Доделени наградите на „Македокс“


Скопје, 24 август, 2018 - 10:18 (META) 

Со доделувањето на наградите за најдобрите филмови во пет категории синоќа заврши деветтото издание на Фестивалот на креативен документарен филм „МакеДокс“. Годинава фестивалот имаше рекордна посетеност, траеше најдолго од сите досегашни изданија, односно 8 дена, се прикажаа 71 документарен филм, дојдоа повеќе од 50 гости, се одржаа три работилници и една панел-дискусија.

Фестивалските активности се случуваа во Куршумли-ан, на платото пред Музеј на Македонија и во Музејот на современата уметност. Земја во фокусот беше Полска.

Главна награда „Кромид“ за најдобар филм ја доби „Далечниот лаеж на кучињата“ (Данска, 2017, 90 мин.) на режисерот Сајмон Леренг Вилмонт. Комисијата во состав Пирјо Хонкасало, Војцех Старон и Марија Чачија образложи дека станува збор за „филм за екстремниот страв и безусловната љубов видени низ острото и нежно режисерско око“.

Специјално признание во главната програма добија филмовите „За татковците и синовите“ (Германија, Сирија, Катар, Либан, 2017, 98 мин.) на Талал Дерки, „за храбриот и силен портрет на едно семејство што живее во пекол“, и „Мажи играчи“ „Словенија, Хрватска, 2017, 60 мин.) на Матјаж Иванишин.

Филм со најдобри етички идеи на деветтото издание на „МакеДокс“ е „Рагу Раи, неврамен портрет“ (Финска, Индија, Норвешка, 2017, 55 мин.) на Авани Раи. Жирито во состав Пирко Саисио, Јасна Франговска и Исмет Рамиќевиќ смета дека филмот има  фасцинантна арт-филозофија, топлина и хуманизам. Авторката на филмот, Авани Раи, лично ја прими наградата.

Во категоријата Нови автори наградата „Млад кромид“ ја доби филмот „Фамилијата“ (Словенија, Австрија, 2017, 106 мин.) на Рок Бичек.

Наградата за најдобар краток документарец „Сецкан кромид“ ја доби „Луѓето од Недојдија“ (Сирија, Германија, 2018, 22 мин.) на Хеба Калед. Жирито во состав Ингибјорг Халдорсдотир, Ксавиер Марадес и Дијана Дабровска забележа дека тоа е филм „што нѐ натера да искусиме една реалност која често избираме да ја избегнеме“. Во оваа категорија Специјално признание доби филмот „Вај-Фај Плаза Куба“ (Швајцарија, Куба, Шпанија, 2017, 3 мин.) на Адријан Келтерборн.

Наградата „Кокарче“ за најдобар студентски филм ја доби „Филм за Карлос“ (Русија, Гватемала, 2017, 31 мин.) на Ренато Борајо Серано.


„МакеДокс“ организира бесплатна филмска работилница за тинејџери


Скопје, 21 јуни, 2018 - 10:33 (META) 

Отворен е конкурс за млади лица од 13 до 19 години кои сакаат да научат за креативниот документарен филм. Учеството на филмската работилница за избраните кандидати за годинешната работилница за креативен документарен филм „Докуникулци 2018“ е бесплатно, порачува организаторот „МакеДокс“, кој ќе ја реализира работилницата заедно со фестивалот „ДримОН“.

Заинтересираните треба да снимат кратко видео (најмногу пет минути, снимено со мобилен телефон или веб-камера), во кое одговараат на прашањата на кој начин бегаат од секојдневието, кое животно би сакале да бидат, како и кое е нивното прво сеќавање во животот. Треба да се даде одговор и на прашањето кога би сретнале магаре што зборува, што тоа би му кажало на кандидатот/ката, а треба и да се посочи кој документарен филм оставил најголем впечаток кај кандидатот/ката. Дополнително, треба да напоменат која приказна би сакале да ја раскажат, како и да напоменат неколку работи што им се важни или ги одликуваат како личности.

Рокот за пријавување е до 30 јуни, а може да се направи со испраќање на видеото  преку WeTransfer на dokunikulci@makedox.mk, или да се закачи на VIMEO или YouTube, заштитено со лозинка, а потоа на погоренаведената електронска адреса да се испратат линкот и лозинката. Избраните ќе бидат известени до 5 јули.

Работилницата ќе се одвива во четири наврати, односно во рамките на Патувачкото кино на „МакеДокс“ и „ДримОН“, кое ќе се одвива во Струшко од 21 до 28 јули, со продолжение во рамките на Филмскиот фестивал „МакеДокс“ од 16 до 23 август, а како последно, по договор, ќе се организираат две есенско-зимски сесии, кои би траеле од пет до седум дена.

Трошоците за сместување, превоз и храна се покриени, но сместувањето некогаш може да биде и спиење под отворено небо.


Патувачкото кино на „Македокс“ тргна кон Дебарца


Дебар, 9 август, 2015 - 11:57 (META) 

Фестивалот на креативен документарен филм „Македокс“ тргна на патувачкото кино, кое годинава од 10 до 22 август ќе се одвива во областа Дебарца.

Целта на патувачкото кино е непосредно да влијае во процесот на децентрализација на културата во државата и да овозможи кинопроекции во мали и во рурални места, каде што жителите немале можност за синеастичко доживување повеќе од 40 години.

Патувачкото кино е старо колку и фестивалот „Македокс“ и веќе шеста година со своето патувачко магаренце ги посетува подзаборавените, а восхитувачки убави региони во Македонија.


Почнува „Докувизија“, партнерски проект на Балканската документарна мрежа


Скопје, 20 април, 2015 - 10:18 (META) 

Со симултана проекција на израелско-американскиот документарен филм „Зависник од интернет“ (Web Junkie) во пет балкански градови, на 21 април (вторник) 2015 година, почнува „Докувизија“, партнерски проект на Балканската документарна дистрибутивна мрежа (БДДМ), во која членува и фестивалот на креативен документарен филм „Македокс“.

Скопската проекцијата е закажана во Џебното кино во МКЦ, во 20 часот, а во исто време ќе се одржат проекции и во Призрен, Белград, Загреб и во Подгорица.

Секој месец еден од овие градови ќе биде домаќин на авторите на прикажаниот филм или на експерти за конкретната филмска проблематика и ќе организира дискусии со публиката. Притоа, дискусиите ќе бидат пренесувани во живо, со што ќе ѝ се овозможи учество на публиката од сите пет градови.

Темата на првата дискусија во рамки на „Докувизија“ е зависноста од интернетот, а град-домаќин е Подгорица.