Просечната оценка од државната матура во јуни e 3,42


Скопје, 20 јули, 2018 - 16:13 (META) 

Вкупната просечна оценка од испитите по сите предмети од 11-тата државна матура за учебната 2017/2018 година во јунската испитна сесија е 3,42, што е мало подобрување од минатата година кога средната оценка беше 3,39.

Резултатите од испитите по трите екстерни предмети кои се полагаа од 2 до 21 јуни, денеска на прес-конференција ја соопштија министерот за образование и наука Арбер Адеми и директорката на Државниот испитен центар (ДИЦ) Лидија Ѓошевска.

Според податоците, највисока просечна оценка е постигната по предметот турски јазик и литература 4,18, а најниска по англиски јазик 2,91.

– Имаме релативно иста ситуација како лани. Задоволни сме затоа што има благ раст на успехот, а тоа е индикатор дека и покрај сите предизвици и состојбата во која се наоѓа образованието, тоа е на добар пат кон подобар квалитет – истакна министерот Адеми, нагласувајќи дека целта им е да добијат реална слика за образванието на национално ниво од што ќе извлечат заклучоци за негово подобрување.

Мајчин јазик и литература во јуни полагале 14.969 матуранти. Македонски јазик 10.122 со просечна оценка 3,66, албански јазик 4,474 со просечен успех 3,81 и турски јазик полагале 373 со просечна оценка 4,18. По предметот математика, за кој во јуни имало 1.900 кандидати, средната постигната оценка е 3,37.

За матурантите што во јуни не ја положиле државната матура или не во целост, следната испитна сесија е на 12-ти, 13-ти и 14 август. Положената државна матура е услов тие да се запишат на факултет.


Матурантите денеска ќе го полагаат првиот тест од државната матура


Скопје, 27 мај, 2017 - 10:43 (META) 

Вкупно 16.426 матуранти денеска со полагањето на тестот по мајчин јазик и литература ќе ги започнат полагањата на тестовите од државната матура кои ќе траат до 14 јуни. Според податоците на Државниот испитен центар, пријавени се 10.632 матуранти за македонски јазик, 5.120 за албански јазик и 418 за турски јазик.

На 10 јуни е закажано полагањето на странски јазик. Најголем број – 15.201 се пријавени за англиски јазик, за француски јазик 108, за германски 197 и за руски јазик 26 кандидати.

Тестирањето по предметот математика е на 12 јуни, а пријавени се 2.070 матуранти.

Последниот екстерен испит од државната матура ќе се полага на 14 јуни – за тест по биологија се пријавени 3445, за хемија 282, за физика 119, за историја 2.900 кандидати, за бизнис 4.298, филозофија 3.684 и за естетика 193 кандидати.

Според видот на образование, 8.274 од вкупниот број пријавени матуранти се од гимназиско образование, 7.881 од средно стручно и 271 кандидат од средно уметничко образование.

Првичните резултати од тестовите треба да бидат објавени најдоцна до 14 јули, односно еден месец по последниот екстерен испит.


Денеска се одбележува Денот на албанската азбука


Скопје, 22 ноември, 2016 - 9:47 (META) 

Албанската заедница во Македонија денеска го одбележува Денот на албанската азбука.

Манифестација по тој повод ќе се одржи во Битола, па во Музејот на албанската азбука ќе биде отворена Спомен-собата на Комисијата на албанската азбука, во која се претставени нејзините 11 членови, кои во 1908 година одлучиле за новата азбука на Албанците.

По повод одбележувањето на Денот на aлбанската азбука, претседателот Ѓорге Иванов упати честитка до припадниците на албанската етничка заедница во Македонија.

Во неа, меѓу другото, се додава дека можностите за образование и за творење на својот мајчин јазик се вредности што го зајакнуваат културниот плурализам во земјава.

На денешен ден во 1908 година, Албанци интелектуалци од Балканот на конгрес во Битола ја унифицираа албанската азбука.

Денот на албанската азбука е неработен ден за граѓаните припадници на албанската заедница во Македонија.