините на вработените и определбите на клиентите.

„Дигитализацијата го менува целосниот синџир на вредности, но мораме да сфатиме дека дигиталната трансформација е можност, а не опасност“, додаде тој.

Синоќа  се одржа и добротворна гала вечера, со која се одбележаа 10 години од формирањето на организацијата „Македонија 2025“. Наградата за филантропија „Џон Битов Постариот“ му беше доделена на Мајк Зафировски за неговиот исклучителен придонес во филантропијата и волонтеризмот, додека плакети за благодарност им беа врачени на луѓето и компаниите кои ѝ возвратиле на Македонија и ја поддржиле организацијата во изминтативе 10 години.

Собраните средства беа пренаменети кон новоформираниот Фонд за талентирани студенти. Беше потпишан и Договор за соработка помеѓу „Македонија 2025“ и фондацијата „Ане и Владе Дивац“ од Србија, со што двете организации ќе соработуваат на многу проекти од заеднички интерес.


Започна седмиот самит „Македонија 2025“ на кој учествуваат 350 гости од регионот


Скопје, 8 ноември, 2018 - 10:47 (META) 

Со панел-дискусии посветени на образование, лидерство и успешни македонски бизнис-приказни во светот, започна седмото издание на самитот „Македонија 2025“.

Денеска и утре, повеќе од 350 реномирани гости од целиот регион, ќе имаат можност да слушнат за најдобрите светски практики во бројни актуелни области, меѓу кои: дигитална трансформација во бизнисот, производство на канабис за медицински цели, примена на најсовремените технологии во здравството, изградба на технолошко-иновативни центри, вештачка интелегенција и многу други.

„Целта на Самитот е да се стимулира соработка, размена на знаења и лидерски развој. Годинава го потврдивме учеството на повеќе од 60 врвни говорници од преку 20 земји, кои во рамки на над 15 интерактивни сесии, ќе дискутираат на теми релевантни за глобалната економија, но и за регионот. Ќе укажеме на најголемите економски предизвици на светско ниво, како што се трговските војни, масовните миграции, недостатокот на квалификувана работна сила и нивното влијание врз „малите“ економии“, велат организаторите.

Самитот „Македонија 2025“ е исклучително важен бизнис собир во регионот, кој ги претставува клучните трендови во економијата, инвестициите, технологијата, иновациите, кои го движат светот.

На официјалното отворање поздравно обраќања имаше клучниот говорник Ентони Б. Ким од фондацијата „Херитиџ“ – САД, како и на високи претставници од „Економист“ (The Economist), „МекКинси“ (McKinsey), Европската инвестициска банка и многу други.


Зафировски: Целта е за една деценија невработеноста да биде само 10 проценти


Скопје, 19 ноември, 2015 - 14:41 (META) 

Оваа година е многу важна за економскиот развој на земјата, на ред е да се консолидираат домашните компании, односно да се поттикнат нови, понапредни и подинамични компании што ќе бидат проактивни во извозот на производи и на услуги.

Ова е една од главните пораки од денешниот Македонски економски самит во организација на платформата „Македонија 2025“, кој ќе трае до утре.

Според еден од основачите на „Македонија 2025“, Мајк Зафировски, самитот е прекрасна можност да се види што прават најдобрите во светот и да се научи од нив. Тој истакна дека се фокусираат на 14 наместо на седум критериуми за економска успешност, што земјата треба да ги исполни до 2025 година. Целта е во следните 10 години, невработеноста да се намали на 10 проценти.

– Имаме визија да се прошири почетниот опсег за „Македонија 2025“, а тоа значи да се направи организација која ќе поттикнува нови идеи. Многу е важно да се намали „одливот на мозоци“ од земјата и повеќе млади луѓе да останат и да напредуваат тука. Нашите први три стратегиски цели остануваат исти, а тоа е да промовираме економски развој, да има странски инвестиции, зголемување на конкурентноста, пораст на бројот на претприемачи, воведување едукација во претприемништвото – додаде Зафировски.

Според Џон Битов, претседавач на комитетот за комуникации на „Македонија 2025“, ова е трета конференција и досега е најдобра.

– Целта е да се изгради посилна нација преку претприемништво и инвестиции. Може многу да се направи, нè очекува многу работа – изјави Битов.

Тој информираше дека Фондот СЕАФ, кој пред три години го основаше „Македонија 2025“, за четири години собрал пет милиони евра за поддршка на домашните компании. Наредните неколку недели ќе биде финансиран вториот проект од овој фонд.

Целта на Фондот СЕАФ е да се соберат 15 милиони евра од дијаспората за инвестиции во домашните компании.

Годинава на самитот отсуствуваат владини претставници, кои на претходните два самита беа присутни во голем број.