!На 1 февруари 2017 година, заврши промотивниот период на слободно користење на содржините на „Мета“. Во периодот што претстои го воведуваме новиот систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително

Вучиќ загрижен за ситуацијата во Македонија, за утре свика седница за безбедност


Белград, 27 април, 2017 - 23:15 (META) 

Српскиот премиер Александар Вучиќ вечерва изјавил дека е многу загрижен за случувањата во Македонија и дека тоа што се случува не е само македонски проблем туку „проблем на сите што живеат тука“, јавува дописничката на „Мета“ од Белград.

Вучиќ апелирал граѓаните на Македонија сите проблеми да ги решаваат на мирен начин.

„Ги замолувам сите во Македонија оваа порака да ја разберат како добронамерна и повторно да завладеат мирот и стабилноста во Македонија, а во Србија секогаш ќе имаат посветен и искрен пријател“, изјавил Вучиќ за „Танјуг“.

Според пишувањата на српскиот портал „Блиц“, Вучиќ за утре во 14 часот закажал итна седница на Бирото за координација на службата за безбедност, по повод ситуацијата во Македонија.


Алтхаузер: Кризата трае долго и е длабока, очекуваме формирање функционална влада


Скопје, 27 април, 2017 - 12:52 (META) 

Меѓународната заедница очекува формирање функционална влада која ќе се посвети на спроведување на итните реформи за евроинтеграциите, истакна германската амбасадорка Кристине Алтхаузер на Меѓународната конференција „Добри практики за обука во земјите членки на ЕУ“, која се одржа во Секретаријатот за европски прашања.

– Кризата во Македонија трае долго и е длабока. Поминаа четири месеци од изборите, па сите, и меѓународната заедница очекуваат да се формира влада, но прво треба да се избере спикер во Собранието. Приоритет во процесот на пристапување кон ЕУ се реформите, кои треба интензивно да се спроведуваат, а за тоа е потребна функционална влада. Тоа е она што го чекаме – рече Алхаузер, одговарајќи на новинарско прашање.

Според вицепремиерот за евроинтеграции, Арбер Адеми, кризата трае предолго и од политичка прерасна во институционална криза.

– Очекуваме да се најде решение за кризата, бидејќи проектите и реформите мора да се реализираат. Политичката криза мора да се реши, а институциите да профункционираат оти нема друга алтернатива – рече Адеми.


Мекејн: Никому не му е во интерес да дојде до распад на Македонија


Вашингтон, 27 април, 2017 - 10:46 (META) 

Не е во ничиј интерес да се распадне Македонија, коментира Џон Мекејн, влијателниот републикански сенатор од сојузната држава Аризона, кој претседава со Комисијата за вооружените сили во Сенатот на САД.
Во интервју за српската редакција на „Гласот на Америка“, кое го пренесе и македонската редакција на овој сервис.

Тој вели дека не предвидува војна, но гледа дека ситуацијата излегува од контрола. Смета дека САД и ЕУ треба да бидат многу поактивни.

– Загрижен сум за Македонија. Не предвидувам војна или конфликт, но велам дека напнатоста е голема и ситуацијата излегува од контрола и бара поголем ангажман од САД, но и од ЕУ – коментира поранешниот претседателски кандидат.

Запрашан каква треба да биде улогата на САД на Балканот, Мекејн вели е потребен поголем ангажман за Вашингтон да ја потврди поддршката за регионот. Тој смета дека балканските земји треба да бидат вклучени во заедничките воени операции на САД, а особено тоа важи за земјите од регионот кои се дел од НАТО. Сенаторот Мекејн коментира дека САД треба да изразат благодарност до земјите од Балканот, за помошта во Авганистан, но и за учеството во други мисии во светот.

Осврнувајќи се на севкупните состојби во регионот, сенаторот Мекејн изрази мислење дека иако има огромен напредок од 1990-тите години, и понатаму има значителни притисоци и нестабилност, кои се зголемуваат наместо да се намалуваат.


СДСМ: Груевски мора да престане да им се одмаздува на граѓаните


Скопје, 27 април, 2017 - 9:45 (META) 

Демократските процеси мора да продолжат така како што е предвидено во Уставот, деловникот на Собранието и со законите, се вели во редовното утринско соопштение од СДСМ.

„Затоа Никола Груевски мора да престане да им се одмаздува на граѓаните и да ги вознемирува со непостоечки теми само затоа тоа што тие избраа нова власт во Македонија, а тој да замине во опозиција. На сите им е јасно дека постои програма на новата реформска влада, која ја гарантира унитарноста на државата, обезбедува квалитетен живот за граѓаните и во која не постои никаква промена на државните симболи“, стои во соопштението.

Од партијата наведуваат дека парламентарното мнозинство има обврска и должност да ги заштити граѓаните и државата и дека за секое евентуално попречување на мнозинската волја на граѓаните, ќе следува одговорност.


Жбогар: Најдобро е дијалогот на лидерите да биде во Собранието


Штип, 26 април, 2017 - 15:29 (META) 

Не е задача на дипломатите да кажат кои се излезите од сегашната ситуација во Македонија, тоа е задача за домашните политичари, рече евроамбасадорот Самуел Жбогар за време на посетата на Штип.

На прашање како ги коментира повиците за одржување лидерска средба, евроамбасадорот порача дека дијалогот меѓу партиите треба да се одвива во институциите.

– Сметам дека секогаш е добро лидерите да комуницираат, нормално е тие да имаат контакти. Парламентот заседава и сметам дека таму имаат многу шанси за да дискутираат за проблемите. Сепак, би истакнал дека за нормално функционирање на државата, важно е да постои дијалог во институциите и да се гради авторитетот на институциите. Собранието е една од тие институции, а дијалогот меѓу партиите треба да се одвива таму – рече Жбогар.


Хојт Ји барал средба со Иванов, но претседателот е презафатен


Скопје, 26 април, 2017 - 12:05 (META) 

Заменик-помошникот државен секретар за Европа и за Евроазија во Стејт департментот, Хојт Брајан Ји, в понеделник нема да се сретне со претседателот Ѓорге Иванов, потврдија за „Мета“ од кабинетот на претседателот.

„До кабинетот на Претседателот на Република Македонија беше упатено барање за средба со заменик-помошникот државен секретар за Европа и за Евроазија во Стејт департментот, Хојт Брајан Ји, но со оглед на претходно утврдените обврски на претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, нема можност за реализација на таква средба“, велат во кабинетот.

Посетата на Ји доаѓа речиси два месеци откако тој од Загреб го повика Иванов да ја ревидира одлуката за доделување на мандатот.

– Искрено се надеваме дека македонскиот претседател ќе им овозможи на пратениците што изразија желба за тоа и на партиите што тие ги претставуваат да формира влада што е можно поскоро, бидејќи на Македонија ѝ треба влада која ќе ги продолжи и ќе ги доврши почнатите процеси во рамки на претпристапниот процес на Европската Унија – изјави Ји во Загреб.

Ји в понеделник ќе се обиде да помогне во надминувањето на политичката криза. Тој за време на еднодневната посета ќе разговара со политичките лидери за статусот на формирањето нова влада, за билатералните односи, како и за неопходните реформи за евроатлантска интеграција на земјава.


СДСМ: Неразумната блокада на Собранието ѝ нанесува штета на целата држава


Скопје, 26 април, 2017 - 10:10 (META) 

Никола Груевски и ВМРО-ДПМНЕ дури и од опозиција имаат одговорност да не им штетат на државните и на граѓанските интереси, вели СДСМ во денешното утринско соопштение.

„Граѓански интерес е земјоделците да си ги добијат заостанатите субвенции што им ги попречи досегашната власт во заминување. Да добијат обесштетување за штетите од временските непогоди. Вработените во општините, училиштата, градинките, културните установи, другите општински установи да не останат без плата, а привремено ангажираните без надоместоци“, велат од СДСМ.

Од партијата истакнуваат дека ако продолжи блокадата на парламентот уште три недели, на 15 мај ќе престанат надлежностите на градоначалниците и на советите, а со тоа ќе се блокира исплатата на плати и на надоместоци, бидејќи нови локални избори не може да се распишат без нов претседател на Собранието.

„Неразумната блокада на Собранието што ја спроведуваат пратениците од ВМРО-ДПМНЕ, Трајко Вељаноски, Ѓорге Иванов, ја блокира целата држава и остава простор да се реализираат сценаријата на етнички провокации од страна на Никола Груевски. И сето тоа поради стравот од соочување со одговорност на Груевски и на раководството на ВМРО-ДПМНЕ за сторениот криминал и злоупотреби. Тоа е директно нанесување штета на стабилноста на државата и тешко протиувуставно казниво дело“, велат од СДСМ и ги го повикуваат институциите и вработените во нив да застанат во одбрана на демократските процеси, Уставот и на законите.


„Репортери без граници“: На 111. место, Македонија е „лошото момче на Балканот“


Париз, 26 април, 2017 - 9:56 (META) 

Најновиот извештај на „Репортери без граници“ ја рангира Македонија на 111. место според индексот на слобода и земјата ја нарекува „лошото момче на Балканот“.

Според „Репортери без граници“, слободата на медиумите е намалена во целиот регион, но ерозијата на владеењето на правото е највидлива во Македонија.

Оттаму нагласуваат дека клевета била отстранета од кривичниот законик во 2012 година, но дека обвиненијата се замениле со приватни тужби, со можност за тешки парични казни и за затворски казни за новинарите и за сопствениците на медиумите.

„Имаше многу извештаи за закани, насилство, малтретирање и за заплашување на новинарите за време на политичките демонстрации во 2016 година, но само неколку од одговорните беа гонети. Политичката нестабилност влијае на работата на новинарите и притисокот од владејачката партија ги натера некои од медиумите самите да се цензурираат“, се вели во најновиот извештај.

Македонија со 111. место е последна од сите земји во регионот. Србија е на 66. место, Босна и Херцеговина на 65. место, Хрватска на 74. позиција, Албанија на 76. место, Косово на 82. место, Грција на 88. позиција и Бугарија на 109. место.

На прво место според индексот на слобода е Норвешка, на второ  Шведска, на трето – Финска, на четврто – Данска, на петтото место е Холандија, а потоа следуваат Костарика, Швајцарија, Јамајка, Белгија и Исланд.


Хојт Ји на 1 мај доаѓа во Скопје на средба со политичките лидери


Скопје, 25 април, 2017 - 21:17 (META) 

Заменик-помошникот државен секретар за Европа и за Евроазија во американскиот Стејт департмент, Хојт Брајан Ји, в понеделник ќе допатува во Македонија во обид да помогне во надминувањето на политичката криза.

Ји, како што соопштија од Амбасадата на САД во Скопје, за време на посетата ќе разговара со политичките лидери за статусот на формирање нова влада, за билатералните односи, како и за неопходните реформи на евроатлантските интеграции.

Засега нема информации дали американскиот дипломат ќе има средба и со претседателот Ѓорге Иванов.

Заменик-помошникот државен секретар на САД во март, за време на посетата на Загреб, изрази загриженост за ситуацијата во Македонија и го повика претседателот Иванов да го додели мандатот за формирање влада.

– Искрено се надеваме дека македонскиот претседател ќе им овозможи на пратениците кои изразија желба за тоа и на партиите што тие ги претставуваат да формира влада што е можно поскоро, бидејќи на Македонија ѝ треба влада која ќе ги продолжи и ќе ги доврши почнатите процеси во рамки на претпристапниот процес на Европската Унија – изјави Ји во Загреб.


Груевски на амбасадорите им рекол дека изборите се најбрз начин за излез од кризата


Скопје, 25 април, 2017 - 19:17 (META) 

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, денеска со амбасадорите на Германија, Велика Британија, Шведска и на Холандија, Кристине Алтхаузер, Чарлс Гарет, Матс Стафансон и Ваутер Пломп, разговарал за актуелната политичка состојба, за позициите и за ставовите на ВМРО-ДПМНЕ во однос на нејзино надминување.

На средбата, на која присуствувале и членовите на извршниот комитет на партијата, Никола Попоски, Никола Тодоров и Владимир Ѓорчев, Груевски на амбасадорите им соопштил дека „најдобар и најбрз начин да се излезе од политичката криза е спроведување на предвремени парламентарни избори заедно со редовните локални избори“.

Во однос на дебатата во Собранието, од ВМРО-ДПМНЕ било истакнато дека партијата ги користи сите законски и деловнички можности за искажување на сопствените ставови и позиции.

„Ништо нема незаконски и нема ништо што досега не се случило во минатото во Македонија, низ Европа и во светот, практично тоа е начинот на кој ВМРО-ДПМНЕ го изразува револтот од прифаќањето и од наметнувањето на тиранската платформа“, стои во соопштението.

ВМРО-ДПМНЕ ги информирал амбасадорите дека во јануари, за време на разговорите со ДУИ за коалицирање, партијата истакнала дека нема да преговара за албанската платформа и оти потоа разговорите се фокусирале на унапредување на користењето на јазиците на немнозинските заедници во општините каде тие се повеќе од 20 отсто.

Од партијата нагласиле дека „е потребен дијалог и дебата, во рамките на институциите за поместување на работите, и организирање избори за излез од кризата“.

Претходно, амбасадорската четврока на 19 април имаше средба со лидерот на СДСМ, Зоран Заев.